Црква „Успение на Пресвета Богородица“ - Никуљане

Од Википедија — слободната енциклопедија
Успение на Пресвета Богородица

Поглед кон манастирската црква

македонска православна црква
Епархија Кумановско-осоговска
Архијерејско намесништво Кумановско-кратовско
Местоположба

Карта

Координати 42°12′58.2″N 21°48′54.6″E / 42.216167° СГШ; 21.815167° ИГД / 42.216167; 21.815167Координати: 42°12′58.2″N 21°48′54.6″E / 42.216167° СГШ; 21.815167° ИГД / 42.216167; 21.815167
Место Никуљане
Општина Старо Нагоричане
Држава Македонија
Општи податоци
Покровител Богородица Марија
Изградба прва половина на XIV век (обновена во 1852)
Завршено 1330 (обновена во 1856)
Зограф Дичо Зограф, Вено Зограф, Зафир Зограф
Архитектонски опис

Успение на Пресвета Богородица — главна и единствена манастирска црква во рамки на Забелскиот манастир.

Историја[уреди | уреди извор]

Првобитната манастирска црква била изградена во 1330 година, но истата била срушена во времето кога Македонија потпаднала под турска власт. Нејзиното обновување на темелите на старата црква, со димензии од 12 на 7 аршини, започнало во 1852 година и траело четири години.[1] Годината на завршување на обновувањето на црквата — 1856 — може да се забележи и на натписот на осмостраниот тамбур. На северната фасада од црквата, над прозорците се врежани имињата на луѓето кои дале свои прилози за нејзината изградба. Тоа се имињата: Стојко, Трајко и поп Миле.[2]

Во 2004 година било откриено дека од манастирот биле украдени 10 икони од познати иконописци од 19 век, вклучувајќи и четири икони изработени од Дичо Зограф во 1857 година.[3][4]

Архитектура[уреди | уреди извор]

Страничен поглед на црквата од северната страна

Градбата претставува значајно остварување на архитектонскиот стил на школата на Рензовци, кој бил карактеристичен за подрачјето на кумановско-кривопаланечкиот крај во периодот на втората половина на 19 век. Во својата основа, градбата на црквата е трибродна и претставува крсто-куполен храм. Трите брода се засводени, при што средниот е повисок и е одвоен од страничните бродови со по три квадратни столба, со квадратни капители и квадратен постамент. Столбовите се украсени со полукружни ниши кон средниот брод и помеѓу себе се поврзани со аркади и дрвени затезни греди. Средните четири столба ја носат куполата преку тромпи, додека останатиот дел од наосот е покриен со полукружни сводови. Куполата е со осумаголна основа и е покриена со стари турски ќерамиди. Со ќерамидите е покриен и помал дел од двоводниот кров, како и апсидата на црквата. Четирите агли кај основата на тамбурот се покриени со камени плочки. На куполата е поставен метален крст чии краци завршуваат во облик на тролист. Поголемиот дел од двоводниот кров на црквата е покриен со фалцовани ќерамиди. Сите осум страни на тамбурот имаат по еден прозорец со полукружни завршетоци, при што прозорците се затворени со дрвени капаци. Рабовите на прозорците се украсени со редови од тула и малтер, а фасадните страни на тамбурот веројатно биле живописани (делумно се забележува сина боја), но подоцна биле малтерисани и варосани. Фасадните страни на тамбурот завршуваат со венец од три реда на тули, од кои средниот е назабен. Апсидата на црквата им полукружен облик, а однадвор е петострана. Црквата е изѕидана со необработен кршен камен во варов малтер со дебелина од околу 50 см дебелина од внатрешната страна, а фасадата е обработена со убаво исечени камени блокови од црвеникав травертин.[2]

Црквата има два главни влеза. Првиот се наоѓа на западната страна, во правоаголен портал со полукружен отвор и масивна дрвана врата. Над овој влез се наоѓа полукружна ниша изведена од убаво обработен камен, во која е насликана „Богородица со Христос“. Вториот влез е од северната страна и до него се доаѓа преку камени скали. Тој исто така е со полукружен отвор и дрвена врата. Во олтарниот простор од јужната страна на црквата има спореден влез кој е сместен во полукружна ниша и овозможува директен излез нанадвор. Црквата има украсни камени транзени на источната и западната фасада со по два, а на јужната и северната со по еден транзен. Тие имаат отвори во облик на детелина, а рабовите на транзените се изведени во декоративна релјефна пластика. Како декоративни елементи на источната и западната страна на градбата се наоѓаат и по една декоративна камена розета со четири кружни отвора. Розетата е обработена со венец од тули. Ѕидовите од внатрешната страна на црквата се целосно малтерисани, но не се живописани. Подот во црквата е изработен од камени плочки.[2]

Иконостас[уреди | уреди извор]

Иконата „Богородица Слаткољубештаја“ од Дичо Зограф

Во внатрешноста на црквата се наоѓа дрвен иконостас, карактеристичен за 19 век. Неговата изработка е во духот на мијачката резба. Тој е претежно обоен, а на царските двери и на зимскиот крст се среќаваат позлата и плитка резба. Кај обоените партии од иконостасот, односно архитравот и лунетите, застапени се растителни и цветни мотиви, како на пример винова лоза и цветни облици на лунетите. Во лунетите се изведени стилизирани херувими на сина основа. На иконостасот се поставени четири престолни икони, кои во моментот не се наоѓаат во црквата. Полнувајќи од лево кон десно, тоа се иконите „Св. Никола“, „Богородица со Христос“, „Исус Христос Седржител“ и „Св. Јован Крстител“. Помеѓу иконите се поставени дрвени столпчиња со плитка резба, кои завршуваат со мали капители. Четирите парапетни плочи се насликани со вази со цвеќе на сина основа. Над архитравот се наоѓа вториот ред икони, познат како „Чин“. Претставата „Чин“ е невообичаена, бидејќи во нејзиниот средишниот дел е поставена иконата „Успение на Богородица“. Оваа икона најверојатно и е посветена на самата црквата. Лево и десно од неа се претставени апостоли во полупрофил, свртени кон главната икона. Тие во левата рака ги држат своите својствени предмети, односно отворени книги и затворени свитоци. Над претставата „Чин“ е поставен третиот ред на празнични икони. Во овој ред има вкупно 16 икони, при што по секоја четвртта икона се поставени дрвени табли насликани со цветни мотиви.[2]

Во горниот дел на иконостасот е поставен змискиот крст изведен во плитка резба и позлата. Иконите „Св.Богородица“ и „Св.Јован Теолог“, кои го сочинуваат распетието, не се наоѓаат во црквата. Во долниот дел на крстот се претставени зооморфни фигури, меѓу кои е испишан текст на бела основа и врамен во кружна рамка. На иконостасот се поставени и царски двери, на кои се наоѓа претставата „Благовестие“. Во правоаголните полиња се прикажани ликовите на Богородица и Архангел Гаврил, како и на пророците Давид и Соломон претставени во полукружни ниши. Основата на дверите е сина, а на некои места дверите се позлатени. Позлата се јавува и кај плетенката која ги двои дверите. Грниот дел на плетенката завршува со украс на акантусови лисја. Овој украс се јавува како заоставнина на ранохристијанската уметност и често се користи во македонската резба. Позлата се јавува и на главите на птиците пауни кои се сместени во горните лакови на дверите. Над акантусот е изрезбан медалјон со претставата на Бог Отец. На северната врата на иконостасот, свртена кон проскомидијата, е прикажан мотивот „Архангел Михаил кој го убива богатиот“, додека на ѓаконикот е претставен воинот „Св. Димитрија“ во цел раст.[2]

Внатрешноста на црквата била богата и со други икони, поставени на наосот, но тие не се наоѓаат во храмот.[2] Дел од иконите се дело на Дичо Зограф од 1857 година,[5] а дел од Зафир Зограф.[6]

Галерија[уреди | уреди извор]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]