Сто години самотија

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
„Сто години самотија“  
Sto godini osamenost vtoro.jpg
Втор превод на македонски, издаден од Макавеј
Автор Габриел Гарсија Маркес
Наслов на
оригиналот
Cien años de soledad
Преведувач Ванѓа Чашуле, Костадинка Арсовска
Земја Колумбија
Јазик Шпански
Жанр(ови) роман
Издадена 1967
Страници 390 стр (втор македонски превод)
OCLC 17522865

Сто години самотија (шпански: Cien años de soledad) е роман на Габриел Гарсија Маркес објавен во 1967. Романот го обработува животот на повеќе генерации од семејството Буендија во гратчето Макондо, основано од страна на патријархот на семејството, Хосе Аркадио Буендија. Нелинеарната приказна се раскажува од повеќе временски точки, техника преземена од аргентинскиот писател Хорхе Луис Борхес.

Сто години самотија е ремек-делото на Маркес, преведено на триесет и седум јазици.[1] Стилот „магичен реализам“ и тематиката го воспоставија како важен роман претставник на процутот на латиноамериканската литература во 1960-те и 1970-те,[2] којшто беше под влијание на модернизмот (од Европа и Северна Америка) и кубанското книжевно движење.

Во Македонија, романот е преведен двапати; во 1986, под наслов Сто години самотија, превод на Ванѓа Чашуле, и во 2006, под наслов Сто години осаменост, превод на Костадинка Арсовска.

Резиме[уреди]

Сто години самотија е приказна која бележи седум генерации на семејството Буендија во гратчето Макондо. Родоначалникот, Хосе Аркадио Буендија, со жена му (и прва братучетка) Урсула, го напуштаат селцето Риоача во Колумбија, во потрага по поубав живот и нов дом. На првата ноќ од нивното патување, додека кампуваат покрај една река, Хосе Аркадио Буендија го сонува „Макондо“, градот на огледалата, кој е одраз на светот во и вон него. Тој се буди и решава да го основа Макондо покрај реката.[3]

Родоначалникот на Макондо верува дека гратчето е опкружено со вода, како да е остров, и оттаму тој го создава светот според сопствената перцепција.[4] Набрзо по основањето, Макондо станува град во кој често се случуваат неверојатни и невообичаени настани кои вовлекуваат неколку генерации од семејството Буендија, кои не можат или не сакаат да избегаат од повторливите и самонанесени несреќи. Евентуално, ураган го уништува Макондо, градот на огледалата. Цикличниот немир му беше суден на Макондо. На крајот од приказната, последниот член на семејството успева да ги дешифрира кодирани документи, во што претходните генерации не успеаја. Тајната порака е целата историја, од почеток до крај, во детали, на семејството Буендија.[5]

Симболи и метафори[уреди]

Доминантна тема во Сто години самотија е неможноста да се избегне од повторливата историја на Макондо. Минатото и времето ги контролираат ликовите. Во романот, духови ги посетуваат ликовите. „Духовите се симболи на минатото и неговата опсесивна улога во Макондо. Духовите и изместената повторливост што тие ја будат се длабоко вкоренети во развитокот на латиноамериканската историја“.[6] „Идеолошката трансфигурација ги направи Макондо и семејството Буендија, на некој начин, духови, отуѓени и одвоени од сопствената историја, и не само жртви на суровата реалност дека се зависни од надворешниот свет и се недоволно развиени, туку и на идеолошките заблуди кои го создаваат тој начин на живот“. Духовите што ги демнеат луѓето се симболи на минатото од кое не може да се избега.[7]

Судбината на Макондо е проколната и предодредена уште од самиот почеток. „Фатализмот е метафора за улогата што идеологијата ја одигра во одржувањето историска независност, интерпретирајќи ја историјата на Макондо во фиксирани рамки кои не дозволуваат други алтернативи. Приказната го потврдува фатализмот со цел да го илустрира чувството на заробеност што идеологијата може да го создаде“.[8]

Маркес ги користи боите како симболи. Жолтата и златната боја се најчесто симболи за империјализам и Златниот век на шпанската литература. Златото симболизира потрага по материјално богатство, а жолтата боја ја претставува смртта, промената и уништувањето.[9]

Стаклениот град е слика што му се појавува на Хосе Аркадио Буендија на сон. Таа е причината за основањето на Макондо, но исто така е и симбол за лошата судбина на градот. Хигинс вели: „На крајот од романот, тој стаклен град всушност станува град на привиди, илузии. Макондо е претставник на сонот на еден храбар нов свет што Америка го ветуваше, но кој подоцнежните настани во историјата сурово го разоткрија како илузија“.[10] Сликите како „градот на огледалата“ или „фабриката за мраз“ се со цел да покажат дека судбината на Латинска Америка е веќе претскажана и е осудена на пропаст.[11]

Сè на сè, во Сто години самотија има делови од латиноамериканската историја. Може да се каже дека романот е еден од бројните текстови што „латиноамериканската култура ги создала за да се разбере себеси“.[12] Во овој смисол, романот може да се разбере како линеарна архива. Оваа архива ја раскажува приказната на откривањето на Латинска Америка од страна на европските истражувачи, чија суштина беше веднаш создадена од страна на печатарската машина. Архивата е симбол на литературата која е основа на латиноамериканската историја. Мелкијадес, човекот кој ја чува историската архива во романот, е претставник на ексцентричноста и книжевноста.[13] На крај, „светот во Сто години самотија“ е место каде што верувањата и метафорите се претвораат во факт, а каде фактите стануваат несигурни“.[14]

Ликови[уреди]

Семејно стебло на Буендија

Белешки[уреди]

  1. Bell-Villada. Gabriel García Márquez's One Hundred Years of Solitude: A Casebook, Oxford: Oxford University Press, 2002
  2. http://www.walrusmagazine.com/articles/2007.12-books-one-hundred-years-of-solitude-marquez/
  3. Bell-Villada. Gabriel García Márquez's One Hundred Years of Solitude: A Casebook. Oxford: Oxford University Press, 2002.
  4. Bell-Villada. Gabriel García Márquez's One Hundred Years of Solitude: A Casebook. Oxford: Oxford University Press, 2002.
  5. Wood, Michael. Gabriel García Márquez: One Hundred Years of Solitude. Cambridge: Cambridge UP, 1990. Print.
  6. "Ghosts, Metaphor and History in Tony Morrisson's Beloved and Gabriel García Márquez's 100 Years of Solitude", by Daniel Erickson.
  7. Ghosts, Metaphor and History in Tony Morrisson's Beloved and Gabriel García Márquez's 100 Years of Solitude", by Daniel Erickson
  8. Ghosts, Metaphor and History in Tony Morrisson's Beloved and Gabriel Garcia Marquez's 100 Years of Solitude", by Daniel Erickson
  9. Some Implications of Yellow and Gold in García Márquez's "One Hundred Years of Solitude": Color Symbolism, Onomastics, and Anti-Idyll” by John Carson Pettey Citation Revista Hispánica Moderna, Año 53, No. 1 pp. 162-178 Year 2000
  10. Bell-Villada. Gabriel García Márquez's One Hundred Years of Solitude: A Casebook. Oxford: Oxford University Press, 2002.
  11. Ghosts, Metaphor and History in Tony Morrisson's Beloved and Gabriel Garcia Marquez's 100 Years of Solitude", by Daniel Erickson
  12. "Cien años de soledad: the novel as myth and archive" by Gonzalez Echevarria. p. 358-80 Year 1984
  13. "Cien años de soledad: the novel as myth and archive" by Gonzalez Echevarria. p. 358-80 Year 1984
  14. Wood, Michael. Garcia Marquez 100 Years of Solitude. New York: Cambridge University Press, 1990.

Надворешни врски[уреди]

Wikiquote-logo.svg
Викицитат има збирка цитати поврзани со: