Андреас Сепи

Од Википедија — слободната енциклопедија
Андреас Сепи
Земја Италија
Место на живеењеКалтерн дер Веинстрабе, Италија
Роден на21 февруари 1984(1984-02-21)(40 г.)
Роден воБолцано, Италија
Спорт Тенис
Висина1.90 м
Професионалец2002
Игра со• десна рака
• дворачен бекхенд
Заработка$ 5,798,427
Веб-сајтandreasseppi.com
Поединечно
Победи-порази244–262
Титули3
Највисок пласманБр. 18 (28 јануари 2013)
Сегашен пласманБр. 36 (23 јуни 2014)
Резултати на Гренд Слемови
Австралијан Опен4R (2013)
Ролан Гарос4R (2012)
Вимблдон4R (2013)
УС Опен3R (2008, 2013)
Во двојки
Победи-порази82-153
Титули0
Највисок пласманБр. 50 (14 април 2014)
Сегашен пласманБр. 59 (23 јуни 2014)
Резултати на Гренд Слемови
Австралијан ОпенQF (2009)
Ролан Гарос2R (2009, 2013)
Вимблдон3R (2012)
УС ОпенQF (2011)
Ажурирано на: 15 July 2013.

Андреас Сепи (роден на 21 февруари 1984 во Болцано, Италија) — италијански професионален тенисер.

Негово највисоко место на АТП листата е 18-то место кое го достигнал во јануари 2013 година, и тој е во моментов втор најдобро пласиран италијански играч. (по Фабио Фоњини). Во својата кариера, Сепи има освоено три АТП титули.

Тениска кариера[уреди | уреди извор]

Рани години[уреди | уреди извор]

Сепи станал професионалец во 2001, играјќи главно на фјучерс и челинџер турнири првите три натпреварувачки сезони. Тој го освоил својот прв фјучерс турнир во 2003, во Минхен, Германија, остварувајќи победа над германецот Ларс Ибел. Покрај тоа, тој успеал да се квалификува во главниот ждреб на АТП турнирите во Кицбиел и Букурешт, каде бил поразен од Оливер Мутис и Хосе Акасусо, редоследно.

Во 2004, Сепи го остварил својот прв настап за Италија во Дејвис Купот против Грузија, и бил поразен од Иракли Лабаџе во пет сета. Два месеца подоцна, на турнирот во Хале, Сепи успеал да стигне до второто коло во кое бил поразен од Фернандо Вердаско, откако во првото коло забележал победа над Николај Давиденко. Во Кицбиел, Сепи не успеал да искористи 10 меч топки за победа против Рајнер Шитлер и бил поразен во второто коло на турнирот. Неколку недели подоцна, Сепи успеал да му се реваншира на Шитлер за овој пораз. Во својот прв Гренд слем настап на Отвореното првенство на САД, како квалификант, тој го победил Шитлер, и покрај тоа што ги загубил првите два сета.[1]

Сепи ја завршил 2005 година за првпат во првите 100 играчи на АТП листата. Тој успеал да се квалификува во главниот ждреб на четири Мастерс турнири, а најдобриот настап го остварил на Мастерсот во Хамбург, каде стигнал до четвртфиналето во кое бил поразен од Ришар Гаске. Во првото коло на Мастерсот во Монте Карло, тој остварил победа над шпанецот Фелисијано Лопес, но во второто коло бил поразен од Давид Ферер. Во Дејвис Купот, Сепи успеал да се врати од два сета негатива и славел победа над Хуан Карлос Фереро, а потоа во одлучувачкиот двобој бил поразен од Рафаел Надал. По овој натпревар, Сепи играл на турнирот во Палермо каде успеал да стигне до своето прво АТП полуфинале во кариерата, победувајќи го бранителот на титулата, Томаш Бердих, за потоа во полуфиналето да загуби од Игор Андреев.

2006–2007[уреди | уреди извор]

Сепи во четвртфиналето на турнирот во Сиднеј во 2006

Во 2006, Сепи стигна до полуфиналната фаза на турнирите во Сиднеј на тврда подлога и во Нотингем на трева, покажувајќи дека е способен да игра и на други подлоги освен на земја. Во Сиднеј, тој ја завршил серијата од четири последователни титули на Лејтон Хјуит победувајќи го во четвртфиналето и притоа спасувајќи две топки за победа на противникот. На својот прв настап на Отвореното првенство на Австралија, Сепи загубил уште во првото коло тесно во пет сета од Јанко Типсаревиќ.

Сезоната на земја, Сепи ја започнал на Отвореното првенство на Валенсија, каде забележал две победи во првите две кола, но во четвртфиналето бил поразен од Жил Симон. Еден месец подоцна, на Мастерсот во Хамбург, во првото коло, Сепи бил подобар од Станислас Вавринка, а потоа во второто коло бил лесно совладан од Николај Давиденко. На својот прв настап на Францускиот Гренд слем, Сепи повторно бил поразен во првото коло во натпревар во пет сета, овојпат од Евгениј Корољов.

На Вимблдон, Сепи успешно го поминал првото коло, победувајќи го Џејми Бејкер, но во второто коло бил поразен од Андре Агаси, за кој тоа било последен натпревар на терените на сеанглискиот клуб. До крајот на сезоната Сепи не забележал некој посериозен резултат и годината ја завршил на 74-то место на АТП листата.

На почетокот на 2007, Сепи успеал да победи во првото коло на Австралискиот гренд слем, остварувајќи победа над Боби Рејнолдс во пет сета во натпревар кој траел четири часа и во кој спасил една меч топка. Во второто коло, тој бил поразен од Флоријан Мајер.

Два месеца подоцна, Сепи успеал да стигне до финалето на челинџер турнирот во Санрајз, Флорида, САД, во кое бил поразен од Гаел Монфис. На патот до финалето тој остварил победи над Густаво Куертен, Хуан Мартин дел Потро и Николас Масу. На наредните два гренд слема, Сепи најпрво бил поразен уште во првото коло на Отвореното првенство на Франција од Карлос Моја, а потоа на Вимблдон стигнал до второто коло во кое бил поразен од Фернандо Вердаско.

Лошите резулати Сепи ги прекинал со пласманот во финалето на турнирот во Гштад, во кое бил поразен од французинот Пол-Анри Матје. Следен турнир за Сепи бил турнирот во Кицбиел, каде тој успеал да слави победи над Фелисијано Лопес, Хуан Карлос Фереро и Фабио Фоњини за во четвртфиналето да биде поразен од Потито Стараче. Кон крајот на годината, Сепи стигнал до полуфиналето на Отвореното првенство на Виена кое се игра во сала, но бил поразен од Новак Ѓоковиќ. Тој годината ја завршил на 50-то место на АТП листата.

2008–2010[уреди | уреди извор]

Андреас Сепи на Отвореното првенство на САД во 2008

Новата сезона Сепи ја започнал со победата над Жо-Вилфрид Цонга на турнирот во Сиднеј. Сепак во второто коло тој бил поразен од Радек Штепанек. На Отвореното првенство на Австралија, италијанецот стигнал до второто коло во кое бил поразен од Михаил Јужни. Две недели подоцна, Сепи успеал да ја освои својата прва челинџер титула, во Бергамо, остварувајќи победа во финалето над Жулијен Бенето.

Тој стигнал до четвртфиналето на турнирот во Ротердам откако претходно во второто коло ја забележал неговата најголема победа во кариерата, победувајќи го Рафаел Надал. Во четвртфиналето, тој загубил од Робин Седерлинг. Сепи стигнал до својот најдобар пласман на турнирите од АТП Мастерс 1000 серијата, на Мастерсот во Хамбург, каде успеал да стигне до полуфиналето во кое бил поразен од Рожер Федерер, откако претходно забележал победи над Ришар Гаске, Хуан Монако и Николас Кифер.

На Отвореното првенство на Франција, Сепи лесно бил поразен уште во првото коло од Марио Анчиќ. Потоа, на Вимблдон, Сепи во првото и второто коло забележал победи над Тобиас Камке и Флорент Сера, но во третото коло доживеал пораз од двократниот гренд слем шампион, Марат Сафин. На последниот гренд слем во годината, на Отвореното првенство на САД, Сепи повторно стигнал до третото коло, но бил поразен од Енди Родик. Тој годината ја завршил на 35-то место на АТП листата со резултат од 30 победи и 30 порази.

Во 2009, Сепи стигнал до полуфиналето на турнирите во Белград и Умаг на земјена подлога, и успеал да ја освои својата втора челинџер титула во кариерата, во Сан Марино, победувајќи го Потито Стараче во финалето.

Во 2010, Сепи стигнал и до својата трета челинџер титула во кариерата, во Кицбиел, оставрувајќи победа во финалето над романецот Виктор Кривој. Покрај тоа, Сепи стигнал и до полуфиналето на турнирите во Хамбург и Умаг, но бил поразен од Јирген Мелцер и Хуан Карлос Фереро редоследно. Тој годината ја завршил на 52-то место на АТП листата, што било за три места полошо од 2009 година.

2011–2012: Пробив[уреди | уреди извор]

Сепи ја започнал новата сезона со поразот во првото коло на Отвореното првенство на Катар од Филип Колшрајбер. На турнирот во Сиднеј, италијанецот ја забележал првата победа во годината славејќи победа над Денис Истомин, но во второто коло бил поразен од Ришар Гаске. На Отвореното првенство на Австралија, Сепи стигнал до второто коло, во кое бил поразен од Жо-Вилфрид Цонга. Веднаш по настапот во Мелбурн, Сепи вторпат во кариерата го освоил челинџер турнирот во Бергамо, овојпат победувајќи го Жил Милер.

Неколку месеци подоцна, Сепи ја освоил својата прва АТП титула во кариерата, на турнирот во Истбурн, на трева, каде во финалето бил поуспешен од Јанко Типсаревиќ. Добрата игра на трева, Сепи не успеал да ја продолжи на терените на Вимблдон и бил поразен во второто коло од Маркос Багдатис.

Во октомври, Сепи ја освоил и својата петта челинџер титула во кариерата, во белгиски Монс, остварувајќи победа над Жулијен Бенето во финалето. Сепи сезоната ја завршил со настапот на Мастерсот во Париз, каде откако успешно ги поминал квалификациите, забележал победи над Николај Давиденко и Николас Алмагро. Во третото коло тој бил поразен од Жо-Вилфрид Цонга.

Во 2012, Сепи успеал да стигне до својата втора АТП титула во кариерата, на Отвореното првенство на Србија победувајќи го Давид Налбандијан во полуфиналето и Беноа Пер во финалето. Во четвртфиналето на Мастерсот во Рим, Сепи забележал победа над Станислас Вавринка, откако во натпреварот успеал да спаси шест меч топки на противникот. Во полуфиналето тој бил поразен од Рожер Федерер.

За првпат во својата кариера, Сепи успеал да стигне до четврто коло на гренд слем, на Отвореното првенство на Франција, каде бил поразен од Светскиот Бр. 1, Новак Ѓоковиќ во пет сета.[2] Тој во првите три кола остварил редоследно победи над Николај Давиденко, Михаил Кукушкин и Фернандо Вердаско. На турнирот во Истбурн, Сепи не успеал да ја одбрани титулата и бил поразен во финалето од Енди Родик.

На Летните олимписки игри во Лондон, италијанецот успешно го поминал првото коло победувајќи го Доналд Јанг, но во второто коло доживеал пораз од Хуан Мартин дел Потро, кој подоцна го освоил бронзениот медал на олимпискиот турнир. На Отвореното првенство на САД, Сепи бил поразен уште во првото коло од Томи Робредо.

Сепи не успеал да ја освои титулата на Отвореното првенство на Мец и во финалето бил поразен од Жо-Вилфрид Цонга. На патот до финалето тој остварил редоследно победи над Иван Додиг, Винсент Мило, Флоријан Мајер и Гаел Монфис. Еден месец подоцна, на турнирот во Москва, италијанецот ја освоил својата трета АТП титула во кариерата, победувајќи го во финалето Томаш Белучи со 3–6, 7–6(7–3), 6–3. Последен турнир за Сепи во сезоната бил челинџер турнирот во италијанскиот град Ортизеи, каде тој стигнал до финалето во кое бил поразен од Бенјамин Бекер. Италијанецот сезоната ја завршил на 23-то место на АТП листата со остварени 38 победи и 27 порази.

Личен живот[уреди | уреди извор]

Мајчин јазик на Сепи е Германскиот јазик, но тој исто така зборува и Италијански и Англиски јазик. Тој е навивач на фудбалскиот клуб Милан а негови прекари се Енди и Сепио, кои се доделени од страна на неговиот тренер, Масимо Сартори.[3] Неговата мајка, Марија Луиза е продавачка во продавница за спортска облека, а неговиот татко, Хуго работи во транспортен бизнис. Тој има помлада сестра, Марија. Негови хобија се играње фудбал и скијање. Додека растел негов идол бил рускиот тенисер Евгениј Кафелников.

Кога бил запрашан како успеал да загуби во четвртфиналето на турнирот во Кицбиел во 2007 од својот добар пријател Потито Стараче при водство од 6–1, 5–3, тој одговорил "Лесно: ако го победев кој ќе ме снабдуваше со филмови целата сезона?". На турнирот во Ротердам во 2008, публиката му запеала Happy Birthday на Сепи, откако тој забележал победа над Рафаел Надал. Кога бил запрашан дали очекува да стигне до полуфиналето откако бил извлечен да игра против Лејтон Хјуит а потоа против Рафаел Надал, Сепи одговорил "дека веднаш го чекирал својот авионски лет за во среда".[4]

АТП финалиња во кариерата[уреди | уреди извор]

Поединечно: 6 (3 титули, 3 финалист)[уреди | уреди извор]

Легенда
Гренд Слем (0–0)
АТП завршен турнир (0–0)
АТП World Tour Masters 1000 (0–0)
АТП World Tour 500 Series (0–0)
АТП World Tour 250 Series (3–3)
Титули по подлога
Тврда (1–1)
Земја (1–1)
Трева (1–1)
Тепих (0–0)
Исход Бр. Датум Турнир Подлога Противник Резултат
Финалист 1. 13 септември 2007 Швајцарија Гштад, Швајцарија Земја Франција Пол-Анри Матје 7–6(7–1), 4–6, 5–7
Победник 1. 18 јуни 2011 Обединето Кралство Истбурн, Велика Британија Трева Србија Јанко Типсаревиќ 7–6(7–5), 3–6, 5–3, пред.
Победник 2. 6 мај 2012 Србија Белград, Србија Земја Франција Беноа Пер 6–3, 6–2
Финалист 2. 24 јуни 2012 Обединето Кралство Истбурн, Велика Британија Трева САД Енди Родик 3–6, 2–6
Финалист 3. 23 септември 2012 Франција Мец, Франција Тврда Франција Жо-Вилфрид Цонга 1–6, 2–6
Победник 3. 21 октомври 2012 Русија Москва, Русија Тврда Бразил Томаш Белучи 3–6, 7–6(7–3), 6–3

Во двојки: 6 (6 финалист)[уреди | уреди извор]

Легенда
Гренд Слем (0–0)
АТП завршен турнир (0–0)
АТП World Tour Masters 1000 (0–0)
АТП World Tour 500 Series (0–2)
АТП World Tour 250 Series (0–4)
Титули по подлога
Тврда (0–4)
Земја (0–1)
Трева (0–1)
Тепих (0–0)
Исход Бр. Датум Турнир Подлога Партнер Противници Резултат
Финалист 1. 4 февруари 2006 Хрватска Загреб, Хрватска Тврда Италија Давиде Сангуинети Чешка Јарослав Левински
Словачка Михал Мертињак
6–7(7–9), 1–6
Финалист 2. 18 јули 2010 Шведска Баштад, Шведска Земја Италија Симоне Вањоци Шведска Роберт Линдстед
Романија Хорија Текау
4–6, 5–7
Финалист 3. 10 октомври 2010 Јапонија Токио, Јапонија Тврда Русија Дмитриј Турсунов САД Ерик Буторак
Холандски Антили Жан-Жулијен Роџер
3–6, 2–6
Финалист 4. 7 јануари 2011 Катар Доха, Катар Тврда Италија Даниеле Брачиали Шпанија Рафаел Надал
Шпанија Марк Лопес
3–6, 6–7(4–7)
Финалист 5. 16 јуни 2011 Обединето Кралство Истбурн, Велика Британија Трева Бугарија Григор Димитров Израел Џонатан Ерлих
Израел Енди Рам
3–6, 3–6
Финалист 6. 6 октомври 2013 Кина Пекинг, Кина Тврда Италија Фабио Фоњини Белорусија Макс Мирњи
Романија Хорија Текау
4-6, 2-6

Челинџери и фјучерси[уреди | уреди извор]

Челинери (6)
Фјучерси (1)
Бр. Датум Турнир Подлога Противник Резултат
1. 20 јануари 2003 Германија Минхен Тепих Германија Ларс Ибел 6–4, 7–5
2. 4 февруари 2008 Италија Бергамо Тврда Франција Жулијен Бенето 2–6, 6–2, 7–5
3. 3 август 2009 Сан Марино Сан Марино Земја Италија Потито Стараче 7–6(7–4), 2–6, 6–4
4. 2 август 2010 Австрија Кицбиел Земја Романија Виктор Кривој 6–2, 6–1
5. 7 февруари 2011 Италија Бергамо Тврда Луксембург Жил Милер 3–6, 6–3, 6–4
6. 9 октомври 2011 Белгија Монс Тврда Франција Жулијен Бенето 2–6, 6–3, 7–6(7–4)
7. 4 ноември 2013 Италија Ортизеи Тврда Германија Симон Гројл 7–6 (4) 6-2

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Qualifiers making major impact at Open“. ЕСПН. 15 мај 2008.
  2. „Andreas Seppi“. Посетено на 2012-06-04.
  3. „Andreas papapetrouprofile“. ATP. 15 May 2008.[мртва врска]
  4. „Seppi defeats Nadal ABN AMRO WTT Rotterdam and on court interview“. YouTube. 15 мај 2008.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]