Игнатиј Богоносец
Игнатиј Богоносец | |
---|---|
епископ, маченик, патријарх; | |
Починал(а) | 108, Рим |
Почитуван(а) во | Православие, Римокатоличка црква, Англиканство, Лутеранство |
Главно светилиште | Реликвите се во црква Свети Климент, Рим |
Слава | Западно и сириско христијанство: 17 октомври Римски календар, од 12 век до 1969: 1 февруари Православна црква и Коптска православна црква на Антиохија: 20 декември |
Обележја | a епископ опкружен со лавови или во ланци |
Игнатиј Антиохиски или Свети Игнатиј Богоносец — христијански светец и третиот патријарх на Антиохија.
Игнатиј е роден во Сирија. Кога Игнатиј бил дете, според преданието, Исус го зел во прегратка и на учениците им рекол: „Ако не бидете како деца нема да влезете во царството небесно.“ Поради тоа што Исус го носел во прегратка е наречен Богоносец[1].
Тој бил ученик на Јован Богослов, како и Свети Поликарп, епископот на Смирна. Игнатиј бил третиот епископ на Антиохиja и наследник на Еводиј Антиохиски. Богоносец се нарекува бидејќи според христијанските преданија, Името на Спасителот секогаш го имал во своето срце и постојано му се молел.
Свети Игнатиј ревностно се трудел на Христовата нива. Тој во црковната служба го вовел антифоното пеење (со два хора). За време на гонењата ја бодрел својата паства.
Во 106 година, императорот Трајан (98-117), по повод победата над Скитите, заповедал насекаде да се принесуваат жртви на паганските богови, а христијаните кои би одбиле да се поклонат пред идолите – да бидат убиени. За време на походот против Еермените и Партјаните во 107 година, императорот минувал низ Антиохија. Таму му кажале дека епископот Игнатиј отворено го исповедал христијанското учење. Тогаш Игнатиј доброволно се јавил пред императорот, за да спречи гонење против антиохиските христијани. Упорните молби од императорот Трајан – да принесе жртва на паганските идоли – свети Игнатиј решително ги одбил. Тогаш императорот го осудил да биде фрлен на ѕверовите во Рим.
На пат кон Рим, бродот кој запловил од Селевкија, запрел во Смирна, каде свети Игнатиј се сретнал со својот пријател – епископот Поликарп Смирнски. Од другите градови и села околу свети Игнатиј се собрале свештенослужителите и верните. Светителот Игнатиј сите ги советувал да не се плашат од смртта и да не тагуваат за него. Во своето послание до римските христијани, од 24 август 107 година, тој ги молел да содејствуваат со неговите молитви и да го молат Бога да го закрепне во претстојниот маченички подвиг за Христа. Од Смирна свети Игнатиј пристигнал во Троада. Таму добил радосно известување дека престанале гонењата против христијаните во Антиохија. Од Троада, свети Игнатиј отпловил во Неапол (во Македонија), а потоа во Филипи.
На патот кон Рим свети Игнатиј посетувал храмови, поучувал. Тогаш напишал уште шест посланија: до ефесјаните, магнезијците, тралијците, филаделфијците, до епископот Смирнски Поликарп. Сите тие посланија се зачувани до денес. Римските христијани го сретнале свети Игнатиј со голема радост и длабока тага. Некои од нив се надевале дека ќе го наговорат народот да се откаже од крвавата претстава, но светителот Игнатиј ги убедил да не го прават тоа. Откако ги преклонил колената, тој се молел заедно со сите верни за Црквата, за љубовта меѓу браќата и за престанок на гонењата против христијаните.
На 20 декември, во ден на пагански празник, свети Игнатиј бил изведен во Колосеумот. Тој се обратил кон народот: “Римски мажи, вие знаете дека сум осуден на смрт, не заради злостораство, туку заради мојот Еден Бог, кон кого со љубов сум приврзан и кон Кого стремам. Јас сум негова пченица и ќе ме смелат забите на ѕверовите, за да станам негов чист леб.” Веднаш потоа биле пуштени лавовите. Преданието раскажува дека, одејќи кон местото на страдањето, свети Игнатиј постојано го повторувал името на Исус Христаос. Кога го прашале; зошто тоа го прави, свети Игнатиј одговорил дека го носи тоа име во своето срце, “а Оној што е запечатен во моето срце, Него со устата го исповедам”.[2][3]
Свети Игнатиј како тема во уметноста
[уреди | уреди извор]- „Зошто свети Игнатиј се вика Богоносец“ (За што се свети Игњатије зове Богоносац) - српска народна приказна.[4]
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ http://www.mn.mk/kultura/3319-Sveti-svestenomacenik-Ignatij-Bogonosec-2I--20XII www.mn.mk
- ↑ www.ortos.wordpress.com
- ↑ „Верски календар“, Дневник, година XIX, број 5657, петок, 2 јануари 2015, стр. 24.
- ↑ Вук Караџић, Српске народне приповијетке. Београд: Лагуна и Вукова задужбина, 2017, стр. 398-399.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]- Свети Игнатиј Антиохијски (Богоносец)[мртва врска] — труд на ѓакон Дејан Борисов, асистент на Православниот богословски факултет во Скпје
|
- Родени во 1 век
- Починати во 2 век
- Апостолски отци
- Христијански теолози
- Црковни отци
- Сириски светци
- Антиохиски патријарси
- Римокатолички светци од Сирија
- Епископи од 1 век
- Источнокатолички светци
- Светци на Златната Легенда
- Архиепископи од 2 век
- Христијански маченици од 2 век
- Англикански светци
- Православни светци
- Свештеномаченици
- Христијански светци од 2 век