Фрескопис

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Фрескопис е сликање со земјени бои (природни пигменти) растворени во вода врз влажен малтер направен од ситен речен песок, гасена вар и насечена слама, коноп или козји влакна, е познато под името „фреско“ техника. Таа е една од најстарите и најтрајните сликарски техники, најотпорна на временската ерозија.

Македонија спаѓа меѓу земјите со најубав сочуван византиски фрескопис, воглавно од периодот на 11-14 век. Сочувани се повеќе илјадници квадратни метри фреско-живопис, од кои поголемиот дел се во многу добра состојба, и претставуваат ремек дела на Македонската живописна школа.

Сочувани се фрагменти од ранохристијански фрескопис во Епископската базилика во археолошкиот локалитет Стоби. Една од најпознатите сочувани фрески е претставата на Светите Петнаесет Тивериополски Свештеномаченици, во Струмица, која датира од крајот на 9 век или почетокот на 10 век.

Фреските во Света Софија, катедралниот храм на Охридската архиепископија, во Охрид (меѓу 1040-1045 година), претставуваат најдобро сочуван живопис од сите постоечки фрескописни програми во една катедрална црква во Византија во 11 век. Се смета за еден од клучните артефакти во општата историја на Византија. Од овој период, во истиот фреско-опус, спаѓаат и делумно сочуваните фрески во Водочкиот и Велјушкиот манастир, во близина на Струмица.

Според времето на настанување следи фреско-живописот во манастирската црква Св. Пантелејмон, во Нерези, во близина на Скопје, од 12 век (1164 година), единствен по својот стил и естетика, создаден од непознати мајстори, од рангот на врвните царски византиски фрескописци во тој период. Потоа, фреските во црквата Св. Ѓорѓи, во Курбиново, на бреговите на Преспанското Eзеро, едни од најубавите, најоригиналните и во целост најдобро сочувани фрески што од тој период допираат до нас. Творештвото на тројцата непознати мајстори во Курбиново, претставува надоврзување на творештвото на нерешките мајстори, иако во голема мера се забележува голема оригиналност во стилот и изразот. Се до крајот на 13 век во македонскиот живопис доминира комненовскиот стил.

Со појавата на зографите Михаил и Ефтихиј, кои во 1295 година, по покана од Прогон Згур, великиот хетериарх на Византија, започнуваат да го сликаат Охридскиот храм посветен на Пресвета Богородица Перивлептос, започнува нов, величествен период во македонскиот фреско-живопис, во палеолошки стил. Истите мајстори подоцна ги живописале во целост и црквите Св. Георгиј во Старо Нагоричане кај Куманово (околу 1317 година) и Св. Никита во с. Бањани кај Скопје (оклу 1320 година). Нивното творештво е своевидно зографско и богословско ремек-дело, единствено по својот израз и високите живописни и духовни квалитети.

Во овој период (околу 1298 година), фрескописан од непознат зограф, спаѓа и фрескописот од манастирската црква посветена на Св. Никола, Варош, во Прилеп. Остава впечаток дека на неговиот мајстор не му биле познати делата на Михаил и Ефтихиј, бидејќи во голема мера стилски се разликува од нив.

Фрескописот во манастирската црква посветена на Архангел Михаил, во Лесновскиот манастир датира од 1347 година. Имињата на тројца од четворицата зографи, автори на овој живопис се познати: Михаило, Марко и Севаст. Додека името на главниот мајстор е оштетено, и останува непознато за нас. Од фреските настанати во 14 век по својата вредност и убавина се издвојуваат и оние во Марковиот манастир, (изработени од непознати зографи од охридскиот живописен центар во периосдот 1346-1372 година); и оние во црквата Св. Андреј, Матка (живописана од митрополитот Јован Зограф од Зрзе и Григориј, околу 1389 година), обете во близина на Скопје. Творештвото на познатите браќа зографи митрополитот Јован и јеромонахот Макариј од Зрзе, како кулминација ги остава зад себе престолните икони на Исус Христос Спасител и Животодавец и Пресвета Богородица Пелагонитиса, од иконостасот во манастирот Св. Преображение, во с. Зрзе, Прилепско.

Со инвазијата на Османлиите, Македонија влегува во новомаченички период на петвековното турско ропство. Иако Охридската Архиепископија не била укината се до 18 век, сепак величествената епоха на македонскиот фреско-живопис останува неповратно назад, во историјата.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]