Гајре
| Гајре | |
Воздушен поглед на селото | |
| Координати 42°0′44″N 20°56′39″E / 42.01222°N 20.94417°E | |
| Регион | |
| Општина | |
| Област | Долен Полог |
| Население | 633 жит. (поп. 2021)[1] |
| Пошт. бр. | 1217 |
| Повик. бр. | 044 |
| Шифра на КО | 28013 |
| Надм. вис. | 700 м |
Гајре — село во Општина Тетово, во областа Долен Полог, во околината на градот Тетово.
Географија и местоположба
[уреди | уреди извор]Ова село се наоѓа во областа Долен Полог, во средишниот дел на Општина Тетово, а недалеку од градот Тетово во северозападна насока, на оддалеченост од околу три километри.[2] Куќите во селото се издигаат на надморска височина од 700 метри, па и повисоко.[2]
Низ селото поминува регионалниот пат 1209, кој води до скијачкиот центар Попова Шапка.
Селото се наоѓа над десната страна на реката Пена, непосредно над градот Тетово. Водата за пиење се добива од чешмите, во кои е спроведена вода од изворот Драга Вода. Во атарот на селото постои изворот Ливаде Мад.[3]
Месностите во атарот на селото ги носат следниве имиња: Внеш, Каракашица, Јасике, Присој, Кодра Стојанит (Стојаново Брдо), Бег Бунар, Млака Пулес, Прој Саат, Оѓаница, Дупник, Ливада Ѓат, Ливада Теќас, Лениште, Туфеклук, Ограде, Лаз, Ливадичике, Прамка, Ѓури Зи (Црн Камен), Езеришта, Млака, Рид Доб, Орашка, Сикне и Одрора.[3]
Селото има многу збиен тип. Поделено е на седум маала, чии називи се по родовите кои живеат во нив. Така има Веље, Дончаве, Кутица, Касе или Хасе, Ѓермазе, Шике и Алиалар.[3]
Историја
[уреди | уреди извор]Во пишани извори селото се споменува како Гари уште во XIV век, кога царот Душан го приложил на тетовската црква „Св. Богородица“. Средновековното село Гајре имало и своја црква, која била посветена на „Св. Јован Златоуст“. И оваа црква, царот Душан ја дал на тетовската црква „Св. Богородица“.[3]
Во средниот век, па и подоцна, долго откако дошле Турците, Гајре било населено со православно население. Од втората половина на XVIII век, во Гајре започнале да се населуваат муслимански Албанци (први дошле родовите Кутица и Дончаве). Поради нивните доселувања, Македонците постепено се иселиле од селото. Само за дел од овие родови има податоци каде заминале, бидејќи денешните Албанци ништо не кажуваат за староседелците Македонци. Поради тоа, не се знае ниту каде била средновековната црква или гробиштата на иселените Македонци.[3]
На 5 јуни 2001 година во близина на Гајре, на патот Тетово-Попова Шапка, албанските терористи од заседа убиле петмина припадници на Армијата на Република Македонија. При престрелката биле повредени и шестмина припадници на безбедносните сили.
Стопанство
[уреди | уреди извор]
Атарот на селото зафаќа површина од 7,3 км2. На него преовладуваат шумите на површина од 271,4 хектари, на обработливите површини отпаѓаат 248,8 хектари, а на пасиштата отпаѓаат 189,7 хектари.[2]
Селото, во основа, има полјоделска функција. Во него работат продавници[2] и неколку угостителски објекти.
Население
[уреди | уреди извор]Население во минатото | ||||||||||||||||||||||||||||||||||
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
![]() | ||||||||||||||||||||||||||||||||||
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Гајре живееле 85 жители, сите Албанци.[4]
Според Афанасиј Селишчев, во 1929 година Гајре — село во Селечка општина со центар во Шипковица и има 110 куќи со 548 жители, сите Албанци.[5]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралство Југославија во 1931 година, селото имало 550 Албанци.[6]
Во 1961 година, селото броело 774 жители, додека во 1994 година бројот се зголемил на 802 жители, целосно албанско население.[2]
Пописот од 1991 година не бил целосно одржан во селото Гајре, бидејќи дел од неговото население одбило да учествува, односно го бојкотирало неговото одржување, поради што за таа пописна година, за селото нема целосни податоци.[заб 1]
Според пописот од 2002 година, во селото Гајре живееле 1.020 жители, од кои 1.009 Албанци, 6 Македонци, 1 Србин и 4 останати.[7]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 633 жители, од кои 607 Албанци, 1 останат и 25 лица без податоци.[8]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
| Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
| Население | 85 | — | 732 | 766 | 774 | 804 | 729 | 3 | 802 | 1.020 | 633 |
- Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[9]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[10]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[11]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[12]
Родови
[уреди | уреди извор]Денес, во Гајре живеат муслимански Албанци, кои се доселиле во селото на крајот на XVII век.[3][13]
Според истражувањата од 1947 година, родови во селото се:
- Доселеници: Кутице (11 к.), најстар селски род, по потекло од Северна Албанија. Не знаат од каде го добиле родовското име. Во Гајре имаат свое маало, а две нивни семејства преминале во Тетово и едно во Мала Речица; Данчове (16 к.), потекнуваат од фисот Красниќи, доселени се од Северна Албанија. Се доселиле во исто време како родот Кутице, односно околу 1770-тите години. Го знаат следниов родослов: Рамадан (жив, 58 години во 1947 г.)-Ризван-Рамадан-Мемет-Рустен-Јусуф, кој се доселил со братот Асан. Имаа свое посебно маало. Две нивни семејства заминале во Тетово и едно во Голема Речица; Аљијалар и Веље (44 к.), доселени се од селото Топојани во Љума, Северна Албанија. Од Топојани дошол предокот Алил со синовите Азис и Бајрам. Од Бајрам се намножил родот Алиалар, а од Азис родот Веље. Во Гајре дошле како и родот Данчове. Го знаат следниов родослов: Амди (жив, 60 години во 1947 г.)-Идриз-Алим-Алил-Азис-Алил, којсе доселил. Двата рода имаат свои маала во селото. Имаат иселеници во Тетово (десет семејства) и едно семејство заминало во Мала Речица. Од родот Веље секогаш биле селските оџи; Касе (17 к.), доселени се од околината на Пешкопеја од областа Долен Дебар. Овде се доселени кон крајот на XVIII век. Прв дошол предокот Касам, по кого го добиле родовското име. Го знаат следниов родослов: Сали (жив, 46 години во 1947 г.)-Јонуз-Сали-Рамадан-Ариф-Касам, кој се доселил. Во Гајре имаат свое маало. Имаат иселеници во Романија (две семејства) и во Тетово (едно семејство). Ѓермазе (11 к.), помлади доселеници, дошле од Северна Албанија. Во Гајре имаат свое маало; Шике (14 к.), по потекло од Северна Албанија. Има истоимен род во селото Форино. Тука се доселиле во втората половина на XVIII век. Го знаат следното родословие: Ресим (жив, 40 години во 1947 г.)-Џемаил-Сејди-Саид-Беадин-Алим-Беџед, кој се доселил. Живеат во посебно маало. Имаат иселеници во Тетово (едно семејство).
Иселеништво
[уреди | уреди извор]Денес, се знае за некои поединечни македонски родови од Гајре населени во другите полошки села, како што се Мајсторовци или Арсовци (20 к.), кои се иселиле од Гајре околу 1820-тите години. Се иселиле браќата Арсо и Деспот во полошкото село Волковија, за што говорел Штерјо (жив, 35 години во 1947 г.)-Томе-Сотир-Кузман-Арсо. Кога дошле во Волковија, некој нивен предок бил свештеник. Подоцна, нивните предци биле терзии и по тоа го добиле своето родовско име; Трипуновци или Рукљевци (5 к.), и тие сега живеат во Волковија и со Мајсторовци биле кумови. Во Гајре, нивните предци биле тројца браќа: Трипун, Димитрија и Груне. Од Гајре се иселиле во исто време како Мајсторовци. Го знаат следниот родослов: Васил (жив, 42 години во 1947 г.)-Груне-Мате-Груне-Трипун, еден од браќата кој се доселил.[3]
Општествени установи
[уреди | уреди извор]
- ПУ „Азем Марана“ - подрачно основно училиште за ученици од прво до деветто одделение, во состав на ОУ „Истикбал“ - Тетово
Самоуправа и политика
[уреди | уреди извор]Во XIX век, Гајре било село во Тетовската каза на Отоманското Царство.
Селото влегува во рамките на Општина Тетово, која била проширена по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било дел од некогашната Општина Шипковица.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Тетово. Селото припаѓало на некогашната општина Тетово во периодот од 1955 до 1965 година.
Во периодот 1952-1955, селото било во рамките на тогашната Општина Шипковица, во која покрај селото Гајре, се наоѓале и селата Бозовце, Бродец, Вејце, Вешала, Лисец, Селце и Шипковица. Во периодот 1950-1952, селото било седиште на некогашната општина Гајре, во која влегувале селата Гајре и Лисец.
Избирачко место
[уреди | уреди извор]Во селото постои избирачкото место бр. 2084 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште.[14]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 743 гласачи.[15] На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 732 гласачи.[16]
Културни и природни знаменитости
[уреди | уреди извор]- Цркви[3]
- Во средновековниот период, во селото постоела црквата „Св. Јован Златоуст“.
- Џамии[17]
- Џамија — главна селска џамија
- Споменици
- Спомен-плоча на Азем Марана во училишниот двор
- Споменик на ОНА
- Џамијата
- Спомен-плоча на Азем Марана
- Споменик на ОНА
Личности
[уреди | уреди извор]- Родени во или по потекло од Гајре
- Хусни Вела (р. 1926) - македонски учител и политички деец;
- Џемаил Вејсели (р. 1927) — македонски политичар;
- Абдулазис Ислами (р. 1930) — поет, раскажувач, романописец, драмски автор;
- Мурат Исаку (1928-2005) — македонски поет и писател; и
- Сервет Салиу (1928-1994) - македонски политичар.
- Починати во Гајре
- Влатко Миленковски (1972-2001) - македонски бранител од конфликтот во 2001;[18]
- Благојче Силјанов (1969-2001) - македонски бранител од конфликтот во 2001;[18]
- Пеце Матичевски (1978-2001) - македонски бранител од конфликтот во 2001;[18]
- Кољо Китанов (1981-2001) - македонски бранител од конфликтот во 2001;
- Исак Руфати (1959-2001) - македонски бранител од конфликтот во 2001;
- Махир Камбери (1955-2001) - член на ОНА; и
- Сервет Хајредини (1966-2001) - член на ОНА.
Поврзано
[уреди | уреди извор]Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- 1 2 3 4 5 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 65-66. Посетено на 25 октомври 2025.
- 1 2 3 4 5 6 7 8 Трифуноски, Јован (1976). Полог. Белград: Српска академија на науките и уметностите. стр. 365-367.
- ↑ Кѫнчовъ, Василъ. Македония. Етнография и статистика. София, Българското книжовно дружество, 1900. ISBN 954430424X. с. 213.
- ↑ Селищев, Афанасий. „Полог и его болгарское население. Исторические, этнографические и диалектологические очерки северо-западной Македонии“. - София, 1929, стр. 24.
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 25 октомври 2025.
- ↑ „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
- ↑ К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
- ↑ Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
- ↑ „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
- ↑ Албанците во Македонија само од 1780 година, д-р Ристо Ивановски, Битола, 2014 г., 9 стр.
- ↑ „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „Резултати“. Државна изборна комисија. Посетено на 25 октомври 2025.
- ↑ Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
- 1 2 3 8 години од загинувањето на бранителите кај Гајре, Телма ТВ
- Забелешки
- ↑ Во Пописот од 1991 година, во населените места: Страчинци, Љуботен, Арачиново, Грушино, Мојанци, Орланци, Боговиње, Жеровјане, Пирок, Милетино, Радиовце, Теново, Челопек, Горно Јаболчиште, Велешта, Горно Татеши, Долно Татеши, Врапчиште, Топлица, Вруток, Долно Јеловце, Здуње, Речане, Балин Дол, Беловиште, Гостивар, Дебреше, Мало Турчане, Чајле, Баниште, Дебар, Кривци, Селокуќи, Хаме, Делогожди, Корошишта, Ливада, Мислодежда, Ново Село (Делогожди), Горна Бањица, Долна Бањица, Симница, Долна Лешница, Желино, Озормиште, Требош, Бачишта, Букојчани, Горно Строгомиште, Зајас, Колари, Лешница, Палиград, Смесница, Копанце, Шемшево, Горно Палчиште, Долно Палчиште, Камењане, Кичево, Долно Свиларе, Кондово, Радуша, Рудник Радуша, Бедиње, Горно Коњаре, Д`лга, Куманово, Лопате, Романовце, Сопот, Табановце, Черкези, Белановце, Матејче, Никуштак, Опае, Ропалце, Жужње, Нистрово, Сенце, Тануше, Добри Дол, Калиште, Неготино-Полошко, Сенокос, Бериково, Гарани, Јагол, Ново Село (Осломеј), Поповјани, Премка, Србица, Стрелци, Туин, Шутово, Охрид, Ќојлија, Арнакија, Буковиќ, Грчец, Крушопек, Ласкарци, Љубин, Семениште, Барово, Јаболци, Биџево, Долна Белица, Заграчани, Калишта, Радолишта, Струга, Батинци, Вртекица, Морани, Студеничани, Глоѓи, Доброште, Непроштено, Пршовце, Слатино, Теарце, Голема Речица, Лавце, Мала Речица, Сараќино, Тетово, Баланци, Форино, Чегране, Џепиште, Гајре, Лисец, Скопје дел - Гази Баба, Скопје дел Карпош, Скопје дел - Центар и Скопје дел - Чаир, дел од жителите не прифатија да замат учество (го бојкотираа) во Пописот.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]
| ||||||||||||||||||||



