Прејди на содржината

Отуње

Од Википедија — слободната енциклопедија
Отуње

Воздушен поглед на селото

Отуње во рамките на Македонија
Отуње
Местоположба на Отуње во Македонија
Отуње на карта

Карта

Координати 42°3′28″N 21°3′0″E / 42.05778°N 21.05000°E / 42.05778; 21.05000
Регион Полошки
Општина Тетово
ОбластДолен Полог
Население3 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр.1212
Повик. бр.044
Шифра на КО28055
Надм. вис.985 м
Отуње на општинската карта

Атарот на Отуње во рамките на општината
Отуње на Ризницата

Отуње — село во Општина Тетово, во областа Долен Полог, во околината на градот Тетово.

Географија и местоположба

[уреди | уреди извор]
Традиционална куќа во селото

Селото се наоѓа во областа Долен Полог, во североисточниот дел на територијата на Општина Тетово, чиј атар се граничи со подрачјето на Општина Теарце.[2] Селото е планинско, сместено на надморска височина од 985 метри.[2] Од градот Тетово, селото е оддалечено 7 километри.

До селото води локален асфалтен пат, кој се двои од регионалниот пат 1203 во селото Џепчиште.

Отуње е мало село сместено на падините на Шар Планина. Околни села се Варвара и Сетоле. Во минатото, водата за пиење доаѓала од чешми во самото село (Чешма, Лаг, Чешмиче). Во атарот на селото избиваат слаби извори: Врба, Бавчиче, Поличица, Требениче, Бела Вода, Ливаѓе, Коловоз, Стојкоќоо, Подороо и Вирои.[3]

Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Преку Река, Отаа, Старо Лозје (сега ниви), Варје, Рамниште, Воденичиште (тука некогаш имало стара воденица), Вирје, Раскрсница, Маркоа Млака, Милошоа Млака, ’Ртоец, Поличица, Црешњичиња, Сенокос, Шип, Длага Ливада, Аливерица, Плоча, Сина Вода, Голем Поток, Требениче, Карпа и Банија Ливада.[3]

Селото има збиен тип. Роднинските куќи се блиску една до друга и се групирани. Такви групи куќи се Шуриновска, Јанкуловска, Петковска и Илиновска.[3]

Историја

[уреди | уреди извор]

Отуње е старо село со зачувани староседелски родови. Во него порано постоела стара црква, која е подоцна срушена. Нов храм посветен на Алипиј Столпник бил подигнат во 1866 година,[3] иако денес во селото постои само црквата „Св. Ѓорѓи“.

Според турски документи од 1626–1627 година село Хотујне се наоѓало во вилаетот Калканделен (Тетово) и било населено од 16 христијански семејства.[4]

Во атарот на Отуње, северно од селото некогаш се наоѓале пчеларниците на Лешочкиот манастир. Селаните во тоа време биле „трмчари“ (пчелари). На местото на пчеларниците, во почетокот на XIX век се обидел да се насели некојси Асан, муслиман по потекло од Северна Албанија. За да се ослободат од несаканиот доселеник, жителите на Отуње и соседното село Варвара го убиле. Оттогаш потекнува и кумството меѓу родовите на обете села.[3]

Селото никогаш не било големо, бидејќи за време на турската власт цело време некои родови се иселувале од него.[3]

Стопанство

[уреди | уреди извор]

Атарот на селото зафаќа простор од 5,6 километри квадратни.[2]

Население

[уреди | уреди извор]
Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948193    
1953177−8.3%
196178−55.9%
197129−62.8%
198110−65.5%
ГодинаНас.±%
19910−100.0%
199400.00%
200200.00%
20213    

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Отуње живееле 220 жители, сите Македонци.[5]

Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Отуње имало 240 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.[6]

Спорец Афанасиј Селишчев во 1929 година, Отуниште било село во Теарска општина и имало 65 куќи со 480 жители, Македонци и Албанци.[7]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралство Југославија во 1931 година, селото имало 200 Македонци.[8]

Селото било наполно раселено по 1991 година, кога што броело 10 жители, македонско население.[2]

Според пописот од 2002 година, во селото немало жители.[9]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 3 жители, од кои 2 Македонци и 1 Србин.

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 220 240 193 177 78 29 10 0 0 0 3
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[10]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[11]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[12]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[13]

Во Отуње живеат православни Македонци.[3]

Според истражувањата од 1947 година, родови во селото се:

  • Староседелци: Јанкуловци или Клаковци (7 к.), некогаш биле единствени жители во селото.
  • Доселеници: Илиновци (8 к.) и Петковци (5 к.), доселени се од сега албанското село Орашко Градиште (денес наречено Долно Орашје) во клисурата на Вардар; Шурновци или Поројчанци (11 к.), доселени се од сега албанското село Порој.

Иселеништво

[уреди | уреди извор]

Целосно е изумрен родот Трпчевци, чиј родоначалник Трпче се доселил од сега албанското село Порој. Неговите потомци постепено изумреле. Трпче имал браќа во Порој, кои се иселиле во Скопје. Изумрени се и Џукевци, кои дошле од областа Љума во северна Албанија. За нив се вели дека имале многу пчели во селото.[3]

Од родот Јанкуловци иселеници има во Скопје (две семејства), Белград (едно семејство), Софија (две семејства) и во Пловдив (четири семејства). Од родот Шурновци иселеници има во Тетово (четири семејства), Скопје (четири семејства) и Софија (две семејства). Во Лешок живее родот Пејчиновци (13 к.), кои се гранка на родот Илиновци. Старо презиме им е Цанцаловци.[3]

Самоуправа и политика

[уреди | уреди извор]

Во XIX век, Отуње било село во Тетовската Каза на Отоманското Царство.

Селото влегува во рамките на Општина Тетово, која била проширена при новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Џепчиште.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Тетово. Селото припаѓало на некогашната општина Теарце во периодот од 1955 до 1965 година.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Непроштено, во која покрај селото Отуње, се наоѓале и селата Брезно, Варвара, Ѓермо, Једоарце, Лешок, Непроштено, Порој, Ратае, Сетоле, Требош и Џепчиште. Селото припаѓало на Општина Џепчиште во периодот 1950-1952, во која влегувале селата Ѓермо, Једоарце, Отуње, Порој, Сетоле и Џепчиште.

Изборно местo

[уреди | уреди извор]

Селото е опфатено во избирачкото место бр. 2005 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште во Џепчиште. Во избирачкото место се опфатени се селата Једоарце и Сетоле, како и дел од селото Џепчиште.[14]

На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 819 гласачи.[15]

Културни и природни знаменитости

[уреди | уреди извор]
Главната селска црква „Св. Ѓорѓи“
Цркви[16]

Личности

[уреди | уреди извор]
Родени во или по потекло од Отуње

Поврзано

[уреди | уреди извор]
  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 1 2 3 4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 226. Посетено на 16 август 2025.
  3. 1 2 3 4 5 6 7 8 9 Трифуноски, Јован (1976). Полог. Белград: Српска академија на науките и уметностите. стр. 334-335.
  4. Турски извори за българската история, т. VII, София 1986, с. 335
  5. Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр.210.
  6. Brancoff, D.M. "La Macedoine et sa Population Chretienne". Paris, 1905, р.122-123.
  7. Селищев, Афанасий. „Полог и его болгарское население. Исторические, этнографические и диалектологические очерки северо-западной Македонии“. - София, 1929, стр.22.
  8. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  9. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 10 ноември 2025.
  10. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  11. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  12. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  13. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  14. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
  15. „Резултати“. Државна изборна комисија. Посетено на 26 октомври 2025.
  16. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]