Обединување на Италија

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Процесот на обединување на Италија.

По револуцијата од 1848 г., Италија останала политички и економски расцепкана на повеќе самостојни државички. И покрај политичката расцепканост, во Италија се повеќе се развивало капиталистичкото стопанство со што економски јакнела буржоазијата која станала носител на националното движење. За обединување на Италија постоеле две гледишта. Едното го застапувала крупната буржоазија на Сардинското кралство на чело со Камило Кавур, кој настојувал да ја обедини Италија по дипломатски пат, со помош од големите сили. За таа цел ја вовлекол Сардинија во Кримската војна (1853-1856 г.). Како награда за тоа од францускиот император Наполеон III ги добил Савоја и Ница. Во 1859 г. Сардинија и Франција ја нападнале Австрија која ја држела северна Италија. Австрија била поразена кај Маџенто и Солферино. Ужасите од таа војна и страдањето на ранетите војници биле повод швајцарскиот лекар Анри Динан во Женева да предложи создавање на меѓународна организација - Црвен крст, чија цел ќе биде давање помош на сите кои се во неволја. Во 1863 г. овој предлог бил прифатен и во чест на Динан, 8 мај, неговиот роденден бил прогласен за меѓународен ден на Црвениот крст. Второто гледиште за обединување на Италија го застапувал ситната буржоазија, интелигенцијата, селаните и работниците, кои сакале обединувањето да дојде по револуционерен пат, а Италија да се оформи како демократска република. Претставници на ова гледиште биле Џузепе Мацини, идеологот на движењето и Џузепе Гарибалди, организатор и водач на револуционерни одреди од доброволци. Поразот на австриската војска предизвикал револуционорното движење да се прошири во сите италијански области. Во 1860 г. на Сицилија започнало востание. На востаниците на помош им дошол Гарибалди со своите доброволци. Востаниците ги победиле Бурбоните и ја ослободиле Сицилија со што го прогласиле обединувањето на Сардинското царство, а во 1861 г. било прогласено обединување како италијанско кралство, на чело со кралот Виктор Емануел II. Надвор од кралството останале папската држава и венециската област. Борбите за целосно ослободување продолжиле за време на австро-пруската војна од 1866 г. и за време на француско-пруската војна од 1870 г, кога Прусија ја разбила Франција, главниот заштитник на папата. Италија го искористила тоа и ја присоединила папската држава со што завршило и нејзиното обединување. Престолнина станал градот Рим, но наместо демократска република таа станала буржоаска монархија со агресивна политика.

Користена литература[уреди]

  • „Историја“ од Јорданка Патковиќ.