Температура

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Температурата е една од седумте основни физички величини со која се карактеризираат топлинските појави и процеси, како и промените на состојбата на супстанциите. Температурата е директно мерлива величина. Таа претставува мерка за степенот загреаноста на телата, што значи дека температурата е директно поврзана со физичката величина количество топлина (\Delta Q). Се означува со t или T.

Според молекуларно-кинетичката теорија, температурата е мерка за средната кинетичка енергија на хаотичното движење на микрочестичките во телата. Затоа, доста често хаотичното движење на структурните микрочестички во внатрешноста на телата го викаме топлинско движење. Ако настанува промена (на некој начин) на средната кинетичка енергија на внатрешното хаотично движење, истото се манифестира како промена на температурата на даденото тело. Ако молекуларниот хаос е подинамичен, температурата на дадено тело е повисока.

Кај гасовите, температурата, како и притисокот, е статистички поим. Тоа значи дека за температура на дадена супстанција може да се зборува само ако неа ја прават голем број микрочестички. Нема никаква смисла да се зборува за температура на еден атом или молекул.

Најважната појава преку која се одредува температурата е топлинската рамнотежа меѓу две или повеќе тела. Таа е дел од општиот поим термодинамичка рамнотежа. Еден од главните начини за нарушување на оваа рамнотежа е температурната разлика.

Температура на воздухот[уреди]

Затоплување на воздухот[уреди]

Атмосферскиот воздух се загрева слабо непосредно од сончевата радијација. Основен извор за неговото затоплување се земјината површина и предметите.

Основните фактори за предавање на топлината од почвата на воздухот се:

  • Топлинска конвекција — претставува термички условена вертикална размена на воздухот. При допир со загреаната површина, воздухот се затоплува, станува полесен и се издигнува нагоре. На неговото место доаѓа нов потежок и поладен воздух, кој исто така се затоплува, со што овој циклус продолжува. На пример, вакви искачувачки и спуштачки текови на воздухот најмногу се чувствуваат кога се движиме на силно загреан асфалт.
  • Топлинска адвекција — претставува хоризонтално движење на воздушните маси, при кое во нашите географски широчини настанува пренос на топлина од суптропските предели. На пример, при навлегувањето на морски воздух од Средоземно Море во Македонија во текот на зимата, времето значително се затоплува.
  • Турбулентност — претставува безредни виорни движења на воздухот во различни насоки внатре во главниот воздушен тек. Во зависност од иницијалните причини таа може да биде динамична и термичка.
    • Динамичната турбулентност потекнува од триењето на воздухот со земјината површина и од судрувањето на воздушниот тек со нерамнините (дрвја, згради итн.). Со зголемување на брзината на ветерот, динамичната турбулентност значително нараснува.
    • Термичката турбулентност потекнува од нееднородното загревање на одделни места од површината — разлики во бојата и влажноста на почвата, разлики во изложеноста итн. Притоа се јавува температурна нееднородност на воздухот — над позагреани површини тој се издигнува повисоко и обратно. На овој начин во непосредната близина се јавуваат нагорни и надолни воздушни струи кои предизвикуваат карактеристично треперење на воздухот (се забележуваат при сончево време над асфалтни патишта).
  • Зрачењето на земјината површина исто така допринесува за загревањето на воздухот. Атмосферата е слабо пропуслива за долгобрановата радијација и впива значителен дел од неа.
  • Испарувањето или поточно водните пареи кои попаѓаат во атмосферата се исто така извор на скриена топлина која се ослободува при кондензацијата на водните пареи.

Ладење на воздухот[уреди]

Ладењето на воздухот настанува поради неколку причини.

  • Адијабатското ладење е основна причина. Со издигнувањето на воздухот во височина, тој запаѓа во услови на понизок атмосферски притисок и се раширува. Раширувањето на воздухот настанува за сметка на топлинската енергија која тој ја содржи.

Други, помалку важни причини, се:

  • Зрачење на топлина;
  • Предавање на топлина при контакт со постудена површина.