Есента на патријархот

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Есента на патријархот (шпански: El otoño del patriarca) - роман на колумбискиот писател Габриел Гарсија Маркес од 1975 година, а пишуван во периодот од 1968 до 1975 година.

Содржина[уреди | уреди извор]

  1. Еден понеделник, група луѓе влегла во напуштената претседателска палата на еден остров на Карибите и таму го пронашле мртвото тело на претседателот (генералот) кој долго време живеел осамено и никој не го имал видено неговиот лик. Своевремено, претседателот го пронашол двојникот, Патрисио Арагонес, кој неверојатно личел на него и кој го заменувал во секојдневните активности, па дури и во љубовните односи со многубројните жени во претседателската палата. Во текот на животот, генералот имал само еден пријател, генералот Родриго де Агилар, кој ја изгубил раката жртвувајќи се да го спаси претседателот за време на еден обид за атентат. Инаку, претседателот верувал дека е омилен меѓу луѓето и понекогаш патуваl низ земјата, уживајќи во почестите. Меѓутоа, за време на една крвава борба на петли, тој добил визија за сопствената судбина и оттогаш станал неспокоен. И навистина, еден ден, додека шетал низ градот, небото било преплавено од балони кои носеле пораки против неговата тиранија. Набргу, неговиот двојник бил смртно ранет и додека умирал, Патрисио му ја кажал вистината, т.е. дека сите го мразат, а на денот на неговиот закоп, народот спонтано влегол во претседателската палата, уништувајќи сè пред себе, а неговот мртво тело го влечеле низ улиците. Тогаш, генералот се појавил пред министрите и генералите кои сакале да ја преземат власта, а потоа, неговата гарда ги убила сите учесници во заверата, а генералот одлучил дека во иднина ќе владее сосема сам. Притоа, најпрвин стрелал многу офицери, а потоа го забранил мачењето, а на луѓето им измислувал бесмислени работи за да ги спречи да размислуваат. Еден ден, набљудувајќи го морето, тој се присетил на дамнешниот октомвриски ден, кога островот го посетиле посетители од Европа.[1]
  2. За време на окупацијата на островот, тој бил само формален владетел и постојано ги трпел понижувањата од офицерите и службениците на странскиот окупатор, иако окупацијата ја порачал самиот тој. По завршувањето на ослободителната војна, главните командантите си ја поделиле земјата, а тој го толерирал нивното самовластие, плашејќи се од можната завера против него. Меѓутоа, постепено, сите команданти измуреле, а последните шестмина ги повикал во претседателската палата, каде биле убиени од нивната лична стража. Единствено преживеал генералот Сатурно Сантос кој исчезнал без трага, а претседателот упорно го барал. Кога најпосле го фатил, по многу години, му го поштедил животот и го примил во претседателската палата, а потоа му дал пензија и го испратил во неговото родно место. Инаку, за време на староста, претседателот живеел заедно со мајка му, која се грижела за својот син како да е мало дете. Еднаш, откако ја запознал убавицата на сиромашните, Мануела Санчес, претседателот се вљубил во неа, секојдневно ја посетувал во нејзиниот дом, опсипувајќи ја со безброј бесмислени поклони, меѓутоа за време на едно помрачување на сонцето, таа исчезнала без трага.[2]
  3. Во младоста, претседателот бил многу енергичен и ревносен, патувал низ целата земја и одржувал блиски односи со обичните луѓе, покажувајќи интерес за нивните секојдневни проблеми. Но, истовремено, тој бил многу суеверен, плашејќи се од завера против него, така што постојано посетувал гатачки со цел да ја дознае својата иднина. Најпосле, тој дознал за некоја старица која му претскажала дека ќе доживее длабока старост и дека ќе умре од природна смрт, а тој ја задавил за никој да не ја дознае тајната. Во тоа време, земјата била уништена од силен ураган, по што тој бил ангажиран во нејзината обнова. Еден ден, тој случајно дознал за 2.000 деца кои биле затворени за да не ја откријат тајната за наместената лотарија на која секогаш добивал претседателот. Притоа, за да го избегне гневот на народот, тој ги криел децата на скришни места, а потоа ги натоварил на брод кого го уништил со експлозив. Во една прилика се соочил со голема завера во која учествувал врховниот штаб на армијата, како и со обид за атентат. Тој открил дека зад сето тоа стои неговиот најблизок соработник, генералот Родриго де Агилар и на денот кога било предвидено да биде тргнат од власта, точно на полноќ, на припадниците на претседателската гарда кои биле вклучени во пучот им го послужил испеченото тело на генералот де Агилар.[3]
  4. По смртта на својата единствена законска жена, Летисија Насарено, претседателот целосно се повлекол во својата палата, ги запоставил државните обврски и им се препуштил на сеќавањата, целосно глув. Најголемиот удар во животот го претрпел кога умрела неговата мајка, Бендисион Алварадо, по долготрајна болест во која ѝ се распаѓало телото. По смртта, нејзиното тело го носеле ширум целата земја при што многу луѓе сведочеле за чудата што ги предизвикувало нејзиното мртво тело, а претседателот поверувал во тоа и побарал од црквата да ја прогласи за светица. Тогаш пристигнал пратеникот на папата, Деметриос Алдоус, кој собирал докази за чудата на Бендисион Алварадо и открил дека тие биле лажни, а сведоците биле подмитени. Кога пратеникот бил пред крајот на неговата мисија, тајната служба се обидела да го убие, но претседателот наредил да му го поштедат животот. Алдоус му ја соопштил вистината на претседателот, така што црквата одбила да ја признае светоста на Бендисион. По таа вест, во земјата избувнале немири против црквата, претседателот ја прогласил мајка му за граѓанска светица и за мајка на татковината, а сите свештеници биле протерани од земјата. Во таа прилика, претседателот ја видел искушеничката Летисија Насарено во која веднаш се вљубил, а тајната служба ја грабнала и ја донесла во претседателската палата. Во текот на две години, претседателот само ја набљудувал Летисија, а еден ден, тие почнале страстно да водат љубов.[4]
  5. Користејќи ја неговата слепа љубов, Летисија постепено успеала да му ги наметне своите желби и тој дозволил да се вратат протераните свештеници, да се обноват црквите и манастирите и на црквата да ѝ се врати одземениот имот. Кога забременила, Летисија го убедила да се ожени со неа, а за време на тајната венчавка во претседателската палата, таа му родила син кого тој веднаш го прогласил за генерал. Со текот на времето, претседателот ѝ ја препуштил на Летисија целата власт, при што таа безобѕирно го ограбувала народот, а на своите роднини им обезбедила големо богатство. Сето тоа предизвикало омраза кај народот и кај армијата и еден ден се случил неуспешен обид за атентат врз неа. Тогаш на претседателот му станало јасно дека е неизбежна смртта на Летисија, но наспроти преземените мерки за нејзина заштита, еден ден неа и детето ги растргнале 60 дресирани крволочни кучиња. По некое време, генералот го посетил елегантен млад човек, Хосе Игнасио де ла Бара, кој му понудил да ги пронајде виновниците за смртта на неговата сопруга и синот. Претседателот му дал одврзани раце, а де ла Бара формирал тајна служба која убила многу луѓе. Постепено, де ла Бара ја презел целата власт, а претседателот бил целосно изолиран и живеел осамено. Така, тој ја дочекал прославата по повод стогодишнината од неговото доаѓање на власт.[5]
  6. По доаѓањето на де ла Бара, генералот го минувал времето во осаменост и изолација, а во меѓувреме целата земја се променила; де ла Бара заведол крвав терор, убивајќи илјадници невини луѓе; а претседателот бил немоќен да го запре, иако постојано бил незадоволен од него. Еден ден, режимот на де ла Бара бил соборен од армијата при што народот го убил со голи раце, а неговото тело било обесено на плоштадот. Меѓутоа, народното воодушевување траело кратко време и веднаш потоа генералот се соочил со сиромаштијата и пустошот што владееле во земјата. Притоа, за да ги врати странските заеми, генералот морал да им го предаде морето на странците. Така, тој останал затворен во претседателската палата, народот бил разочаран и рамнодушен кон него, а тој живеел во сеќавањата на славното минато, но и тие постепено исчезнале. Најпосле, свесен дека му се ближи смртта, генералот конечно сфатил дека цело време живеел надвор од стварноста и дека неговата власт била само привидна. Така, една ноќ, тој умрел ненадејно, заклучен во својата соба, а народот излегол на улиците за да ја прослави веста за неговата смрт.[6]

Ликот на генералот[уреди | уреди извор]

Главниот лик во романот, патријархот, безвремениот деспот, во себе ги обединува сите властодршци во Латинска Америка и просторно и временски. Оттаму, тој сам за себе не постои, туку е олицетворение на сурови ликови од латиноамериканската крвава историја. Во романот се врши целосна демитологизација на безимениот, самоповикан Бог, кој е исфрлен од просторот и од времето.[7]

Во ликот на генералот, Маркес ги трансцендирал некои својствата на тираните при што намерно згуснува и степенува повеќе типични својства при што гради фантастична парадигма на сатрап, а не обичен книжевен лик. Генералот, кој живее над секаква човечка мера и владее нас секаква смисла, го претставува примитивниот диктатор типичен за Латинска Америка. Маркесовиот деспот е човек од слама, заборавен во бесмислената власт, демонска негација на сите вредности и доблести. Маркес го слика сатрапот како крволочен ѕвер, кој е само привид на моќта, зашто генералот не може да излезе од својата власт, а власта е само осаменост. Но, Маркес оди чекор понапред во споредба со неговите книжевни претходници со тоа што покажува дека и угнетените народни маси, исто така, живеат во лажлива идиличност, плашејќи се од преврат. Тој иронично зборува за „масата“ која помпезно го слави својот поробувач, не помислува на преврат, туку само го чека расплетот, очекувајќи насилникот да се распадне во заборавот.[8]

Осврт кон делото[уреди | уреди извор]

Романот „Есента на патријархот“ бил пишуван во периодот 1968-1975, а бил објавен осум години по големиот успех што го постигнал Маркес со „Сто години самотија“. Оценувајќи го романот, Илија Чашуле вели дека се одликува со сложена внатрешна структура и на прв поглед делува херметично, но во него се открива голем мајстор на зборот, кој неуморно ги пушта да течат своите кажувања. Во него паѓаат во вода сите претстави за почетокот, за развојот и за крајот на делото, а секоја нова реченица истовремено е почеток и крај и средина, и навраќање и нов миг во раскажувањето. Речениците на авторот пловат по мирни и долги корита и во нив се мешаат времињата, лицата и плановите. Кружниот тек на раскажувањето, од една страна, има сила на стихија, но од друга страна, неговото ткаење е минуциозно организирано и претставува извонредно значаен книжевен експеримент.[9] Романот е еп и поема за длабоката осаменост на отуѓената власт, исконски порив да се избрише од лицето на земјата она што никогаш немало свое вистинско постоење. Основната порака во романот е дека иднината, сегашноста и минатото му припаѓаат само на народот, кој го љуби животот со незаситна страст, кој знае кој е и каде оди и кој постоел и ќе постои до крајот на векот. „Есента на патријархот“ ја нема читливоста и волшебноста на „Сто години самотија“, но претставува врвен дострел на Маркес во создавањето нова раскажувачка постапка и во разобличувањето на чудовишните мршојади во Латинска Америка.[10]

„Есента на патријархот“ претставува пресврт во творештвото на Маркес, кој не само што се оддалечил од магичниот реализам, туку ги напуштил учењето за фабулата и законите на композицијата, извршувајќи дематеријализација на приказната и преминувајќи ги жанровските граници. Романот се одликува со необична наративна постапка во која шестиот дел се состои од само една реченица, напишана на околу 60 страници. На тој начин, делото претставува смел предизвик за натамошниот развој на прозниот исказ и зазема важно место во книжевната авангарда од последната четвртина на XX век.[11]

„Есента на патријархот“ е книга за општиот распад, расчовечувањето, тонењето во калта, насилството, безумието, самоволието, срамот, мртвилото, заборавот и страшната осаменост на тираните. Почнувајќи од првиот збор, како со библиски версети, се раширува мрежата на фикцијата, но како што продолжува приказната така фикцијата сведочи за еден облик на трансцендирана стварност која е крената на степенот на мит. Притоа, Маркес настојува да ги митизира поединечните нешта од секојдневието, а паралелно со нив, делото се заснова врз неколку митски константи меѓу кои се издвојува власта. Но, меѓу власта и моќта стои бездната во која стојат воените и политичките силници. Маркес ја одделува власта од смислата и ја ослободува илузијата од обврската да ја имитира стварноста со тоа што стварноста ја реконструира како илузија.[12] Романот претставува бурлеска со бизарна архитектура во која Маркес се движи меѓу метафизиката и натурализмот со чие спојување се добива неопределено единство на половина пат меѓу фантастиката и магијата. Условно кажано, Маркес се движи меѓу два книжевни принципа – илузионизмот на Сервантес и раскалашеноста на Рабле. Од една страна, Маркес е наследник на донкихотската книжевност, но според лексиката, пресвртите, спојот на народните идиоми и рафинираниот говор и силниот полет на фразите, тој е наследник на Раблеовиот дух.[13]

Ова дело има повеќе значења, но како доминантна црта се издвојува истиснувањето на стварноста и на времето. „Книжевното“ време во ова дело е синхрониско, без длабочина, минато и вертикалност. Времето е структурирано како да е „сплескано“, како да кружи во себе и затоа се повторуваат настаните со што се постигнува истовременост на повеќе планови на дејството. Притоа, иако во делото често се употребува аористот, временскиот редослед ја губи смислата, а со тоа исчезнува и фабулата. Структурата на романот ја сугерира можноста за повеќеслојно време и современоста како евокација. Таквата книжевна постапка ја доведува во прашање и гледната точка на писателот која е променлива и нагласена со тоа што во романот постојано се менуваат лицата во еднина и во множина, мотивите растат, се разгрануваат и набрзина исчезнуваат, а имперсоналното Ние во својство на раскажувач се менува со конретното Јас на диктаторот и на другите ликови. На тој начин, романот се одликува со барокна густина во која накитениот и прецизен стил се меша со простиот народен идиом, а речениците се разгрануваат од основниот предмет, бегаат од темата, се провлекуваат низ различни времиња и најпосле прават круг.[14]

Од друга страна, според некои критичари, иако раскажувачката техника на Маркес го достигнува своето крешендо во „Есента на патријархот“, сепак овој роман повеќе претставува славно промашување отколку ремек-дело на пантагруеловската имагинација.[15]

Изданија на македонски јазик[уреди | уреди извор]

Романот бил објавен на македонски јазик во 1983 година (како прво негово дело објавено на македонски јазик), во издание на „Мисла“, во превод на Илија Чашуле. Коректурата и лектурата ги извршила Елисавета Бежановска. Книгата е со димензии од 21 сантиметри, а била испечатена во печатницата на НИП „Нова Македонија“, во Скопје. Таа е каталогизирана во НУБ „Климент Охридски“ - Скопје, но ја нема меѓународната ознака ISBN.[16]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Gabrijel Garsija Markes, Jesen partijarha. Beograd: Prosveta, 1982, стр. 5-44.
  2. Gabrijel Garsija Markes, Jesen partijarha. Beograd: Prosveta, 1982, стр. 45-84.
  3. Gabrijel Garsija Markes, Jesen partijarha. Beograd: Prosveta, 1982, стр. 85-124.
  4. Gabrijel Garsija Markes, Jesen partijarha. Beograd: Prosveta, 1982, стр. 125-165.
  5. Gabrijel Garsija Markes, Jesen partijarha. Beograd: Prosveta, 1982, стр. 167-217.
  6. Gabrijel Garsija Markes, Jesen partijarha. Beograd: Prosveta, 1982, стр. 219-275.
  7. Габриел Гарсија Маркес, Есента на патријархот / Хроника на една најавена смрт. Скопје: Мисла, 1983, стр. 312.
  8. Milan Komnenić, во: Gabrijel Garsija Markes, Jesen partijarha. Beograd: Prosveta, 1982, стр. 282-284.
  9. Габриел Гарсија Маркес, Есента на патријархот / Хроника на една најавена смрт. Скопје: Мисла, 1983, стр. 311.
  10. Габриел Гарсија Маркес, Есента на патријархот / Хроника на една најавена смрт. Скопје: Мисла, 1983, стр. 312.
  11. Milan Komnenić, во: Gabrijel Garsija Markes, Jesen partijarha. Beograd: Prosveta, 1982, стр. 281-282.
  12. Milan Komnenić, во: Gabrijel Garsija Markes, Jesen partijarha. Beograd: Prosveta, 1982, стр. 282.
  13. Milan Komnenić, во: Gabrijel Garsija Markes, Jesen partijarha. Beograd: Prosveta, 1982, стр. 284-285.
  14. Milan Komnenić, во: Gabrijel Garsija Markes, Jesen partijarha. Beograd: Prosveta, 1982, стр. 285-286.
  15. Branko Anđić, „Čas antike u karipskom polisu“, во: Gabrijel Garsija Markes, Hronika najavljene smrti. Beograd: Narodna knjiga, 1982, стр. 111.
  16. Габриел Гарсија Маркес, Есента на патријархот / Хроника на една најавена смрт. Скопје: Мисла, 1983.