Фабио Фоњини

Од Википедија — слободната енциклопедија
Фабио Фоњини
Земја Италија
Место на живеењеАрма ди Таџиа, Италија
Роден на24 мај 1987(1987-05-24)(36 г.)
Роден воСанремо
Спорт Тенис
Висина&100000000000001780000001,78 м
Професионалец2004
Игра со• десна рака
• дворак бекхенд
Заработка$ 3,084,371
Поединечно
Победи-порази121–147
Титули0
Највисок пласманБр. 24 (22 април 2013)
Сегашен пласманБр. 29 (20 мај 2013)
Резултати на Гренд Слемови
Австралијан Опен2R (2009)
Ролан ГаросQF(2011)
Вимблдон3R (2010)
УС Опен3R (2012)
Во двојки
Победи-порази71–71
Титули2
Највисок пласманБр. 32 (20 јуни 2011)
Резултати на Гренд Слемови
Австралијан ОпенSF (2013)
Ролан Гарос2R (2009, 2011)
Вимблдон1R (2009)
УС ОпенSF (2011)
Ажурирано на: 23 мај 2013.

Фабио Фоњини (роден на 24 мај 1987 во Санремо, Италија) е професионален италијански тенисер. Негово највисоко место на АТП листата е 24-то место, којшто го достигнал на 22 април 2013 година.

Земјината подлога е негова омилена подлога, на која го има забележано своето единствено четвртфинале на еден гренд слем, на Отвореното првенство на Франција 2011. Тој исто така бил полуфиналист на Мастерсот во Монте Карло во 2013.

Кариера[уреди | уреди извор]

Јуниор[уреди | уреди извор]

Како јуниор, Фоњини остварил вкупно 72 победи и 36 порази во поединечна конкуренција, и се искачил на 8-то место во комбинираниот ранкинг на 24 мај 2004 година.[1]

Јуниорски Гренд Слем резултати

Отворено првенство на Австралија: Четвртфинале (2004)
Отворено првенство на Франција: Четвртфинале (2004)
Вимблдон: 1 Коло (2003, 2004)
Отворено првенство на САД: 3 Коло (2003)

2004–2006[уреди | уреди извор]

Фоњини ја започнал својата професионална кариера играјќи на повеќе фјучрс и челинџер турнири, освојувајчи 2 фјучерс титули во 2005 година. Истата година, тој за првпат се пласирал на еден турнир од АТП Челинџер Серијата во Палермо. За време на 2006, Фоњини имал просечен успех на челенџер турнирите, и го направил своето деби на еден турнир од АТП Светскиот Тур на турнирот во Буенос Аирес. Тој бил поразен уште во првото коло од поранешниот светски играч број еден Карлос Моја, кој подоцна и го освоил турнирот.

2007[уреди | уреди извор]

Во 2007, Фоњини покажал сериозен напредок, квалификувајќи се за Ролан Гарос, каде што го остварил своето прво учество на еден Гренд Слем турнир. Тој бил поразен во првото коло од 35-от играч во светот, Хуан Монако во пет сета. Потоа, тој покажал одлични игри на Мастерсот во Монтреал, Канада. Квалификувајќи се за турнирот, тој забележал победа над Питер Полански во првото коло, а потоа во второто коло остварил победа над Енди Мареј во два сета. Во третото коло Фоњини бил запрен од 1-от играч во светот, Рожер Федерер.[2]

Фоњини годината ја завршил за првпат во првите 100 на АТП листата, на 94-то место.

2008[уреди | уреди извор]

Фоњини ја започнал 2008 со настапот на Отвореното првенство на Австралија, каде во првото коло бил поразен од Мајкл Расел во пет сета.

Фоњини ја започнал сезоната на Земјина подлога на турнирот во Виња дел Мар, Чиле, каде успеал да стигне до четвртфиналето, претходно победувајќи го специјалистот на Земјина подлога а воедно и втор носител, Хуан Игнасио Чела. Една недела подоцна, тој се искачил скалило повисоко, пласирајќи се во полуфиналето на Отвореното првенство на Бразил, каде бил поразен од Николас Алмагро.

Откако го пропуштил Отвореното првенство на Франција поради повреда, Фоњини се вратил на тениските терени во добар ритам, пласирајќи се во полуфиналето на Отвореното првенство на Полска каде по четвртфиналната победа над Гуљелмо Кањас, бил поразен од Николај Давиденко со 2–6, 3–6. На третиот Гренд Слем во годината, Вимблдон, Фоњини доживеал пораз уште во првото коло од Марат Сафин.

По почетниот пораз во првото коло на Отвореното првенство на Шведска од Робин Седерлинг, Фоњини се појавил на турнирот во Умаг, Хрватска. Тој остварил победи над Ричардас Беранкис, Филипо Воландри и Карлос Моја редоследно, и бил сопрен во полуфиналето од Фернандо Вердаско, кој подоцна и го освоил турнирот.

На Отвореното првенство на САД, Фоњини за првпат бил дел од главниот ждреб и бил поразен во првото коло од Вејни Одесник. Во септември, Фоњини го забележал својот прв настап за италијанскиот дејвис куп тим против Летонија, каде бил поразен од летонецот Ернест Гулбис.

Фоњини годината повторно ја завршил во најдобрите 100 на АТП листата, овојпат на 92-то место.

2009[уреди | уреди извор]

Фоњини новата сезона ја започнал на Отвореното првенство на Австралија. Тој во првото коло бил подобар од казахстанецот Андреј Голубев, но во второто претрпел пораз од Николас Алмагро.

Фабио Фоњини на Отвореното првенство на САД 2009

По неколку лоши турнири, Фоњини се вратил во форма на Мастерсот во Монте Карло, каде откако ги поминал квалификациите, успеал да забележи победи над Томаш Бердих во првото коло, и над Марин Чилиќ во второто коло. Во третото коло, тој бил поразен од Енди Мареј со 6–7, 4–6. Една недела подоцна, тој играл на Отвореното првенство на Барселона, каде откако успешно ги минал дветте квалификациски кола, загубил во првото коло од Даниел Химено-Травер.

На Мастерсот во Рим, Фоњини во првото коло забележал победа над Филипо Воландри, но во второто коло бил поразен од Жил Симон. Тој повторно доживеал пораз од Симон, овојпат во второто коло од Мастерсот во Мадрид со 3–6, 2–6. Следен турнир за Фоњини бил Гренд Слемот во Париз, каде по трите победи во квалификациите, загубил во првото коло од русинот Игор Андреев во пет сета.

Фоњини ја започнал сезоната на тревна подлога, на терените на Квинс Клубот во Лондон со поразот во првото коло од Кевин Андерсон. Потоа следел турнирот во Истбурн, каде Фоњини претрпел пораз од Дмитриј Турсунов. На Вимблдон, Фоњини остварил победа над Денис Истомин во првото коло, но во второто коло бил запрен од Давид Ферер со 2–6, 2–6, 3–6.

Во јули, тој стигнал до полуфиналето на турнирот во Штутгарт. Тој славел победи над Фабрис Санторо, Пол-Анри Матје и Николај Давиденко редоследно, пред да биде поразен од романецот Виктор Ханеску со 3–6, 7–6, 2–6. Една недела подоцна, тој се појавил на турнирот во Хамбург, каде бил поразен во второто коло од Робин Седерлинг.

На последниот Гренд Слем во годината, на Отвореното првенство на САД, Фоњини бил поразен уште во првото коло од Јарко Ниеминен. Потоа следел настапот на Отвореното првенство на Романија, каде бил сопрен во четвртфиналето од Алберт Монтањес, откако претходно забележал победи над Даниел Химено-Травер и Николас Алмагро. Следен турнир за Фоњини бил Отвореното првенство на Кина, каде откако ги минал двете квалификациски кола, бил поразен од Виктор Троицки.

На Мастерсот во Шангај, Фоњини успешно ги поминал квалификациите и во првото коло го победил Ернест Гулбис, реванширајќи му се за победата во Дејвис купот минатата година. Во второто коло, Фоњини бил поразен од 2-от носител Новак Ѓоковиќ со 3–6, 1–6. Последен турнир за Фоњини во годината бил турнирот во Санкт Петербург, каде загубил уште во првото коло од украинецот Иљја Марченко.

Фоњини ја завршил годината со резултат од 20 победи и 26 порази, на 54-то место на АТП листата.

2010[уреди | уреди извор]

Фоњини ја отворил новата сезона со три последователни порази во првото коло. Најпрво, на Отвореното првенство на Катар, бил поразен од Иво Карловиќ, а потоа и на турнирот во Оукленд, каде доживеал пораз од Јирген Мелцер. Неуспешниот старт, Фоњини го заокружил со настапот на Отвореното првенство на Австралија, каде загубил од американецот Тејлор Дент. Првите две победи во годината Фоњини ги забележал на Отвореното првенство на Бразил, каде остварил победи над Мартин Васаљо Аргуељо во првото коло и над Марсел Гранољерс во второто коло, пред да биде поразен од Лукаш Кубот во третото коло.

Лошите резултати, Фоњини ги продолжил на турнирот во Буенос Аирес со поразот во првото коло од Игор Андреев. На Отвореното првенство на Мексико, Фоњини повторно доживеал пораз во првото коло, овојпат од Фернандо Вердаско. Следен турнир за Фоњини бил Мастерсот во Индијан Велс. Тој во првото коло остварил победа над Оливер Рохус, но во второто коло бил совладан од Хуан Монако. Последен турнир на американско тло, пред европската турнеја, бил Мастерсот во Мајами, каде Фоњини доживеал пораз во првото коло од Микаел Лодра.

Фоњини на џеленџер турнирот во Кошице

Европската турнеја, Фоњини ја започнал на Мастерсот во Монте Карло со поразот во првото коло од Андреас Сепи. Една недела подоцна, на Отвореното првенство на Србија, тој бил поразен во второто коло од миленикот на домашната публика, Новак Ѓоковиќ. Потоа следел Мастерсот во Мадрид, каде Фоњини турнирот го завршил во првото коло со поразот од Филип Печнер.

И покрај лошите резултати на Земјина подлога во последниот период, Фоњини успеал да стигне до третото коло од Ролан Гарос. Тој во првото коло забележал победа над ветеранот Николас Масу, а во второто коло бил подобар од домашниот тенисер, Гаел Монфилс, во меч кој траел два дена и во кој Фоњини ги загубил првите два сета. Во третото коло тој бил поразен од швајцарецот Станислас Вавринка. На Вимблдон, Фоњини му се реванширал на Фернандо Вердаско за претходниот пораз, победувајќи го со 7–6, 6–2, 6–7, 6–4 во првото коло, а потоа во второто коло остварил победа над Мајкл Расел. Како и на Ролан Гарос, тој доживеал пораз во третото коло, овојпат од французинот Жулијен Бенето.

Следен турнир на кој Фоњини играл бил Отвореното првенство на Шведска, каде во првото коло славел над домашниот тенисер Филип Прпиќ, но во второто коло бил поразен од Давид Ферер. Една недела подоцна тој продолжил на турнирот во Хамбург. Тој забележал победи над Рубен Рамирес Идалго во првото коло и над Марк Гикел во второто коло, а потоа во третото коло бил запрен од Андреас Сепи.

На Мастерсот во Монтреал, Фоњини успешно ги минал двете квалификациски коло и влегол во главниот ждреб. Тој стигнал до второто коло, каде бил поразен од Николај Давиденко, откако во првото коло забележал победа над Радек Штепанек. На следниот мастерс во Синсинати, САД, Фоњини не успеал да влезе во главниот ждреб и бил поразен во второто квалификациско коло од Бенџамин Бекер. На Отвореното првенство на САД, Фоњини бил поразен уште во првото коло од Фернандо Вердаско.

Во месец септември, Фоњини главно играл на турнири од челенџер серијата, и ги освоил тие во Џенова и Неапол, а потоа во средината на октомври бил победник и на џелинџер турнирот во Сантјаго, Чиле. Една недела подоцна на турнирот во Санкт Петербург, тој бил поразен во првото коло од Александар Долгополов. Последен турнир за Фоњини во годината бил Мастерсот во Париз, на кој по двете победи во квалификациите, и победата во првото коло над Михаел Берер, бил поразен од Давид Ферер.

Фоњини годината ја завршил со 16 победи и 26 порази, на 55-то место на АТП листата.

2011[уреди | уреди извор]

Во првиот месец од годината, Фоњини не успеал да забележи ниту една победа и бил поразен на три турнири во првото коло. Најпрво во Доха, Катар, бил поразен од Николај Давиденко, а потоа во Оукленд бил поразен од Давид Налбандијан. Фоњини неуспешната серија ја продолжил на Отвореното првенство на Австралија, каде загубил од Кеј Нишикори.

Во првата недела од февруари, Фоњини бил дел од турнирот во Сантјаго, Чиле, каде успеал да стигне до полуфиналето. На патот до полуфиналето тој остварил победи над Лукаш Кубот, Алберт Рамос и Томаш Белучи редоследно, пред да биде поразен од Томи Робредо во три сета. Кон крајот на февруари, Фоњини играл на Отвореното првенство на Мексико и бил поразен од Станислас Вавринка во второто коло. Потоа следел настапот на Мастерсот во Индијан Велс, каде Фоњини доживеал пораз во првото коло од Николај Давиденко.

Следен АТП турнир за Фоњини бил Мастерсот во Мајами, каде бил поразен во првото коло од Радек Штепанек. Европската турнеја италијанецот ја започнал на Мастерсот во Монте Карло со победата во првото коло над Кевин Андерсон. Сепак, во второто коло тој бил поразен од Виктор Троицки. На следниот Мастерс, на Мастерсот во Мадрид, Фоњини не успеал да влезе во главниот ждреб и бил поразен во првото квалификациско коло од Федерико Делбонис.

Една недела подоцна, Фоњини се појавил на Мастерсот во Рим, и бил поразен во првото коло од Станислас Вавринка во три сета. Последен турнир за Фоњини пред Гренд Слемот во Париз, бил турнирот во Ница, каде доживеал пораз во првото коло од Ернест Гулбис.

На Отвореното првенство на Франција, Фоњини пристигнал во лоша форма и самодоверба поради претходните резултати, и притоа имал задача да го одбрани третото коло од претходната година. Тој во првото коло стартувал против узбекистанецот Денис Истомин и забележал победа од 6–4, 6–2, 6–2. Во второто коло тој се сретнал со французинот Стефан Робер, кој во првото коло го направил најголемото изненадување на турнирот, победувајќи го 6-от носител Томаш Бердих во меч кој траел речиси три и пол часа. Фоњини забележал убедлива победа над французинот од 6–2, 6–1, 6–0. Во третото коло италијанецот успеал да забележи победа над 30-от носител, Гуљелмо Гарсија-Лопес и покрај тоа што го загубил првиот сет.

На 29 мај, Фоњини драматично успеал да се пласира во четвртфиналето победувајќи го шпанецот Алберт Монтањес во меч кој траел 4 часа и 22 минути. Едвај одејќи на крајот, Фоњини успеал да се врати во петтиот сет и да го освои со резултат 11–9. По мечот, Фоњини го опишал својот пат до четвртфиналето како "мал сон" истакнувајќи "би сакал да играм на следниот меч ... дури и ако сум само 50 проценти подготвен".[3] Во четвртфиналето тој требал да игра против Новак Ѓоковиќ, но пред натпреварот тој објавил дека донел "тешка" одлука да се повлече поради советите на докторите дека било "опасно" да игра.[4][5] Како и да е, тој станал првиот италијанец по 1995 година кој успеал да стигне до четвртфиналето на Отвореното првенство на Франција и со овој резултат тој се искачил на 32-то место на АТП листата.[6]

Фоњини го пропуштил Вимблдон, и на тениските терени се вратил во почетокот на јули во натпреварите од Дејвис купот. Тој остварил две победи над Грега Жемља и Аљаж Бедене, во победата над Словенија со вкупни 5-0. На турнирот во Хамбург, тој бил слободен во првото коло и во второто коло забележал победа над романецот Виктор Кривои. Сепак, во третото коло Фоњини бил поразен од Јирген Мелцер. Потоа следел турнирот во Умаг, каде Фоњини успеал да стигне до полуфиналето во кое бил поразен од домашниот тенисер Марин Чилиќ.

На Отвореното првенство на САД, Фоњини бил поразен во второто коло од Томаш Бердих, но заедно со Симоне Болели, тој стигнал до полуфиналето во игра на двојки. Азиската турнеја Фоњини ја започнал на Отвореното првенство на Тајланд, каде како 6-ти носител бил поразен уште во првото коло од домашниот тенисер Данаи Удомчоке. Една недела подоцна, на Отвореното првенство на Кина, Фоњини бил поразен во второто коло од Марин Чилиќ. Азиската турнеја италијанецот ја завршил со Мастерсот во Шангај со поразот во првото коло од Флоријан Мајер. По овој пораз, Фоњини ја прекинал соработката со својот тренер Пабло Мартин.

Фоњини сезоната ја завршил со Мастерсот во Париз со поразот во првото коло од хрватот Иван Додиг. Истиот ден стигнала веста за назначувањето на Хосе Перлас за нов тренер.[7] Фоњини сезоната ја завршил на 48-то место на АТП листата со резултат од 25 победи и 28 порази.

2012[уреди | уреди извор]

Фоњини ја започнал 2012 со поразот во првото коло на турнирот во Ченај, Индија од израелецот Дуди Села. Потоа следел настапот на турнирот во Сиднеј и раната елиминација во второто коло од Ришар Гаске, откако во првото коло Фоњини успеал да забележи победа над Мајкл Расел. Една недела подоцна, Фоњини лошо стартувал на Отвореното првенство на Австралија и бил поразен во првото коло од Алехандро Фаља.

По пауза од три месеци поради повреда, Фоњини се вратил на турнирот во Казабланка и веднаш на стартот бил поразен од Гуљелмо Гарсија-Лопес. Првата победа по враќањето Фоњини ја остварил на Мастерсот во Монте Карло во првото коло против Микаел Лодра. Сепак во второто коло, тој повторно ја почувствувал горчината на поразот, овојпат од Робин Хасе. По многубројните полуфиналиња, Фоњини за првпат во кариерата се пласирал во финале на еден АТП турнир, и тоа на Отвореното првенство на Романија во Букурешт, но бил поразен од првиот носител, Жил Симон со 4–6, 3–6.

Следен турнир за Фоњини бил турнирот во Белград, каде уште во првото коло бил поразен од французинот Беноа Пер. Фоњини не успеал да се реваншира за поразот во финалето во Букурешт и повторно доживеал пораз од Симон, но овојпат во првото коло од Мастерсот во Мадрид. На Отвореното првенство на Франција, Фоњини не успеал да го повтори пласманот во четвртфиналето од минатата година и бил запрен во третото коло од домашниот тенисер Жо-Вилфред Цонга.

Фабио Фоњини на Отвореното првенство на Франција

Фоњини ја започнал сезоната на тревна подлога на турнирот во Истбурн, победувајќи го Бернард Томиќ во второто коло, пред да биде поразен во четвртфиналето од победникот на турнирот, Енди Родик. На Вимблдон, Фоњини во првото коло бил подобар од Микаел Лодра но во второто коло бил поразен од Рожер Федерер, кој подоцна успеал да го освои гренд слемот. На Летните олимписки игри во Лондон, Фоњини немал среќа во ждребката и во првото коло бил извлечен против Новак Ѓоковиќ. Тој храбро го играл мечот, и успеал да го освои првиот сет во тај-брејк, за потоа да не го издржи притисокот и да загуби во три сета.[8]

По Олимписките игри, следен турнир за Фоњини бил Мастерсот во Монтреал, каде успешно ги поминал квалификациите и во првото коло бил подобар од Лу Јен Хсун. Во второто коло тој бил поразен од Филип Колшрајбер. Една недела подоцна, на Мастерсот во Синсинати, по двете победи во квалификациите, Фоњини бил поразен во првото коло од Флоријан Мајер. На Отвореното првенство на САД, Фоњини за првпат во својата кариера стигнал до третото коло, победувајќи ги Едуард Рожер-Васелин во првото коло и Гуљелмо Гарсија-Лопес во второто коло. Сепак, во третото коло завршиле неговите надежи за подобар пласман, со поразот од Енди Родик во четири сета.

На турнирот во Санкт Петербург, како 4-ти носител, Фоњини успеал да стигне до самото финале, но повторно не успеал да ја освои својата прва АТП титула, и бил поразен од словакот Мартин Клижан со 2–6, 3–6. До крајот на сезоната, Фоњини играл на уште пет турнири на тврда подлога, и на сите нив бил поразен уште во премиерниот меч.

Италијанецот годината ја завршил на 45-то место на АТП листата, со остварени 22 победи и 24 порази.

Стил на игра[уреди | уреди извор]

Фоњини е познат по неговиот одбранбен стил на игра од основната линија, со чисти и прецизни удари. Тој има одлично чувство за тенис кое го користи при дроп шот и волеј ударите.[9] Неговата способност да ја претвори одбраната во напад одговара на тенис на Земјина подлога, и ова се ефектира на фактот дека тој најдобри резултати бележи токму на оваа подлога. Неговото движење и распореденоста на теренот, заедно со неговиот течен стил на игра е добро познат кај тениските поддржувачи како покажувајќи знаци на лежерност, несериозност и пасивност.

Фоњини исто така е познат и по својот темперамент. Од време на време тој знае да го губи својот ритам, но сепак, тој има покажано дека е способен за одржување на извонредна избалансирана подготвеност кога се соочува со неповолни околности. Тој е сопственик на рекордот за направени најмногу фут-фолт грешки во еден натпревар, вкупно 12.[9] Едно од силните оружја на Фоњини е неговиот сервис, кој често се движи со брзина од 210 км до 220 км. Тој располага и со одличен форхенд удар, но и со одличен бекхенд удар кој го користи во клучни бодови за време на натпреварите.

АТП финалиња во кариерата[уреди | уреди извор]

Поединечно: 2 (0–2)[уреди | уреди извор]

Легенда
Гренд Слем турнири (0–0)
АТП World Tour Finals (0–0)
АТП World Tour Masters 1000 (0–0)
АТП World Tour 500 Series (0–0)
АТП World Tour 250 Series (0–2)
Финалиња по подлога
Тврда (0–1)
Земја (0–1)
Трева (0–0)
Тепих (0–0)
Исход Бр. Датум Турнир Подлога Противник Резултат
Финалист 1. 29 април 2012 Букурешт, Романија Земја Франција Жил Симон 4–6, 3–6
Финалист 2. 23 септември 2012 Санкт Петербург, Русија Тврда Словачка Мартин Клижан 2–6, 3–6

Во Парови: 6 (2–4)[уреди | уреди извор]

Легенда
Гренд Слем турнири (0–0)
АТП World Tour Finals (0–0)
АТП World Tour Masters 1000 (0–0)
АТП World Tour 500 Series (0–2)
АТП World Tour 250 Series (2–2)
Титули по подлога
Тврда (0–0)
Земја (2–4)
Трева (0–0)
Тепих (0–0)
Исход Бр. Датум Турнир Подлога Партнер Противници Резултат
Финалист 1. 14 јули 2008 Умаг, Хрватска Земја Аргентина Карлос Берлок Словачка Михал Мертињак
Чешка Петр Пала
6–2, 3–6, [5–10]
Финалист 2. 27 февруари 2010 Акапулко, Мексико Земја Италија Потито Стараче Полска Лукаш Кубот
Австрија Оливер Мараш
0–6, 0–6
Победник 1. 30 јули 2011 Умаг, Хрватска Земја Италија Симоне Болели Хрватска Марин Чилиќ
Хрватска Ловро Ѕовко
6–3, 5–7, [10–7]
Финалист 3. 14 април 2012 Казабланка, Мароко Земја Италија Даниеле Брачиали Германија Дастин Браун
Австралија Пол Ханли
5–7, 3–6
Победник 2. 24 февруари 2013 Буенос Аирес, Аргентина Земја Италија Симоне Болели САД Николас Монро
Германија Симон Стадлер
6-3, 6-2
Финалист 4. 2 март 2013 Акапулко, Мексико Земја Италија Симоне Болели Полска Лукаш Кубот
Шпанија Давид Мареро
5-7, 2-6

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „ITF Juniors Profile“. Архивирано од изворникот на 2013-11-08. Посетено на 2013-06-05.
  2. "Roger Races On" Архивирано на 19 август 2012 г., Официјално мрежно место на Рожер Федерер, 9 август 2007.
  3. Lynch, Lauren (2011). "Foot-Faulting Fognini's Five Set Win To Roland Garros Quarterfinals", Tennis Now.
  4. "Fognini pulls out of French, sending Djokovic to semis" Архивирано на 4 ноември 2013 г., Tennis.com, 30 мај 2011.
  5. Ѓоковиќ без борба во полуфиналето[мртва врска] Дневник 31 мај 2011
  6. "Fognini withdraws from French Open quarterfinals", Fox News, 30 мај 2011.
  7. Матео Венери (10-11-2011). „Josè Perlas è il nuovo coach di Fabio Fognini“. Посетено на 11-11-2011. Проверете ги датумските вредности во: |access-date=, |date= (help) (италијански)
  8. "Djokovic defeats Fognini after a rain delay" Архивирано на 8 август 2012 г., ubitennis.com, 30 јули 2012.
  9. 9,0 9,1 "Beware the Wounded Tennis Player", The Daily Fix, 29 мај 2011.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]