Рибарче

Од Википедија — слободната енциклопедија
Рибарче
Научна класификација
Царство: Животни
Колено: Хордови
Класа: Птици
Ред: Модроврани
Семејство: Рибарчиња
Род: Рибарче
Вид: Обично рибарче
Научен назив
Alcedo atthis
(Linnaeus, 1758)
     Размножување
     Постојан жител 
     Зимување

Рибарче, водомар или обично рибарче (науч. Alcedo atthis) — мала птица од семејството на рибарчињата која има 7 подвида распространети низ Евроазија и Северна Африка, a единствен вид од рибарчињата. Го има и во Македонија. Живее крај умерено брзи реки или езера кои мора да се бистри и во нив да има доста мали рипчиња. Се храни со риби, но и со инсекти, мали ракчиња и полноглавци. Претежно е постојан жител (резидентен), освен на местата каде замрзнуваат реките и е преселничка. Овој вид во Европа бројно се опоравува иако сè уште се смета за загрозен, но во светски рамки бројноста не е загрозена и затоа според статусот спаѓа во категоријата најмала загриженост. Оваа птица, со големина колку градско врапче, е типична за својот вид, со кратка опашка, голема глава, сино перје одозгора, портокалово одоздола.

Таксономија[уреди | уреди извор]

Рибарчето за првпат е опишано од Карл Лине во неговата Systema Naturae во 1758 како Gracula atthis.[2] Модерниот биномен назив потекнува од латинското alcedo - рибарче и Atthis, прекрасна девојка од островот Лезбос, омилена на поетесата Сафо.[3]

Подвидови[уреди | уреди извор]

A. a. bengalensis

Има седум подвида кои се разликуваат малку во нијансите на боите и во величината:[4]

Распространетост и живеалиште[уреди | уреди извор]

Рибарчето е широко распространето во Европа, Азија и западните делови на Северна Африка. Во источните делови на Индонезија и Меланезија може да се сретнат изолирани популации. Ги нема на Исланд, северна Шкотска и Скандинавија, како ни во Сибир. Освен тоа, не се населуваат ниту во планинските предели, ниту во пустините, зашто им треба постојано свежа вода. Во западна и средна Европа, со ретки исклучоци, овие птици се постојани жители. Кон исток, сè повеќе се зголемува бројот на преселниците. Животната средина на рибарчето е крај мирните бистри реки и езера. Освен рипчињата, покрај водата мора да има и доволно погодни места над водата, од кои ќе може да набљудува, а сака и кога крај водата има доста дрвја. Корстат реки, потоци, езера, но и разни канали, рибници и слични, од човекот создадени живеалишта.

Опис[уреди | уреди извор]

Рибарчето, како и сите видови на ова семејство, има набиено тело со кратки нозе, кратка опашка и широки крилја. Големата глава е долга 4 см и има долг остар клун. Зависно од светлината, одозгора перјето е кобалтно до тиркизносино, а на грбот има сјајна сина линија.[7] Линијата е особено впечатлива кога птицата полетува. Должината на телото е меѓу 16 и 18 см[8], а тежината од 34 до 46 грама[8]. Распонот на крилјата е околу 25 см[9]. Пердувите на горниот дел од главата, горниот дел од крилјата, рамењата и опашката им се темносинозелени. На главата има азурносини линии. Долниот дел, сè до белото грло, им е ’рѓавоцрвена боја или костенлива. Од страните, и на вратот, има остро обрабени бели дамки и една синозелена линија на брадата. На челото, над секое око, има костенлива дамка, која однапред изгледа бело. Во сезона на парење, нозете им се портокаловоцрвени.[9]

Клунот на мажјаците е црн, малку посветол одоздола. Клунот на женките одоздола, од основата до третина на должината е портокаловоцрвен.

Нозете на младенчињата од горната страна се кафеави, а пердувите малку позагасити и од горната страна позелени отколку кај возрасните.[8]. Клунот им е пократок со светла точка на врвот.

Митарењето трае од август до средината на ноември, и тоа секогаш. Младенчињата тогаш ги менуваат само малите пердувчиња, а понекогаш и од опашката.

Огласување[уреди | уреди извор]

Иако некогаш огласувањето на рибарчињата се опишува како пеење, тоа не е точно, зашто немаат разни свирки и мелодии, туку само низа различни гласови употребени со определена цел.[8].

Исхрана[уреди | уреди извор]

Со уловено рипче во клунот
Хранење

Рибарчето се храни со риби, инсекти и нивните ларви, мали ракчиња и полноглавци. Може да голтне риба долга и до 9 см, а широка до 2. Ако рибите се долгнавести, може да бидат и долги до 12 см. Ловат, така што стрмоглаво се нурнуваат во водата. Најпрво, од некое погодно место набљудуваат, па потоа тргаат во лов. Кога ќе го здогледа пленот, се фрла во водата косо, во однос на површината, со главата нанапред, често убрзувајќи со кратки замавтувања со крилјата. Кога ќе се нурнат, очите им се отворени, но заштитени со кожичка. При влезот во водата, ги собираат крилјата тесно до телото, или ги испружуваат нагоре. Штом го фатат пленот, забавуваат испружувајќи ги крилјата и нозете. Кон површината се движат со грб и стисната глава кон градите. На крај, прво го исфрла клунот од водата, а потоа веднаш, или само по еден момент птицата летнува кон местото за набљудување.[10] Најчесто, целиот овој процес не трае подолго од 2 до 3 секунди. Ако нема погодно место за набљудување, рибарчето може да се нурне и од лет во место, односно, од лебдечка позиција. Секој обид не е успешен, често рипчињата успеваат да му побегнат.

Помалите рипчиња, птицата веднаш ги голта, но поголемите, ги тресат, или ги удираат од подлогата додека не ги усмртат. Потоа, држејќи ја со клунот, полека, со главата нанапред ја подголтнува рибата. Ја става во таква позиција за жабрите и перките да не ѝ заглават во грлото. Несварениот дел од оброкот го повраќа по 1 до 2 часа.

Размножување[уреди | уреди извор]

Лет во место („лебдење“)

Повеќето рибарчиња се моногамни, но кога годината е добра, со многу храна, возможни се и бигамни врски, кога мажјакот има две женки чии гнезда се оддалечени неколку километри. По испилувањето мажјакот ги храни паралелно пилињата од двете гнезда. Исто така, можна е појава на повеќе едноподруго излежени легла во годината.

Меѓу февруари и март, рибарчињата со гласни повици летаат над водата. Ако го сретнат можниот партнер, следува долго заедничко летање ниско над водата, а потоа низ шумата, над дрвјата. Многу ретко во тие летови учествуваат повеќе од две птици. Потоа, мажјакот го одбира местото за гнездење.

Додворување[уреди | уреди извор]

Парење

За време на додворувањето, мажјакот ѝ носи мали рипчиња на женката кои ѝ ги пружа со поклонување. Таа ги прифаќа со огласување и треперење со крилјата. Ова хранење ја засилува врската и служи за проценка на партнерот. Понекогаш, птиците само седат на некоја гранка во близина на можното место за гнездење и наизменично се огласуваат. Додека го копаат ходникот и го прават гнездото, мажјакот постојано, како дел од додворувањето, ѝ носи рипчиња на женката, а при крајот на подготовките на гнездото, доаѓа до парење. Пред парењето, мажјакот зазема импонирачка положба, така што стои исправено со собрано перје, а крилјата обесени нанапред. Тогаш долетува зад женката, која својата подготвеност за парење ја покажува така што речиси легнува на гранката и гласно се огласува, а тој доаѓа врз нејзиниот грб. Мажјакот го фаќа со клунот перјето на главата на женката, и неколкуте секунди на самата копулација со крилјата ја одржува рамнотежата. Потоа најчесто следува капење. Копулацијата, со или без воведното хранење на женката, се повторува неколкупати дневно.

Гнездо[уреди | уреди извор]

За време на градење на гнездото птиците интензивно се капат
Alcedo atthis

Гнездото на рибарчињата претставува дупка со длабок ходник во хоризонталните брегови на реките или езерата.

На некој вертикален или благо нанапред наклонет брег од глина или цврст песок, кој не е премногу премрежен со корења, почнуваат со копање, по можност во горниот дел од брегот. Тунелот со проширувањето на крајот е долг меѓу 60 и 90 см, а висок околу 8 см. Коморката на крајот од тунелот има пречник од 17 см, а висина околу 12 см.[7]. За разлика од тврдата глина, во песок, тунелот може да биде долг и 100 см. Коморката не ја обложуваат со ништо, но набрзо во неа се собираат несварените остатоци од рибата[11].

Парот седи на гранка пред брегот, додека мажјакот ненадејно не полета и на местото кое го смета за погодно, лебди и со клунот удира по подлогата. Се враќа на гранката и го чисти клунот од земја. Наскоро му се придружува и женката, и заедно го копаат тунелот. Една птица останува надвор, да стражари, додека другата е зфатена со копање. Ископаниот материјал го истуркуваат надвор со нозете. Дури кога ќе почнат да ја копаат коморката, птицата може да излезе со главата нанапред. Ако при копањето наидат на некој камен или корења, или го заобиколуваат или започнуваат нов тунел. Градењето може да трае две до три недели. Кога ќе го завршат, влезот го обележуваат со бел измет.

Еден пар понекогаш може да започне повеќе тунели, или дури и да доврши повеќе такви гнезда. Понекогаш користат старо гнездо, без разлика дали тие го направиле или некој друг. Често одлучуваат да довршат веќе започнат тунел. Како и да е, кон крајот на март или почетокот на април „куќичката“ им е готова.

Несење и грижа за јајцата[уреди | уреди извор]

Женката несе јајца претпладне, секој ден по едно. Јајцата се бели, мазни и топчести (2,2 х 1,9 см). Првите денови се малку црвеникави, а подоцна стануваат порцулански бели. Тешки се околу 4,3 грама, од кои 5% е лушпа[9].

Во Средна Европа, женката несе 6-8 јајца, ретко повеќе, а со лежењето започнува откако ќе го снесе последното јајце. Двата родитела ги Квачењеквачат јајцата, но ноќе најчесто женката. Таа е свртена со главата кон излезот и го чека повикот од партнерот кој доаѓа да ја замени. Лежењето трае 19-21 ден. Малечките се испилуваат сите во ист ден, а лушпите од јајцата остануваат во коморката, или понекогаш родителите ги изнесуваат и ги фрлаат во водата.

Од сите започнати легла, 30 до 40 % пропаѓаат. Голем дел ги уништува кревањето на водата или силен дожд, кој покрај што ќе го уништи гнездото, ја заматува водата и им го отежнува риболовот, па младенчињата ќе умрат од глад, Возрасните птици можат да издржат кратки периоди без улов. Лошо направеното гнездо може да биде плен на разни грабливци, кои одозгора или од напред ги крадат јајцата (или пилињата). А ако луѓе 2-3 часа престојуваат пред гнездото, може да доведе до уништување на леглото, зашто птиците не се охрабруваат да влезат во дупката. Неколку дена по губењето на леглото, рибарчињата прават ново, со нови 6-7 јајца и повторно ги лежат.[9].

Грижа за младенчињата[уреди | уреди извор]

По испилувањето, малечките се голи и слепи. Родителите прво ги хранат со инсекти, а потоа со мали рипчиња долги 4-5 см. По 8 дена им избиваат првите синкави пердувчиња на градите, грбот и крилјата. На возраст од 10 дена им се отвораат очите. Во тоа време, еден од родителите е со нив само ноќе. По 23 до 28 дена, младенчињата го напуштаат гнездото. Во почетокот родителите, најмногу мажјакот им носи рипчиња и постепено ги оддалечува од гнездото. Во тоа време, опасност им претставуваат јастребот врапчар, јастребот кокошкар и планинскиот був.

По кратко додворување, во јуни и јули, родителите имаат ново легло. Некои парови успеваат да изведат и трето легло.

Анализата на означените птици покажува дека рибарчињата имаат висок степен на смртност. Од напуштање на гнездото до следната сезона на парење умираат околу 80 % од птиците. Од возрасните, пак, умираат околу 70 % од една до друга сезона на парење.[12] Многу ретко овие птици доживуваат возраст од три години. Овој висок степен на смртност рибарките го надокнадуваат со зголемената репродукција.

Статус[уреди | уреди извор]

Рибарчињата се широко распространети, на околу 10 милиони квадратни километри. Имаат голема популација од 160,000 до 320,000 птици само во Европа. Популацијата не им опаѓа и затоа видот не е на црвената листа и има статус на најмала загриженост.[1][3]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 BirdLife International (2012). Alcedo atthis. IUCN Red List. Version 2012.1. International Union for Conservation of Nature. Посетено на 16 July 2012.
  2. Linnaeus (1758):109. Note: What is now A. a. ispida is described on p. 115 as Alcedo ispida
  3. 3,0 3,1 „Kingfisher Alcedo atthis (Linnaeus, 1758)“. Bird facts. British Trust for Ornithology. Посетено на 21 August 2008.
  4. Fry, Fry & Harris (1999) 219–221
  5. Parentheses indicate a new combination or change in status.
  6. Arnold, Paula: Birds of Israel, (1962), Shalit Publishers Ltd., Haifa, Israel. p. 12
  7. 7,0 7,1 Snow & Perrin (1998)
  8. 8,0 8,1 8,2 8,3 Fry, Fry & Harris (1999) 8–11
  9. 9,0 9,1 9,2 9,3 Bird facts [1] izdavač British Trust for Ornithology Retrieved 21 August 2008.
  10. Einhard Bezzel: BLV Handbuch Vögel. BLV Buchverlag GmbH & Co. KG, München, Strane 326-329, 2006. ISBN 3-8354-0022-3
  11. Covard (1930.) 284-287
  12. „Survival and threats“. Kingfisher. Royal Society for the Protection of Birds. Retrieved 23 August 2008
  • Cocker, Mark; Mabey, Richard (2005). Birds Britannica. London: Chatto & Windus. ISBN 978-0-7011-6907-7.
  • Coward, Thomas Alfred (1930). The Birds of the British Isles and Their Eggs (two volumes). Frederick Warne. Third edition, volume 1.
  • Fry, C. Hilary; Fry, Kathie; Harris, Alan (1999). Kingfishers, Bee-eaters and Rollers. London: Christopher Helm. ISBN 978-0-7136-5206-2.CS1-одржување: повеќе имиња: список на автори (link)
  • Linnaeus, C (1758). Systema naturae per regna tria naturae, secundum classes, ordines, genera, species, cum characteribus, differentiis, synonymis, locis. Tomus I. Editio decima, reformata. Holmiae. (Laurentii Salvii). (латински)
  • Sinclair, Sandra (1985). How Animals See: Other Visions of Our World. Beckenham, Kent: Croom Helm. ISBN 978-0-7099-3336-6.
  • Snow, David; Perrins, Christopher M (1998). The Birds of the Western Palearctic (BWP) concise edition (2 volumes). Oxford: Oxford University Press. ISBN 978-0-19-854099-1.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]