Прејди на содржината

Џек Спароу

Од Википедија — слободната енциклопедија
Лик од Пирати од Карибите
Капетан Џек Спароу
Џони Деп како капетанот Џек Спароу
Полмашко
ПрофесијаПиратски капетан
Пиратски господар на Карпското Море
„Управник“ на островот Рамранер
Претходно:
Трговска компанија на Источна Индија
БродовиБарнакл
La Fluer De La Mort
Трубадур
Поволен ветер
Блудна девојка/Црниот Бисер
HMS Интерсептор
Одмаздата на кралицата Ен
ОружјеСè што е можно
Баунти10001 Гинеи
(Се бара мртов)[1]
СемејствоЕдвард Тиг(татко)
ПојавувањеПиратите од Карибите
Пиратите од Карибите: Легенди од Братскиот Совет
Пиратите од Карибите: видео игри
Пиратите од Карибите
ГлумецЏони Деп

Капетан Џек Спароу е измислен лик и главен јунак во филмскиот серијал Пиратите од Карибите. Тој е создаден од сценаристите Тед Елиот и Тери Росио, а улогата ја толкува Џони Деп. Џек Спароу првпат е претставен во филмот Пиратите од Карибите: Проклетството на Црниот Бисер (2003). Подоцна се појавува и во продолженијата: Ковчегот на мртовецот (2006), На крајот од светот (2007) и На чудни плими (2011). На почетокот Џек Спароу бил замислен како спореден лик. Џони Деп ја засновал својата карактеризација според гитаристот на Ролинг Стоунс, Кит Ричардс, и ликот од цртаните филмови, Пепе ле Пју.

Серијалот Пиратите од Карибите е инспириран од тематскиот парк на Дизни. При обновата на паркот во 2006 година, додаден е и ликот на Џек Спароу. Тој исто така е и тема на низа книги, Пиратите од Карибите: Џек Спароу, кои ги опишуваат неговите тинејџерски години, а се појавува и во неколку видео игри.

Во филмовите, Џек Спароу е еден од пиратските лордови на седумте мориња од Братскиот Совет. Тој може да биде подмолен и обично преживува со помош на духовитоста и преговарањето, наместо со оружје или сила, притоа избегнувајќи ги опасните ситуации и борејќи се само кога е потребно. Спароу е претставен како се обидува да го врати назад својот брод, Црниот Бисер, од неговиот бунтовен прв офицер, Хектор Барбоса. Подоцна, додека се бори против Трговската компанија на Источна Индија, Џек се обидува да избега од крвниот долг кон легедарниот Дејви Џонс.

Проклетството на Црниот Бисер

[уреди | уреди извор]

Џек Спароу првпат се појавува во Проклетството на Црниот Бисер, кога пристигнува во Порт Ројал за да преземе брод. И покрај тоа што ја спасува од давење ќерката на управникот Ветерби Свон (Џонатан Прајс), Елизабет Свон (Кира Најтли), тој е затворен поради пиратство. Истата ноќ, проколнатиот брод Црниот Бисер го напаѓа Порт Ројал, заробувајќи ја Елизабет. Неговиот капетан, Хектор Барбоса (Џефри Раш), очајно се обидува да ја скрши античката ацтетска клетва со која се проколнати тој и неговата посада. Вил Тарнер (Орландо Блум), ковач заљубен во Елизабет, го ослободува Спароу за да му помогне да ја спасат. Тие го крадат бродот Интерсептор и наоѓаат посада во Тортуга пред да се упатат кон Исла де Муерта (Островот на мртвите), каде што ја држат Елизабет заробена. Додека патуваат, Вил дознава дека Спароу првично бил капетан на Црниот Бисер, но Барбоса се претставил како негов прв офицер за да го украде бродот од него – оставајќи го заглавен на пуст остров пред 10 години.

Двајцата се спасени од страна на Британската Кралска Морнарица, откако Елизабет ќе го искористи румот пронајден на островот за да испрати сигнал со димна бомба. За да го избегне бесењето, Спароу склучува договор да им го предаде Бисерот. За време на решавачката битка на Исла де Муерта, Спароу ја краде проколната паричка, која го прави бесмртен за да може рамноправно да се соочи со Барбоса. Тој пука во својот противник со истиот пиштол кој го носел со себе десет години, во истиот момент кога Вил ја крши клетвата, притоа убивајќи го Барбоса. И покрај тоа што и помогна на Морнарицата, Спароу е повторно уапсен и осуден на смрт.

На предвиденото погубување во Порт Ројал, Вил доаѓа да го спаси, но брзо ги заробуваат. Во истиот момент, Елизабет ја искажува својата љубов за Вил и тој е помилуван, додека Спароу бега паѓајќи од морскиот ѕид. Тој е спасен од новата посада на Црниот Бисер, чиј капетан станува повторно. Очигледно импресиониран од снаодливиот пират, комодорот Џејмс Норингтон (Џек Девенпорт) му дозволува предност од еден ден пред да почнат да го прогонуваат.[2]

Ковчегот на мртовецот

[уреди | уреди извор]

Една година по настаните од првиот филм, Спароу започнува потрага по Ковчегот на мртовецот, кој ќе му помогне да „управува“ со морињата и ќе го спаси. 13 години претходно, Спароу му ја дал својата душа на капетанот Дејви Џонс (Бил Наји), а за возврат Џонс го спасил насуканиот Црн Бисер и го направил Спароу капетан. Во филмот, Спароу мора да отслужи 100 години на бродот Летачкиот Холанѓанец или морското чудовиште наречено Кракен ќе го одведе во Сандакот на Дејви Џонс.

Ковчегот на мртовецот го содржи срцето на Џонс, кое Спароу може да го искористи против него за да стави крај на својот долг. За неволјите на Спароу да бидат уште поголеми, лордот Катлер Бекет (Том Холандер) од Трговската компанија на Источна Индија сака да го израмни својот долг со него и го принудува Вил Тарнер да оди во потрага по Џек. Вил ги наоѓа Спароу и неговата посада криејќи се од Кракенот на островот Пелегосто, каде се заробени од канибали. Тие успеваат да побегнат, но Дејви Џонс ги заробува и бара Џек да си го плати долгот. Џек го разубедува дека тој бил капетан само две години пред Барбоса да се побуни против него, но Џонс не се согласува, изјавувајќи дека тој себеси се нарекува „капетан“ Џек Спароу со години.

Спароу го предава Вил на Дејви Џонс како дел од нов договор со кој ќе тој ќе му предаде 100 души во замена за неговата. Џек регрутира нови морнари во Тортуга, каде неочекувано се среќава со Елизабет и понижениот Џејмс Норингтон, кој се свртил кон алкохолот. Убедувајќи ја Елизабет дека таа може да го ослободи Вил ако го пронајде Ковчегот, таа и Спароу се упатуваат кон Исла Крусес (Островот на крстовите) откако таа ја посочува оваа локација со помош на магичниот компас на Џек. Вил исто така пристигнува, откако ќе избега од бродот на Џонс крадејќи го клучот за Ковчегот. Вил сака да го прободи срцето и да го ослободи својот татко кој е во служба на Џонс. Норингтон пак, открива дека Бекет го посакува срцето за да ги контролира Дејви Џонс и морињата. Притоа, се надева дека ќе си ги врати кариерата и честа ако му го предаде срцето на Бекет. Спароу се плаши дека ако Џонс е мртов, Кракенот ќе продолжи да го прогонува и поради тоа, тој го сака срцето за да има моќ.

Пристигнува посадата на Џонс и за време на претстоечката битка, Норингтон го краде срцето. Џонс го повикува Кракенот за да го нападне Црниот Бисер. Откако забележува дека посадата му е нападната од Кракенот, Џек се обидува да избега со последниот неоштетен чамец. Но како што се приближува до островот, има грижа на совеста бидејќи ја напуштил посадата и се враќа назад за да им помогне да се спасат. Кога пристигнува таму, помага при уништувањето на пипките на Кракенот пред тажно да даде наредба да се напушти бродот. Кога неговиот прв офицер Џошами Гибс (Кевин Мекнели) го прашува дали е сигурен дека сака да го напушти Бисерот и да го остави на немилост на Кракенот, Џек безволно му одговара: „Тоа е само брод, морнару.“

Сфаќајќи дека Кракенот го сака само Спароу, Елизабет го измамува Џек бакнувајќи го страсно додека го оковува за јарболот за да ја спаси посадата. Кога Кракенот се враќа, Џек се предава на судбината и ја напаѓа устата на ѕверот мроморејќи: „Здраво, ѕверче.“ Спароу и Бисерот се повлечени долу во Сандакот на Дејви Џонс. Посадата бара утеха во домот на Тиа Далма (Наоми Харис), која ги зачудува понудувајќи им капетан кој може да помогне во спасувањето на Спароу. Тоа е Барбоса, кој Тиа Далма го вратила од мртвите.[3]

На крајот на светот

[уреди | уреди извор]

Дотогаш, Катлер Бекет го поседува срцето на Дејви Џонс и започнува со уништување на сите пирати (и сите оние кои се поврзани со пирати), со помош на Летачкиот Холанѓанец, кој е под негово управување. За да се изборат против здружената закана од Бекет и Џонс, деветте пиратски лордови од Братскиот Совет се повикани да се соберат во Бродоломскиот Залив.

Иако Спароу беше вовлечен во Сандакот на Дејви Џонс на крајот од претходниот филм, тој е Пиратски лорд од Карибите и мора да присуствува на состанокот, бидејќи тој не успеал да го предаде неговиот „дел од осум“, идентификациски знак на пиратските лордови, на некој кој би го наследил. Здружените „делови од осум“ можат да ја ослободат божицата на морето, Калипсо. Барбоса ја води посадата на Спароу во Сандакот на Дејви Џонс, користејќи ги навигациските мапи на пиратскиот лорд Сао Фенг (Чау Јан-фет). Таму, Спароу си замислува цела посада составена од него самиот, каде секој член претставува дел од неговата личност. Откако Барбоса и посадата го наоѓаат, Спароу дешифрира трага на мапите која покажува (со вешто климање на главата кон привидувањата од фатаморганата кои се признаци на легендата од вистинскиот живот за Летачкиот Холанѓанец) дека тие мораат да го превртат Црниот Бисер за да избегаат од Сандакот; на зајдисонце бродот се свртува назад во живиот свет.

Спароу и Барбоса патуваат до Братскиот Совет каде се среќаваат со Елизабет, која прво била продадена на Сао Фенг, а потоа тој ја назначил за пиратски лорд пред да умре. Во Братскиот Совет, таа е избрана за „пиратски крал“ откако Спароу го прекинува застојот (во сите претходни состаноци освен во првиот, пиратските лордови гласале за себе). За време на преговарањето, тој е разменет за Вил, кој бил заробен од Џонс и Бекет откако Спароу го испратил во морето. Црниот Бисер и Летачкиот Холанѓанец се соочуват во битка за време на вртологот кој е создаден од Калипсо, додека Спароу го краде срцето на Дејви Џонс за да стане бесмртен. Сепак, кога Џонс смртно го ранува Вил, Џек на крајот избира да го спаси Вил помагајќи му да го прободе срцето; убивајќи го Џонс и со тоа правејќи го Вил новиот капетан на Летачкиот Холанѓанец. Заедно, Бисерот и Холанѓанецот го уништуваат бродот на Бекет. На крајот од филмот, Барбоса повторно управува со Бисерот и мапите на Сао Фенг; оставајќи ги Спароу и г-динот Гибс во Тортуга. За среќа, Џек веќе го отстранил средишниот дел на мапите и испловува во мал чамец, користејќи ги својот компас и мапата за да го однесат до Фонтаната на младоста.[4]

На чудни плими

[уреди | уреди извор]

Откако се најде во безизлез во неговата потрага по Фонтаната на младоста, Спароу пристигнува во Лондон, каде дознава дека некој кој се претставува со неговото име собира посада. По патот, Спароу се преправа како судија за да го спаси осудениот г-дин Гибс пред да биде заробен од кралската гарда и однесен пред кралот Џорџ II и Барбоса, кој е сега платеник во Кралската Морнарица. Дотогаш, Спароу се сретнува со неговиот измамник, за кој се открива дека е негова стара љубов по име Анџелика (Пенелопе Круз) која го грабнува и го носи на бродот на ужасниот Црнобрадест (Ијан Мекшејн), Одмаздата на кралицата Ен, кој го принудува Џек да му помогне да стигнат до Фонтаната на младоста. Сфаќајќи што се крие зад сето тоа, Џек се обидува да ја намести смртта на Црнобрадестиот и да ја спаси наивната Анџелика од нејзиниот татко. По неволјите со сирените и Шпанската Морнарица, тој успева да го измами Црнобрадестиот да се одрече од својот живот за да ја спаси Анџелика. Џек и Анџелика си признаваат дека се заљубени еден во друг, но Џек ја остава Анџелика на изгубен остров, знаејќи дека таа веројатно ќе сака да ја одмазди смртта на нејзиниот татко. Тој потоа му наредува на Гибс да го најде смалениот Црн Бисер со надеж да најдат начин да го вратат во нормална големина. Кога Гибс го прашува зошто се откажал од неговата можност за бесмртност, Џек одговара дека бесмртноста не е сè, иако признава дека создавање име за себе како оној што ја нашол Фонтаната е доволно добра бесмртност во моментот. По завршната најава на филмот, вуду куклата на Џек е покажана како плови во морето кон островот на кој Спароу ја остави Анџелика.[5]

Видео игри

[уреди | уреди извор]

Покрај филмовите, Џек Спароу прво се појавил како лик во видео играта Кралски срца II од 2006 година, каде тој е синхронизиран од Џејмс Арнолд Тејлор во англиската верзија и Хироаки Хирата (кој исто така го синхронизирал Спароу и во филмовите со јапонска синхронизација) во јапонската верзија. Оттогаш Спароу се појавил и во други видео игри, вклучувајќи ги и Пиратите од Карибите: Легендата за Џек Спароу, каде бил синхронизиран од Џони Деп, и адаптацијата на филмот На крајот на светот во игра, каде што бил синхронизиран од Џаред Батлер со компјутерски движења обезбедени од Џони Патон. Овој лик повторно бил синхронизиран од Џаред Батлер во Пиратите од Карибите Онлајн, чие дејство се случува помеѓу првиот и вториот филм. Џек е исто така лик за игра во Лего Пирати од Карибите: Видео игра.

Приказната на Спароу во Пиратите од Карибите: Целосен визуелен водич покажува дека тој е роден на пиратски брод за време на тајфун во Индискиот Океан и дека некој Италијанец го научил како да мечува.[6] Роб Кид напишал низа книги кои се во тек, насловени Пиратите од Карибите: Џек Спароу, кои го следат младиот Спароу и неговата посада на малиот брод за рибарење, Барнакл, и се борат со сирени, морски самовили и возрасни пирати додека се во потрага по разновидни богатства. Првата книга Бурата што доаѓа, била издадена на 1 јуни 2006 година. Во 2011 година, Ен К. Криспин напишала новела насловена Пиратите од Карибите: Цената на слободата, која ги следи авантурите на Џек кога тој работел како трговски капетан за Трговската компанија на Источна Индија.

Идеја и создавање

[уреди | уреди извор]

Создавање на ликот

[уреди | уреди извор]

Додека го пишувале сценариото за Проклетството на Црниот Бисер, Тед Елиот и Тери Росио го замислиле Џек Спароу како спореден лик, повикувајќи се на Душко Долгоушко и Граучо Маркс како влијанија.[7] Продуцентите го гледале како млад Барт Ланкастер.[8] Режисерот Гор Вербински признал дека: „првиот филм беше само филм, а потоа Џек беше само речиси впуштен во него. Тој ги нема обврските на заплетот на ист начин како другите ликови. Тој само скита низ него и на некој начин влијае на сите други.“[9] Спароу претставува морален пират, а капетанот Барбоса негова неморална спротивност. Неговите вистински мотиви обично остануваат сокриени, а дали е чесен или злобен зависи од преспективата на публиката.[10] Ова делува како дел од итроста за Вил Тарнер, во која Спароу му кажува дека еден пират може да биде добар човек, како неговиот татко.[7]

По успехот на Проклетството на Црниот Бисер, предизвикот за да се создаде продолжение според Вербински бил: „не сакате само филм за Џек Спароу. ...Да не им дадеме премногу Џек. Тоа е како да имаш премногу десерт или премногу добри нешта.“ Иако Ковчегот на мртовецот бил напишан за да биде дел од трилогија,[11] начинот на размислување на Спароу како што бега од Дејви Џонс станува се по нервозен, а сценаристите ја смислиле сцената со канибалите за да покажат дека тој е во опасност било да е на земја или на море. Спароу е исто така збунет поради привлечноста што ја чувствува кон Елизабет Свон и се обидува да ја оправда низ филмот.[12]

На крајот на светот бил со намера да се врати тонално до карактерна пиеса. Спароу, особено, е со примеси на лудило поради долгиот осамен затвор во Сандакот на Дејви Џонс,[13] а сега посакува бесмртност.[14] Спароу се бори со тоа што е потребно да биде морална личност[15] откако неговата искреност му донесе пропаст во вториот филм. Ова е главно покажано преку неговото сè понепредвидливо однесување и неговите халуцинации кои прво покажуваат дека се плод на неговиот пореметен ум, како во почетокот каде десетици „Џек Спароу“ се појавуваат како посада на бродот во неговото осамено прогонство, но подоцна халуцинациите стануваат се поважни и главно има двајца „Џек“ кои постојано се расправаат кој пат да го следат: бесмртноста или смртноста. Последната халуцинација се случува додека Џек е затворен на Холанѓанецот каде неговата искреност победува (веројатно поради тоа што не му се допаѓа „иднината“ во која би изгледал како морско суштество, каде на смешен начин мозокот му паѓа и тој го бара наоколу).[16] При крајот на На крајот на светот, Спароу плови кон Фонтаната на младоста, рана идеја за вториот филм.[17] Росио изјавил дека би можеле да напишат сценарио за четврти филм[18] и продуцентот Џери Брукхајмер изразил интерес за спин-оф.[19] Гор Вербински се согласил дека: „сите приказни поставени во движење од првиот филм се решени. Ако има друг Пиратите од Карибите филм, би започнал одново и би се фокусирал на понатамошните авантури на капетанот Џек Спароу.“[20]

На чудни плими бил прво најавен на 28 септември 2008 година за време на еден настан на Дизни во театарот Кодак. Гор Вербински не се врати за да го режира четвртото продолжение и беше заменет со Роб Маршал. Филмот користи делови од новелата со исто име на Тим Пауерс, особено деловите за Црнобрадестиот и Фонтаната на младоста, но филмот не е директна адаптација на новелата.[21]

Деп со брадичка како таа на филмовите

Џони Деп сакал да снима семеен филм во 2001 година и го посетувал студиото Волт Дизни кога дознал дека имало планови да се адаптира возниот парк Пиратите од Карибите во филм. Деп бил возбуден од можноста за оживување на стар холивудски жанр и бил воодушевен што сценариото ги задоволува неговите ексцентрични чувства: посадата на Црниот Бисер не биле во потрага по богатство, туку се обидувале да го прекинат проклетството. Покрај тоа, традиционалниот бунт веќе се случил.[22] Улогата на Деп му била доделена на 10 јуни, 2002 година.[23] Продуцентот Џери Брукхајмер чувствувал дека Деп е „напнат глумец кој ќе го предвиди нежниот квалитет на дизниевите Кантри мечки и ќе и покаже на публиката дека и возрасен и тинејџер можат да го гледаат тоа и добро да се забавуваат.“[24]

На првото читање на сценариото, Деп ги изненадил глумците и тимот глумејќи го ликот на чуден начин.[25] Откако ги истражувал пиратите од XVIII век, Деп ги споредил со денешните рок ѕвезди и решил неговата изведба да ја заснова на Кит Ричардс. Ричардс подоцна ќе има две кратки појавувања како таткото на Џек, капетан Тиг, во На крајот на светот и На чудни плими. Вербински и Брукхајмер имале доверба во Џеп, делмуно бидејќи Орландо Блум ќе го глуми традиционалниот Ерол Флин – тип на карактер. Деп исто така ја импровизирал последната реченица, „Сега, донеси ми го тој хоризонт“, која е омилената реченица на сценаристите. Извршните директори на Дизни на почетокот биле збунети од изведбата на Деп, прашувајќи го дали ликот бил пијан или хомосексуалец. Мајкл Ајснер додека ги гледал првите снимени сцени изјавил: „Тој го уништува филмот!“ Деп одговорил на тоа: „Гледај, ова се изборите кои ги направив. Ти знаеш како работам. Или верувај ми или исфрли ме.“ Многу вработени во филмската индустрија изразиле сомнеж за изборот на улогата да биде доделен на Џони Деп, бидејќи тој е невообичаен глумец кој не е познат по работата во традиционалниот систем на студиото.[26]

Изведбата на Деп беше воодушевено прифатена од филмските критичари. Алан Морисон изјави: „Величествено над врвот... Во однос на физичката прецизност и вербалната дикција, тоа е ремек-класа во глумењето во комедии.“[27] Роџер Еберт исто така изјави за неговата изведба: „оригинална во секој атом. Никогаш не постоел пират или човечко суштество како ова во некој друг филм... неговото однесување покажува живот полн со подготвување.“ Еберт исто така го пофали Деп за оддалечувањето од начинот на кој ликот бил напишан.[28] Деп ја доби Screen Actor’s Guild (SAG) наградата за неговата изведба и исто така беше номиниран за Златен Глобус[29] и Оскар за најдобар глумец, првпат во неговата кариера.[30] Блогот Film School Rejects тврдел дека поради филмот, Деп станал филмска ѕвезда колку што бил и карактерен глумец.[31]

Џони Деп се врати како Џек Спароу во Ковчегот на мртовецот, тоа е првпат тој да снима продолжение. Дру Меквини забележал: „Се сеќавате колку кул беше Хан Соло во Ѕвездени Војни првиот пат кога го гледавте? А се сеќавате колку покул изгледаше кога излезе Империја? Тоа е голем скок.“[32] Деп освои MTV Movie Award,[33] а потоа и Teen Choice Award за Ковчегот на мртовецот и исто така беше номиниран за Empire Award и уште еден Златен Глобус.[34] За неговата изведба во На крајот на светот, Деп освои MTV Movie Award за најдобра изведба во комедија, како и People’s Choice Award, Kids’ Choice Award и уште една Teen Choice Award. Тој има потшишано да ја репризира улогата и за идни продолженија.[35]

Шминка и костуми

[уреди | уреди извор]
Почетна идеја за Џек Спароу пред да бидат прифатени идеите на Деп

Џони Деп носел перика за да ги прикаже суканиците на Спароу, кои биле замислени под влијание на рокенрол пристапот на Деп кон пиратите.[36] Покрај црвената бандана (вид марама), Спароу носи и многу предмети во неговата коса, под влијание на Кит Ричардс кој имал навика да собира сувенири од неговите патувања;[37] декорациите на Спароу го вклучуваат и неговиот „дел од осум“. Спароу носи црна сенка околу неговите очи, која била инспирана од проучувањето на Деп за номадите, кои ги споредувал со пиратите,[38] исто така носел и контактни леќи кои делувале како очила за сонце.[39] Спароу има неколку златни заби, два од кои му припаѓаат на Деп,[40] иако тие биле ставени за време на снимањето. Деп заборавил да ги извади по снимањето на Проклетството на Црниот Бисер[41] и одлучил да ги задржи за време на снимањето на продолженијата. Како и за сите аспекти на изведбата на Деп, Дизни на почетокот биле загрижени за забите на Деп. Спароу ја носи својата брадичка во две плетенки. На почетокот била користена жица во нив, но тие биле оставени бидејќи правеле плетенките да стрчат кога Деп бил легнат.[42] Спароу исто така има многу тетоважи и бил жигосан како пират на десната рака од страна на Катлер Бекет, под тетоважата на врабче. Во На крајот на светот, една од инкарнациите „Џек“ додека работи е гол до половината и може да се види дека целото тело му е со тетоважа од поемата Desiderata (лат. „посакувани нешта“) од 1927 година.

Деп соработувал со костимографката Пени Роуз за изгледот на неговиот лик, избирајќи трикорн (анг. триаголен шешир популарен за XVIII век) како кожен шешир кој ќе биде препознатлив за Спароу: другите ликови во серијалот не можеле да носта кожни шешири, со цел Спароу да биде единствен. За сцената каде што шеширот лебди над водата во Ковчегот на мртовецот, била користена гумена верзија.[43] Деп сакал да се држи до еден костум, носејќи еден лесен редингот од свила и твид низ серијалот.[44] Исто така тој морало да биде наговорен да не ги носи своите чизми, туку да носи чизми без ѓонови или потпетици за сцените на плажа.[45] Официјалниот став е дека ниту еден од костумите од Проклетството на Црниот Бисер не преживеал, при што се појави можност да се создадат потешки ленени кошули за каскадерите.[46] Сепак, еден костум останува кој бил прикажан во изложба на филмски костуми во Ворчестер, Англија.[47] Била навистина тешка работа за Роуз да ги најде истите производители на појасот на Спароу во Турција.[48] Спароу носи дополнителен појас во продолженијата, бидејќи Деп сакал нова тока која не се вклопувала со оригиналното парче.[49]

Оружјето на Спароу е оригинално оружје од XVIII век: неговиот меч датира од 40-тите години на XVIII век, додека неговиот пиштол е од 60-тите години на XVIII век. И двата биле направени во Лондон.[50] Деп користел два пиштоли на филмскиот сет, едниот бил гумен. Двата реквизити преживеале по продукцијата на првиот филм.[51] Магичниот компас на Спароу исто така преживеа низ продолженијата, иако режисерот Гор Вербински додал црвена стрелка на бројчаникот бидејќи компасот стана поважен реквизит. Бидејќи не делува како нормален компас, бил користен магнет за да може да се врти.[52] Спароу носи четири прстени, два од кои му припаѓаат на Деп. Деп го купил зелениот прстен во 1989 година, а златниот прстен е реплика на прстен стар 2400 години што Деп му го дал на тимот, сепак оригиналот бил подоцна украден. Другите два прстени се реквизити за кои Деп ја даде следната приказна: златно-црниот прстен бил украден од некоја шпанска вдовица што Спароу ја завел, а зелениот прстен со змеј е од неговите авантури на Далечниот Исток.[53] Меѓу дополнителните идеи на Деп бил и ѓерданот направен од човечки прсти кој Спароу го носи додека домородците од островот Пелегосто се подготвуваат да го изедат,[54] а жезлото било направено според жезлото што го имал еден пријател на Деп.[55]

За време на трилогијата, Спароу е подложен на физички трансформации. Во Проклетството на Црниот Бисер, Спароу се проколнува самиот за да може да се бори против немртвиот Барбоса. Како и сите глумци кои се дел од посадата на Црниот Бисер, Деп морал да снима сцени во костум како референца за аниматорите, а неговите сцени како скелет биле снимани без него. Деп ја репризирал сцената повторно на сцена со компјутерски движења. Во На крајот од светот, Спароу халуцинира верзија од себе како член на посадата на Дејви Џонс, прилепен за ѕид и покриен со школки. Режисерот Гор Вербински надгледувал дизајнот да го задржи карактеристичниот изглед на Спароу[56] и ги одбил првичните дизајни кои го прикажувале како да е стар повеќе од 100 години.[57]

Карактеризација

[уреди | уреди извор]

Според сценаристите Тед Елиот и Тери Росио, Спароу е измамник кој користи духовитост и итрина за да ги постигне своите цели, претпочитајќи да ги заврши расправиите вербално отколку на сила.[58] Тој се движи малку пијано и наперчено и има неразбирлив говор и мавта со рацете, кои малку се засновани на ликот Туко од филмот Добриот, лошиот и грдиот. Иако Барбоса не го почитува многу, што се гледа од тоа што својот мајмун го нарекол Џек, Спароу е остроумен, пресметлив и интелигентен. Тој го измамува комодорот Норингтон и целата негова посада за да испловат на кралскиот брод Интерсептор, што предизвикува восхит кај полковникот Гровс кој признава: „Тоа е сигурно најдобриот пират што го имам видено“. Самиот Норингтон се согласува со оваа пофалба: „Така се чини“, во остра спротивност со тоа што претходно го кажува: „Ти си без сомневање најлошиот пират за кој имам слушнато.“ Во третиот филм, додека тој го остава бродот на Бекет заринкан и побегнува, полковникот Гровс го прашува Бекет: „Дали мислиш дека тој сето тоа го планира или го смислува по патот?“. Спароу е тој кој ги дешифрира навидум неразбирливите мапи во истиот филм додека другите сè уште се мачат со проблемот како да се вратат во реалниот свет. Кога Братскиот Совет е свикан, но пиратските лордови не успеваат да се согласат дали да се борат против армадата или не (тој и Елизабет се склони кон војна, а другите не), Џек предлага излез од таа ситуација со свикување на ритуално гласање, чиј резултат одлучува кој да биде крал. Секој пиратски лорд гласа за себе, но тој гласа за Елизабет, што резултира со тоа таа да биде избрана за „крал“, по што таа објавува: „Подгответе го секој брод што може да плови. В зори ќе бидеме во војна.“, што и беше намерата на Џек и на што сега другите пирати се обврзани да се покорат.

Во борба, Спароу е вешт мечувалец (способен да им се спротивстави на Барбоса и Дејви Џонс), но ја користи својата супериорна интелигенција како предност за време на борбите, искористувајќи ја својата околина да им ги преврти масите на неговите непријатели наместо да се потпира исклучиво на неговата вештина со меч. Џек обично претпочита стратегии со ненасилни преговори и вртење на неговите непријатели еден против друг, образложувајќи: „Зошто да се бориш кога можеш да преговараш? Се што е потребно е соодветна моќ.“ Тој ќе повика на преговори и ќе ги одврати неговите непријатели од нивните убиствени намери, охрабрувајќи ги да ја видат поголемата слика, како што прави кога го убедува Барбоса да го одложи враќањето во смртна форма за да може да се бори против Британската Кралска Морнарица. Тој често користи сложени игри со зборови и речник за да ги збуни непријателите, исто така е претпоставено дека неговиот пацифизам можеби е една од причините зошто Барбоса и посадата на Црниот Бисер се побуниле против него; Барбоса во првиот филм вели: „Џек, поради таквото однесување ти го загуби Бисерот. Полесно е да ги бараш луѓето кога се мртви.“ Неговиот пацифизам е дополнително означен со тетоважата на Desiderata на неговиот грб.

Иако е пират и е подготвен да ги убие своите непријатели во борба, Џек исто така покажува колебливост да убие луѓе кои всушност не му посакуваат лошо, како што е прикажано кога тој претпочита едноставно да ја избегне борбата со Вил Тарнер при првата средба – борбата е предизвикана на барање на Вил-; кога се соочува со војници или морнари кои го бркаат бидејќи тоа им е работа, а не затоа што тие имаат лични проблеми со него. Џек обично прибегнува кон тоа само едноставно да ги удри или да им го одвлече вниманието додека тој бега. Кога Вил е смртно ранет од Дејви Џонс, тој се откажува од својот сон да го прободи срцето на Дејви Џонс и да стане бесмртен и му дозволува на Вил кој умира да го прободи срцето и со тоа обезбедувајќи му да живее, иако не на вообичаениот начин. Кога е во потрага по Фонтаната на младоста, Џек забележува дека неговата желба за Фонтаната се намалила кога дознал дека Фонтаната ќе му го продолжи животот на некој само ако некој друг умре во исто време.

Ликот е прикажан како тој да ја има создадено или барем има придонесено за неговата репутација. Кога Гибс му кажува на Вил дека Спароу избегал од пуст остров врзувајќи две морски желки заедно, Спароу ја разубавува приказната тврдејќи дека јажето било направено од влакна од неговиот грб, додека всушност, Спароу избегал од островот преку трампа со трговци на рум. Видео играта Пиратите од Карибите: Легендата за Џек Спароу се засновува на овие сказни, вклучувајќи го и грабежот во пристаништето Насо без истрелување на ниту еден куршум. Во сценариото за Ковчегот на мртовецот, водичот на Вил вели дека слушнал дека Спароу избегнал погубување во Порт Ројал откако грабнал два папагали и одлетал. Џони Деп изјавил дека пиратите биле како рок ѕвезди, но дека нивната слава им претходела, што упатува на причината за приказот на Спароу дека има огромно его. Спароу исто така инсистира да му се обраќаат со „капетан“ Џек Спароу и често се збогува со: „Ова е денот на кој ќе се сеќавате како на денот кога речиси го фативте капетанот Џек Спароу!“, што понекогаш е хумористично прекинато. Кога Норингтон го обвинува дека е најлошиот пират за кој тој некогаш слушнал, Спароу му одговара: „Но ти имаш слушнато за мене.“ Во избришана сцена од Проклетството на Црниот Бисер, Спароу размислува да биде „бесмртниот капетан Џек Спароу“,[59] а за време на На крајот од светот, тој повторно е заинтересиран за бесмртноста, иако неговиот татко, капетанот Тиг, го предупредува дека тоа може да биде ужасна клетва. Спароу исто така размислува да биде „капетан Џек Спароу, последниот пират“, затоа што Трговската компанија на Источна Индија го елиминира пиратството.

И покрај неговото херојство, Спароу е пират и морално двосмислен лик. Кога се согласува да му даде 100 души на Дејви Џонс, вклучувајќи го и Вил, во замена за својата слобода, Џонс го прашува Спароу дали тој може “да осудиш невин човек – пријател – на доживотна служба во твое име додека ти скиташ слободно?“ По двоумењето, Спароу весело одговара: “Да! Ми одговара!“ Тој безгрижно запаѓа во долгови со Ана Марија, Дејви Џонс и другите пиратски лордови. Сао Фенг, пиратски лорд од Сингапур, е особено полн со омраза кон него. Во еден кукавички момент, Спароу ја напушта својата посада за време на нападот на Кракенот, но скриената верност и моралност го принудуваат да се врати и да ги спаси.[60] Спароу тврди дека е човек од збор и е зачуден што луѓето се сомневаат во неговата искреност; исто така нема убиство во неговото криминално досие.

Деп делумно го засновал ликот врз Пепе ле Пју, подлец кој трча по жени од цртаните филмови Looney Tunes. Спароу тврди дека има „огромно интуитивно чувство за женските суштества“, иако неговите освојувања се често оставени со горчлив спомен на него. Поранешните љубовници, Скарлет и Жизел, обично му удараат шлаканици нему или на некого кој го бара него. Неговиот духовит шарм лесно ги привлекува жените, па дури и Елизабет си ги преиспитува чувствата. Црниот Бисер е опишан како „единствениот брод кој може да му избега на Летачкиот Холанѓанец. Фројдовските инсуинации продолжуваат во третиот филм кога Спароу и Барбоса се расправаат за тоа кој да биде капетан на Црниот Бисер, фалејќи се со должината на нивните телескопи, а во една избришана сцена тие се расправаат за кормилото.[61] Спароу тврди дека негова „прва и единствена љубов е морето“ и го опишува својот брод како приказ на слободата. Сандакот на Дејви Џонс е претставен како пустина, симболирајќи го личниот пекол.

Спароу исто има и лоша лична хигиена, особина на Пепе ле Пју. Вербински го опишал здивот на Спароу како многу гнасен. Спароу го соборува Вил од својот брод само со вдишување кон него. Конечно, Спароу има незаситна жед за рум, која може да го збуни неговиот магичен компас што сака најмногу. Според неговото криминално досие на мрежното место на На крајот на светот, тој дури и ограбил бродски товар за да ја задоволи својата жед.

Влијание врз поп-културата

[уреди | уреди извор]

Кога Пиратите од Карибите: Ковчегот на мртовецот заработи повеќе од 1 милијарда долари, Ијан Нејтан тоа го препиша на популарноста на Спароу: „Франшизата Пиратите..., требаше само да се појави. Имаше силен опстанок од дрските восхитувања на премиерата, нешто што го немаме почувствувано уште од деновите на Војните на клоновите.“[62] Филмското списание Empire ја прогласи изведбата на Џони Деп за 74-тото „нешто што ни го сврте светот“ во 2006 година кога прославуваа 200 издадени броја а подоцна го прогласија за осмиот најголем филмски лик на сите времиња.[63] Истражувањето врз повеќе од 3000 луѓе покажа дека Џек Спароу е најпопуларниот костум за Ноќта на вештерките во 2006 година,[64] а анкета од 2007 година од (IMDb) покажа дека Спароу е вториот најпопуларен херој од играните филмови, по Индијана Џонс.[65] Во анкетата на компанијата Pearl & Dean од 2007 година, Џек Спароу беше наведен како најпопуларната изведба на Деп.[66]

Емануел Леви смета дека ликот е единствениот иконски филмски лик на од 2000 деценија, додека Тод Гилкрајст смета дека Спароу е единствениот дел од филмовите кој ќе остане безвремен.[67] Според Шерон Еберсон, популарноста на ликот може да се припише бидејќи тој е „подлец чии повремени напади на совест им овозможуваат на гледачите да ги прифатат недостатоците, бидејќи Деп ја толкува улогата потполно импресивно, а секоја сцена во која се појавува е само негова.“[68] Професорот по филмска историја на универзитетот Калифорнија во Лос Анџелес (UCLA), Џонатан Кунтц, исто така ја препиша неговата популарноста на зголеменото испитување за мажественоста во XXI век, а личноста на Спароу е во спротивност со хероите од акција-авантура филмовите. Леонард Молтин се согласува дека Спароу има безгрижен однос и не се сфаќа самиот сериозно.[69] Марк Фокс исто така забележа дека Спароу за жените е симбол на фантазијата кој бега од реалноста, слободен од многуте одговорности на повеќето херои.[70] Според IGN, Спароу е наведен како еден од нивните десет омилени филмски криминалци, бидејќи тој „живее за себе и за слободата да то прави тоа што и да е што проклето добро го задоволува. Неколку филмски ликови претставуваат пример зошто криминалецот е романтичен симбол за публиката, како што е капетанот Џек Спароу.“[71] Во јуни 2010 година, Спароу беше именуван како еден од 100-те најголеми ликови во последните 20 години на списанието Entertainment Weekly.[72]

Џони Деп ја репризираше неговата капетан Џек личност за специјална епизода на Doraemon. Сепак, на шоуто тој беше нарекуван „капетан Џони“.[73]

  1. ^ a b c "Port Royal". Pirates of the Caribbean: At World's End Official Website. Retrieved May 31, 2007.
  2. a b c d e f g h i j k l m n o Gore Verbinski (director) (2003) (Film). Pirates of the Caribbean: The Curse of the Black Pearl. Walt Disney Pictures.
  3. a b c d e f g h i j k l Gore Verbinski (director) (2006) (Film). Pirates of the Caribbean: Dead Man's Chest. Walt Disney Pictures.
  4. ^ a b c d e f g h i j Gore Verbinski (director) (2007) (Film). Pirates of the Caribbean: At World's End. Walt Disney Pictures.
  5. „^ "Production Begins on "Pirates of the Caribbean: On Stranger Tides" in 3D" (Press release). Walt Disney Studios Motion Pictures. June 21, 2010. Retrieved June 21, 2010“. Архивирано од изворникот на 2010-06-26. Посетено на 2013-01-05.
  6. ^ Richard Platt; Glenn Dakin (2007). Pirates of the Caribbean: The Complete Visual Guide. Dorling Kindersley. pp. 12–15. ISBN 0-7566-2676-5.
  7. 7,0 7,1 a b c d Ted Elliott, Terry Rossio, Stuart Beattie, Jay Wolpert (2003) (DVD). Pirates of the Caribbean: The Curse of the Black Pearl: Audio Commentary. Buena Vista.
  8. a b c d Sean Smith (June 26 2006). "A Pirate's Life". Newsweek. Retrieved May 30, 2007.
  9. „a b Jeff Otto (June 28 2006). "IGN Interviews Gore Verbinski". IGN. Retrieved May 31, 2007“. Архивирано од изворникот на 2012-01-19. Посетено на 2013-01-05.
  10. "Shipload of Characters Both New and Familiar". Pirates of the Caribbean: Dead Man's Chest Production Notes. Retrieved May 31, 2007“. Архивирано од изворникот на 2007-09-27. Посетено на 2013-01-05.
  11. a b Ian Nathan (April 27 2007). "Pirates 3". Empire: pp. 88–92.
  12. Ted Elliott, Terry Rossio (2006) (DVD). Pirates of the Caribbean: Dead Man's Chest: Audio Commentary. Buena Vista.
  13. Ian Nathan (April 27 2007). "Pirates 3". Empire: pp. 88–92.
  14. "Characters (video)". Pirates of the Caribbean: At World's End Official site. Retrieved May 31, 2007.
  15. "Success Can Be a Tough Taskmaster". Pirates of the Caribbean: At World's End Production Notes. Retrieved May 31, 2007“. Архивирано од изворникот на 2007-05-19. Посетено на 2013-01-05.
  16. "Chapter 3 – Revealing the True Nature of all the Characters". Pirates of the Caribbean: At World's End Production Notes. Retrieved June 2, 2007.
  17. (DVD) Charting the Return. Buena Vista. 2006.
  18. "Exclusive interview: Terry Rossio". Moviehole. February 12 2007. Archived from the original on October 11, 2007. Retrieved February 12, 2007.
  19. "Bruckheimer talks Pirates spin-off". Moviehole. May 10, 2007. Archived from the original on May 12, 2007“. Архивирано од изворникот 2007-05-12. Посетено на 2007-05-12.
  20. Steve Fritz (November 30 2007). "Talking Pirates with Gore Verbinski". Newsarama. Retrieved December 2, 2007.
  21. "Johnny Depp (in Jack Sparrow costume) surprises Disney D23 Expo audience". Los Angeles Times. September 11, 2009. Retrieved May 11, 2011.
  22. Gore Verbinski, Johnny Depp (2003) (DVD). Pirates of the Caribbean: The Curse of the Black Pearl Audio Commentary. Buena Vista.
  23. „Greg Dean Schmitz. "Greg's Previews – Pirates of the Caribbean: The Curse of the Black Pearl (2003)". Yahoo!. Archived from the original on July 13, 2005. Retrieved August 9, 2008“. Архивирано од изворникот 2005-07-13. Посетено на 2005-07-13.
  24. „Stax (June 25 2003). "Depp & Bruckheimer Talk Pirates". IGN. Retrieved May 31, 2007“. Архивирано од изворникот на 2016-08-05. Посетено на 2013-01-05.
  25. Ian Nathan (July 1 2006). "Pirates of the Caribbean 2". Empire. pp. 66–69.
  26. „Chris Nashawaty. "Box Office Buccaneer". Entertainment Weekly. Retrieved May 18, 2007“. Архивирано од изворникот на 2013-05-29. Посетено на 2013-01-05.
  27. Alan Morrison. "Pirates Of The Caribbean: The Curse Of The Black Pearl". Empire. Retrieved May 21, 2007.
  28. „Roger Ebert (July 9 2003). "Pirates Of The Caribbean: The Curse Of The Black Pearl". Chicago Sun-Times. Retrieved May 21, 2007“. Архивирано од изворникот на 2007-06-09. Посетено на 2013-01-05.
  29. "Pirates of the Caribbean: The Curse of the Black Pearl Awards". Allmovie. Retrieved May 31, 2007“. Архивирано од изворникот на 2008-01-12. Посетено на 2013-01-05.
  30. "Pirates World's End: Johnny Depp's Farewell?". Emanuel Levy. 2007. Retrieved May 31, 2007“. Архивирано од изворникот на 2007-10-09. Посетено на 2013-01-05.
  31. „Neil Miller (May 29 2007). "The Ten Most Powerful Movie Franchises in History". Film School Rejects. Retrieved May 31, 2007“. Архивирано од изворникот на 2007-06-01. Посетено на 2013-01-05.
  32. Drew McWeeny (June 25 2006). "Moriarty Reviews Pirates of the Caribbean 2: Dead Man's Chest!!". Ain't It Cool News. Retrieved May 29, 2007.
  33. „MTV (June 4 2007). "The MTV Movie Awards Winners!". Comingsoon.net. Retrieved June 4, 2007“. Архивирано од изворникот на 2013-08-23. Посетено на 2013-01-05.
  34. "Awards for Pirates of the Caribbean: Dead Man's Chest (2006)". Internet Movie Database. Retrieved May 31, 2007.
  35. Marc Graser (September 24, 2008). "Disney, Depp return to 'Caribbean'". Variety. Retrieved September 25, 2008.
  36. (DVD) Jack's Scarf And Wig. Buena Vista. 2006.
  37. (DVD) Jack's Dingles. Buena Vista. 2006.
  38. (DVD) Jack's Eye Make-Up. Buena Vista. 2006.
  39. (DVD) An Epic At Sea: The Making of Pirates of the Caribbean: The Curse of the Black Pearl. Buena Vista. 2003.
  40. (DVD) Jack's Teeth/Johnny's Teeth. Buena Vista. 2006.
  41. "Depp's Golden Teeth". Internet Movie Database. June 23 2003. Retrieved May 21, 2007“. Архивирано од изворникот на 2013-08-23. Посетено на 2013-01-05.
  42. (DVD) Jack's Beard. Buena Vista. 2006.
  43. (DVD) Jack's Hat. Buena Vista. 2006.
  44. (DVD) Jack's Pirate Coat. Buena Vista. 2006.
  45. (DVD) Jack's Boots. Buena Vista. 2006.
  46. (DVD) Jack's Shirt. Buena Vista. 2006.
  47. "Starstruck: the Costumes". Retrieved August 4, 2010“ (PDF). Архивирано од изворникот (PDF) на 2010-10-30. Посетено на 2013-01-05.
  48. (DVD) Jack's Sash. Buena Vista. 2006.
  49. (DVD) Jack's Belt. Buena Vista. 2006.
  50. (DVD) Jack's Sword. Buena Vista. 2006.
  51. (DVD) Jack's Pistol. Buena Vista. 2006.
  52. (DVD) Jack's Compass. Buena Vista. 2006.
  53. (DVD) Jack's Rings. Buena Vista. 2006.
  54. (DVD) Jack's Cannibal Toe Necklace. Buena Vista. 2006.
  55. (DVD) Jack's Cannibal Scepter. Buena Vista. 2006.
  56. „Scott Collura, Eric Moro (May 29 2007). "Designing At World's End". IGN. Retrieved June 2, 2007“. Архивирано од изворникот на 2012-01-18. Посетено на 2013-01-05.
  57. Drew McWeeny (April 27 2007). "AICN Exclusive! Pirates of the Caribbean 3 New Crew Member Designs!". Ain't It Cool News. Retrieved June 2, 2007.
  58. "Pirates Dead Man's Chest: Depp's Iconic Role". Emanuel Levy. 2006. Retrieved May 31, 2007“. Архивирано од изворникот на 2007-09-27. Посетено на 2013-01-05.
  59. (DVD) The Immortal Captain Jack. Buena Vista. 2003.
  60. Pirates of the Caribbean: Dead Man's Chest comic book adaptation, Disney Adventures, 2006
  61. Gore Verbinski (2007) (DVD). Two Captains, One Ship audio commentary. Buena Vista.
  62. Ian Nathan (October 27 2006). "How Pirates' feckless hero won over the fans before he even showed up". Empire. p. 176.
  63. "200 things that rocked our world". Empire. January 2 2006. p. 118.
  64. "Captain Jack Sparrow top pick for 2006 Most Popular Halloween Costume". Extreme Halloween Network. October 17 2006. Archived from the original on June 6, 2007. Retrieved June 2, 2007“. Архивирано од изворникот 2007-06-06. Посетено на 2007-06-06.
  65. "From this list of live-action heroes, who is your favorite?". Internet Movie Database. June 3 2007. Retrieved June 3, 2007.
  66. "Johnny Depp's great Captain role". People. May 22 2007. Retrieved June 4, 2007“. Архивирано од изворникот на 2007-09-01. Посетено на 2013-01-05.
  67. „Todd Gilchrist (May 24 2007). "Pirates of the Caribbean: At World's End". IGN. Retrieved May 24, 2007“. Архивирано од изворникот на 2007-08-11. Посетено на 2013-01-05.
  68. „Sharon Eberson (May 24 2007). "Jack Sparrow joins a unique line of iconic characters". Post Gazette. Retrieved June 2, 2007“. Архивирано од изворникот на 2007-05-26. Посетено на 2013-01-05.
  69. „Sandy Cohen (May 25 2007). "Depp's Captain Jack Sparrow smashes enduring cinematic mold of swashbuckling seafarers". Associated Press. Archived from the original on July 30, 2010. Retrieved July 30, 2010“. Архивирано од изворникот 2010-07-30. Посетено на 2010-07-30.
  70. Mark Fox (May 24 2007). "Besting Jack Sparrow". Crave Online. Retrieved June 4, 2007.
  71. "Top Ten Movie Outlaws". IGN. September 19 2007. Retrieved September 22, 2007.
  72. „Adam B. Vary (June 1, 2010). "The 100 Greatest Characters of the Last 20 Years: Here's our full list!". Entertainment Weekly. Time Inc.. Retrieved July 7, 2012“. Архивирано од изворникот на 2016-09-21. Посетено на 2013-01-05.
  73. http://www.animenewsnetwork.com/news/2007-06-16/johnny-depp-to-guest-voice-on-doraemon-pirates-special

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]

Поврзано

[уреди | уреди извор]