Фама за велосипедистите

Од Википедија — слободната енциклопедија

„Фама за велосипедистите“ (српски: Фама о бициклистима) — роман на српскиот писател Светислав Басара од 1987 година.

Содржина[уреди | уреди извор]

Предговор на приредувачот[уреди | уреди извор]

Во предговорот, приредувачот опшува како пронашол две книги во градската библиотека во Бајина Башта, кои го заинтересирале и поттикнале на истражувања од кои произлегол алманахот за велосипедистите на крстот на розата.[1]

На дворот на кралот Карло[уреди | уреди извор]

Карло Грдиот, владетелот на едно мало кралство, е дете на непознати родители. Тој го запознава избркаиотн студент по теологија Гросман, кој подоцна му станува мајордом. Откако сопругата, кралицата Марго, го изневерува со еден поданик, тој ги погубува двајцата. Кралот Карло почнува да ја пишува историјата на своето кралство, но и историјата на идните поколенија, зашто тој се одликува со необична способност — знае сè што се случило во минатото и сè што ќе се случи во иднината. Во неговото кралство наоѓа засолниште група бегалци на две тркала од Париз, а повеќе податоци за нив дава ракописот на Гросман: во 1347 година, во Франција се појавила чудна направа на две тркала; инквизицијата ги обвинува творците на таа направа за ерес, ги мачи и ги осудува на смрт; истовремено, народот крева бунт, а на улиците на Париз се појавуваат многу луѓе на велосипеди; власта успева да ги уништи бунтовниците и да ги запали сите велосипеди; сепак, неколкумина еретици успеваат да побегнат.[2]

На прагот на новото време[уреди | уреди извор]

Ракописот на капетанот Квинсдејл[уреди | уреди извор]

Во XIX век, неименуван човек од Англија, на морскиот брег пронаоѓа ракопис во шише и го препишува. Станува збор за ракописот на Квинсдејл, капетанот на еден брод кој бил уништен во големо невреме околу 150 години порано, некаде на Атлантскиот Океан. Пронаоѓачот го препишува ракописот во шест примероци кои ги испраќа во повеќе градови на светот. По бродоломот, капетанот успеал да стигне на непознат мал остров, кој не постои на географските карти. На островот живееле потомците на еретиците кои успеале да побегнат од Франција во XIV век, а кои претходно се засолнале во кралството на Карло Грдиот. Во ракописот, капетанот го опишува необичниот остров во кој на жителите им било познато не само минатото, туку и далечната иднина, а исто така, тие го очекувале доаѓањето на Квинсдејл кому му дале задача да го препише нивното учење.[3]

Артур Конан Дојл, „Последниот случај на Шерлок Холмс“[уреди | уреди извор]

Во 1898 година, еден полициски инспектор му раскажува на Шерлок Холмс за необичниот велосипедист кој пука во уличните часовници во Лондон. Холмс не верува во тезата дека се работи за психопат, туку се обидува да го предвиди следното место каде ќе се појави велосипедистот. Според него, станува збор за организирана банда која има намера да изврши грабеж на дијаманти. Полицијата поставува заседа, но велосипедистот не се појавува, а потоа продолжува да крстари низ улиците на Лондон. Разочаран поради тоа што не успеал да го реши овој случај, Холмс се повлекува на својот имот во Сасекс.[4]

Сигмунд Фројд, „Случајот на Ернест М.“[уреди | уреди извор]

Во 1928 година, Сигмунд Фројд го анализира случајот на Ернест, дотогаш мирно и примерно момче, кој го скршил домашниот часовник, а потоа ја повредил мајка си. Ернест си замислува дека е член на непозната секта чии припадници се состануваат на сон. Тој тврди дека на сон го посетуваат одамна умрени луѓе, кои му го пренесуваат своето учење. По завршувањето на психоаналитичките сесии, Фројд дознава дека Ернест излегол да се прошета со велосипедот и никогаш повеќе не се вратил дома.[5]

Преписка[уреди | уреди извор]

Две години подоцна, Фројд добива писмо од мајката на Ернест во кое го известува дека еден нејзин пријател го видел Ернест во Истанбул. Притоа, Ернест ѝ пратил писмо на мајка си во која ја обвинува дека го отрула татко, а исто така ѝ кажува дека знае за нејзиниот љубовник. Инаку, своевремено, татко му на Ернест пронашол книга во која се зборувало за една секта која живее на непознат остров при што тој ја умножил книгата во шест примероци. Најпосле, Ернест ја предупредува мајка си дека наскоро ќе умре. Фројд одговара на писмото, давајќи свое толкување на неговата содржина. Подоцна, кога дознава дека мајка му на Ернест навистина умрела, Фројд го известува еден свој колега, кој пак му пишува дека знае за случајот на Ернест.[6]

Јургис Балтрушаитис, „Фама за велосипедистите“[уреди | уреди извор]

Авторот објаснува дека редот на малите браќа се сметаат себе за наследници на противниците на иконите од Византија; тие се среќаваат на сон при што меѓусебно комуницираат поранешните, сегашните и идните членови на редот; еден од нивните водачи е Ј. В. Ковалски. Во првиот дел од текстот се толкуваат учењето на редот и симболиката на велосипедот, додека вториот дел се однесува на архитектурата на градот.[7]

Анализа на идеолошката ориентација на списанието Видици и на весникот Студент[уреди | уреди извор]

Овој дел претставува извештај за идеолошките погледи на активистите-велосипедисти кои се собрани во редакцијата на списанието „Видици“ и во весникот „Студент“. Притоа, авторот на извештајот објаснува дека учењето на велосипедистите е прикажано низ шифри, па затоа тој дава упатство за толкување. Исто така, во прилог се дадени извадоци од текстовите објавени во различни броеви на весникот и на списанието, а кои повикуваат на уривање на општествено-политичкиот систем.[8]

Херберт Мајер, „Историја на една лага“[уреди | уреди извор]

Авторот на текстот образложува дека братството на велосипедистите е фалсификат и ги негира автентичноста и смислата на најважните документи за редот на малите браќа.[9]

Чулаби Чулаби, „Како станав член на редот на малите браќа на евангелистичките велосипедисти на крстот на розата (Историја на часовниците)“[уреди | уреди извор]

Авторот на текстот опишува како бил уапсен и затворен, откако едно утро го скршил домашниот часовник и ја удрил мајка си. Во затворот, тој го запознал Ковалски кој бил член на редот на велосипедистите. Две години подоцна, Ковалски му испратил на Чулаби писмо од Индија, известувајќи го дека е примен во тајното братство. Исто така, во писмото, Ковалски пишувал за својата преобразба од револуционер во ројалист.[10]

Чулаби Чулаби, „Историја на часовниците“[уреди | уреди извор]

Во својот говор на годишното собрание на европските конзервативни часовничари, Чулаби го изнесува своето тврдење дека времето не е објективни и бескрајно, туку дека претставува субјективна и антроморфна категорија; исто така, тој тврди дека развојот на часовниците го уништува човекот.[11]

Сава Ѓаконов, „Аџилакот во Дарамсала“[уреди | уреди извор]

Пред започнувањето на велосипедскиот маратон до Дарамсала, на учесниците им се обратил Ковалски, објаснувајќи ја мисијата на тајното братство на евангелските велосипедисти. Притоа, на сите учесници во трката, тој им доделил необични задачи. Авторот на овој запис патувал заедно со Ковалски, кој постојано му давал разни поуки. За време на престојот во еден бордел во Ниш, авторот на текстот сонувал за некој непознат човек, Јосиф Вартоломеич кој се наоѓал во логор.[12]

Афанасиј Тимофеевич Дармолатов, „Јубилеј“[уреди | уреди извор]

Јосиф Вартоломеич Кузнецов, кој веќе десет години се наоѓа во логор, се присетува на своето апсење. Тој му раскажува на својот другар, затвореникот Павле Кузмич, дека уште во 1920 година, тогашниот негов познаник Јозеф Ковалски му предвидел дека ќе биде затворен. Кузмич, пак, во своите мисли ја развива теоријата за времето коај ја започнал уште пред да биде уапсен. Вечерта, Кузнецов сонува сон за некоја голема градба, а потоа е повикан кај командантот на логорот.[13]

Собраните дела на Јозеф Ковалски[уреди | уреди извор]

Ковалски: една биографија[уреди | уреди извор]

Во весниците се појавува веста за смртта на Јозеф Ковалски, кој починал во Дарамсала, Индија. Тој се родил во Тибинген, во 1901 година, во сиромашно семејство, а татко му бил чевлар. Јозеф бил одличен ученик и студирал теологија, но во 1919 година ненадејно ги напуштил студиите и најпрвин им се приклучил на анархистите, а потоа станал член на Германската комунистичка партија. Во 1920 година бил делегат на Коминтерната во Москва, но тогаш се разочарал од комунистите, па се вратил дома и отворил работилница за поправка на велосипеди, а тој самиот станал велосипедист. Исто така, во 1925 година ја објавил својата прва (и единствена) збирка поезија. Во 1926 година заминал во Дарамсала, една година подоцна станал члена на тајната секта на Малите браќа, потоа заминал во Тибет по што се вратил во Европа каде го патентирал велосипедот со повеќе брзини. Во тоа време, тој го посетил Сталин и се запознал со Фројд, но потоа ги напуштил психоаналитичарите и го предвидел доаѓањето на нацистите на власт. По смртта на татко му, Јозеф заминал во Монголија, а во 1930 година ја организирал велосипедската трка од Белград до Дарамсала каде останал да живее повеќе години, а во 1936 година се вратил во Европа, населувајќи се во Белград. Таму, тој станал ројалист и се прогласил за виконт, а на почетокот на Втората светска војна станал железничар во едно мало место во Србија. Во 1943 година, бегајќи до потерата на Гестапо, Ковалски исчезнал во непозната насока.[14]

Песни[уреди | уреди извор]

Од 1919 година па сè до 1957 година, Ковалски пишувал песни при што некои од нив претставуваат само варијации на една тема. Во неговата поезија преволадуваат идеите карактеристични за учењето кое го проповедал.[15]

Проза[уреди | уреди извор]

Велосипедизмот и теологијата на Витолд Ковалски[уреди | уреди извор]

Во овој дел се опишани животот и погледите на Витолд Ковалски, таткото на Јозеф. Откако смртно се разболел, Витолд бил исфрлен од болницата и тогаш се претворил од атеист во христијански мистик и го напишал делото „Теологијата и велосипедизмот“. По раѓањето на синот Јозеф, Витолд заминал во Лондон каде возел велосипед низ улиците, пукајќи во часовниците, а за тој настан пишувале сите весници. Потоа, тој го измислил грбот на тајната секта на евангелските велосипедисти на крстот на розата, а направил и неколку чуда: во една прилика станал невидлив, а потоа го создал суштеството Голем. Во тоа време, Витолд имал преписка со патријархот на Грузиската православна црква и со папата, по што бил приведен на сослушување во полицијата.[16]

Прогласи[уреди | уреди извор]

Во овој дел, приредувачот на зборникот најпрвин ги наведува причините на Ковалски за неговото самопрограсување за гроф во 1937 година, а потоа дава преглед на прогласите на Ковалски за разни прашања, како: договорите со ѓаволот, пеколот, демонстрациите, основните типови на луѓето, култот на личноста, марксизмот и поезијата, задгробниот живот, егалитарните доктрини итн.[17]

Писмо до Бранко Кукиќ[уреди | уреди извор]

Најпосле, во прегледот на писмената оставнина на Ковалски, приредувачот на зборникот приложува и едно негово писмо до Бранко Кукиќ во кое Ковалски ги изнесува своите идеолошки и теолошки ставови, како и мислењата за книжевноста, за Русија, а својот народ, за Сталин итн.[18]

Големата лудница: Тајниот проект на Малите браќа на евангелските велосипедисти на крстот на розата[уреди | уреди извор]

Проглас на евангелските велосипедисти на крстот на розата: Urbi et orbi[уреди | уреди извор]

Во прогласот на евангелските велосипедисти се објавува одлуката за изградба на Град во кој ќе се одигра конечната борба против злото.[19]

Метафизика на градот (Говорот на Големиот Мајстор пред проектантите)[уреди | уреди извор]

Во својот говор пред проектантите на Градот, одржан во 1937 година на сон, Големиот Мајстор нагласил дека низ историјата човекот сè повеќе се оддалечувал од Бога и престанал да верува во бесмртноста на душата, прифаќајќи ја верата во конечноста на смртта, а тоа води кон самодоволност. Како резултат на тоа, злото во светот расте сè повеќе, а човекот е заглавен во неморал и, потиснат од жебата за уживање, ја загубил слободата. Затоа е потребно да се изгради Градот во кој ќе се собере целото зло, кое така ќе се уништи себе.[20]

Л. Лоенц, „Лудило на архитектурата - архитектура на лудилото[уреди | уреди извор]

Почитуваниот архитект Лоенц го запознава д-р Чулаби, кој се претставува како претставник на една фирма при што му порачува неколку необични проекти. Утредента, Лоенц го сонува Чулаби, кој му кажува дека е примен во членството на тајната секта на евангелските велосипедисти при што нему му е доверена задачата да ја поправи катедралата на св. дух која постои само на сон. Утредента, Лоенц крши два часовника, онака како што му претскажува Чулаби во сонот, па затоа оди кај психијатар, кој го советува да го послуша д-р Чулаби. Во друг сон, Чулаби му кажува на Лоенц (кој никогаш во животот не го видел својот татко) дека е син на покојниот Јозеф Ковалски. Исто така, на сон, Лоенц ја гледа големата катедрала која е оштетена од нацистите. По наговор на д-р Чулаби, Лоенц оди во Бајина Башта со задача да однесе два ракописа, а потоа прави нацрт на една огромна градба за собирање на целото зло во светот - проектот на Универзалната лудница.[21]

Л. Лоенц, „Проект на големата лудница“[уреди | уреди извор]

Проектот се однесува на душевна болница со огромни размери со капацитет од 20 милиони луѓе. Таа треба да има 12 нивоа од кои 11 се наоѓаат под земја. Болницата е замислена да функционира како држава и во неа ќе се спроведува редовна психоанализа на пациентите чии искази ќе се бележат во централниот компјутер Рома III. Во болницата ќе има повеќе региони: во регионот Схизофренија луѓето ќе водат војни и ќе расправаат за теолошки и психолошки прашања; во регионот Чувство на вина секој ќе може да ја преземе вината за извршените злосторства; регионот Токсикоманија ќе биде наменет за алкохоличарите и наркоманите итн. Притоа, сите региони ќе бидат поврзани, а на дното ќе биде сместен компјутерот кој ќе го систематизира злото, а еден ден ќе се сврти против луѓето и така целиот тој свет ќе биде наеднаш уништен.[22]

Повест за моето кралство (дополнително пронајден дел)[уреди | уреди извор]

Кралот и Гросман се наоѓаат во 1953 година. Двајцата се мртви, но сепка го набљудуваат светот при што кралот му го објаснува на Гросман поимот на ленинизмот.[23]

Appendix I[уреди | уреди извор]

Арх. Михаило Јовановиќ, „Објект Болница Град Вавилон голем - технички опис“[уреди | уреди извор]

Болницата е замислена во облик на спирала при што поголемиот дел се наоѓа под земја. Таа треба да биде изработена од бетон и челик, а надземниот дел ќе биде покриен со стакло. За потребите на болницата ќе се користат сончевата енергија и топлотната енергија од Земјината кора. Внтерешните простории ќе бидат обоени во сиво, додека надворешните бетонски ѕидови ќе останат необоени. Градбата ќе има седум влеза при што пред четвртиот ќе биде поставен споменик.[24]

Appendix II[уреди | уреди извор]

Давид Албахари, „Во возот“[уреди | уреди извор]

Во овој додаток, првпат објавен во 2007 година, српскиот писател Давид Албахари се осврнува на творештвото на Басара и на романот „Фама за велосипедистите“. Така, тој раскажува за своето патување со Басара до Софија, кога постојано имал впечаток дека во возот не е присутен Басара, туку некоја негова копија. Подоцна, тој го набљудува Басара како велосипедист.[25]

Бранко Кукиќ, „Напред-назад“[уреди | уреди извор]

Во овој додаток, Бранко Кукиќ, долгогодишен пријател на Басара, ги искажува своите размислувања за историјата и за иднината како измислици.[26]

Таен список на членовите на Евангелските велосипедисти, група Југоисток[уреди | уреди извор]

На крајот од книгата е даден списокот на членовите на Евангелските велосипедисти, меѓу кои се наоѓаат повеќе познати личности, како: Ежен Јонеско, Михајло Пупин, Мирча Елијаде, Милош Црњански, Растко Петровиќ, Александар I Караѓорѓевиќ, Леонардо да Винчи, Сталин, Милован Ѓилас, Едвард Коцбек, Драган Џаиќ, Силвио Берлускони, Слободан Милошевиќ, Соња Савиќ, Добрица Ќосиќ, Миодраг Петровиќ - Чкаља, Бохумил Храбал, Мартина Навратилова, Парис Хилтон, Воислав Коштуница, Ханка Палдум, Лајош Зилахи, Коле Чашуле, Живоин Павловиќ, Никос Казанѕакис, Јанис Рицос, Бора Ќосиќ итн.[26]

За делото[уреди | уреди извор]

Во предговорот на изданието објавено дваесет години по појавата на романот, Басара објаснува дека идејата за романот ја добил откако прочитал еден есеј на Елијас Канети, кој тврдел дека пропаста на човештовото се забрзала по 1980 година. Кога започнал да го пишува романот, на почетокот немал никаков јасен концепт при што пишувал со многу прекини и откажувања. Пресвртот настапил кога сфатил дека „за најсериозните нешта може да се пишува само на крјано несериозен начин“ и летото 1986 година конечно се откажал од намерата да напише компактен роман. Наместо тоа, тој решил да пишува поглавја до границата каде „престанува внатрешната смисла“ и да ги реди онака како што настанувале, без намера вештачки да ги спои во некаква целина, а таквите размислување му се појавиле под влијание на идеите на Шпенглер, Генон, Ортега и Гасет. Истовремено, бидејќи во тоа време биле популарни разни фељтони за тајни друштва и завери, одлучил да ја позајми формата на алманах, т.е. зборник на трудови за тајно друштво на велосипедисти, а за таа цел набрзина создал некаква велосипедска езотериска доктрина. Најголемиот дел од романот бил напишан во текот на неговиот престој во Бајина Башта, летото 1986 година, а посебно значење за неговото создавање имале книгите од личната библиотека на неговиот пријател Бранко Кукиќ, критичките забелешки на Милојко Кнежевиќ, градот Чачак и луѓето собрани околу списанието „Градац“, како и сликарот Владимир Дуњиќ кој бил ликовен уредник на кориците.[27]

Во додатокот кон романот, објавен во изданието од 2007 година, Давид Албахари пишува дека „Фама за велосипедистите“ претставува голем скок, зашто по појавата на овој роман српската проза повеќе не е иста како претходно, а ни Басара не е истиот писател. Со овој роман, Басара го воспоставил прозниот модел кој често го користел во следните години - моделот на „зборник“.[28] Според Албахари, романот е истовремено историски калабалак и исклучително сериозна анализа на историските настани, филозофско-религиски трактат и пародија на идеолошкото моислење, смеса на стварното и нестварното, поигрување со целокупното книжевно наследство и уништување на раскажувачките стратегии...“[29] Во времето кога се појавила, книгата делувала како постмодерна игра, а денес, таа е историски запис кој и понатаму, со секој нов ден, станува повистинит.“[30]

Во додатокот кон романот, Бранко Кукиќ го опишува делото како „повест за рајскиот пекол на човечката генеза“, како „родослов на Човекот на Историјата“, „прирачник на човековата лудост доведен на нивото на наука“ и „антикнига за книжевните крвопијци... кои на јавноста ѝ се претставуваат во здолништето на критичарите, теоретичарите и естетичарите“ и „табела за множење на ентропијата“.[31]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Svetislav Basara, Fama o biciklistima. Beograd: Laguna, 2019, стр. 17-18.
  2. Svetislav Basara, Fama o biciklistima. Beograd: Laguna, 2019, стр. 19-55.
  3. Svetislav Basara, Fama o biciklistima. Beograd: Laguna, 2019, стр. 61-73.
  4. Svetislav Basara, Fama o biciklistima. Beograd: Laguna, 2019, стр. 75-80.
  5. Svetislav Basara, Fama o biciklistima. Beograd: Laguna, 2019, стр. 81-89.
  6. Svetislav Basara, Fama o biciklistima. Beograd: Laguna, 2019, стр. 91-101.
  7. Svetislav Basara, Fama o biciklistima. Beograd: Laguna, 2019, стр. 103-114.
  8. Svetislav Basara, Fama o biciklistima. Beograd: Laguna, 2019, стр. 115-134.
  9. Svetislav Basara, Fama o biciklistima. Beograd: Laguna, 2019, стр. 135-138.
  10. Svetislav Basara, Fama o biciklistima. Beograd: Laguna, 2019, стр. 139-153.
  11. Svetislav Basara, Fama o biciklistima. Beograd: Laguna, 2019, стр. 155-158.
  12. Svetislav Basara, Fama o biciklistima. Beograd: Laguna, 2019, стр. 159-168.
  13. Svetislav Basara, Fama o biciklistima. Beograd: Laguna, 2019, стр. 169-177.
  14. Svetislav Basara, Fama o biciklistima. Beograd: Laguna, 2019, стр. 183-201.
  15. Svetislav Basara, Fama o biciklistima. Beograd: Laguna, 2019, стр. 203-220.
  16. Svetislav Basara, Fama o biciklistima. Beograd: Laguna, 2019, стр. 223-243.
  17. Svetislav Basara, Fama o biciklistima. Beograd: Laguna, 2019, стр. 245-254.
  18. Svetislav Basara, Fama o biciklistima. Beograd: Laguna, 2019, стр. 255-263.
  19. Svetislav Basara, Fama o biciklistima. Beograd: Laguna, 2019, стр. 271-272.
  20. Svetislav Basara, Fama o biciklistima. Beograd: Laguna, 2019, стр. 273-279.
  21. Svetislav Basara, Fama o biciklistima. Beograd: Laguna, 2019, стр. 281-288.
  22. Svetislav Basara, Fama o biciklistima. Beograd: Laguna, 2019, стр. 289-297.
  23. Svetislav Basara, Fama o biciklistima. Beograd: Laguna, 2019, стр. 299-301.
  24. Svetislav Basara, Fama o biciklistima. Beograd: Laguna, 2019, стр. 305-307.
  25. Svetislav Basara, Fama o biciklistima. Beograd: Laguna, 2019, стр. 317-323.
  26. 26,0 26,1 Svetislav Basara, Fama o biciklistima. Beograd: Laguna, 2019, стр. 325-328.
  27. „Posle dvadeset godina“, во: Svetislav Basara, Fama o biciklistima. Beograd: Laguna, 2019, стр. 11-14.
  28. David Albahari, „U vozu“, во: Svetislav Basara, Fama o biciklistima. Beograd: Laguna, 2019, стр. 320.
  29. Branko Kukić, „Napred-nazad“, во: Svetislav Basara, Fama o biciklistima. Beograd: Laguna, 2019, стр. 321.
  30. David Albahari, „U vozu“, во: Svetislav Basara, Fama o biciklistima. Beograd: Laguna, 2019, стр. 323.
  31. Branko Kukić, „Napred-nazad“, во: Svetislav Basara, Fama o biciklistima. Beograd: Laguna, 2019, стр. 327-328.