Црни и жолти

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Црни и жолти е збирка со детска поезија на македонскиот писател Славко Јаневски. За првпат, книгата била објавена во 1967 година, а подоцна има доживеано поголем број изданија. Долго време, таа е дел од задолжителната лектира на учениците во основните училишта во Македонија.

Содржина[уреди | уреди извор]

Збирката „Црни и жолти“ содржи предговор со наслов „До мојот читач, се знае - кој и да е!“, 19 песни, како и Речник и објаснувања:[1]

  • Пошла прва камила, пошла втора камила
  • Црн роман
  • Автара-бавтара
  • Што шепоти тревата
  • Суданска балада
  • Шах
  • Жабоци гајдамаци
  • Нхма-Кхма
  • Мудреци над мудреците
  • Ако не е вистина, голема лага е
  • Бунтот на чадорите
  • Мандаринијада
  • Песната за лебот и за водата
  • Кинески театар
  • Прикаска по спротивен ред
  • Безбожна јапонска приказна
  • Песна за Јапонецот и за уште нешто
  • Абавагула и Дорефасула
  • Носорог Росоког Роногос

Изданија[уреди | уреди извор]

Издание од 2004[уреди | уреди извор]

Во 2004 година, „Детска радост“ ја објавила збирката „Црни и жолти“ како дел од библиотеката „Лектирни изданија“. Книгата има 96 страници, со обем од 20 сантиметри, а била отпечатена во печатницата „Напредок“ од Тетово. Лектурата и коректурата се дело на Оливера Ќорвезироска, дизајнот и графичко-ликовното уредување ги направил Жарко Туниќ, додека илустрациите во книгата ги нацртал Димче Исаиловски. Книгата е каталогизирана во Народната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ од Скопје, а го носи меѓународниот број ISBN 9989-30-466-1. Покрај главниот текст, книгата содржи и поговор со наслов „Чудесна поетска географија“ напишан од Јадранка Владова.[2]

Осврт кон делото[уреди | уреди извор]

Збирката претставува убава поетска географија, не само поради песните што обрааботуваат мотиви од Азија и Африка, туку и поради прекрасниот „поетизиран“ речник со објаснувања, даден на крајот од книгата. Во него, авторот ги измешал вистинските податоци со измислени. На почетокот од книгата, пак, авторот им се обраќа на читателите давајќи информации за неговите патувања низ Африка и Азија. Во овој дел многу е важна реченицата: „Она што го видов го напишав во Горчливи легенди, она што не го видов - го измислувам во Црни и жолти, зашто со неа се прави разлика меѓу доживеаното и документарното и она што е прочувствувано, измислено и поетско. И воведот и речникот на сличен начин ги комбинираат реалните и измислените нешта.[3]

Меѓутоа, „Црни и жолти“ е важна книга и поради тоа што во неа авторот се обидел да пронајде бројни гласовни совпаѓања на зборовите во македонскиот јазик. На пример, тој ги ставил во врска следниве зборови: смена-хиена, танки-гранки, палма-чалма, сито-питон, брашно-страшно, поглаварите-краварите, козарите-лозарите, чуда-Буда, чекор-млеко, хипопотам-да претам, црпка-грпка итн. Звучноста на своите песни Јаневски ја постигнува и со повторување на некои гласови со што се засилува музиката на стихот. На пример, во песната „Ако не е вистина голема лага е“, тој го користи гласот „ш“ за да го изрази ноќниот мир. Исто така, тој често ја користи ономатопејата: там-там, автара-бавтара, бавтара-тавтара, Кре-кре-крака, тика-тик, тика-так итн. Покрај тоа, во книгата е присутен хијазмот, т.е. симетричната инверзија на исказот во стихот (зини-лапни, лапни-зини; ќерка мамина или черкина мамичка), како и други семантички фигури во кои стилското средство се гради со помош на значењето што се менува, користејќи ги метонимијата и оксиморонот. Секако, во песните се присутни и необични метафори, а најголемата доблест на песните е нивниот хумор. Понатаму, интересно е тоа што авторот води дијалог со литературата, зашто многу од песните се однесуваат на книжевните поими, како што се: роман, балада, приказна, песна, театар итн.[4]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Славко Јаневски, Црни и жолти, Скопје: Просветно дело АД, Редакција „Детска радост“, 2004.
  2. Славко Јаневски, Шеќерна приказна, Скопје: Просветно дело АД, Редакција „Детска радост“, 2004.
  3. Јадранка Владова, „Чудесна поетска географија“, во: Славко Јаневски, Шеќерна приказна, Скопје: Просветно дело АД, Редакција „Детска радост“, 2004, стр. 83-84.
  4. Јадранка Владова, „Чудесна поетска географија“, во: Славко Јаневски, Шеќерна приказна, Скопје: Просветно дело АД, Редакција „Детска радост“, 2004, стр. 84-87.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

  • „Црни и жолти“, аудио книга на страницата на Нацоиналниот сојуз на слепи на Македонија.