Прејди на содржината

Ѓермо

Од Википедија — слободната енциклопедија
Ѓермо

Воздушен поглед на селото

Ѓермо во рамките на Македонија
Ѓермо
Местоположба на Ѓермо во Македонија
Ѓермо на карта

Карта

Координати 42°3′6″N 20°58′5″E / 42.05167°N 20.96806°E / 42.05167; 20.96806
Регион Полошки
Општина Тетово
ОбластДолен Полог
Население569 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр.1223
Повик. бр.044
Шифра на КО28026
Надм. вис.1.100 м
Ѓермо на општинската карта

Атарот на Ѓермо во рамките на општината
Ѓермо на Ризницата

Ѓермо — село во Општина Тетово, во областа Долен Полог, во околината на градот Тетово.

Потекло на името

[уреди | уреди извор]

Селото првпат е споменато како Гермол во XVI век (1568-1569 година) во турски документи. Основата „герм-“ упатува на име од трачко потекло, што се врзува со нешто е жешко или врело и може да означува: врел извор, бања; место изложено на сонце, припек. Постои можност името да е добиено директно од турскиот збор „герм“ со значење жежок или „герма“ со значење жештина, или евентуално од „герме“ со значење греда, ограда или двор. Како некоја сосем различна варијанта се дава дека може да доаѓа од „ѓерме“ со значење „греда што служи како мост за премин преку јаз“.[2]

Самите мештани не знаат какво е значењето на името на селото.[3]

Географија и местоположба

[уреди | уреди извор]
Поглед на селото

Ова село се наоѓа во областа Долен Полог, во северниот дел на подрачјето на Општина Тетово, под југоисточната падина на Шар Планина.[4] Селото е планинско, на надморска височина од 1.100 метри. Од централното место Тетово, селото е оддалечено 7 километри.[4]

До селото води локален асфалтен пат, кој се двои од регионалниот пат 1203 пред селото Порој.

Селото се наоѓа на падините на Шар Планина, во горниот дел на долината на Поројскиот Поток. Околу Ѓермо се наоѓаат селата Сетоле, Порој и Лавце. Водата за пиење доаѓа преку селските чешми. Во атарот на селото избиваат изворите Гумеја, Кучка Вода, Типец, Круша, Свињаре, Блатиште, Плепа и Маркоа Чешма.[3]

Месностите во атарот на селото ги носат следниве имиња: Варница, Падина, Срт, Краишта, Шулаи, Брза Вода, Планиница, Тракаљачи, Ара те Никас (Никова Нива), Бела Вода, Раван, Распила, Кучка Вода, Типец, Гарика, Голема Страна, Блатишта, Круша, Петиче, Гумења, Брекиња, Ѓури Пољакит, Ливада Епр и Стрмол.[3]

Селото е поделено на два дела, оддалечени еден од друг околу 300 метри. Во рамки на тие делови, куќите се групирани по маала. Маалата се нарекуваат Епр (Горно), Поштр (Долно), Епартеми (Спротивно), Топојан и Аскалар. Првите три маала го носат името по местоположбата, додека останатите се наречени по родовите кои живеат во нив.[3]

Историја

[уреди | уреди извор]

Ѓермо е старо село и порано било населено со христијанско македонско население. Околу 1770-тите години, во селото по долината на Пена започнале да се населуваат муслимански Албанци. Поради тоа, сите затечени староседелци се иселиле од селото. Од тие иселеници единствено се знае за родот Терзиини, кои живеат во соседното потпланинско село Непроштено. За останатите македонски иселеници од Ѓермо нема достапни информации.[3]

Според турски документи од 1626-1627 година село Гермоној се наоѓало во вилаетот Калканделен (Тетово) и било населено од 19 македонски семејства (ханиња).

Кога селото било македонско, во него имало црква и христијански гробишта, кои биле околу црквата. Црквата се наоѓала над селото. До 1916 година, јасно се познавале ѕидовите од храмот и крстовите на некои гробови, како што забележал Апостол Трпески, учител од Тетово.[3]

Стопанство

[уреди | уреди извор]

Атарот на селото зафаќа површина од 13,3 км2. На него преовладуваат шумите на површина од 570,8 хектари, на пасиштата отпаѓаат 546,9 хектари, а на обработливото земјиште отпаѓаат 239,3 хектари.[4]

Селото, во основа, има мешовита земјоделска функција. Во селото работат продавници.[4]

Население

[уреди | уреди извор]
Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948673    
1953701+4.2%
1961753+7.4%
1971951+26.3%
1981974+2.4%
ГодинаНас.±%
19910−100.0%
1994991    
2002962−2.9%
2021569−40.9%

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Ѓермо живееле 165 жители, сите Албанци.[5]

Според Афанасиј Селишчев во 1929 година Ѓермо — село во Џепчишка општина (со центар во Порој) и има 80 куќи со 480 жители Албанци.[6]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралство Југославија во 1931 година, селото имало 500 Албанци.[7]

Ѓермо е големо село, во коешто во 1961 година имало 753 жители, додека во 1994 година бројот се зголемил на 991 жител, албанско население.[4]

Пописот од 1991 година не бил воопшто одржан во селото Ѓермо, бидејќи целото негово население одбило да учествува, односно го бојкотирало неговото одржување, поради што за таа пописна година, за селото нема податоци.[заб 1]

Според пописот од 2002 година, во селото живееле 962 жители, од кои 960 Албанци и 2 останати.[8]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 569 жители, од кои 538 Албанци и 31 лице без податоци.[9]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 165 673 701 753 951 974 0 991 962 569
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[10]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[11]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[12]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[13]

Денес, во Ѓермо живеат муслимански Албанци, кои се доселиле во селото на крајот на XVIII век.[3]

Според истражувањата од 1947 година, родови во селото се:

  • Доселеници: Матњан (40 к.), името го добиле по областа од која се доселиле, а тоа е областа Матија во Северна Албанија. Предците на овој род се први доселеници во Ѓермо (околу 1770-тите) и го знаат следниов родослов: Ајет (жив, 90 години во 1947 г.)-Ислам-Незир-Браим-Рустем, еден од доселениците. Родот го основале четири браќа. Од старото место дошле преку Метохија и некои околни тетовски села. Имаат роднини во селото Вешала. Од нивниот род, едно семејство се преселило во низинското село Палатица и едно во Тетово; Аскалар (19 к.), доселени се од местото Хаса во Северна Албанија, по кое го добиле своето родовско име. Овде се доселени во првата половина на XIX век. Го знаат следниов родослов: Веби (жив, 47 години во 1947 г.)-Авди-Фезула-Бајрам, еден од доселените предци. Живеат во посебно маало. Две нивни семејства се иселиле во Палатица и три семејства во Тетово; Топојани (26 к.), доселени се од селото Топојани во Љума, Северна Албанија. Во Ѓермо дошле во слично време како родот Аскалар. Го знаат следниот родослов: Сабри (жив, 40 години во 1947 г.)-Мерџан-Ризван-Љатиф, еден од доселените предци. Во Ѓермо живеат во посебно маало; Вешалар (8 к.), доселени се од селото Вешала. Подалечно потекло од Северна Албанија. Дошле преку Метохија и долината на Призренска Бистрица во втората половина на XIX век; Зрза (5 к.), името го добиле по селото од кое се доселиле. А тоа било селото Зрза, помеѓу Призрен и Ѓаковица. Подалечно потекло од Албанија. Во Ѓермо живеат од втората половина на XIX век; Лучалар (2 к.), доселени се од некое село Луч во Северна Албанија. Во Ѓермо дошле по родот Зрза; Шеерли (2 к.), родот го основал еден оџа, кој живеел во Тетово. Подалечно потекло од Северна Албанија.

Иселеништво

[уреди | уреди извор]

Од старите православни родови иселени од селото се знае за Терзинци, иселени во Непроштено. Од Ѓермо се иселиле околу 1810-тите години и го знаат следниов родослов: Тодор (жив, 53 години во 1947 г.)-Богдан-Кочо-Гаврил. Од Ѓермо се иселил таткото на Гаврил. Од Непроштено подоцна неколку семејства од овој род се иселиле во Тетово (2 к.), Скопје (6 к.), Белград (1 к.) и Софија (1 к.).[3]

Општествени установи

[уреди | уреди извор]
Поглед на основното училиште

Самоуправа и политика

[уреди | уреди извор]

Во XIX век, Ѓермо било село во Тетовската каза на Отоманското Царство.

Селото влегува во рамките на Општина Тетово, која била проширена по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било дел од некогашната Општина Џепчиште.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Тетово. Селото припаѓало на некогашната општина Тетово во периодот од 1955 до 1965 година.

Во периодот 1952-1955, селото било во рамките на тогашната Општина Непроштено, во која покрај селото Ѓермо, се наоѓале и селата Брезно, Варвара, Једоарце, Лешок, Непроштено, Отуње, Порој, Ратае, Сетоле, Требош и Џепчиште. Во периодот 1950-1952, селото се наоѓало во некогашната општина Џепчиште, во која влегувале селата Ѓермо, Једоарце, Отуње, Порој, Сетоле и Џепчиште.

Избирачко место

[уреди | уреди извор]

Во селото постои избирачкото место бр. 1999 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште.[14]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 754 гласачи.[15] На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 743 гласачи.[16]

Културни и природни знаменитости

[уреди | уреди извор]
Цркви

Во минатото во селото постоела црква со гробишта, од која ѕидовите се познавале до 1916 г.[3]

Џамии[17]

Личности

[уреди | уреди извор]
Починати во Ѓермо

Галерија

[уреди | уреди извор]

Поврзано

[уреди | уреди извор]
  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. Иванова, Олга (2014). Речник на имињата на населените места во Р Македонија : (Б,Ѓ,Е,Ј,Н,Р,Т,Ќ,У,Ф,Х,Џ,Ш). Скопје: Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“. стр. 88. ISBN 978-608-220-026-2.
  3. 1 2 3 4 5 6 7 8 9 Трифуноски, Јован (1976). Полог. Белград: Српска академија на науките и уметностите. стр. 342-343.
  4. 1 2 3 4 5 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 119. Посетено на 26 октомври 2025.
  5. Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр. 210.
  6. Селищев, Афанасий. „Полог и его болгарское население. Исторические, этнографические и диалектологические очерки северо-западной Македонии“. - София, 1929, стр. 22.
  7. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  8. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 24 март 2016.
  9. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  10. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  11. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  12. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  13. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  14. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
  15. „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
  16. „Резултати“. Државна изборна комисија. Посетено на 26 октомври 2025.
  17. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
Забелешки
  1. Во пописот од 1991 година, во населените места: Грачани, Никиштане, Ново Село (Боговиње), Раковец, Селце Кеч, Гургурница, Долно Јаболчиште, Клуковец, Добовјани, Врановци, Јажинце, Орашје, Равен, Спас, Богојци, Поум, Џепин, Долна Ѓоновица, Горна Лешница, Групчин, Добарце, Копачин Дол, Ларце, Мерово, Ново Село (Желино), Палатица, Рогле, Седларево, Стримница, Церово, Чифлик (Желино), Грешница, Длапкин Дол, Долно Строгомиште, Колибари, Речани - Зајаско, Вражале, Горно Седларце, Новаќе, Синичане, Мамудовци, Трапчин Дол, Горно Свиларе, Дворце, Рашче, Алашевце, Ваксинце, Виштица, Глажња, Гошинце, Злокуќане, Извор (Липково), Липково, Лојане, Оризари, Отља, Р’нковце, Руница, Слупчане, Стрима, Бибај, Богдево, Грекај, Нивиште, Орќуше, Рибница, Горјане, Градец, Ѓурѓевиште, Ломница, Арангел, Жубрино, Папрадиште, Ќафа, Црвивци, Бојане, Копаница, Паничари, Раовиќ, Чајлане, Патишка Река, Света Петка, Чифлик (Сопиште), Лакавица, Падалиште, Србиново, Страјане, Трново, Франгово, Шум, Алдинци, Горно Количани, Драчевица, Рамни Габер, Црвена Вода, Црн Врв, Нераште, Вејце, Селце, Корито, Блаце, Брест, Танушевци, Ѓермо, Порој, Бозовце, Бродец, Вешала и Шипковица, целото население не прифати да земе учество (го бојкотираше) во Пописот.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]