Оган

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Оган е појава на оксидација, односно согорување на некој материјал што може да гори[1]. Во зависност од материјалот, тој процес може да биде и бурен, при што се ослободува температура проследена со експлозија, а материјалот ги менува своите хемиски карактеристики.

Оган

За да може огнот да се одржува, потребни се гориво, кислород и температура. Ако недостасува кој било од тие три елементи, согорувањето престанува. Ова им е важно на пожарникарите при гасењето на пожарите[2].

Огнот како појава[уреди]

Создавање на пламенот[уреди]

Создавањето пламен при горењето не е задолжителна карактеристика на согорувањето на секоја материја. Ако цврстата материја не испарува на температурата што се постигнува при горењето, нема да се види пламен. Таков е случајот со железото кога гори во кислород. Интензитетот на светлината всушност потекнува од усвитувањето на железото.

Цврстите супстанции кои испаруваат на температурата што се постигнува при согорувањето, како фосфорот и сулфурот, горат со забележлив пламен.

Боја на пламенот[уреди]

Дрвце од кибрит во пламен

Бојата на пламенот се разликува во зависност од видот на материјалот/супстанцијата што гори. Ова својство може да се искористи во аналитичката хемија. Сулфурот на воздух гори со син пламен, силициум хидридот со бледо зелен, ацетиленот со светло жолтеникава, а солите на стронциумот со кармин црвена боја на пламенот.

„Конструкција“ на пламенот[уреди]

Жители на Вануату палат оган

Освен што може да има различен облик, пламенот може да има и различна „конструкција“. Таа зависи од природата на гасот што согорува. Познати се два вида пламен: со една обвивка и со двојна обвивка.

Пламенот со една обвивка е најпрост вид пламен. Се состои од два конуса: внатрешен несогорен гас и надворешен во кој се случува хемиска реакција, а како пример може да послужи согорувањето на водородот во кислород.
Пламенот со двојна обвивка е типичен за согорувањето на јаглеводородот. Ова е посложен вид пламен, бидејќи посложена е низата реакции што се вршат во него.

Луминозност на пламенот[уреди]

Додека водородот гори со одвај видлив пламен на дневна светлина, некои други супстанции даваат пламен чија светлина е јасна и многу силна. Таков е случајот кај незаситените јаглеводороди како што е етилен.

Порано се сметало дека тоа е затоа што таквиот пламен содржи усвитени честички на цврсти супстанции (Дејвиева теорија за цврстата честичка) и постоењето на таквите честички при согорувањето на свеќа успешно е докажано во 1875 година со помош на Соретовата оптичка проба.

Денес се знае дека сепак секој посветол пламен не содржи усвитени честички. Во текот на своите експерименти Дејви покажал дека луминозноста на пламенот се зголемува при притисок, а се намалува при разредување. Франкланд поставил теорија дека луминозноста попрво потекнува од усвитувањето на тешките јаглеводороди отколку од присуството на цврсти честички.

Меѓутоа, како противаргумент на оваа теорија е фактот дека кога ќе се промени притисокот на атмосферата и самите тешки јаглеводороди даваат заматен пламен кој содржи цврсти супстанции. Освен притисокот, врз луминозноста влијае и температурата[3]. Температурата во чист кислород е поголема, затоа што во воздухот се наоѓа и азотот, кој разредува. Така, пламенот на фосфор водородот во чист кислород е заслепувачки сјаен. Исто така, фосфорот во хлор гори со многу посветол пламен кога хлорот е врел, отколку кога е студен.

Температура на пламенот[уреди]

Палење и гаснење оган од дрвени струготини

Температурата на пламенот зависи од видот на горивото, но и од конструкцијата на пламенот, што значи дека температурата на секој дел од пламенот не е еднаква. Палењето на хартијата се случува на 184° C, согорувањето на дрвото на 250° C, а пламенот на природниот гас достигнува 660° C.

Температурата на пламенот со честички на јаглерод кои емитираат светлина може да се одреди според бојата на таа светлина:[4]

  • Црвена
    • Одвај може да се забележи: 525 °C (977 °F)
    • Слаба: 700 °C (1290 °F)
    • Боја на цреша, слаба: 800 °C (1470 °F)
    • Боја на цреша, полна светлина: 900 °C (1650 °F)
    • Боја на цреша, чиста: 1000 °C (1830 °F)
  • Портокалова
    • Темна: 1100 °C (2010 °F)
    • Чиста: 1200 °C (2190 °F)
  • Бела
    • Белузлава: 1300 °C (2370 °F)
    • Јасна: 1400 °C (2550 °F)
    • Блескава: 1500 °C (2730 °F)

Огнот како почеток на цивилизацијата[уреди]

Во почетокот луѓето го користеле огнот таков каков што го наоѓале во природата, без да знаат како да го создадат и одржат.

Првата вештина која се поврзува со настанувањето на човекот веројатно е вештината за обработка на каменот. Пред околу 2.000.000 години се појавил припадникот на родот Хомо (Homo). Меѓусебно се разбирал со крикови и движење на рацете, а го карактеризирала вештината за правење орудија. Наречен вешт човек или Хомо хабилис, тој ја совладал обработката на каменот, со која е поврзана и вештината за контролирање на огнот, имајќи предвид дека при секој удар на каменот се одлободуваат искри, но дури Хомо Еректусот од пред околу 500.000 - 400.000 година открил начин како да ја одржи искрата од каменот и да ја преобрази во оган. Се смета дека тогаш огнот бил доместифициран, односно припитомен.

Најстарите огништа во Европа археолошки се документирани кај подгорени камења. Употребата на огнот подразбира и воведување на многу правила во врска со неговото одржување, врз кои се засноваат сите подоцнежни верувања и ритуали поврзани со огништето.

Огнот им го променил животот на првите луѓе, им го променил начинот на исхрана, ја намалил опасноста од студот, стравот од мракот, ризикот од напади на дивите животни, го продолжил времето на индивидуално дејствување и општествено собирање, допринел за развојот на говорот, јазикот и комуникацијата, традицијата, фантазијата и создавањето погодна атмосфера за појава на првите легенди и митови. Првите верувања поврзани со огнот и огништето датираат од пред околу 400.000 години.

Во периодот на антиката симбол на огнот била божицата Хестија. Култот на огништето бил негуван во секоја куќа, а таткото во семејството ја извршувал должноста на свешетеник на божицата. Заедничкото огниште на цела Грција го симболизирала Хестија во Делфи. Таа била заштитничка на населбите, државата, божица на слогата и редот.

Римска божица на огнот и огништето била Веста, заштитничка на семејството, а во поширока смисла, и на целиот град Рим и на римската држава. Како заштитничка на Рим, таа на Форумот имала кружен храм кој потсетувал на огниште и во кој бил чуван вечниот оган за кој се грижеле Весталки, кои во храмот биле под завет на вечна невиност.

Кaj Словените силно бил развиен култот кон огнот, кој со тек на времето се преобразил во култ кон огништето. Во врска со овој култ е и палењето на покојниците, обред со кој душата на умрениот заедно со чадот од огнот се подигала кон небото каде се наоѓало вечниот дом на умрените.

Наводи[уреди]

  1. How Fire Works, http://science.howstuffworks.com (анг.)
  2. How Fire Extinguishers Work, http://science.howstuffworks.com(анг.)
  3. Dr. Werner Siemens, On The Luminosity Of Flame, Scientific American Supplement
  4. "A Book of Steam for Engineers", The Stirling Company, 1905