Комисија за хартии од вредност

Од Википедија — слободната енциклопедија

Комисијата за хартии од вредност претставува главен регулаторен и супервизорски орган на пазарот на капитал во Македонија. Седиштето на Комисијата за хартии од вредност се наоѓа во Скопје.

Основање и дејност[уреди | уреди извор]

Комисијата за хартии од вредност (КХВ) е основана на 19 јуни 1992 година со Одлука на Владата на Република Македонија. Таа е утврдена како самостојно и независно регулаторно тело кое врши јавни овластувања, согласно Законот за хартии од вредност, Законот за инвестициони фондови, Законот за преземање акционерски друштва и другите подзаконски акти кои произлегуваат од нив.[1] КХВ го регулира и контролира работењето со хартии од вредност на територијата на Република Македонија, се грижи за ефикасно и за законско функционирање на пазарот на хартии од вредност и за правата на инвеститорите, за јакнење на довербата на јавноста во институциите на пазарот на капитал итн.

Еднаш годишно, КХВ доставува извештај за својата работа до владата и до Собранието на Република Македонија, заедно со финансиските извештаи, изготвени според меѓународните стандарди за финансиско известување и ревидирани од овластена ревизорска куќа, и со финансискиот план за идната година.[2]

КХВ обезбедува средства за своето работење од надоместоците кои ги наплатува за покривање на трошоците за извршените услуги.[3] Од вишокот приходи над расходите на КХВ се формира резервен фонд чии средства се користат за премостување на неусогласеноста на приходите и расходите на КХВ и за развој на нејзиното работење.[4]

Функции на КХВ[уреди | уреди извор]

КХВ ги извршува следниве основни функции:

  • врши контрола на целокупната документација на издавачите на хартии од вредност, презема мерки за заштита на интересите на сопствениците и инвеститорите во хартии од вредност и спречува незаконски и нечесни дејствија во работењето со хартии од вредност,
  • издава одобренија, дозволи и согласности врз основа на Законот за хартии од вредност,
  • го регулира начинот на тргување со хартии од вредност на берзите,
  • го следи и го контролира работењето на учесниците на пазарот на хартии од вредност,
  • одредува стандарди на конкуренција меѓу учесниците на пазарот на хартии од вредност, како и за овластените друштва за управување со инвестициони фондови,
  • дава согласност за именување на директорите на брокерските куќи,
  • ги одобрува барањата за издавање хартии од вредност,
  • се грижи за законски, чесен и транспарентен пазар на хартии од вредност,
  • го одобрува донесувањето и измените на актите на депозитарот на хартии од вредност и на берзата,
  • соработува со други институции во Македонија и во странство.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Комисија за хартии од вредност - Официјално мрежно место[мртва врска]
  2. Член 230 од Законот за хартии од вредност, Сл. весник на Република Македонија, бр. 95/2005, 25/2007, 07/2008, 57/2010 и 135/2011.
  3. Член 227 од Законот за хартии од вредност, Сл. весник на Република Македонија, бр. 95/2005, 25/2007, 07/2008, 57/2010 и 135/2011.
  4. Член 228 од Законот за хартии од вредност, Сл. весник на Република Македонија, бр. 95/2005, 25/2007, 07/2008, 57/2010 и 135/2011.