Стен Вавринка

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Станислас Вавринка)
Стен Вавринка
Земја Швајцарија
Место на живеењеСент Бартелеми, Швајцарија
Роден на28 март 1985(1985-03-28)(38 г.)
Роден воЛозана, Швајцарија
Спорт Тенис
Висина1.83 м
Професионалец2002
Игра со• десна рака
• еднорачен бекхенд
Заработка$ 17,771,808
Поединечно
Победи-порази556–335 (62.4%)
Титули16
Највисок пласманбр. 3 (27 февруари 2014)
Сегашен пласманбр. 87 (26 јуни 2023)
Резултати на Гренд Слемови
Австралијан ОпенW (2014)
Ролан ГаросW (2015)
ВимблдонQF (2014, 2015)
УС ОпенW (2016)
Други турнири
Олимписки игри2R (2008)
Во двојки
Победи-порази68–82 (45.33%)
Титули2
Највисок пласманБр. 90 (6 ноември 2006)
Сегашен пласманБр. 126 (8 јуни 2015)
Резултати на Гренд Слемови
Австралијан Опен3R (2006)
Ролан Гарос3R (2006)
Вимблдон1R (2006, 2007)
УС Опен1R (2005)
Мастерс купДруги турнири во двојки
Златен медал
Ажурирано на: 20 јуни 2015.
Олимписки медали
Натпреварувач за  Швајцарија
Машки Тенис
Златен медал - прво место 2008 Пекинг Во двојки

Станислас "Стен" Вавринка[1] (француски: [vavʁiŋka]; роден на 28 март 1985 г. во Лозана, Швајцарија) е професионален швајцарски тенисер.

Во кариерата има освоено три Гренд слем титули: Отвореното првенство на Австралија 2014, Отвореното првенство на Франција 2015 и Отвореното првенство на САД 2016. Највисокиот пласман на АТП листата кој го имал е 3. место, кое го постигнал на 27 февруари 2014. Тој, исто така, го освоил Мастерсот во Монте Карло во 2014, и бил финалист на Мастерсот во Рим во 2008 и на Мастерсот во Мадрид во 2013. Покрај тоа, тој освоил златен медал за Швајцарија на Летните олимписки игри 2008, во двојки, заедно со Роџер Федерер, и бил дел од швајцарскиот тим кој го освоил Дејвис купот во 2014.

Тој е еден од ретките активни играчи кој стигнал до четвртфиналната рунда на сите четири Гренд слем турнири и е еден од само тројцата играчи (заедно со Томаш Бердих и Жо-Вилфрид Цонга) кој има остварено Гренд слем победи против секој од играчите од Големата четворка (односно против Роџер Федерер, Рафаел Надал, Новак Ѓоковиќ и Енди Мари).

Омилена подлога на Вавринка е земјената, а негови омилени удари се сервисот и бехкендот. Џон Мекинро смета дека Вавринка го има еден од најсилните бекхенди коишто тој ги видел и го опишува како "најдобар еднорачен бекхенд во тенисот во денешнината".[2]

Кариера[уреди | уреди извор]

Јуниор[уреди | уреди извор]

Вавринка започнал да игра тенис на меѓународни јуниорски натпреварувања на 14 годишна возраст. Тој го прекинал своето образование на 15 годишна возраст фокусирајќи се на тенисот. Сепак тој го продолжил своето образование со помош на француската организација за далечинско образование, која му понудила поголема флексибилност. Тој станал професионален тенисер во 2002 година. Во 2003, на 18 годишна возраст, тој ја освоил јуниорската гренд слем титула на Отвореното првенство на Франција. Вавринка годината ја завршил на 14-то место на светската јуниорска листа. Тој соработувал со тренерот Димитри Завиалоф од осум годишна возраст. Нивната соработка завршила по Вимблдон 2010.[3]

2003 - 2004[уреди | уреди извор]

Во јули 2003, Вавринка го одиграл својот прв натпревар на АТП турнирите, на турнирот во Гштад. Tој бил поразен уште во првото коло од Жан-Рене Лиснард. Една недела подоцна, тој ја остварил својата прва победа на еден турнир од АТП серијата, во Амерсфорт каде бил поуспешен од американецот Хуго Армандо. Во август, тој освоил две челенџер титули, негови први во кариерата, во Сан Бенедето и Женева.

Во април 2004, Вавринка ја освоил третата челенџер титула, во Барселона, совладувајќи го во финалето белгиецот Кристоф Флиген. Потоа во јули, на турнирот во Гштад, тој стигнал до финалето во двојки заедно со Марк Росе каде биле поразени од Леандер Паес и Давид Рикл. Во август, тој втора година по ред ја освоил челенџер титулата во Женева победувајќи го овојпат во финалето Кристоф Рохус. Истата година, Вавринка дебитирал и во Дејвис купот со швајцарската репрезентација во натпревар против Романија. Иако, тој загубил во својот натпревар против Виктор Ханеску, сепак, Швајцарија победила во соочувањето со романците со 3-2 и се пласирала во четвртфиналето на Светската група. Годината ја завршил на 162-рото место на АТП листата.

2005[уреди | уреди извор]

Благодарение на пласманот во четвртфиналето на турнирот во Барселона, во април 2005, Вавринка за првпат влегол во првите 100 тенисери на АТП листата. Во мај, го направил своето деби на Гренд слем турнирите, играјќи на Отвореното првенство на Франција каде тој стигнал до третото коло, победувајќи ги Николас Масу и Џејмс Блејк во првото и второто коло, пред да биде поразен од подоцнежниот финалист Маријано Пуерта во четири сета. На Вимблдон, Вавринка бил поразен уште во првото коло од Фабрис Санторо. Во јули, тој се пласирал во своето прво АТП финале, на домашен терен на турнирот во Гштад каде бил поразен од Гастон Гаудио со 4–6, 4–6. На Отвореното првенство на САД, тој стигнал до третото коло, каде бил поразен од Николас Масу. Вавринка ја завршил годината во најдобрите 100 на АТП листата, на 55-то место.

2006[уреди | уреди извор]

Вавринка ја започнал годината со пораз во полуфиналето во Оукленд од Марио Анчиќ. Една недела подоцна, на Отвореното првенство на Австралија, тој бил поразен во второто коло од Давид Налбандијан откако во првото коло остварил победа над Алберт Монтањес. Во април, со победите над Давид Ферер и Иво Карловиќ, тој стигнал до полуфиналето во Барселона, каде бил поразен од Томи Робредо со 6–4, 6–4. На Отвореното првенство на Франција, тој бил поразен уште во првото коло од Давид Налбандијан.

Еден месец подоцна, на Вимблдон, тој стигнал до третото коло каде бил поразен од Марио Анчиќ со 6–7, 7–6, 1–6, 3–6. Потоа на турнирот во Штутгарт, тој стигнал до третото коло каде бил поразен од Давид Ферер. Вавринка конечно стигнал до својата прва АТП титула, во Умаг откако во финалето при резултат 6–6 во првиот сет, Новак Ѓоковиќ се повлекол поради проблеми со дишењето. Тоа лето тој за првпат влегол во најдобрите 50 на АТП листата.

На Отвореното првенство на САД, во првото и второто коло тој забележал победи над Хуан Игнасио Чела и Робин Седерлинг, но во третото коло тој загубил од Томи Робредо. Потоа тој стигнал до четвртфиналето во Виена, каде загубил од Иван Љубичиќ со 6–3, 6–2, откако во првото и второто коло остварил одлични победи над Марин Чилиќ и Новак Ѓоковиќ. Вавринка продолжил со добрите игри, и стигнал до полуфиналето во Базел каде бил поразен од Фернандо Гонсалес. Тој ја завршил годината на 30-то место на АТП листата.

2007[уреди | уреди извор]

Вавринка ја започнал сезоната уште на првиот ден од годината, на турнирот во Доха како осми носител, но бил поразен уште во првото коло од белорусинот Макс Мирњи. Потоа тој се појавил на турнирот во Оукленд каде што и покрај тоа што бил осми носител, тој повторно доживеал пораз во првото коло, овојпат од Николас Алмагро. Една недела подоцна, тој стигнал до третото коло на Отвореното првенство на Австралија, каде во три сета бил поразен од Рафаел Надал со 2–6, 2–6, 2–6.

Во февруари, за време на тренинзите на Швајцарскиот Дејвис куп тим, Вавринка ја скинал тетивата на десното колено, при што оваа повреда го оддалечила од тениските терени три месеци. Тој се вратил на терените на Мастерсот во Рим каде бил поразен во првото коло од Алберт Монтањес. Една недела подоцна, на Мастерсот во Хамбург, тој повторно загубил во првото коло, овојпат од Хуан Карлос Фереро.

Вавринка се појавил на Отвореното првенство на Франција без победа откако се вратил на терените по повредата, и во првото коло остварил победа над Рубен Рамирес Идалго. Во второто коло тој бил поразен од хрватот Иван Љубичиќ. На Вимблдон, Вавринка бил поразен уште во првото коло од Микаел Лодра. Во јули, тој остварил одлични победи над Гуљелмо Кањас и Хуан Игнасио Чела на патот до финалето на турнирот во Штутгарт, каде бил поразен од Рафаел Надал со 4–6, 5–7.

На последниот гренд слем во годината, на Отвореното првенство на САД, Вавринка стигнал до четвртото коло, откако претходно остварил победи над Евгениј Корољов, Марат Сафин и Роби Џинепри. Во оваа фаза, тој бил поразен од Хуан Игнасио Чела во неверојатен натпревар кој траел 3 часа и 40 минути со 6–4, 2–6, 6–7, 6–1, 4–6. Вавринка стигнал до своето четврто финале во кариерата, во Виена, каде бил поразен од првиот носител на турнирот, Новак Ѓоковиќ со 6–4, 6–0. Последниот турнир на кој Вавринка настапил во годината бил Мастерсот во Париз, каде откако успешно ги поминал првото и второто коло, бил поразен од Рафаел Надал. Тој ја завршил годината на 36-то место на АТП листата.

2008[уреди | уреди извор]

Вавринка во 2008 на Мастерсот во Париз

Швајцарецот одлично ја започнал 2008, пласирајќи се во финалето на турнирот во Доха, каде што бил поразен од Енди Мари во три сета со 4–6, 6–4, 2–6. На Отвореното првенство на Австралија, како 26-ти носител, стигнал до второто коло, откако во првото коло бил поуспешен од Жулијен Бенето со 6-3, 6-3, 6-3. Сепак во второто коло, тој бил принуден да го предаде натпреварот во четвртиот сет против Марк Гикел. Во февруари, на АТП Марсеј, Стен во првото коло бил подобар од Себастијан Гросјан, но во второто коло бил поразен од Енди Мари, кој подоцна го освоил турнирот.

Еден месец подоцна, на Тениското првенство на Дубаи, Вавринка бил елиминиран во првото коло, од чешкиот квалификант Јан Херних. На првиот мастерс во годината, на Индијан Велс Мастерс, тој на патот до четвртфиналето ги победил Џеси Левин, Томаш Бердих, Маркос Багдатис и Ли Хјен Таик редоследно, пред да биде поразен од Новак Ѓоковиќ. Две недели подоцна на Мастерсот во Мајами, Вавринка турнирот го започнал и го завршил во второто коло со поразот од Робин Седерлинг.

Вавринка одлично ја започнал сезоната на Земјина подлога, пласирајќи се во полуфинлаето на турнирот во Барселона, каде бил поразен од Давид Ферер со 6–7, 3–6. Следен турнир за Вавринка бил Мастерсот во Рим, каде неочекувано стигнал до самото финале, кое било прво негово мастерс финале во кариерата. На патот до финалето, тој во првото и второто коло остварил победи над Марат Сафин и Енди Мари, а потоа во третото коло и во четвртфиналето забележал победи над Хуан Карлос Фереро и Џејмс Блејк. Во полуфиналето, при водство од 3-0 за Вавринка, Енди Родик го предал натпреварот поради повреда на грбот. Во финалето, Вавринка бил поразен од Новак Ѓоковиќ со 4–6, 6–3, 6–3.

На Отвореното првенство на Франција, Вавринка го започнал турнирот како 9-ти носител. Тој во првото коло забележал победа над Филип Колшрајбер, а потоа во второто коло бил подобар од Марин Чилиќ. Во третото коло, тој бил поразен од Фернандо Гонсалес во пет сета. Еден месец подоцна, на Вимблдон, Вавринка бил елиминиран во четвртото коло од Марат Сафин. Следен турнир на кој Вавринка се појавил бил турнирот во Гштад, каде во полуфиналето бил поразен од Виктор Ханеску.

На Летните олимписки игри 2008, Вавринка бил елиминиран во 1/16 финалето од Јирген Мелцер, но и покрај разочарувачкиот пораз, тој станал олимписки шампион во двојки заедно со Рожер Федерер, откако во финалето успеале да го победат шведскиот пар Симон Аспелин/Томас Јохансон со 6–3, 6–4, 6–7, 6–3.

По олимпискиот успех, Вавринка стигнал до четвтото коло на Отвореното првенство на САД каде бил поразен од финалистот Енди Мари. Како прв носител, тој се појавил на турнирот во Виена и уште во првото коло бил поразен од Филип Печнер, кој подоцна и го освоил турнирот. На Мастерсот во Мадрид, Вавринка бил поразен во третото коло од Фелисијано Лопес со 4–6, 4–6. Како петти носител, тој го започнал турнирот во Базел, но забележал разочарувачки пораз во првото коло од Бенџамин Бекер. Последен турнир во годината за Вавринка бил Мастерсот во Париз, каде откако бил слободен во првото коло, тој во второто коло бил поразен од Томаш Бердих. И покрај слабите резултати на последните турнири, Вавринка ја завршил годината на 13-то место на АТП листата.

2009[уреди | уреди извор]

Вавринка во 2009 на Мастерсот во Мадрид

Вавринка ја започнал сезоната со турнирот во Ченај, каде како втор носител бил поразен уште во првото коло од квалификантот Флавио Чипола. Сепак заедно со Жан-Клод Шерер тој успеал да стигне во финалето во двојки во кое биле поразени. На Отвореното првенство на Австралија, како 15-ти носител, Вавринка стигнал до третото коло во кое бил поразен од Томаш Бердих во четири сета.

По еден месец пауза, швајцарецот се вратил на терените играјќи за својата држава во првото коло од Дејвис Купот против САД. Во отсуство на Рожер Федерер, Вавринка бил главниот адут на швајцарскиот дејвис куп тим. Во првиот натпревар, Вавринка успеал да го порази Џејмс Блејк во четири сета. Два дена подоцна, тој бил поразен од Енди Родик со 4–6, 4–6, 2–6. Следен турнир за Вавринка бил Мастерсот во Индијан Велс, каде како 16-ти носител бил поразен во четвртото коло од Новак Ѓоковиќ со 6–7, 6–7. Две недели подоцна, Вавринка играл на Мастерсот во Мајами, каде повторно како 16-ти носител бил поразен во четвртото коло, овојпат од Рафаел Надал.

Во април, Вавринка ја започнал сезоната на Земјина подлога на Мастерсот во Монте Карло како 13-ти носител. Тој приредил сензација во третото коло, победувајќи го 2-от носител Рожер Федерер со 6–4, 7–5. Во четвртфиналето тој забележал победа над квалификантот Андреас Бек и се пласирал во полуфиналето, во кое бил поразен од Новак Ѓоковиќ со 6–4, 1–6, 3–6. Следен турнир за Вавринка бил турнирот во Барселона, каде како 8-ми носител бил поразен во третото коло од Радек Штепанек, откако во второто коло остварил победа над Микаил Јужни. Една недела подоцна, на Мастерсот во Рим, Вавринка бил поразен во третото коло од Хуан Мартин дел Потро.

Како 11-ти носител, Вавринка се натпреварувал на Мастерсот во Мадрид. Тој во второто коло забележал победа над Џереми Чарди, а во третото коло повторно налетал на Хуан Мартин дел Потро и повторно загубил. На Отвореното првенство на Франција, како 18-ти носител, Вавринка бил поразен во третото коло од Николај Давиденко. На третиот гренд слем во годината, на Вимблдон, Стен бил поразен во четвртото коло од Енди Мари со 6–2, 3–6, 3–6, 7–5, 3–6.

Како прв носител, Вавринка играл на турнирот во Гштад. Во првото коло тој забележал победа над квалификантот Федерико дел Бонис, но во второто коло тој бил поразен од Томаш Белучи, кој подоцна ја освоил титулата. Швајцарецот ја започнал својата турнеја во САД на Мастерсот во Монтреал. Тој во првото и второто коло забележал победи над Николас Кифер и Андреј Голубев и во третото коло бил поразен од Рожер Федерер со 3–6, 6–7. Следен турнир за Вавринка бил Мастерсот во Синсинати каде уште во првото коло бил поразен од Давид Ферер. На Отвореното првенство на САД, Вавринка разочарувачки бил поразен уште во првото коло од 163-от на АТП листата, Николас Лапенти со 6–4, 6–4, 6–7, 6–7, 3–6.

Во октомври, Стен отпатувал во Јапонија и се појавил на Отвореното првенство на Јапонија, каде бил 7-ми носител. Тој го завршил својот настап на турнирот во четвртфиналето со поразот од Гаел Монфилс со 6–2, 3–6, 4–6. Една недела подоцна, на Мастерсот во Шангај, Вавринка бил поразен во третото коло од Радек Штепанек. Вавринка годината ја заокружил со турнирот во Базел каде бил 6-ти носител. Тој во првото коло остварил победа над Иван Љубичиќ, а потоа во второто коло бил подобар од Јарко Ниеминен во три сета. Во четвртфиналето, швајцарецот бил поразен од Новак Ѓоковиќ со 6–3, 6–7, 2–6.

2010[уреди | уреди извор]

Вавринка ја започнал сезоната во Индија, на турнирот во Ченај, како трет носител, и успеал да стигне до финалето, во кое бил поразен од Марин Чилиќ со 6–7, 6–7. На Отвореното првенство на Австралија, како 19-ти носител, Вавринка успешно ги поминал првото и второто коло забележувајќи лесни победи во три сета над Гуљелмо Гарсија Лопес и Игор Куницин. Во третото коло, тој повторно бил поразен од Марин Чилиќ.

Откако се откажал од Мастерсот во Индијан Велс поради раѓањето на неговото прво дете, тој се појавил на Мастерсот во Мајами како 19-ти носител. Стен го започнал турнирот во второто коло забележувајќи победа над јужноафриканецот Кевин Андерсон. Во третото коло, тој бил поразен од Микаел Јужни во три сета. Следен турнир за Вавринка бил турнирот во Казабланка, каде како прв носител успеал да ја освои титулата и да ја прекине серијата од пет порази едноподруго во финалните натпревари. Во финалето тој остварил победа над Виктор Ханеску со 6–2, 6–3.

По освојувањето на својата втора титула во кариерата, Вавринка играл на Мастерсот во Монте Карло и бил поразен во третото коло од Новак Ѓоковиќ. Две недели подоцна, на Мастерсот во Рим, Вавринка стигнал до четвртфиналето во кое бил поразен од Рафаел Надал. На патот до четвртфиналето, тој забележал победи над Јирген Мелцер, Томаш Бердих и Робин Седерлинг.

Следен турнир за Вавринка бил турнирот во Белград, на кој настапил како 4-ти носител. Тој во четвртфиналето забележал победа над домашниот тенисер Виктор Троицки, но потоа во полуфиналето бил поразен од Џон Иснер со 5–7, 5–7. На Отвореното првенство на Франција, како 20-ти носител, Стен стигнал до четвртото коло во кое бил поразен од Рожер Федерер. Потоа следел настапот на Вимблдон, каде Вавринка доживеал елиминација уште во воведното коло од казахстанецот Денис Истомин во пет сета.

На Отвореното првенство на САД, како 25-ти носител, Вавринка за првпат се пласирал во едно гренд слем четвртфинале, притоа елиминирајќи го 4-от носител Енди Мари во третото коло. Во четвртфиналето тој бил поразен од Микаел Јужни со 6–3, 6–7, 6–3, 3–6, 3–6.

Следниот турнир на кој Вавринка настапил бил Мастерсот во Шангаj. Тој во првото коло бил подобар од Жил Симон, но во второто коло бил поразен од Рафаел Надал. Потоа Вавринка настапил на турнирот во Стокхолм каде бил елиминиран во четвртфиналето од Рожер Федерер. На почетокот на ноември, на турнирот во Валенсија, Вавринка бил поразен во второто коло од Гаел Монфилс, откако во првото коло забележал победа над Андреас Сепи. Тој ја завршил сезоната со Мастерсот во Париз, на кој бил елиминиран во третото коло од Робин Седерлинг. Стен ја завршил годината на 21-то место на АТП листата.

2011[уреди | уреди извор]

Новата сезона Вавринка повторно ја започнал на турнирот во Ченај и повторно се пласирал во финалето, во кое овојпат бил поуспешен, забележувајќи победа над белгиецот Ксавие Малис. Одличната форма швајцарецот ја пренел на Отвореното првенство на Австралија каде успеал да стигне до четртфиналето во кое бил поразен од сонародникот Роџер Федерер во три сета. На патот до четвртфиналето тој остварил победи (во три сета) над Григор Димитров, Гаел Монфис и Енди Родик редоследно. Тој и Федерер повторно се сретнале во четвртфинален двобој, овојпат на Мастерсот во Индијан Велс каде повторно Федерер бил подобар во два сета.

Сезоната на земјена подлога Вавринка не ја започнал добро и доживеал два порази во првите рунди на турнирите во Минхен и Мадрид. На Мастерсот во Рим, тој во првото и второто коло во три сета бил подобар од Фабио Фоњини и Филипо Воландри редоследно, но во третото коло бил поразен од Новак Ѓоковиќ, кој подоцна успеал да ја освои титулата. На Отвореното првенство на Франција, Вавринка третпат во сезоната бил елиминиран од Роџер Федерер, овојпат во четвртото коло, откако претходно забележал победа над Жо-Вилфрид Цонга во пет сета. Променливите резултати Вавринка ги пренел на турнирите на трева, и на Вимблдон доживеал неочекуван пораз во второто коло од Симоне Болели.

Американската турнеја швајцарецот ја започнал на Мастерсот во Монтреал каде успеал да стигне до четвртфиналето, во кое загубил од Марди Фиш. Вавринка бил поразен во првото коло на Мастерсот во Синсинати од Андреј Голубев, а потоа на Отвореното првенство на САД бил поразен во пет сета од домашниот тенисер Доналд Јанг уште во второто коло. Тој успеал да стигне до полуфиналето на турнирот во Базел, каде четврти пат во сезоната бил поразен од Федерер. Тој сезоната ја завршил со поразот од Џон Изнер во првото коло на Мастерсот во Париз.

Стил на игра[уреди | уреди извор]

Поседувајќи го еден од најдобрите бекхенд удари со една рака, Вавринка се одликува како напаѓач од основната линија, со способност да игра добро на сите подлоги, посебно на земја и на тврда подлога. Тој смета дека негови најдобри удари се сервисот и волеј ударот. За негова најголема слабост се смета неговата ментална сила, како што тој е познат по тоа да потфрли во големите натпревари.

Личен живот[уреди | уреди извор]

Таткото на Вавринка, Волфрам, е германец со чешко потекло, и покрај тоа што неговото презиме има всушност полско потекло. Прадедото на Вавринка од таткова страна потекнува од пограничниот регион помеѓу Полска и поранешна Чехословачка. Мајката на Вавринка, Изабел е швајцарка. Тој има еден постар брат Џонатан, кој предава тенис, и две помлади сестри Џанае и Наела, кои се студентки и тенисерки.[4]

Вавринка живее во Сент Бартелеми (10 минути од Лозана) со неговата жена, Илам Вуилауд, швајцарка телевизиска презентерка и поранешна манекенка.[4] Тие се венчале на 15 декември 2009. Вуилауд го родила првото дете на двојката, девојче по име Алексија, на 12 февруари 2010. На 4 јануари 2011, швајцарските медиуми известиле дека, според Вуилауд, Вавринка се одделил од семејството со цел да се посвети на тенисот, имајќи само уште пет години да направи пробив.[5] [6] На 19 април 2015, Вавринка објавил на својата facebook страна дека тој и неговата сопруга се разведуваат.[7][8]

Негови хобија се гледање филмови и слушање музика. Тој е добар пријател со британецот Енди Мари како и со неговиот сонародник Роџер Федерер.[4][9]

АТП финалиња во кариерата[уреди | уреди извор]

Поединечно: 19 (10-9)[уреди | уреди извор]

Легенда
Гренд слем (2–0)
АТП завршен Мастерс во годината (0–0)
АТП Мастерс 1000 (1–2)
АТП World Tour 500 Series (1–2)
АТП World Tour 250 Series (6–5)
Титули по подлога
Тврда (5–3)
Земја (5–5)
Трева (0–1)
Исход Бр. Датум Турнир Подлога Противник Резултат
Финалист 1. 4 јули 2005 Гштад, Швајцарија Земја Аргентина Гастон Гаудио 4–6, 4–6
Победник 1. 24 јули 2006 Умаг, Хрватска Земја Србија Новак Ѓоковиќ 6–6(1–3), предад.
Финалист 2. 22 јули 2007 Штутгарт, Германија Земја Шпанија Рафаел Надал 4–6, 5–7
Финалист 3. 14 октомври 2007 Виена, Австрија Тврда Србија Новак Ѓоковиќ 4–6, 0–6
Финалист 4. 5 јануари 2008 Доха, Катар Тврда Обединето Кралство Енди Мари 4–6, 6–4, 2–6
Финалист 5. 11 мај 2008 Рим, Италија Земја Србија Новак Ѓоковиќ 6–4, 3–6, 3–6
Финалист 6. 4 јануари 2010 Ченај, Индија Тврда Хрватска Марин Чилиќ 6–7(2–7), 6–7(3–7)
Победник 2. 11 април 2010 Казабланка, Мароко Земја Романија Виктор Ханеску 6–2, 6–3
Победник 3. 9 јануари 2011 Ченај, Индија Тврда Белгија Ксавие Малис 7–5, 4–6, 6–1
Финалист 7. 24 февруари 2013 Буенос Аирес, Аргентина Земја Шпанија Давид ферер 4–6, 6–3, 1–6
Победник 4. 5 мај 2013 Есторил, Португалија Земја Шпанија Давид Ферер 6–1, 6–4
Финалист 8. 12 мај 2013 Мастерс, Шпанија Земја Шпанија Рафаел Надал 2–6, 4–6
Финалист 9. 22 јуни 2013 Хертогенбош, Холандија Трева Франција Николас Мау 3–6, 4–6
Победник 5. 5 јануари 2014 Ченај, Индија (2) Тврда Франција Едуард Рожер-Васлен 7–5, 6–2
Победник 6. 26 јануари 2014 Отворено тениско првенство на Австралија Тврда Шпанија Рафаел Надал 6–3, 6–2, 3–6, 6–3
Победник 7. 20 април 2014 Монте Карло, Монако Земја Швајцарија Роџер Федерер 4–6, 7–6(7–5), 6–2
Победник 8. 11 јануари 2015 Ченај, Индија (3) Тврда Словенија Аљаж Бедене 6–3, 6–4
Победник 9. 15 февруари 2015 Ротердам, Холандија Тврда Чешка Томаш Бердих 4–6, 6–3, 6–4
Победник 10. 7 јуни 2015 Отворено првенство на Франција Земја Србија Новак Ѓоковиќ 4–6, 6–4, 6–3, 6–4

Во двојки: 6 (2–4)[уреди | уреди извор]

Легенда
Олимписки игри (1–0)
Гренд слем (0)
АТП завршен Мастерс во годината (0)
АТП Мастерс 1000 (0–1)
AТП World Tour 500 Series (0–0)
AТП World Tour 250 Series (1–3)
Титули по подлога
Тврда (2–2)
Земја (0–2)
Трева (0–0)
Тепих (0–0)
Исход Бр. Датум Турнир Подлога Партнер Противници Резултат
Финалист 1. 11 јули 2004 Гштад, Швајцарија Земја Швајцарија Марк Росет Индија Леандер Паеш
Чешка Давид Рикл
4–6, 2–6
Финалист 2. 7 јули 2008 Гштад, Швајцарија Земја Швајцарија Стефан Боил Чешка Јарослав Левински
Словачка Филип Полашек
6–3, 2–6, [9–11]
Победник 1. 16 август 2008 Летни олимписки игри 2008, Пекинг, Кина Тврда Швајцарија Роџер Федерер Шведска Симон Аспелин
Шведска Томас Јохансон
6–3, 6–4, 6–7(4–7), 6–3
Финалист 3. 11 јануари 2009 Ченај, Индија Тврда Швајцарија Жан-Клод Шерер САД Ерик Буторак
САД Рахив Рам
3–6, 4–6
Финалист 4. 19 март 2011 Индијан Велс, САД Тврда Швајцарија Роџер Федерер Украина Александар Долгополов
Белгија Ксавие Малис
4–6, 7–6(7–5), [7–10]
Победник 2. 6 јануари 2013 Ченај, Индија Тврда Франција Беноа Пер Германија Андре Бегеман
Германија Мартин Емрих
6–2, 6–1

Тимски натпреварувања: 1 (1–0)[уреди | уреди извор]

ИСход Бр. Датум Натпреварување Подлога Партнери Противници Резултат
Победник 1. 21–23 ноември 2014 Дејвис Куп, Лил, Франција Земја Швајцарија Роџер Федерер
Швајцарија Марко Чиудинели
Швајцарија Михаел Ламер
Франција Жо-Вилфрид Цонга
Франција Гаел Монфис
Франција Жулијен Бенето
Франција Ришар Гаске
3–1

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „French Open to be first tournament for Stanislas Wawrinka“. tennis.com. Архивирано од изворникот на 2020-02-27. Посетено на 25 May 2014.
  2. Dirs, Ben (29 June 2009). „Murray v Wawrinka as it happened“. BBC News. Посетено на 24 May 2010.
  3. (англиски) Wawrinka Splits With Coach op atpworldtour.com, 26 јуни 2010.
  4. 4,0 4,1 4,2 Harman, Neil (29 June 2009). „Five things you didnt know about Stanislas Wawrinka“. The Times. London. Посетено на 24 May 2010.
  5. Wawrinka walked out on family to save his tennis
  6. Wawrinka Divorces Wife After One Year
  7. „Stan Wawrinka: world No. 10 separates from wife“. CNN. 20 April 2015. Посетено на 20 April 2015.
  8. „Stan Wawrinka splits from wife Ilham Vuilloud“. The Sport View. 19 April 2015. Посетено на 5 June 2015.
  9. Harman, Neil (29 June 2009). „Stanislas Wawrinka vows to go on attack against Andy Murray“. The Times. London. Посетено на 24 May 2010.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

Олимписки игри
Претходник
Рожер Федерер
Знаменосец за  Швајцарија
Лондон 2012
Наследник
Наследник