Градско врапче

Од Википедија — слободната енциклопедија
Градско врапче
Мажјак
Женка
Научна класификација
Царство: Животни
Колено: Хордови
Класа: Птици
Ред: Врапчевидни
Семејство: Врапчиња
Род: Врапче
Вид: Градско врапче
Научен назив
Passer domesticus
(Linnaeus, 1758)
       Природно живеалиште
       Населен
Синоними[2]

Fringilla domestica (Linnaeus, 1758)
Passer domesticus (Linnaeus, 1758) (Brisson, 1760)
Pyrgita domestica (Linnaeus, 1758) (G. Cuvier, 1817)
Passer indicus (Jardine & Selby, 1835)
Passer arboreus (Bonaparte, 1850)
Passer confucius (Bonaparte, 1853)
Passer rufidorsalis (C. L. Brehm, 1855)
Passer engimaticus (Zarudny, 1903)
Passer ahasvar (Kleinschmidt, 1904)

Градското врапче, домашното врапче или само врапче (науч. Passer domesticus) е птица од семејството врапчиња што е распространета низ речиси целиот свет. Потеклото и природното живеалиште се Европа, Средоземјето и голем дел од Азија, но е населена во делови од Австралија, Африка и Америка, што ја прави најшироко распространета птица во светот.

Врапчето е силно поврзано со човечките живеалишта и најчесто се среќаваат во урбаните или руралните средини. Иако го има во различни живеалишта и различни климатски услови, сепак тоа избегнува шуми, пасишта, ливади и пустини.

Долго е 16 см, тежи 24-39.5 грама, со кафевкави бои. Женките и младенчињата се побледо кафеави и сивкави, а мажјаците имаат посилни црни, бели и кафеави тонови. Се храни најмногу со семиња, но јаде и инсекти и секаква друга храна.

Распространетост и живеалиште[уреди | уреди извор]

Градското врапче е населено во многу делови на Европа и Азија. Во Македонија го има во сите градски средини. Луѓето го истребиле градското врапче од потсахарна Африка, Австралија, Нов Зеланд, Јужна и Северна Америка, но по извесно време повторно се донесени во тие средини.

Во САД врапчињата се доведени во периодот меѓу 1850 и 1875 година, но надлежните ги прогласиле за штетници и до 1883 година било забрането да се увезуваат.

Во Кина, пак, по Втората светска војна (Мао Це Тунг), исто така, ги прогласиле врапчињата за штетници, зашто од зголемениот број на тие „летечки глувци“ страдале полињата со житарици, особено оризот. Во тие години се случил масовен помор на врапчињата. Селаните и другите ловци биле плаќани по број на убиени птици, а некои дури ги одликувале за тој „чин на народна храброст“. Но, тоа било најголема грешка што е направена за некој птичји вид, зашто следните години поради наезда на скакулци немало доволен број птици што се хранат со нив. Според пресметките, тогаш посевите настрадале повеќе отколку за 10 години од врапчињата. Се разбира, поради недоволно познавање, настрадале и голем број други видови птици.

Живеалиштето на градското врапче е тесно поврзано со човековото живеалиште и цивилизација. Но, тоа не зависи од човекот, зашто во Средна Азија, а и на други места, многу врапчиња живеат далеку од луѓето.[3][4][5][6] Единствени места каде што врапчињата не живеат се густите шуми и тундрите. Добро адаптирани за живот во близина на луѓето, тие си прават гнезда дури и внатре во зградите, особено во фабрики, магацини и зоолошки градини. Во Англија се забележани во рудник на јаглен 640 метра под земја[7], како и во САД, на Емпаер стејт билдинг хранејќи се на горната опсерваторија, ноќе.[8] Иако, повеќето врапчиња живеат во градски средини, оние што живеат надвор од нив имаат поуспешна репродукција, веројатно заради поголемото количество инсекти.[4] Толерира секакви климатски услови, но претпочита посуви.

Повеќето врапчиња остануваат на територија од неколку километри во текот на целиот живот. Сепак, има ограничени миграции во сите региони. Оние што живеат на повисоките и постудени места во текот на зимата се симнуваат во пониските.[9][10] Само двата подвида, bactrianus и parkini, се преселни птици.

Таксономија и систематизација[уреди | уреди извор]

Градското врапче е едно од првите животни на кое му е дадено научно име во биолошкиот систем на класификација, опишано од Карл Лине, 1758 во 10-тото издание на Systema Naturae. Земено е за тип во систематизацијата, со името Fringilla domestica.[11][12] Подоцна, родовото име Fringilla почнало да се користи само за обичната ѕвингалка и неговите роднини, а градското врапче вообичаено било сместено во родот врапчиња (Passer) создаден од францускиот зоолог Матирен Жак Брисон во 1760.[13]

Родот врапчиња (Passer) содржи околу 26 вида (според „Прирачник на птиците во светот“).[14] Таксономијата на градското врапче и неговите средоземни роднини е многу комплицирана.

Мажјак од подвидот P. d. balearoibericus во Истанбул

Именувани се голем број подвидови, но во „Прирачникот“ се дефинирани 12 кои се сместени во две групи:

групата domesticus
групата indicus

Опис[уреди | уреди извор]

Градското врапче е долго 14-16 см, со распон на крилјата од 25 см и тежи 24-39.5 грама, и е малку поголемо од селското врапче. Телото му е често „надуено“, споено со малата глава. Клунот му е дебел и конусен, опашката кратка, нозете со четири прста. На земја почесто скока отколку што оди. Има изразен полов диморфизам. Мажјаците се малку поголеми и имаат синкавосиво теме и тил обрабен со костенливокафеаво поле кое започнува кај очите и завршува кај тилот. Образите му се светлосиви до белкави. Градите и стомакот му се пепелавосиви, а грлото, подбрадокот и клунот му се црни. Грбот му е кафеав, со надолжни црни линии. Наесен, по митарењето црниот дел на подбрадокот може да биде покриено со посветли рабови на новите перја. Женката е побледа, со нијанси на кафеави бои. Нема црно на темето, главата ѝ е сивкавокафеава, горните делови се кафеави со потемни линии, но има светла линија над окото. Одоздола е светлосивокафеава. Младенчињата се слични на женките, но имаат светол жолт клун.[16]

Поведение[уреди | уреди извор]

Градското врапче често се капе во вода (лево) или во прав (десно)

Врапчето е многу дружељубива птица. Во јато е во сите сезони, а кога се храни, и со други видови птици. Гнезди во групи, а и кога спие е во заедница. Често може да се види како се капе во прав или во вода, или пак пее заедно со другите птици од грмушките. Претежно се храни на земја, но и во јата на дрвјата и грмушките. На местата за хранење и во гнездото, женките се подоминантни иако се помали.[17][18] Јатата врапчиња се многу гласни со своето чуруликање кога се стемнува и кога се сместуваат на некое дрво или грмушка да спијат, како и рано наутро кога се будат. Тие спијат со клунчето пикнато под крило.[19]

Летот на врапчето е директен (не е брановиден), со замавнувања на крилјата (15 пати во секунда) и со просечна брзина од 45.5 км/ч.[20][21] На земја скока, а не оди. Може да плива, ако е принудено, а и да нурка на кратки растојанија.

Огласување[уреди | уреди извор]

Градско врапче, мажјак, па женка

Повеќето огласувања на врапчињата се варијации на краткото и непрестајно чврчорење. Тоа може да се опише како чируп, цчилп или филип. Ова го користат за контакт, или кога мажјакот ја прогласува својата територија за парење и ја повикува женката. Во сезоната на парење мажјакот овој повик го повторува со акцент и брзина, не многу ритмично, опишано како „екстатичен повик“, кој заличува на пеење.[22][23]

Агресивните мажјаци имаат покрескава варијанта на повикот чур-р-р-ит-ит-ит-ит кој го користат и женките за да ја покажат својата доминација над мажјаците кога треба да ги заменат при инкубацијата или исхраната на пилињата. Повикот за тревога е назален, тажен квер, или остро чри.

Кога комуницираат меѓу себе, парот има мек повик, попуштачко куе.

Исхрана[уреди | уреди извор]

Женка се храни пасејќи, во Германија

Возрасните врапци претежно се хранат со житарки и семиња од тревки, но, тие се опортунисти во исхраната, многу прилагодливи, и јадат секаква храна. Може да изведе многу сложени и необични задачи за да дојде до храна, како што е отворање автоматска врата на супермаркет, на пример.[24] clinging to hotel walls to watch vacationers on their balconies,[25] Како и на многу други птици и на врапчето му се потребни тврди трошки за да ја свари храната, како: камчиња, лушпи од јајца, од полжави и сл. Истражувањата покажале дека храната што ја јаде е 90% од неговата тежина. Во градските средини јадат претежно она што останува од луѓето, а најмногу леб. Јадат бобинки и меко овошје. Важен дел од исхраната се инсектите, бубачките, гасениците, потоа црвите, а јаде и гуштери и жаби. Младенчињата ги хранат претежно со инсекти. Забележан е како краде храна од други птици.

Размножување[уреди | уреди извор]

Јајца во гнездо
Младенче

Градските врапчиња се моногамни птици и се спаруваат за цел живот. Копулација со други често се случува, но е намалена заради агресивноста на женките. На почетокот од сезоната на парење, мажјакот ја одбира територијата и започнува со изградба на гнездото, а потоа почнува со своето покажување и пеење да ја привлече женката. Покажувањето се состои од движење нагоре-надолу додека ги спушта и тресе крилјата, ја турка главата, ја крева и шири опашката и го покажува подбрадокот. Ова ги привлекува и другите мажјаци кои се обидуваат со своите претстави да ѝ се додворат на женката. Копулацијата е иницирана од женката која испушта мек ди-ди-ди повик за мажјакот. Многу женки нема да најдат свој партнер, па може да останат да помагаат на некој пар во одгледување на пилињата, со надеж дека ќе бидат избрани ако се изгуби партнерот. При загуба на партнерот, двата пола брзо го заменуваат.

Местата за гнездење се различни, иако шуплините се најпосакувани. Најчесто користат напуштени гнезда, иако се случува да узурпираат активни. Формата на гнездото е сферична и може да му фали покрив. Надворешниот слој е од стебло или корен, средниот е од лисја и трева, а послано е со помеки тревки, пердуви, хартија или било кој мек материјал.

Најчесто, леглото содржи 4-5 јајца, а имаат најмалку две легла. Јајцата се бели, синобели или зеленобели, со кафеави или сиви точки.[20] Женката ги инкубира јајцата, а мажјакот помага. Тој може само да ги покрие јајцата, но не лежи врз нив. Ноќе, додека женката инкубира, мажјакот спие во близина. Краткиот период на инкубација трае 11-14 дена (најмалку 9, а најмногу 17), а младенчињата го напуштаат гнездото по 14-16 дена. За тоа време ги хранат обата родитела. Сосема се осамостојуваат по уште 7-10 дена.[26]

Полово зрелите врапчиња просечно живеат 1.5 до 2.3 години. Ако се сметаат и младенчињата, тогаш просечниот век е само 9 месеци. Тие подолго живеат во градовите отколку вон нив. Сепак, има примери на птици што живееле и по 14 години во слобода и до 23 години во заробеништво.

Во културата[уреди | уреди извор]

Во еден будистички мит, Буда доживеал духовно будење. Тогаш, сите дошле да му се поклонат, но врапчињата дошле последни. Затоа, тој ги казнил така што им ги врзал нозете (затоа скокаат, а не одат).

Врапчето често се спомнува во Библијата, а особено во Новиот завет.

G37
Во египетската уметност врапчето е претставувано многу ретко, но во египетските хиероглифи е основа. Хиероглифот нема фонетска вредност, туку го дефинира зборот како мало, тесно или лошо.[27] Алтернативното значење на овој хиероглиф е „плоден човек“ или „револуција на годината“.[28]

Една посовремена варијанта на врапчето и неговите особини се преточени во ликот на Џек Спароу (Џек Врапчето) во филмскиот серијал „Пиратите од Карибите“.

Статус[уреди | уреди извор]

Во многу делови на Европа бројот на врапчињата се намалува. Во Велика Британија во последните 25 години популацијата се намалила за 64%. Се наведуваат разни причини за ова, но еден од најизненадувачките е употребата на безоловниот бензин,[29] чие согорување произведува отрови како метил-нитритот.

Вкупниот број единки во Европа според Црвениот список на МСЗП е меѓу 130 и 270 милиони и е вид со најмала загриженост.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Carduelis chloris. IUCN Red List. Version 2006. International Union for Conservation of Nature. 2004. Посетено на 2008-06-02.
  2. Summers-Smith 1988, стр. 307–313
  3. Anderson 2006, стр. 424–425
  4. 4,0 4,1 Summers-Smith 1988, стр. 137–138
  5. Hobbs, J. N. (1955). „House Sparrow breeding away from Man“ (PDF). The Emu. 55 (4): 202. doi:10.1071/MU955202.
  6. Wodzicki, Kazimierz (May 1956). „Breeding of the House Sparrow away from Man in New Zealand“ (PDF). Emu. 54: 146–147.
  7. Summers-Smith 1992, стр. 128–132
  8. Brooke, R. K. (January 1973). „House Sparrows Feeding at Night in New York“ (PDF). The Auk. 90 (1): 206.
  9. Broun, Maurice (1972). „Apparent migratory behavior in the House Sparrow“ (PDF). The Auk. 89 (1): 187–189. doi:10.2307/4084073.
  10. Waddington, Don C.; Cockrem, John F. (1987). „Homing ability of the House Sparrow“. Notornis. 34 (1). Архивирано од изворникот на 2019-07-13. Посетено на 2013-08-30.
  11. 11,0 11,1 Summers-Smith 1988, стр. 121–122
  12. Linnaeus 1758, стр. 183
  13. Brisson 1760, стр. 36
  14. Summers-Smith, J. Denis (2009). „Family Passeridae (Old World Sparrows)“. Во del Hoyo, Josep; Elliott, Andrew; Christie, David (уред.). Handbook of the Birds of the World. Volume 14: Bush-shrikes to Old World Sparrows. Barcelona: Lynx Edicions. ISBN 978-84-96553-50-7.CS1-одржување: повеќе имиња: список на уредници (link)
  15. Summers-Smith 1988, стр. 134
  16. Sylvie Deraime, "Enciklopedija životinja", 2006. ISBN 953-171-746-X
  17. Johnston, Richard F. (1969). „Aggressive Foraging Behavior in House Sparrows“ (PDF). The Auk. 86 (3): 558–559. doi:10.2307/4083421.
  18. Kalinoski, Ronald (1975). „Intra- and Interspecific Aggression in House Finches and House Sparrows“ (PDF). The Condor. 77 (4): 375–384. doi:10.2307/1366086. JSTOR 1366086.
  19. Reebs, S. G.; Mrosovsky, N. (1990). „Photoperiodism in house sparrows: testing for induction with nonphotic zeitgebers“. Physiological Zoology. 63: 587–599.
  20. 20,0 20,1 Lowther, Peter E.; Cink, Calvin L. (2006). Poole, A. (уред.). „House Sparrow (Passer domesticus)“. The Birds of North America Online. Посетено на 21 April 2010.
  21. Schnell, G. D.; Hellack, J. J. (1978). „Flight speeds of Brown Pelicans, Chimney Swifts, and other birds“. Bird-Banding. 49 (2): 108–112. doi:10.2307/4512338. JSTOR 4512338.
  22. Summers-Smith 1963, стр. 26–30
  23. Cramp & Perrins 1994, стр. 291
  24. Anderson 2006, стр. 246
  25. Kalmus, H. (1984). „Wall clinging: energy saving by the House Sparrow Passer domesticus“. Ibis. 126 (1): 72–74. doi:10.1111/j.1474-919X.1984.tb03667.x.
  26. Glutz von Blotzheim & Bauer 1997, стр. 79–89
  27. Houlihan & Goodman 1986, стр. 136–137
  28. Wilkinson 1847, стр. 211–212
  29. British Birds, vol 100, September 2007, p558

Надворешни врски[уреди | уреди извор]