Прејди на содржината

Откровение на Јован

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Книга на Откровението)

Откровение на Јован или Апокалипса — името на последната книга од Новиот завет. Во текот на средниот век, таа била разделена на 22 глави.

Според името на текстот, авторот себеси се нарекува Јован, и во првата глава од текстот тој нагласува дека е слуга на Исус Христос и дека се наоѓа во затворот во Патмос. Во раното христијанство се сметало дека автор на овој текст е апостолот Јован, но денес постојат мислења дека можеби тој не авторот. Откровението било напишано во периодот околу 90 до 100 година. Тоа е предмет на дискусии и различно толкување на голем број истражувачи и теолози. Посланието зборува за Второто доаѓање на Исус Христос и исполнувањето на божјиот план за победата над злото. Откровението било наменето за христијаните кои биле постојано прогонувани во Римската империја.

Содржина

[уреди | уреди извор]

На почетокот, авторот соопштува дека го пренесува откровението што Бог му го дал на Исус Христос за она што треба да се случи, а Христос, пак, преку еден свој ангел му го дал откровението на авторот со налог да им го пренесе на седумте цркви во Азија. Имено, за време на престојот на островот Патмос, на Јован му се јавува силен глас кој му наредува да го запише тоа што ќе го види и да го испрати до седумте цркви во Азија. Во таа прилика, Јован гледа седум златни светилници а меѓу нив Христос кој во десната рака држи седум ѕвезди. Тогаш, Христос му кажува дека седумте светилници се азиските цркви, додека седумте ѕвезди се ангелите на седумте цркви. Притоа, Христос ги пофалува црквите за истрајноста во верата, но истовремено кон некои од нив упатува и одредени прекори. Потоа, Јован се искачува на небото, каде го здогледува престолот на којшто седи Господ, опкружен со 24 престоли на кои седат старци, а околу божјиот престол седат четири крилати животни: едно што личи на теле, едно што личи на лав, едно што наликува на човек и едно слично на орел при што сите го слават Бога. Господ држи книга запечатена со седум печати, а која не може да ја отвори никој. Тогаш, книгата ја зема Агнецот (Божјото јагне) кому му сите му се поклонуваат, а наоколу се појавуваат безброј ангели. Агнецот ги крши шесте печати и од книгата излегуваат јавачи на коњи, кои предизвикуваат силни потреси на земјата, доаѓа до замрачување на сонцето, паѓаат месечината и ѕвездите, а на земјата владее страв. Еден ангел ги обележува божјите слуги (144 000 припадници на сите Израилеви колена), ставајќи им печат на челата. Околу Агнецот се собираат многу луѓе од сите народи, сите облечени во бели облеки, а тие се луѓето кои трепеле маки во името на Бога и кои заслужиле вечен спас.[1]

Тогаш, Агнецот го отвора и седмиот печат, а седум ангели свират на труби, означувајќи го почетокот на општата катастрофа во која се уништени една третина од дрвјата, од морето и морскиот свет, една третина од сонцето, месечината и ѕвездите, итн. Исто така, започнува наезда од скакулци во облик на коњи и со човечки лик, кои ги измачуваат луѓето во текот на пет месеци, а потоа 200 милиони коњи убиваат една третина од луѓето на земјата. Еден силен ангел му дава книга на Јован, кој ја јаде книгата, а ангелот му наредува да проповеда меѓу народите. Истовремено се појавуваат двајца сведоци на кои Бог им дава секаква власт на небото и земјата, како и овластување да пророкуваат 1260 денови. Нив ги убива ѕверот, но Господ ги воскреснува и ги зема на небото. Кога почнува да труби седмиот ангел, се отвора божјиот храм на небото и се покажува ковчегот на заветот, а истовремено се покажуваат неколку знаци на небото: бремена жена, облечена во сонце и со венец од 12 ѕвезди и змеј со седум глави и со десет рогови, кој чека да се орди бебето за да го изеде. Змејот повлекува една третина од ѕвездите и го соборува на земјата. Жената раѓа машко дете кое Господ го зема кај себе, а таа бега во пустината. Тогаш започнува војна на небото меѓу ангелите предводени од архангелот Михаил и ангелите на змејот, кој го претставува сатаната. Змејот е победен и исфрлен од небото на земјата, каде тој ја гони жената, но таа успева да побегне. Од морето излегува седмоглав ѕвер со десет рогови, а змејот му ја предава власта и сите луѓе му се поклонуваат при што ѕверот владее 42 месеца, постојано хулејќи против Бога. Друг ѕвер излегува од земјата и прави разни чуда, а луѓето ги обележува со бројот на ѕверот — 666. Агнецот застанува на Сион, заедно со 144 000 луѓе кои се спасени, а тројца ангели го слават Бога и им се закануваат на следбениците на ѕверот. Качен на облак, Христос започнува да жнее на земјата, убивајќи многу од следбениците на ѕверот, а на небото се отвора храмот на скинијата на сведоштвото при што излегуваат седум ангели кои држат седум чаши полни со божјиот гнев. Тие ги истураат чашите на земјата, морето, реките, сонцето, престолот на ѕверот и реката Ефрат и тогаш умираат многу луѓе, водите се претвораат во крв, започнува голема жега. На местото Армагедон се собираат божјата војска и војската на ѕверот во очекување на конечната пресметка.[2]

Јован гледа жена-блудница како седи на ѕверот, а таа го претставува Вавилон чие уништување го најавуваат ангелите. Тогаш започнува свечената вечера за свадбата на Агнецот, кој ги заробува ѕверот и неговиот лажен пророк и ги фрла во огнено езеро, а потоа ги убива неговите следбеници. Еден ангел го врзува змејот, го фрла во бездната и го остава да стои затворен во текот на илјада години, по што ќе биде повторно ослободен. Оние, пак, кои умреле во името на Христос воскреснуваат. По ослободувањето од бездната, сатаната собира војска која Бог ја поразува пуштајќи врз неа небесен оган и тогаш ѓаволот е заробен и фрлен во огненото езеро, заедно со ѕверот и со лажниот пророк, каде што се изложени на вечно мачење. Бог им суди на мртвите според нивните дела, а оние кои не се запишани во книгата на живите ги фрла во огненото езеро, заедно со смртта. Најпосле, се појавуваат ново небо и нова земја, а од небото слегува новиот Ерусалим. Еден ангел му го покажува на Јован градот, кој е направен од злато и скапоцени камења, а во него тече реката на животот и расте дрвото на животот. Притоа, во градот живеат и Бог и Агнецот, заедно со спасените, додека грешниците се избркани надвор од градот.[3]

Откровението како мотив во уметноста

[уреди | уреди извор]

Во романот „Доктор Живаго“, рускиот писател Борис Пастернак го нарекува Откровението на Јован „голема, вистинска уметност“.[4]

  1. „Новиот завет на нашиот Господ Исус Христос“, во: Свето писмо на Стариот и на новиот завет (трето издание). Свиндон: Британско и инострано библиско друштво, Скопје: Македонска книга, 1998, стр. 286-291.
  2. „Новиот завет на нашиот Господ Исус Христос“, во: Свето писмо на Стариот и на новиот завет (трето издание). Свиндон: Британско и инострано библиско друштво, Скопје: Македонска книга, 1998, стр. 292-298.
  3. „Новиот завет на нашиот Господ Исус Христос“, во: Свето писмо на Стариот и на новиот завет (трето издание). Свиндон: Британско и инострано библиско друштво, Скопје: Македонска книга, 1998, стр. 298-304.
  4. Борис Пастернак, Доктор Живаго (друго издање). Београд: Просвета, 1963, стр. 135.