Селско врапче

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Селско врапче
Возрасен, подвид P. m. saturatus во Јапонија
Заштитен статус
Научна класификација
Царство: Животни
Колено: Хордови
Класа: Птици
Ред: Врапчевидни
Семејство: Врапчиња
Род: Passer
Вид: Селско врапче
Биномен назив
Passer montanus
(Linnaeus, 1758)
Распространетост

      Размножување - лете
      Постојан жител
      Зимување

Синоними
  • Fringilla montana Linnaeus 1758
  • Loxia scandens Hermann 1783
  • Passer arboreus Foster 1817

Селско врапче или полско врапче (науч. Passer montanus) — врапчевидна птица од фамилијата на врапчињата, која има богатокостенливи круна и тил и црна дамка на секој од чисто белите образи. Распространето е низ умерена Евроазија (вклучувајќи ја и Македонија) и југоисточна Азија, и е населено низ многу места во светот, вклучувајќи ја и САД, каде е познато како евроазиско полско врапче или германско врапче, за да се разликува од тамошното, американското селско врапче.

Опис[уреди | уреди извор]

Селското врапче е околу 10% помало од градското врапче, долго 12.5 - 14 см, со распон на крилјата околу 21 см и тежина од 24 грама.[2][3] Нема изразен полов диморфизам, половите се исти. Кај возрасните, круната и тилот се богата костенлива боја, на белите образи имаат црна дамка во облик на бубрег, а црни се и: брадата, грлото и пределот меѓу клунот и грлото. Горните делови му се светлокафеави, избраздени со црни линии, а кафеавите крилја имаат две впечатливи тенки бели линии. Нозете се бледокафеави, клунот, пак, е синкав летно време, а црн зиме.[4]

Шарите и боите на главата го прават овој вид лесно препознатлив, па дури и младенчињата, кои се исти, само малку побледи од возрасните.

Ова врапче нема вистинска песна, но неговата вокализација вклучува возбудени серии од цчип повици кои ги испушта неспарениот мажјак или оној што се додворува. Останатите чрчорливи повици се користат за комуникација, а во лет повикот е грубо тек.[3]

Подвидови[уреди | уреди извор]

Номинираниот P. m. montanus

Овој вид малку варира во својот надворешен изглед низ својот широк опсег. Се прифаќаат осум подвида, иако се предложени најмалку 15.[4][5]

  • P. m. montanus, номинираниот подвид; распространет е низ Европа (со исклучок на југозападен Пиринејски Полуостров), јужна Грција, поранешна Југославија. Го има и во источна Азија, северните региони на Турција, Кавказ, Казахстан, Монголија и Кореја;
  • P. m. transcaucasicus (Buturlin, 1906) се размножува од јужен Кавказ, на исток до северен Иран. Посветол е и посивкав од номинираниот;[4]
  • P. m. dilutus (Richmond, 1856), постојан жител е на североисточен Иран, северен Пакистан и северозападна Индија. Го има уште понасевер од Узбекистан до Кина. Во споредба со P. m. montanus, е посветол, со песочнокафеави горни делови;[4]
  • P. m. tibetanus (Baker, 1925), според бројноста е најголема раса, распространета од северни Хималаи, до северозападна Кина. Сличен е на P. m. dilutus, но потемен;[4]
  • P. m. saturatus (Stejneger,1885) се размножува на Курилски Острови, Јапонија, Тајван и Јужна Кореја. Потемнокафеав е од номинираниот подвид и има поголем клун;[4]
  • P. m. malaccensis (Dubois, 1885), распространет од јужни Хималаи на исток до Индонезија. Потемен е, како P. m. saturatus, но е помал и повеќе избразден одозгора;[4]
  • P. m. hepaticus(Ripley,1948), се размножува од северосточен Асам до северозападна Бурма. Сличен на P. m. saturatus, но поцрвеникав на главата и горните делови.[4]

Живеалиште[уреди | уреди извор]

Покрај неговото научно име, Passer montanus (планинско врапче), овој вид не е типично планински и достига до 700 метри надморска височина во Швајцарија, 1.700 метри во северен Кавказ и 4.270 во Непал.[3][4] Во Европа, често се среќава на крајбрежните гребени, во празни згради, на врби крај бавни водотеци или во селски средини со малку дрвја.[3] Ова врапче претпочита да гнезди близу мочурливи предели, а избегнува интензивно обработувани земјоделски површини.[6]

Кога ова, и поголемото градско врапче живеат во иста област, градското ги населува урбаните средини, а селското руралните.[4] Кога нема доволно дрвја, како во Монголија, на пример, тогаш и двете употребуваат човечки градби за гнездење.[7] Селското врапче е рурално во Европа, но е урбано во источна Азија, а во јужна и централна Азија, двета вида може да се видат во градовите и селата.[4]

Однесување[уреди | уреди извор]

Селско врапче крај хранилка

Размножување[уреди | уреди извор]

Селското врапче достига сексуална зрелост на едногодишна возраст, а најчесто го прави своето гнездо во шуплина од старо дрво или карпа. Некои гнезда не се во дупки, но над нив има надвиснато кровче, од корења, гранка или тераса и сл. Користат и напуштени гнезда од големи птици, како што се: страчката, штркот.[8] белоопашестиот орел, орелот-рибар, црната луња или сивата чапја, а понекогаш им ги преземаат гнездата на птиците што гнездат во дупки или затворени гнезда, како селската, градската и бреговата ластовичка или пчеларката.[9]

Паровите може да се размножуваат во изолација или во помали колонии, а прифаќаат и користат и куќички за птици.

Гнездото го прават од сено, трева, волна и го постилаат со пердувчиња за подобра изолација. Несат 5-6 јајца, бели до светлосиви со многу шарки. Ги квачењеинкубираат обата родитела 12-13 дена. Пилињата се оперјуваат по 15-18 дена. Годишно имаат 2-3 легла.[2]

Исхрана[уреди | уреди извор]

Селското врапче се храни со семиња и жито, на земја, и претежно во јато со други птици, како градското врапче, зебите и стрнарките. Се храни со плевел, истурено жито, јаде од хранилки, особено кикирики, но исто така, се храни со без'рбетници, особено за време на сезоната на парење, кога младенчињата им е потребна храна од животинско потекло; инсекти, стоногалки, пајаци и сл.[10]

Статус[уреди | уреди извор]

Селското врапче има голем, широкораспространет ранг, а бројот му е непознат, но може да се претпостави дека во Европа има околу 52–96 милиони поединци. Иако и трендот на пораст не е сигурен, но се верува дека не е во опаѓање, па заради ова на Црвениот список на МСЗП се смета за вид со најмала загриженост.[1]

Галерија[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 BirdLife International (2012). Passer montanus. Црвен список на загрозени видвови на МСЗП, верзија 2012.1. Меѓународен сојуз за заштита на природата. http://www.iucnredlist.org/apps/redlist/details/106008385. конс. 16 јули 2012.  (англиски)
  2. 2,0 2,1 „Селско врапче Passer montanus [Linnaeus, 1758“]. Bird facts. British Trust for Ornithology. http://blx1.bto.org/birdfacts/results/bob15980.htm. конс. 30 јануари 2009. 
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 Snow & Perrins 1998, стр. 1513–1515
  4. 4,00 4,01 4,02 4,03 4,04 4,05 4,06 4,07 4,08 4,09 4,10 Clement, Harris & Davis 1993, стр. 463–465
  5. Vaurie, Charles; Koelz, W. (1949). Notes on some Ploceidae from western Asia. „American Museum Novitates“ 1406: 22–26. hdl:2246/2345. 
  6. Field, Rob H.; Anderson, Guy (2004). Живеалиштето за размножување на селското врапче Passer montanus'. „Ibis“ 146 (2): 60–68. doi:10.1111/j.1474-919X.2004.00356.x. 
  7. Melville, David S.; Carey, Geoff J. (1998). Syntopy of Eurasian Tree Sparrow Passer montanus and House Sparrow P. domesticus in Inner Mongolia, China (PDF). „Forktail“ 13: 125. http://www.orientalbirdclub.org/publications/forktail/13pdfs/Melville-Sparrows.pdf. 
  8. Bochenski, Marcin (2005). Pinowski, Jan. уред. Nesting of the sparrows Passer spp. in the White Stork Ciconia ciconia nests in a stork colony in Klopot (W Poland) (PDF). „International Studies on Sparrows“ 30: 39–41. http://www.wnb.uz.zgora.pl/assets/files/iss/iss_vol30_04.pdf. 
  9. Czechowski, Pawel (2007). Pinowski, Jan. уред. Nesting of Tree Sparrow Passer montanus in the nest of Barn Swallow Hirundo rustica (PDF). „International Studies on Sparrows“ 32: 35–37. http://iss.wnb.uz.zgora.pl/assets/files/prints/iss/iss_vol32.pdf. 
  10. „Tree sparrow – Passer montanus – Family: Fringillidae/Passeridae“. Natural England. архивирано од оригиналот на 20 јули 2011. http://web.archive.org/web/20110720013056/http://www.plantpress.com/wildlife/o52-treesparrow.php. конс. 31 јануари 2009. 

Надворешни врски[уреди | уреди извор]