Забелски манастир

Од Википедија — слободната енциклопедија
Забелски манастир
Влезната порта од манастирот
Информации
Целосно имеЗабелски манастир
Манастир на:МПЦ - ОА
ОснованXIV век
Посветен наБогородица Марија
ЕпархијаКумановско-осоговска
ЦрквиЦрква „Успение на Пресвета Богородица“
Личности
Место
Местово близина на Никуљане, Општина Старо Нагоричане Македонија Македонија
Координати42°12′58.2″N 21°48′54.7″E / 42.216167° СГШ; 21.815194° ИГД / 42.216167; 21.815194Координати: 42°12′58.2″N 21°48′54.7″E / 42.216167° СГШ; 21.815194° ИГД / 42.216167; 21.815194
Видливи остатоцицрква, конаци, кујна со фурна и визба, чешма и помошен објект
Отворен за јавностада

Забелски манастир — средновековен манастир во северниот дел на Македонија. Местото на коешто е изграден манастирот има облик на гнездо и е сместено на пошумен ред кој се наоѓа на тромеѓето меѓу селата Никуљане, Старо Нагоричане и Челопек, на петнаесетина километри од градот Куманово.[1]

Манастирот во минатото имал и значајна стопанска функција, а неговите конаци биле преноќувалиште за многу патници. До средината на 20 век, во него бил развиен и калуѓерскиот живот.[1]

Историја[уреди | уреди извор]

Манастирската црква била изградена во 1330 година. Како и повеќето православни светилишта во Македонија, во време на турското владеење, црквата била целосно срушена. Според легендата којашто се прераскажувала меѓу жителите од околните места, од разурнатиот манастир останале само три гроба во олтарот. Некој селанец сонил дека во еден од гробовите има скриено богатство со кое треба се обнови стариот манастир. Селанецот навистина откопал злато и отишол кај игуменот во Матејчкиот манастир за да побара согласност од Цариград да му дозволат да го подигне светилиштето. Обновувањето на манастирската црква на темелите на старата црква, со димензии од 12 на 7 аршини, започнало во 1852 година и траело четири години. При обновувањето, мајсторите го поставиле олтарот, но не успеале да го довршат фрескоживописот и внатрешно да ја уредат црквата.[1]

Според кажувањето на мештаните, манастирот во минатото бил сместен на крстопат и него го посетувале многу верници, како и патници намерници кои преноќувале во конаците. Благодарение на плодната земја и густата шума, манастирот бил еден од најбогатите во земјата, а него го опслужувале дваесетина семејства кои одгледувале над 200 овци и 20 грла крупен и ситен добиток. Во дворот на манастирот имало бунари, амбари, воденица за мелење брашно и фурна. Во манастирот бил развиен и калуѓерскиот живот, но по Втората светска војна калуѓерите биле протерани.[1]

Во 2004 година било откриено дека од манастирот биле украдени 10 икони од познати иконописци од 19 век, вклучувајќи и четири икони изработени од Дичо Зограф во 1857 година.[2][3]

Градби[уреди | уреди извор]

Во склоп на манастирот спаѓаат манастирската црква, конак, кујна со фурна и визба во урнатини, чешма, остатоци од стариот конак и новоизграден помошен објект. Според остатоците на конаци од источната страна може да се заклучи дека манастирот бил затворен со конаците околу црквата. Новиот конак е сместен од јужната страна, на западната страна се наооѓа новоизградениот помошен објект, додека остатоците од кујната со фурна и визба се на северната страна. Оградниот ѕид на дворот на манастирот бил изѕидан со парапет од кршен камен и малтер од кал во висина до 50 см. Остатокот од ѕидот во висина од 200 см бил изѕидан од непечена тула во малтер од кал и либажни слоеви од дрвени кушаци, а малтерисан бил со малтер од кал и варосан во бела боја, што може да се забележи од остатоците.[4]

Црква „Успение на Пресвета Богородица“[уреди | уреди извор]

Манастирската црква

Манастирската црква била изградена во 1856 година, што се гледа од натписот на осмостраниот тамбур, на темелите на старата црква изградена во 1330 година.[1][4] Оваа црква претставува значајно остварување на архитектонскиот стил на школата на Рензовци, кој бил карактеристичен за подрачјето на кумановско-кривопаланечкиот крај во периодот на втората половина на 19 век. Во својата основа, градбата на црквата е трибродна и претставува крсто-куполен храм. Трите брода се засводени, при што средниот е повисок и е одвоен од страничните бродови со по три квадратни столба, со квадратни капители и квадратен постамент. Столбовите се украсени со полукружни ниши кон средниот брод и помеѓу себе се поврзани со аркади и дрвени затезни греди. Средните четири столба ја носат куполата преку тромпи, додека останатиот дел од наосот е покриен со полукружни сводови. Куполата е со осумаголна основа и е покриена со стари турски ќерамиди. Апсидата на црквата им полукружен облик, а однадвор е петострана. Црквата е изѕидана со необработен кршен камен во варов малтер со дебелина од околу 50 см дебелина од внатрешната страна, а фасадата е обработена со убаво исечени камени блокови од црвеникав травертин.[4]

Во внатрешноста на црквата има дрвен иконостас, карактеристичен за 19 век и изработен во духот на мијачката резба. Тој е претежно обоен, а на царските двери и змискиот крст има позлата и плитка резба. Иконите се распоредени во три реда, а особено впечатлив е вториот ред на икони, познат и како претставата „Чин“, меѓу кои средишно место зазема иконата посветена на Успението на Пресвета Богородица.[4]

Конаци[уреди | уреди извор]

Стариот манастирски конак

Манастирскиот конак е изграден на три нивоа. Првото ниво претставува затворен трем со ѕидови од кршен камен во малтер од кал. Тоа има два влеза и четири прозорци на северната страна, како и две дрвени еднокраки скали за кат и една стаја на источниот дел. Тремот во својот првобитен облик бил отворен со дрвени столбови и седла на кои се носеле чардаците од горните катови. Во средишниот дел на првиот кат има поголема просторија која служела како трпезарија, а од западната и источната страна имало две односно три соби. Прозорците на овој кат се поставени со поглед кон дворот на манастирот. Подот на собите е од земја од самото ниво на теренот освен на собата која е сместена над стајата и е покриен со даски поставени врз дрвена меѓукатна конструкција. Вториот кат исто така има шест простории, при што истите имаат прозорци со поглед кон дворот на манастирот и однадвор. Собите на ова ниво се од дрвена меѓукатна конструкција, а нивниот под е покриен со даски. Чардаци поставени по целата должина на конакот има и на двата ката, а тие се поврзани со еднокрака дрвена скала. Трите фасадни ѕида од двата ката се изработени од непечена тула, малтерисани се со малтер од кал и варосани во бела боја. Фасадниот ѕид, пак, во чардакот е изработен од дрвена бондручна конструкција исполнета со непечена тула, малтерисан е со малтер од кал и обоен во бела боја.[4]

Внатрешните преградни ѕидови се од дрвена бондручна конструкција изработена од полутесана граѓа и опшиена со дрвени летви кои се малтерисани со малтер од кал и варосани во бела боја од страната на собите, додека самиот ѕид одвнатре е воздушен. Сите соби од внатрешната страна се малтерисани. Таваните на вториот кат се обоени во бела боја, додека на првиот кат се видливи дрвени меѓукатни греди. Дрвената кровна конструкција е од полутесана дрвена граѓа, оплата од штици на која се поставени летви и фалцовани ќерамиди. Стреите се широки и се изработени од дрвена полуобработена граѓа.[4]

Кујна[уреди | уреди извор]

Кујната со фурна денес е во урнатини, но забележителен е отворениот трем во кој била сместена. Од источната страна на тремот, на околу 50 см под нивото на теренот се наоѓала кујната; а од западната страна, исто така на околу 50 см под тремот била сместена просторијата за намирници. Кујната во својата внатрешност имала огниште и изѕидан парапетен ѕид кој служел како работна површина. Ѕидовите од внатрешната стрна не биле малтерисани, додека однадвор биле малтерисани со малтер од кал и варосани во бела боја. Северната страна на овие простории била изѕидана со кршен камен и малтер од кал, а останатите страни со непечена тула, малтер од кал и обоени во бела боја. Кровната конструкција била изработена од дрво и имала покрив од стари турски ќерамиди.[4]

Празници[уреди | уреди извор]

Забелскиот манастир е посетуван од голем број верници за празникот Успение на Пресвета Богородица, кога во дворот на манастирот се дели манастирско гравче.[1]

Галерија[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

Литература[уреди | уреди извор]

  • Васиљевић, Ј. Х. (1909). „Јужна Стара Србија (Кумановска Област)“. Издање задужбине И. М. Коларца. Београд.
  • Василев, А. (1965). „Български възрожденски майстори“. Наука и изкуство. София.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]