Тиквеш (винарија)
Вид | АД |
---|---|
Дејност | Винарство |
Основано | 1885 |
Седиште | Кавадарци, Македонија ул. 810 ББ, Кавадарци , Република Македонија |
Производи | вино, ракија |
Доход | 1.078.914.000 MKD |
Оперативен доход | 116.946.000 MKD |
Нето-доход | добивка 33.721.000 MKD |
Вработени | 290 |
Мреж. место | tikves.com.mk |
„Тиквеш“ — најголемата винарска визба во Македонија. Според правниот статус, таа е акционерско друштво, со седиште во Кавадарци.
Историја
[уреди | уреди извор]Почетоците на винарската визба „Тиквеш“ може да се најдат некаде кон крајот на 19 век кога повеќе угледни семејства од Тиквешијата започнувале да создаваат вински подруми во кои се произведуваат квалитетни вина во шишиња на чии етикети јасно се истакнува географското потекло на виното.[1] Периодот кореспондира со падот на Отоманското Царство. Пане Велков, трговец, аристократ и земјопоседник, отворил винарска визба на површина од 1200 квадратни метри.[2] Првото споменување на „Тиквеш“ во пишан документ се поврзува токму со овој период, поточно со годината 1885, која се смета и за година кога за првпат започнува организираното производство и продажба на вино во Македонија.[1]
Во 1912, било произведено првото вино со етикета на Тиквеш. Александар Велков, син на Пано Велков, ја наследил сопственоста над лозјата и на винарската визба. Тиквеш започнал соработка со грчкиот производител на вино и алкохолни пијалаци Метакса, основана во 1887 година и добил лиценца за производство на алкохолни пијалаци под нивното име.
Во 1914 година појавата на болеста филоксера речиси целосно ги уништила автентичните сорти грозје како: жилавка, станушина, мустеник, пловдина, белерче и сивјак што му нанесло удар на лозарството во поширокиот регион. Но, тиквешките лозари и винари се обединиле и ги донеле американските хибридни сорти грозје, со што лозарството и винарството во Тиквешијата повторно земало замав.[1]
Деценијата пред почетокот на Втората светска војна е позната како период кога производството на вино во Тиквешкиот регион добива на интензитет. „Тиквеш“ станува препознатлив на Балканот и пошироко.[1] Производите на „Тиквеш“ се продавале во Србија, Албанија, Северна Грција, како и Турција и Египет. Во 1938, Александар Велков се повлекол од активната работа на винарската визба, но останал сопственик, додека неговиот најстар син Пано и најмладиот син Стефан го преземале управувањето со винаријата. Тие го зголемиле производството на вино и алкохолни пијалаци и започнале со производство на безалкохолни пијалаци.[2]
По завршетокот на војната, новите власти започнале со национализација на приватната сопственост. Со цел да го окрупни производството на грозје, вино и ракија, државата формирала претпријатие во кое влегле сите национализирани имоти, лозови насади и винските подруми на познатите лозарски семејства: Велкови, Аџилазови, В’чкови, Грозданови, Данови и други.[1] Александар Велков доброволно ги предал клучевите од винарската визба со едно барање: новите сопственици да обезбедат вработување на неговите синови, бидејќи тие имаат знаење и искуство во производство на вино, што му било одобрено.[2] Ова државно винско претпријатие го добило името „Тиквеш“. Потоа започнала и изградбата на современа винарска визба со многукратно зголемен капацитет [1], опремена за производство на 200.000 литри вино.[3]
Винаријата го снабдувала целиот пазар во Југославија со наливно вино.[3]
Во 1956 била формирана винската архива на „Тиквеш“, како хроничар за одличните берби. Во оваа специјална просторија во винскиот подрум во Кавадарци се чуваат илјадници шишиња. Винската архива е создадена на иницијатива на Јосип Броз Тито кој по посетата на „Тиквеш“ бил убеден дека винарницата треба да чува стари вина од најдобрите берби, по примерот на најпознатите светски производители.[1]
Во 50-тите и 60-тите години на XX век „Тиквеш“ поминал низ бројни организациски и интеграциски процеси. Со припојување на неколку помали земјоделски стопанства, во 1968, создаден е агрокомбинатот „Тиквеш“.[2] Винскиот подрум кој се наоѓа во негов состав станува најголемата винарска визба во Југоисточна Европа.[1]
Во 1973 година винаријата на пазарот за првпат го промовирала познатото вино Т’га за југ. Виното е направено во чест на Струшките вечери на поезијата - токму при една од посетите на поетите на винарницата, тие предложиле виното направено во нивна чест да се вика токму „Т’га за југ“, според истоимената поема на познатиот македонски поет Константин Миладинов. Виното станало популарно во целиот регион.[1]
Во 80-тите години на 20 век винаријата доживува огромен подем. Капацитетот се зголемувал речиси секоја година, сė додека не достигнал 55 милиони литри. Во тоа време „Тиквеш“ произведувал речиси половина од сето вино во Југославија.[3] Во тој поглед, карактеристична е 1984 година, кога заради одлуката да се откупи целокупниот род на грозје од тиквешкиот регион, винарницата морала да го користи и градскиот базен во Кавадарци за привремено складирање на грозјето. Во овој период, „Тиквеш“ значително го зголемила своето производствено портфолио. Лансирана е новата серија вина „Александрија“ која веднаш наидува на добар прием кај потрошувачите.[1]
По осамостојувањето на Република Македонија, започнува и долготраен процес на приватизација на компанијата. Винаријата е приватизирана во 1995 година.[3] Во 2003 година, инвестициската група „М6“ ја купува винарската визба „Тиквеш“ и започнува со реализација на обемен инвестициски циклус за целосна модернизација на винарницата. Особено внимание се посветува на унапредување на процесот на производство во целина, од одгледувањето на грозјето, бербата, па сè до добивањето на финалниот производ. Целокупната развојна стратегија се насочува кон зголемување на квалитетот на виното. Почнува да се инвестира во проширување на производственото портфолио со воведување на нови серии вина како Special Selection и Александрија куве, а дотогаш добро познатите и широко прифатени вина на ВВ „Тиквеш“ стануваат дел од серијата „Класик“.[1]
Во 2009 година, сето произведено вино во „Тиквеш“ било флаширано.[3]
Последната фаза на подмладување на компанијата било ангажирањето на познатиот француски винопроизводител Филип Камби кој е одговорен за промена во винопроизводителската филозофија на Тиквеш и младиот и талентиран главен енолог Марко Стојаковиќ кој своето образование и искуство го има стекнато во Бордо, Франција.[3]
Во рамките на одбележувањето на 130-годишнината, во 2015 година, ВВ „Тиквеш“ отворила дигитален музеј посветен на уметноста на создавањето врвно вино во Македонија. Фотографиите и информациите кои го сочинуваат дигиталниот музеј се достапни на интернет-адресата на Тиквеш Архивирано на 26 ноември 2018 г..
Во ноември 2018 година, ВВ „Тиквеш“ се проширила и на меѓународниот пазар преку преземање на француската винарија „Château de Gourdon“ формирајќи ја заедничката бренд-платформа „Tikveš Châteaux & Domaines“.[4]
Организација и менаџмент
[уреди | уреди извор]Мнозински сопственик на „Тиквеш“ е фирмата „М-6 еден“, која е сопственост на Светозар Јаневски, кој истовремено е претседател на управниот одбор на „Тиквеш“.[5] Функцијата генерален директор на ВВ „Тиквеш“ ја извршувале: Игор Илиевски,[6] Радош Вукиќевиќ, итн.[7] Светозар Јаневски е претседател на управниот одбор на „Тиквеш“.[8]
Во 2015 и во 2016 година, винарската визба „Тиквеш“ била прогласена за наградата „Најкомпанија на годината“ која ја доделуваат Регионалната канцеларија за Југоисточна и Средна Европа на Европското здружение на менаџери и списанието „Еуроменаџер“. Истовремено, генералниот директор на „Тиквеш“ Игор Илиевски бил избран за „Најменаџер на годината“ за 2016 година.[9]
Финансиски резултати
[уреди | уреди извор]Во 2016 година, вкупните приходи на ВВ „Тиквеш“ пораснале за 112,8 милиони денари (9%) во споредба со 2015 година, што биле резултат на порастот на продажбата на вино во Македонија за 12% и порастот на извозот на вино за 6%. Оттука, бруто-добивката на „Тиквеш“ пораснала за 27%, а во комбинација со намалувањето на оперативните расходи за 6%, тоа довело до пораст на оперативната добивка за 32%.[10]
Производство
[уреди | уреди извор]Вино
[уреди | уреди извор]Во декември 2014 година, британскиот автор Џејми Гуд, во списанието „Сандеј експрес“, во конкуренција на 14 вина, го оценил виното на Тиквеш, „вранец мерло“ од 2012 година на одличното четврто место. Истовремено, во својата колиумна во „Њујорк тајмс“, американскиот вински критичар Ерик Асимов дал високи оцени на виното „вранец спешл селекшн“ од 2011 година, вбројувајќи го на списокот на избрани вина за свечената вечера по повод Денот на благодарноста.[11]
Ракија
[уреди | уреди извор]Низ многувековната традиција Винаријата Тиквеш грижливо одгледува винова лоза. Со љубов се двои од виното и се создава идеална основа за добивање на прочуената тиквешка лозова ракија. Секогаш е ценета и секаде барана, доволно долго чувана и негувана во специјални услови, при што се препорачува како најпрочуен македонски аперитив[12].
Награди и признанија
[уреди | уреди извор]Во април 2014 година, жолтата лозова ракија на „Тиквеш“, со ознаката „VS (Very Special)“, била наградена со златен медал за виок квалитет на меѓународниот натпревар на вина и жестоки пијалаци „Винарија 2014“, одржан во Пловдив, во конкуренција на 400 пијалаци на 51 производител. Оваа ракија, со јачина од 45 степени, се произведува на природен начин, од гроздов дестилат кој стареел повеќе од пет години, чуван во дабови буриња.[13][14]
Во 2014 година, Винарската визба „Тиквеш“ добила уште едно признание, освојувајќи ја наградата „За нов квалитет во туризмот 2014“, која ја доделува списанието за туризам „Туристичка призма“ од Нови Сад, а за придонесот во промоцијата на Македонија како туристичко одредиште за уживање во виното.[15] Исто така, на светското винско натпреварување во Германија, виното „пино ноар“ од 2013 година било прогласено за најдобро црвено вино во Македонија за 2015 година.[16] Пролетта 2016 година, ВВ „Тиквеш“ освоила три златни и два сребрени медали на 18. Меѓународен вински натпревар „Mundus Vini“ во Германија, и тоа за: „домен лепово шардоне 2015“, „каберне франк спешл селекшн 2015“ и „домен лепово гранд куве 2013“ (златни медали), како и „темјаника спешл селекшн 2015“ и „александрија куве розе 2015“ (сребрени медали).[6]
Во 2016 година, во специјализираното списание „Wine advocate“, најпознатиот светски вински критичар Роберт Паркер објавил оценки за неколку вина на „Тиквеш“, опишувајќи ги како „многу добри“ и „извонредни“. Претходно, во 2010 година тој го оценил виното „Бела вода“ од бербата во 2010 година со 94 бода.[17] На саемот „China Wine and Spirits“, одржан во 2016 година, со златни медали биле наградени црвеното вино „Барово“ од бербата во 2013 година и белото вино „Александрија куве“ од бербата во 2015 година, додека црвеното вино „Александрија куве“ од бербата во 2014 година добило сребрен медал.[18]
Пролетта 2017 година, Винарската визба „Тиквеш“ освоила вкупно 25 медали и признанија на три светски вински натпревари, одржани во Лондон и во Брисел. Притоа, нејзините вина биле наградени со еден златен, девет сребрени и 12 бронзени медали, а три вина добиле специјални признанија за нивниот квалитет. Така, виното вранец „special selection“ од бербата 2015 освоило златен медал на лондонскиот вински натпревар International Wine Challenge, црвеното вино „Барово“ 2015 и „Гренаш бланк“ 2016 биле наградени со сребрени медали, а пет други вина освоиле бронзени медали.[19]
Во 2017 година, вината на „Тиквеш“ биле наградени и на најголемиот меѓународен вински натпревар во Канада Selections Mondiales de vins Canada, на којшто вината „Вранец спешл селекшн“, „Домен Лепово гранд куве“ од бербата во 2013 година и „Барово (црвено)“ од бербата во 2015 година биле наградени со златен медал. Исто така, на регионалниот вински натпревар во Софија (Balkans International Wine Competition 2017), четири вина на „Тиквеш“ биле наградени со сребрени медали: „Вранец спешл селекшн“ и „Александрија куве црвено“ од бербата во 2015 година, како и „Каберне Франк спешл селекшн“ и „Темјаника спешл селекшн“ од бербата во 2016 година. Покрај нив, виното „Домен Лепово шардоне“ од бербата во 2016 година било наградено со бронзен медал.[20] Исто така, претставниците на International Wine Challenge му го доделиле признанието „Трофеј за најдобро црвено вино од Македонија“ на виното „Вранец спешл селекшн“ од бербата во 2015 година. Со тоа, „Тиквеш“ станала првата винарија од Македонија и од Југоисточна Европа што го добила ова признание.[21] Истата година, на австрискиот вински фестивал Austria Wine Challenge - Vienna 2017, златен медал освоило белото вино „Гренаш бланк спешл селекшн“ од бербата во 2016 година, а сребрени медали освоиле црвеното вино „Александрија куве“ од бербата во 2015 година и белото вино „Темјаника класик“ од бербата во 2016 година. Истовремено, на најголемиот азиски вински натпревар, Decanter Asia Wine Awards 2017, две црвени вина („Барово“ и „Алексндрија куве“ од бербата во 2015 година) освоиле сребрени медали, додека бронзен медал освоило „Домен Лепово гранд куве“ од бербата во 2015 година. заклучно со овие манифестации, вината на „Тиквеш“ освоиле 60 медали во 2017 година.[22] Малку подоцна, вината на „Тиквеш“ биле наградени и на саемот „China Wine and Spirits 2017“, каде белото вино „Бела вода“ од бербата во 2016 година било наградено со двоен златен медал, додека црвеното вино „Бела вода“ од бербата во 2015 година освоило златен медал.[23]
И во 2018 година, „Тиквеш“ продолжил да освојува меѓународни награди за своите вина. Така, вината „Domaine Lepovo Chardonnay“ и „Chardonnay Special Selection“ од бербата во 2017 година биле наградени со сребрени медали на 25. издание на специјализираниот натпревар за вина „Chardonnay du monde“ во Франција.[24] Исто така, на натпреварот „Concurs Mondial de Bruxelles“, одржан во Брисел, виното „Т'га за југ“ од бербата во 2016 година било наградено со златен медал, додека пет вина на „Тиквеш“ биле наградени со сребрени медали, и тоа: „Александрија куве (црвено)“, „Вранец Спешл селекшн“, „Темјаника Спешл селекшн“, „Барово (бело)“ и „Домен лепово гранд куве“. Речиси истовремено, на натпреварот „Les Citadelles du Vin“, одржан во Бордо, црвеното вино „Домен Лепово гранд куве“ од бербата во 2015 година било наградено со златен медал, додека виното „Вранец спешл селекшн“ од бербата во 2016 година освоило сребрен медал. На тој начин, само во првата половина од 2018 година, вината на „Тиквеш“ освоиле вкупно 50 медали и признанија на престижните светси вински натпревари.[25] На винскиот саем „China Wine and Spirits 2018“ винарската визба „Тиквеш“ освоила шест медали, и тоа: црвеното вино „Вранец спешл селекшн“ од бербата од 2016 година ја освоило највисоката награда (двоен златен медал), а црвените вина „Т'га за југ“ (од бербата од 2016 година), „Барово“ (од бербата од 2015 година) и „Александрија куве“ (од бербата од 2016 година) биле наградени со златни медали. Освен тоа, виното „Шардоне домаин Лепово“ (од бербата од 2016 година) било наградено со сребрен медал, а белото вино „Александрија куве“ (од бербата од 2017 година) освоило бронзен медал.[26]
Во 2019 година, девет вина на „Тиквеш“ добиле високи оцени од винскиот критичар Џеб Данак (Jeb Dunnuck) од кои шест вина добиле над 90 бода. Меѓу наградените биле следниве вина од тиквешкиот регион: црвеното вино „Барово 2016“, белото вино „Барово 2018“, црвеното вино „Бела вода 2016“, белото вино „Бела вода 2018“, „Домеин Лепово гранд куве 2016“ и „Домеин Лепово шардоне 2018“. Другите три оценети вина биле од француската винарија „Château de Gourdon“ која ВВ „Тиквеш“ ја презела во 2018 година.[4] Покрај овие признанија, во 2019 година, „Тиквеш“ ја добил акредитацијата за организирање обуки која ја доделува престижната Лондонска школа за вино и жестоки пијалаци - „Вајн анд спиритс еџукејшн траст“ (Wine and spirits Education Trust).[27]
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]Службена страница на Тиквеш #Тиквеш музеј на виното Архивирано на 8 декември 2015 г.
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ 1,00 1,01 1,02 1,03 1,04 1,05 1,06 1,07 1,08 1,09 1,10 „Историја - Тиквеш“. Архивирано од изворникот на 2015-11-30. Посетено на 2015-11-18.
- ↑ 2,0 2,1 2,2 2,3 „Винарска визба Тиквеш - Кавадарци“. Посетено на 2015-11-19.
- ↑ 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 3,5 „Тиквеш“. Посетено на 2015-11-19.
- ↑ 4,0 4,1 Мирослав Саздовски, „Девет премиум вина на Tikveš Châteaux & Domaines со високи оценки“, Економија и бизнис, година 21, број 253, септември 2019, стр. 6.
- ↑ „Прифатена понудата на „М-6 еден“ за белградската индустрија за пиво (БИП)“, Економија и бизнис, година 19, број 227, мај 2017, стр. 72.
- ↑ 6,0 6,1 Мирослав Саздовски, „Пет медали за Тиквеш на Мундус Вини“, Економија и бизнис, година 18, број 214, април 2016, стр. 10.
- ↑ Мирослав Саздовски, „Втора година по ред златни медали за врвните вина Бела вода во Кина“, Економија и бизнис, година 19, број 232, октомври 2017, стр. 10.
- ↑ Мирослав Саздовски, „Тиквеш ги претстави првите четири вина произведени на сопствениот посед во Франција“, Економија и бизнис, година 20, број 252, јули/август 2019, стр. 8.
- ↑ „Тиквеш по вторпат најкомпанија според Еуроменаџер“, Економија и бизнис, година 18, број 219, септември 2016, стр. 10.
- ↑ „Тиквеш со раст на приходите за девет, а на оперативната добивка за 32 насто“, Економија и бизнис, година 19, број 226, април 2017, стр. 10.
- ↑ „Македонското црвено вино на листите на Њујорк тајмс и Сандеј експрес“, Дневник, година XVIII, број 5639, четврток, 11 декември 2014, стр. 28.
- ↑ „Лозова ракија – Бела“. Тиквеш. Архивирано од изворникот на 2017-07-30. Посетено на 2017-09-18.
- ↑ „Злато за жолтата на Тиквеш“, Дневник, година XVIII, број 5439, петок, 11 април 2014, стр. 12.
- ↑ „Злато за жолтата на Тиквеш“, Економија и бизнис, година 17, број 190, април 2014, стр. 13.
- ↑ „Престижно регионално признание за ВВ Тиквеш“, Економија и бизнис, година 17, број 196, 30 октомври 2014, стр. 11.
- ↑ „Тиквеш годинава ќе откупи за дваесетина проценти повеќе грозје“, Дневник, година XIX, број 5754, сабота, 30 април 2015, стр. 9.
- ↑ „Вината на Тиквеш со оценки многу добри и извонредни“, Економија и бизнис, број 215, мај 2016, стр. 10.
- ↑ „Три медали од кинеските купувачи за Тиквеш“, Економија и бизнис, година 18, број 220, октомври 2016, стр. 10.
- ↑ Мирослав Саздовски, „Тиквеш одново го потврди статусот - најтрофејна винарница од регионот“, Економија и бизнис, година 19, број 228, јуни 2017, стр. 10.
- ↑ Мирослав Саздовски, „Тиквеш повторно со нови медали за своите вина“, Економија и бизнис, година 19, број 229/230, јули/август 2017, стр. 8.
- ↑ Мирослав Саздовски, „Трофеј за најдобро вино од Македонија за Вранец спешл селекшн (Special Selection) на Тиквеш“, Економија и бизнис, година 19, број 231, септември 2017, стр. 10.
- ↑ Мирослав Саздовски, „Вината на Тиквеш годинава со рекорден број меѓународни награди“, Економија и бизнис, година 19, број 233, ноември 2017, стр. 8.
- ↑ Мирослав Саздовски, „Втора година по ред златни медали за врвните вина Бела Вода во Кина“, Економија и бизнис, година 19, број 232, октомври 2017, стр. 8.
- ↑ Мирослав Саздовски, „Тиквеш со две награди на годинешниот Chardonnay du Monde“, Економија и бизнис, година XX, број 238, април 2018, стр. 9.
- ↑ Мирослав Саздовски, „Две нови злата за вината на Тиквеш и на Домен Лепово“, Економија и бизнис, година 20, број 241, јули/август 2018, стр. 6.
- ↑ Мирослав Саздовски, „Нови шест медали за вината на Тиквеш освоени во Кина“, Економија и бизнис, година 20, број 243, октомври 2018, стр. 8.
- ↑ Мирослав Саздовски, „Тиквеш доби акредитација за обуки од престижната Вајн енд спиритс (Wine & Spirits)“, Економија и бизнис, година 21, број 250, мај 2019, стр. 6.