Свиената носна согласка (ретрофлексен назал) е вид на согласка во некои јазици. Меѓународната фонетска азбука (МФА) ја претставува со симболот ⟨ɳ ⟩, а X-SAMPA го користи n`. Како и сите свиени согласки, симболот во МФА е создаден со придодавање на надесно свртено ченгелче кон десната ногарка на буквата n (буквата на соодветната венечна согласка). Симболот е по изглед сличен на ⟨ ɲ⟩ (преднонепчена носна согласка), но неговото ченгелче излегува од левата ногарка и е свртено налево, а потсетува и на ⟨ŋ⟩ (заднонепчена носна согласка), кој има налево свртено опавче што продолжува од десната ногарка.
Свиената носна согласка ги има следниве особености:
Начинот на творба е препречен, што значи дека се создава со попречување на воздушниот тек во говорниот апарат. Бидејќи согласката е исто така носна, попречениот тек се пренасочува низ носот.
Местото на творба е свиено, што прототипно значи дека се создава со подјазично - со врвот на јазикот свиткан нагоре. Поопшто земено, гласот е задновенечен без да претрпи палатализација. Ова значи дека покра прототипната подјазична творба, јазичниот допир може да биде и врвен или рамен.
Фонацијата е звучна, што значи дека гласните жици треперат при творбата.
Бидејќи гласот не се создава со воздушен тек по јазикот, за оваа согласка не важи двојбата „средна–странична“.
Воздушниот механизам е белодробно издишен, што значи дека се создава со истиснување на воздух единствено низ белите дробови и дијафрагмата, што важи за највеќето гласови.
Eliasson, Stig (1986), „Sandhi in Peninsular Scandinavian“, Во Anderson, Henning (уред.), Sandhi Phenomena in the Languages of Europe, Berlin: de Gruyter, стр. 271–300
Keane, Elinor (2004), „Tamil“, Journal of the International Phonetic Association, 34 (1): 111–116, doi:10.1017/S0025100304001549
Ladefoged, Peter (2005), Vowels and Consonants (II. изд.), Blackwell