Загадување на водата

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Водотеците најчесто се загадуваат од испустите од индустријата и домаќинствата.
Загаден водотек со испуст од рудник за бакар.

Загадувањето на водите опфаќа внес на различни загадувачи во реките, езерата и подземните води, но и во морињата и океаните. Тоа се случува при директен или индиректен внес на загадувачите во водата во отсуство на соодветни мерки за прочистување и исфрлање на штетни материи.

Во повеќето случаи, загадувањето на слатките води е невидливо бидејќи загадувачите се растворени во водата. Но постојат и исклучоци: пенестите детергенти, но и нафтените производи кои пливаат на површината и неисчистените водотеци (речни корита, канали). Постојат неколку природни загадувачи. Соединенијата на алуминиум кои се наоѓаат во земјата достигнуваат во системот на слатки води како резултат на хемиски реакции. Поплавите ги впиваат од ливадските почви соединенијата на магнезиумот, кои нанесуваат големи штети на рибните популации. Но, количеството на природни загадувачки материи е ништожно во однос на материите создадени од страна на човекот. Секоја година во водните басени се внесуваат илјадници хемиски материи со непредвидливо дејство, од кои повеќето се нови хемиски соединенија (ксенобиотици). Во водата може да се откријат зголемени концентрации на токсични тешки метали (како кадмиум, жива, олово, хром), пестициди, нитрати и фосфати, нафтени производи, површински-активни супстанци (ПАС). Како што е познато, секоја година во морињата и океаните се внесуваат до 12 милиони тони нафта. Одреден удел во зголемувањето на концентрациите на тешките метали во водата имаат и киселите дождови. Тие се способни да ги растворат минералите во почвата, што доведува до зголемување на содржината на јони од тешки метали во водата. Со нуклеарните централи во водниот циклус се вмешува и радиоактивниот отпад. Испуштањето на непрочистени отпадни води од домаќинствата доведува до микробиолошко загадување на водата. Според проценките на СЗО, 80% од заболувањата во светот се причинети од несоодветен квалитет и антисанитарната состојба на водата. Во селските области, проблемот со квалитетот на водите е особено голем — околу 90% од сите селски жители во светот постојано употребуваат нечиста вода за пиење и капење.

Причинители[уреди]

Специфичните загадувачи кои ја загадуваат водата се различни хемикалии, патогени, како и физички или сензорни промени од типот на покачена температура и обезбојување. Иако многу од хемикалиите и супстанците кои се регулираат можат да се сретнат во природни услови (калциум, натриум, железо, бакар, манган итн.), обично концентрацијата е клучна за да се одреди што е природна состојка на водата, а што е загадувач. Високите концентрации на супстанците што природно се среќаваат можат да имаат негативни влијанија врз водната флора и фауна.

Супстанците кои го трошат кислородот можат да бидат природни материи, како на пример растителна материја (лисја или трева), но и хемикалии создадени од човекот. Други природни и антропогени супстанци можат да предизвикаат матност (турбидитет), што ја блокира светлината и го попречува растот на растенијата, и ги запушува жабрите на некои видови на риби.[1]

Многу од хемиските супстанци се токсични. Патогените можат да предизвикаат болести кои потекнуваат од водата, како кај човекот, така и кај животински домаќини.[2] Промените во физичката хемија на водата вклучуваат ацидитет (промена на pH), електрична спроводливост, температура и еутрофикација. Еутрофикација е зголемување на концентрацијата на хемиски нутриенти во даден екосистем до тој степен што ја зголемува примарната продукција на екосистемот. Во зависност од степенот на еутрофикација можат да се јават последователни негативни влијанија врз животната средина како на пример аноксија (осиромашување на количеството кислород) и тешки редукции на квалитетот на водата, кои влијаат на рибите и другите животински популации.

Патогени[уреди]

Колиформните бактерии се чест бактериски индикатор на загадување на водата, иако тие не се самата причина за појавата на болести. Други микроорганизми кои понекогаш се наоѓаат во површинските води, а кои предизвикуваат проблеми со здравјето кај луѓето се:

Високи нивоа на патогени може да резултираат од несоодветно обработени испусти од канализација. Ова може да се случи кога има постројки за обработка на отпадни води кај кои постапката на третман трае до фазата на секундарна обработка (потипични за помалку развиените земји). Во развиените земји, постарите градови со стара инфраструктура можат да имаат системи за собирање на отпадна вода кои пропуштаат (цевки, пумпи, вентили). Некои градови имаат комбинирана канализација, при што необработената отпадна вода може да се прелее за време на обилни врнежи.[5]

Хемиски и останати загадувачи[уреди]

Како загадувачи можат да се однесуваат органски и неоргански супстанци.

Органски загадувачи на водата се:

Неоргански загадувачи на водата и проблеми кои потекнуваат од нив:

  • Ацидитет предизвикан од индустриските испусти (особено сулфур диоксид од електричните централи);
  • Амонијак од отпадот од преработката на храна;
  • Хемиски отпад како индустриски спореден продукт;
  • Вештачко ѓубре кое содржи нутриенти (нитрати и фосфати) кои се наоѓаат во дождовницата која минува низ земјодлески површини, како и од комерцијална и домашна употреба;
  • Тешки метали од моторните возила (кои доспеваат во дождовницата) и испусти од киселите руди.

Друг вид загадување е макроскопското загадување, претставено со различен крупен (видлив) отпад кој е фрлен во водотеците. Чест е во населените места, но се среќава и во морињата и океаните - морски отпад.

Термално загадување[уреди]

Термалното загадување претставува покачување или намалување на температурата на некој природен воден басен и е предизвикано од човечко влијание. За разлика од хемиското, термалното загадување резултира со промена на физичките својства на водата. Честа причина за термално загадување е употребата на вода како разладувач во електричните централи или индустриското производство. Зголемената температура на водата го намалува нивото на кислород (што може да предизвика помор на рибите) и влијае врз составот на екосистемот, на пример, со инвазија на термофилни видови.

Поврзано[уреди]

Наводи[уреди]

  1. EPA. "Protecting Water Quality from Agricultural Runoff." Fact Sheet No. EPA-841-F-05-001. March 2005.
  2. C. Michael Hogan (2010). "Water pollution.". Encyclopedia of Earth. Topic ed. Mark McGinley; ed. in chief C. Cleveland. National Council on Science and the Environment, Washington, DC.
  3. USGS. Reston, VA. "A Primer on Water Quality." FS-027-01. March 2001.
  4. Schueler, Thomas R. "Microbes and Urban Watersheds: Concentrations, Sources, & Pathways." Reprinted in The Practice of Watershed Protection. 2000. Center for Watershed Protection. Ellicott City, MD.
  5. EPA. "Report to Congress: Impacts and Control of CSOs and SSOs." August 2004. Document No. EPA-833-R-04-001.