Платежна картичка

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Платежна картичка (англиски: payment card) е средство за плаќање, издадено од банкарска или друга финансиска институција, кое содржи електронски податоци за лица и електронски генерирани броеви со кои се овозможува вршење финансиски трансакции. Платежните картички претставуваат електронски средства за плаќање, кои содржат информации за паричните средства на имателот на картичката, или пак, се поврзани со компјутерскиот центар во банката. Платежните картички се најраспространетата форма на електронско банкарство. Банките се најголеми издавачи на платежни картички, иако нив ги издаваат и самостојни оператори, како и голем број нефинансиски трговски друштва.

Историја[уреди]

Поимот платежна картичка за првпат бил употребен во 1887 година во футуристичкиот роман на американскиот писател Едвард Белами, кој прогнозирал дека во 2000 година, помеѓу останатите благодети на идниот свет, ќе постои и картичка која ќе служи за безготовинско плаќање. Првите платежни картички се појавиле во САД во 1894 година. Нив ги воведел хотелот Credit Letter Company, а подоцна ги воведеле и некои други компании. Подоцна, во 1950 година, американскиот бизнисмен Франк Макнамара со двајца пријатели основа фирма под името Diners Club. Идејата за ваква фирма се наметнала во 1949 година, кога Макнамара по завршувањето на вечерата со пријателите во еден ресторан не можел да ја плати сметката, бидејќи паричникот го заборавил дома. Бидејќи тоа му се случувало и другпат, Макнамара си ветил дека ќе изнајде практично решение. Оттука, Дајнерс клуб ја издал првата универзална платежна картичка, а тоа во 1959 година го сторил и туристичкиот концерн American Express. Првиот банкарски систем го иницирала Bank of America во 1959 година. Пресвртот настапил кон крајот на 1960-тите, кога се појавиле двата големи меѓународни системи на кредитни картички: Visa и MasterCard. Во 1974 година, во Франција биле измислени т.н. паметни картички (smart cards) од страна на Роланд Морено. Бројот на платежните картички со текот на времето се повеќе се проширувал со развојот на електронското банкарство и електронските системи кои го овозможиле електронскиот трансфер на парите и развојот на електронските картички.[1]

Технологија на плаќањето со картички[уреди]

Денес се користат голем број електронски картички. Сите, вообичаено се изведени од обичните празни картички (кои се изработени од половинил хлорид или половинил хлорид ацетат) со разни додатоци, и со стандардни големини од 86 х 54 мм и дебелина 0,76 ± 0,08 мм. Според локацијата и примената, картичките се делат на: национални и интернационални. Според технологијата на изработката и функционирањето, тие се делат на: магнетни, интелигентни и ласерски, односно оптички картички. Магнетните се пластични со магнетна лента (обично една, а може и повеќе) со три “патеки“ на кои се врши запишувањето на податоците. Ласерската или оптичка картичка ја применува техниката на оптичко меморирање, а измислена е од корпорацијата Drexler од САД. Нивниот капацитет е од 2,66 до 6,6 MB, така што еднаш запишаните картички не можат да се менуваат.[2]

Платежни картички во Македонија[уреди]

Употребата на платежните картички во Македонија драстично се зголеми во поново време. Во тој поглед, особено значење за подемот на платежните картички имала одлуката на владата за исплата на платите на јавната администрација преку сметките поврзани со банкарски картички. Оттогаш, неколку години по ред, бројот на издадени картички бележи исклучително високи стапки на растеж и веќе во декември 2010 година во употреба биле над 1,4 милиони платежни картички. Од нив, околу 1 050 000 биле дебитни картички, 303 000 кредитни картички, а остатокот отпаѓал на картички што служат само за повлекување готови пари и комбинирани картички. Исто така, употребата на картичките е олеснета од мрежата на речиси 23 000 трговци кои прифаќаат картички и над 32 000 терминали и банкомати. Притоа, во декември 2010 година биле остварени речиси три милиони трансакции со платежни картички во вредност од речиси 10 милијарди денари. Сепак, треба да се забележи дека картичките најчесто се користат за повлекување готовина од банкоматите и од шалтерите на банките, а во помал обем за плаќање на производите во трговските дуќани.

Во Македонија, повеќе се распространети картичките кои содржат магнетна лента и при извршување на плаќањето, информациите директно се пренесуваат од уредот за читање до компјутерскиот центар на банката, така што веднаш се намалува состојбата на сметката. Сепак, во поново време, банките почнаа да нудат картички со вграден микрочип, во кој се сочувани сите информации за состојбата и промените на сметката. Притоа, повеќето банки ги нудат познатите меѓународни картички, како што се ''Виза'' и ''Мастеркард'', додека некои помали банки издаваат сопствени картички коишто се прифатени само во ограничени размери, и тоа само во Македонија. Инаку, како корисници на платежните картички претежно се јавува населението, макар што постојат и картички што се наменети за претпријатијата.[3]


Табела бр. 1: Број на картички во Македонија, 2005-2014[4]

Година Број на картички
2005 129 705
2006 184 519
2007 448 763
2008 783 648
2009 1 061 678
2010 1 294 064
2011 1 421 242
2012 1 453 202
2013 1 508 333
2014 1 535 176

Видови платежни картички[уреди]

Постојат три типа на платежни картички:[5]

  • Дебитните картички на своите сопственици им овозможуваат да вршат плаќања, само ако имаат доволно пари на банкарските сметки. Сепак, повеќето банки даваат можност за одредено пречекорување на сметката, односно им овозможуваат на сопствениците на овие картички да плаќаат иако немаат пари на сметката (да влегуваат „во минус“, т.е. „во црвено“), со што тие, всушност, користат кредит од банката.
  • Кредитните картички се средство за плаќање со чисто кредитни карактеристики, зашто тие не се поврзани со тековните сметки на луѓето, туку со нивната употреба, сопствениците на картичките веднаш користат кредит од банката. Кај овие картички, потрошувачот има отворена кредитна линија на определен износ, којашто постојано се продолжува. Со други зборови, тој има на располагање одреден износ за позајмување и штом го отплати долгот (делумно или целосно), кредитот повторно му се обновува. Сопствениците на кредитните картички имаат голема флексибилност во отплатата на долгот, т.е. можат наеднаш да го отплатат целиот искористен износ на кредитот или пак да платат само определен процент од кредитот. Притоа, тие плаќаат камата само на искористениот кредит. Всушност, корисникот на картичката има на располагање одреден дополнителен период од 10 до 15 дена во кој може наеднаш да го плати целиот долг и тогаш не плаќа никаква камата. На тој начин, кредитните картички овозможуваат користење бескаматен кредит со рочност до 40 до 45 дена. Наспроти тоа, постои и можност за отплата на определен минимален износ од долгот (обично, од 3% до 5%), но тогаш банката пресметува и наплаќа камата од денот на извршената трансакција.[6]
  • Во продолжение, постојат и други видови картички, како што се картичките со претплата и паметните картички (smart cards). Кај првите, однапред се уплатува одреден износ пари, а потоа при секоја нивна употреба, од претплатениот износ се одзема вредноста на поединечните трансакции, сè додека не се исцрпи износот наведен на картичката. Овие картички се широко распространети и тука спаѓаат телефонските картички, дневните или месечните билети во јавниот превоз итн. Паметните картички поседуваат вграден микрочип којшто овозможува зачувување бројни финансиски информации за сопственикот на картичката. Притоа, секоја уплата или исплата се бележи на самиот чип, а овие картички може ја содржат дури и целата финансиска историја на нивните сопственици.[7]

Издавањето картички е многу привлечна активност за секоја банка, поради две основни причини:

  • прво, преку нив, банките привлекуваат клиенти, коишто потоа користат и други банкарски производи и,
  • второ, картичките претставуваат значаен извор на приходи. Така, на некои картички, банките наплаќаат годишна членарина во одреден износ, којшто обично зависи од прометот направен со помош на картичката. Во продолжение, банките им наплаќаат на трговците одреден надомест, изразен како процент од вредноста на прометот направен со употреба на картичките. Понатаму, како приход се јавува и провизијата што банките ја наплаќаат при повлекувањето готови пари од банкоматите, како и каматата на искористените кредити врз основа на картичките.[8]

Според една студија, американските банки заработуваат околу 24 милијарди долари само од провизијата што им ја наплаќаат на трговците при плаќањата со кредитни картички. Во 2003 година, „Виза“ и „Мастеркард“ се согласиле, во вонсудска спогодба, да им исплатат на трговците отштета од 3 милијарди долари како надомест за превисоките провизии што им ги наплаќале во текот на многу години.[9]

Наводи[уреди]

  1. B. Krstić, Bankarstvo, Prosveta, Niš, 1996.
  2. M. Ćirović, Bankarski menadžment, Beograd, 1995.
  3. Горан Петревски, Управување со банките - второ издание, Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 344.
  4. НБРМ
  5. Горан Петревски, Управување со банките - второ издание, Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 345.
  6. Горан Петревски, Управување со банките - второ издание, Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 149.
  7. Горан Петревски, Управување со банките - второ издание, Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 345.
  8. Горан Петревски, Управување со банките - второ издание, Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 345.
  9. „The usual channels“, A survey of international banking, The Economist, Vol. 375, No. 8427, 21 May 2005, стр. 16.