Перење пари

Од Википедија, слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Перењето пари (англиски: money laundering) претставува криминална активност преку која се настојува да се прикрие вистинското потекло на средствата и да им се даде легитимитет. Криминалците тоа го прават преку прикривање на изворите, формата и видот на средствата или нивни трансфер во средини каде што не можат да привлечат внимание.[1]

Дефинирање на поимот перење пари[уреди]

Недозволената трговија со дрога, оружје, луѓе и сл. може да генерира огромни суми пари. Инсајдерското тргување, поткупот или компјутерските измами исто така можат да доведат до големи профити кои треба да бидат легализирани преку перењето пари. Во случај кога криминалната активност генерира огромни суми на пари, поединецот или групата мора да најдат начин да ги контролираат овие средства без да предизвикаат внимание околу легалноста на нивното потекло.

Интегритетот на пазарот на банкарски и финансиски услуги во голема мера зависи од перцепцијата за негово фунционирање во услови на одредени правни, професионални и етички стандарди. Интегритетот претставува едно од најважните прашања за секоја финансиска институција.[2]

Доколу средствата кои потекнуваат од криминални активности можат лесно да бидат испрани преку одредена финансиска институција, таа институција лесно може и самата да стане дел од системот преку кој се перат пари. Од тие причини посебно внимание треба да се посвети на ризиците со кои се соочува секоја институција при извршување одредени финансиски трансакции. Она што важи за една институција може да важи и за цела национална економија. Зeмјите кои имаат финансиски институции во развој и неадекватни системи за контрола можат лесно да бидат претворени во рај за субјектите кои вршат перење пари.

Перењето пари може да има значително економско и политичко влијание врз една национална економија. Организираниот криминал може да се инфилтрира во финансиските институции, да ја преземе контролата во значајни економски сектори по пат на инвестиции или да ги корумпира вработените во државните органи. Од тие причини на ниво на држазава мора да бидат преземени мерки за спречување на процесот на перење пари. Многу е важно државата да ја овозможи и поттикнува институционалната соработка помеѓу органите задолжени за борба против перење пари (law enforcement), како и да ги запознае приватниот сектор и обичните граѓани со опасноста што ја носи перењето пари.[3]

Финансирање тероризам[уреди]

Финансирањето на тероризам претставува активност на секое лице кое со какви било средства, директно или индиректно, незаконски и по своја желба обезбедува или собира средства со намера тие да се искористат или со знаење дека ќе бидат целосно или делумно искористени за вршење дело или кое било друго дело со кое ќе се предизвика смрт или сериозни телесни повреди на цивилно лице или кое било друго лице кое не е активно вклучено во непријателство во ситуација на вооружен конфликт, кога целта од таквиот напад по природа или содржина е да се заплаши населението или да се принуди владата или некоја меѓународна организација да стори или да се воздржи од некој чин.[4]

Значењето што Меѓународната заедница го дава на финансирањето тероризам може да се види и од тоа дека во глобалната акција за координација на борбата против тероризмот во рамките на системот на Обединетите нации, се вклучени повеќе значајни меѓународни организации директно или индиректно инволвирани во борбата против тероризмот, како што се: Меѓународниот монетарен фонд, Канцеларијата на ООН за дрога и криминал, Светска банка, Извршниот директорат на комитетот за борба против тероризмот, Интерпол и тимот за мониторинг на Резолуцијата 1267.

Поврзаност меѓу процесите перење пари и финансирање тероризам[уреди]

Техниките кои ги користат перачите на пари се во голема мерка исти како и оние кои се користат за финансирање тероризам. И двете имаат иста цел – прикривање на изворите на средства. Финасирањето тероризам може да се врши и од легални и од нелегални средства:[5]

  • криминална активност;
  • добротворни придонеси и донации;
  • законска или полузаконска активност;
  • спонзорства од влади или од држави.

Криењето на изворите на финансирање на тероризмот, без разлика дали потекнуваат од легални или нелегални активности е важно затоа што ако изворите се скријат еднаш тие понатаму ќе бидат достапни за финансирање на идни терористички акции.

Фази на процесот на перење пари[уреди]

Перењето пари е глобален процес кој може да се извршува со употреба на различни инструменти и различни методи. И покрај разноликоста на овој процес, сепак во литературата доминира мислењето дека процесот на перење пари се состои од следниве три фази:[6]

  • пласман;
  • прикривање;
  • интеграција.

Пласманот е првата фаза во процесот на перење пари, каде што готовината стекната од криминална активност се пласира во финансиските институции или се користи за купување добра. Целта на субјектите кои перат пари е да ја пренесат готовината подалеку од местото на извршување на криминалните активности за да не бидат откриени од властите. Можно е готовината да се трансформира и во др. видови средства ( патнички чекови, итн).

Во втората фаза се врши прикривање на изворот на средствата по пат на креирање цел систем на финансиски трансакции кои имаат за цел да го оневозможат следењето на трагата на нелегалните пари. Целта на прикривањето е одвојување на нелегалните пари од нивниот криминален извор. Најчесто прикривањето се врши по пат на пренос на средствата на сметки на прекуморски банки (offshore banks). Преносот на средствата се врши по пат на електронски трансфер. Покрај електронскиот трансфер на пари, криминалците во фаза на прикривање се занимаваат со трансакции на пазарот на хартии од вредност.

Интеграцијата претставува претставува последна фаза во процесот на перење пари. Во оваа фаза парите се интегрирани во легитимниот економски и финансиски трансфер и претставуваат составен дел од вкупните средства во тој систем. Интеграцијата на испраните пари во економските текови се постигнува на тој начин што криминалната индивидуа или група тврди или докажува дека парите се стекнати на легален начин.

Во фазата на интеграција субјектите што вршат перење пари најчесто ги користат следните методи:

  • Основање анонимни компании во земји каде што тајноста е загарантирана. Новооснованите компании можат по легитимен пат да добијат кредит од банка и да го прошират полето на своето дејствување.
  • Испраќање лажни узвозни или извозни фактури со преценета вредност на стоката или услугата што му озвоможува на субјектот пренос на средствата од една земја во друга.
  • Наједноставен пренос на средствата од банка во сопственост на криминалците кон легитимна банка во друга земја. Познато е дека во земјите кои се т.н. даночен рај, субјектите што перат пари лесно стануваат сопственици на банки.

Техники на перење пари и финансирање тероризам[уреди]

Перењето пари и финансирањето тероризам се врши преку системот на финансиски институции. Доколку приходите се резултат на трговија со дрога, оружје или луѓе јасно е дека тие се изразени во готови пари. Перењето пари со помош на готовина спаѓа во таканаречени традиционални техники. И покрај напредокот на технологијата, појавата на нови банкарски инструменти и можноста за нивна злоупотреба во функција на перење пари и финансирање тероризам, сепак перењето на готови пари доминира во однос на другите техники. Системот на финансиски институции, всушност, е систем на банки и небанкарски институции. Ако се има предвид дека првата фаза од процесот на перење пари е пласманот, лесно може да се заклучи дека банките се најмногу на удар на криминалците кои имаат намера да ги легализираат своите финансиски средства.

Перењето пари и финансирањето тероризам со помош на електронски трансфери е доста застапено. Паричните картички се повеќе се злоупотребуваат во функција перење пари и финансирање тероризам. Тоа особено доаѓа до израз при купување стоки или одредени услуги преку интернет. Тука е тешко да се утврди идентитетот на купувачот, познати се случаите за кражба на идентитетот.

Употребата на кредитот во функција на перење пари и финансирање тероризам практично претставува комбинација помеѓу традиционалните и современите техники. Во овој случај субјектот не врши пласман на нелегалните пари, туку ги остава како обезбедување за да добие кредит. Доколку кредитот му биде одобрен, субјектот, за да ги испере парите, нема да го врати кредитот. По истекот на рокот во кој кредитот би требало да биде вратен, субјектот го активира оставеното обезбедување, односно депонираните нелегални пари ги внесува во финансиските текови.

Перењето пари со помош на хартии од вредност е една од поновите техники. Особено се застапени акциите на доносител, кои на берзата се пренесуваат од еден субјект на друг, без да дојде до идентификација. Перачите на пари најчесто купуваат вакви хартии од вредност од т.н. компании школки (shell companies) кои се без имот и операции, кои потоа ги продаваат на формалниот или неформалниот пазар на хартии од вредност.

Осигурителни|те компании со своите производи, исто така, можат да бидат цел на субјектите кои се занимаваат со перење пари и финансирање тероризам. Најпластичен е примерот кога осигурителната полиса е склучена на значително повисок износ од вистинската вредност на предметот. Доколку до тој предмет субјектот дошол на нелегален начин, тој ќе се потруди да дојде до активирање на осигурувањето и да се наплати од преценетата полиса.

Наводи[уреди]

  1. FATF
  2. [http://www.unodc.org/unodc/money-laundering/index.html?ref=menuside UNODC Money-laundering
  3. Paul Alan Schot, Money Laundering and Terrorist Financing, Money laundering impact development, II-3.
  4. Конвенција за потиснување на незаконска заплена на воздухопловни возила, Хаг, 16 декември, 1970.
  5. Џон Медингер, Перење пари водич за кривични иследници, Скопје, 2009.
  6. Alison. S. Bachus, From drugs to terrorism: the focus shifts in the international fight against money laundering after September 11, 2011, p. 8.