Македонско-италијански односи

Од Википедија — слободната енциклопедија
Македонско-италијански односи односи

Италија

Македонија

Македонско-италијанските односи — дипломатски, политички, културни и економски односи помеѓу овие две земји. Италија и Македонија имаат многу добри односи од секој аспект на политичко-културниот и социјално-економскиот живот. Двете земји развиваат пријателски односи[1].

Историја[уреди | уреди извор]

Отоманско Царство[уреди | уреди извор]

Во текот на историјата, во процесот на обединувањето на Италија учествувале и македонски доброволци (на пр., Димитар Николов од Велес и Ѓорѓи Капчев од Охрид, а бил близок до Гарибалди и Ѓорѓи Динката), по што ексконзулатот на Сардинското Кралство во Солун станал италијански, а во Битола (1895) и Скопје (1902) биле отворени нови италијански конзулати. Интересот на Италија за Македонија значително се зголемил по формирањето на МРО (1893). Македонското националноослободително движење било под силно влијание на италијанското (организациската структура на воените сили на Организацијата), а неговиот идеолог и организатор Гоце Делчев бил инспириран од идеите на Манцини. Пред Илинденското востание (февруари 1903) во Милано бил формиран комитет (Про Армениа е Мацедониа) кој ја популаризирал ослободителната борба во Македонија.

Италија имала активно учество за решавање на кризата на Балканот (1876/1877), за прашањето за Македонија на Цариградската конференција (1876–1877) и на Берлинскиот конгрес (1878). Со Берлинскиот конгрес (1878) Отоманското Царство било обврзано на Македонија да ѝ даде статус на автономна провинција уредена со посебен устав според месните услови. По Илинденското востание Италија се застапувала во Македонија да се воведат ефективни реформи. Ја поддржала Програмата за реформи предложена од Австроунгарија и од Русија („Мирцштершката програма”), го презела за реформирање Битолскиот Вилает. По Востанието, за команданти на меѓународните воени сили, позиционирани во Македонија, врз основа на Мирцштегската спогодба, биле именувани италијанските генерали Гиовани Батиста Емилио де Георгис (1903-1908) и Марио Николас ди Роблант (1908–1909).

Меѓувоен период[уреди | уреди извор]

Италија (1912) се солидаризирала со сојузените балкански држави во војната со Отоманското Царство и ја признала поделбата на Македонија со Букурешкиот договор (1913). На Версајската мировна конференција (1919) Италија се застапила за автономија на Македонија во составот на Кралството на Србите, Хрватите и Словенците, на што жестоко се спротивставила Франција. По конференцијата, при определувањето на границата на Албанија, Италија издејствувала нејзино проширување со присоединување кон Албанија на дел од Гора, областа Долни Дебар и дел од Преспа.

Во периодот меѓу двете светски војни, Италија го поддржувала и го помагала дејствувањето на ВМРО на Тодор Александров и на Иван Михајлов во Вардарскиот дел од Македонија под власта на Југославија и прифатила третман на македонското население во Албанија како бугарско. Оттаму и блиските контакти на претставници на ВМРО со официјални претставници на Владата на Италија во периодот меѓу двете светски војни (воспоставени во 1919 г. во Софија), а во 1921 г. во Рим бил формиран Италијанско-македонски комитет; во 1922 г. бил назначен претставник на ВМРО во Рим; следела и воена и финансиска помош за организирање оружени акции во Вардарскиот дел на Македонија, па политички азил на водачот на ВМРО Ванчо Михајлов, кој по завршувањето на Втората светска војна живеел во Рим.

Таа окупирала дел од Македонија (1941) и извршила нејзина поделба, со што ја присоединила кон Албанија територијата со Струга, Дебар, Гостивар, Кичево и Тетово.

Македонија[уреди | уреди извор]

По прогласувањето на државната независност на Македонија (1991), Италија ја поддржала Грција за спречување на признавањето под историското уставно име и ја признала Македонија како Поранешна Југословенска Република Македонија (ПЈРМ).

На 18 ноември 1991 година, Владата на Италија донеела одлука за отворање конзулат во Македонија. На 16 декември 1992 година, за генерален конзул го именува Фаустино Трони. Италија ја признала Македонија на 8 април 1993 година. Дипломатски односи се воспоставиле на 16 декември 1993 година.

Прв вонреден и ополномоштен амбасадор на РМ во Италија бил Виктор Габер. Прв вонреден и ополномоштен амбасадор на Италија во Македонија бил Фаустино Трони.

При приклучувањето на Македонија кон НАТО, Италија го ратификувала протоколот на 2 декември 2019 година[2][3].

Денес, Италија е еден од главните поддржувачи на европските и евроатлантските аспирации на Македонија и ја поддржува земјата во реформските процеси неопходни за напредок кон овие основни цели. Состојбата на политичките односи меѓу Италија и Македонија е одлична и во последните години постојано се интензивира. Италија има отворено амбасада во Скопје и конзуларно одделение, исто како и Македонија во Рим, која покрива и Суверен Воен Ред на Малта[4] и конзулат во Венеција.

Економска соработка[уреди | уреди извор]

2018 претставувала позитивна година за трговските односи меѓу Италија и Македонија, со зголемување на вредноста на вкупната билатерална трговија, која достигнала близу 614 милиони евра, што е еднакво на 13,6% повеќе за разлика од пртходната година. Вредноста на италијанскиот извоз изнесувал 430 милиони евра, што претставува зголемување од 14% во споредба со претходната година, благодарение на придонесот на секторот за обувки, машини, текстил, храна и пластични производи. Увозот од Македонија во Италија достигнал вредност од 184 милиони евра, со раст од 12,6% во споредба со 2017 година.

Според овие податоци, Италија се наоѓа на 6-тото место во рангирањето на трговските партнери на Македонија, веднаш по Германија, Грција, Велика Британија, Србија и Бугарија. Исто така, Италија е рангирана на шесто место меѓу земјите клиенти на Македонија, со учество од 3,1% од вредноста на извозот од Скопје, пред која и претходат Германија (47%), Бугарија (5,2%) и Србија (4%), Косово (3.8%) и Грција (3.2%). Италија го зазема шестото место, исто така, во рангирањето на земјите-снабдувачи на Македонија, со учество од 5,6%, а пред неа се Германија (15,8%), Велика Британија (9,5%, вредност чија тежина е добиена од увозот на суровини и полупроизводи за производство на катализатори за автомобили од најголемата инвестиција на Велика Британија во земјата), Грција (8,5%), Србија (6,7%) и Кина (5,8%).

Тековите на италијанските директни инвестиции во странство во Македонија се концентрирани главно во градежништвото, земјоделските и традиционалните сектори на брендот „Произведено во Италија - Made in Italy“, како што се текстилот, обувките и обработката на метал. Присуството на италијански компании е исто така важно во секторот за обновлива енергија.

Културна соработка[уреди | уреди извор]

Билатералната соработка во областа на културата се заснова на „Спогодбата за соработка во областа на културата, образованието и науката меѓу Владата на Република Италија и македонската Влада ", потпишана во Скопје на 21 јануари 1998 година, со која се дефинира општата рамка на односите во културата. Врз основа на членот 19, овој Договор се спроведува преку „Извршни програми“, последната од кои била потпишана на 30 јуни 2016 година и важи за периодот 2016-2019 година.

„Спогодба за копродукција во кинематографијата меѓу Македонската Влада и Владата на Италија“ била потпишана во Скопје на 15 ноември 2002 година.

Бројните активности во организација на Амбасадата од областа на културата и промоцијата на италијанскиот јазик, благодарение на соработката со Катедрата за италијански јазик и книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, како и со „Институтот Данте Алигиери“ Скопје, се поделени низ серија настани кои се одржуваат секоја година, како што се: „Неделата на италијанскиот јазик“, „Недела на италијанскиот филм“, „Неделата на италијанската кујна“.

Амбасадата, исто така, реализира и поддржува разни иницијативи и настани поврзани со уметноста, музиката, литературата, киното, театарот, танцот, модата, фотографијата, архитектурата, дизајнот и кујната

Последни средби[уреди | уреди извор]

Литература[уреди | уреди извор]

  • Иван Катарџиев-Аленка Лапе, Италијански дипломатски документи за Македонија, т. 1 кн. 1-1919-1924, т. 2 кн. 21924-1927, ДАРМ, Скопје, 2005.
  • Македонија во меѓународните договори, 1, Скопје, 2006;
  • Италијански дипломатски документи за Македонија, 1, 1, Скопје, 2001;
  • Силвио Галон, Политички извештаи на италијанските конзули од Битола (1895–1916), Битола, 2004;
  • Зоран Тодоровски, Врските на ВМРО со Италија, во периодот меѓу двете светски војни, „Гласник” на ИНИ, 40, 2, Скопје, 1996;
  • Ахил Тунте, Република Македонија – прва декада (1990–1999), Скопје, 2005. Т. Петр. и М. Мин.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Ристовски, Блаже, уред. (2009). „Македонско-италијански односи“. Македонска енциклопедија. , книга I (А-Љ). Скопје: МАНУ. стр. 624. Text "series " ignored (help)
  2. „Parlamento Italiano – Disegno di legge S. 1362 – 18ª Legislatura“. senato.it. Архивирано од изворникот 17 October 2019. Посетено на 17 October 2019.
  3. „Atti firmati nella settimana dal Presidente Sergio Mattarella“. Quirinale (италијански). Архивирано од изворникот 28 October 2019. Посетено на 28 October 2019.
  4. „igu.gov.mk“ (PDF). Архивирано од изворникот (PDF) на 2017-12-15. Посетено на 2020-08-07.