Петер Естерхази
| Петер Естерхази Esterházy Péter | |
|---|---|
| Роден/а | април 14, 1950 Будимпешта, Унгарија |
| Починат/а | 14.7.2016 Будимпешта, Унгарија |
| Занимање | писател |
| Националност | |
| Книжевно движење | постмодернизам |
Петер Естерхази (унгарски: Esterházy Péter), (14 април 1950, Будимпешта, Унгарија 14 јули 2016) — современ унгарски писател и есеист.
Животопис
[уреди | уреди извор]Петер Естерхази е роден во 1950 година во Будимпешта како потомок на најпознатото унгарско благородничко семејство кое во текот на неколку векови давало грофови, бискупи и кардинали, и имало големо влијание врз унгарската и врз австроунгарската политика.Тој бил првиот припадник на семејството Естерхази кој не е роден како гроф. Татко му, кој бил последниот гроф Естерхази, бил соработник на унгарската комунистичка полиција. И покрај тоа, унгарската комунистичка власт го конфискувала целиот имот, а во 1951 година семејството Естерхази било депортирано во внатрешноста на Унгарија, каде грофот Естерхази (доктор по право) бил принуден да работи на државните земјоделски имоти. Дури во 1956 година, на семејството му било дозволено да се врати во Будимпешта, каде Петер Естерхази учел во престижната црковна гимназија, матурирал во пијанистичката гимназија, а на универзитетот ЕЛТЕ дипломирал математика. Некое време, активно играл фудбал. До 1978 година работел на математичкиот институт во Будимпешта, а во 1978 година станал професионален писател. Естерхази бил член на Германската академија за јазикот и книжевноста и на Европската академија на науките, уметностите и книжевноста.[1] [2]
Творештво
[уреди | уреди извор]Естерхази работел како професионален писател од 1978 година. Речиси осумвековната историја на своето славно семејство ја опишал во романот „Harmonia caelestis“ кој го пишувал околу десет години. Две години подоцна, откако дознал дека татко му бил соработник на комунистичката власт, го напишал продолжението на овој роман, насловено како „Поправено издание“. Во 1993 година, заедно со Имре Кертес, ја објавил книгата „Истата приказна“, која содржи два расказа: Кертесовиот „Записник“ и расказот „Животот и книжевноста“ на Естерхази.[3]
Делата на Естерхази се преведени на повеќе европски јазици: шпански, португалски, шведски, норвешки, дански, италијански, германски, англиски, француски, бугарски, словенечки, српски, чешки, полски, естонски, летонски, фински, турски, еврејски и руски. Исто така, четири негови раскази се објавени на македонски јазик во 2009 година како дел на антологијата на унгарскиот краток расказ "Сецирање на живо", во издание на издавачката куќа "Темплум".[4]
Негови поважни дела се:[1] [5]
- Франчико и Пинта (кратки раскази), 1976
- Производен роман (роман), 1979
- Висок, 1981
- Кој ја гарантира безбедноста на оваа дама, 1982
- Кочијаши, 1983
- Мала унгарска порнографија, 1984
- Помошните глаголи на срцето, 1985
- Вовед во убавата книжевност, 1986
- Даванаесет лебеди (роман) 1987, објавен под името Лили Чоконаи
- Книга за Храбал (роман) 1990
- Од кулата од слонова коска, 1991
- Чудесниот живот на рипката, 1991
- Погледот на грофицата Хан-Хан. Низводно по Дунав, 1992
- Истата приказна, 1993 (заедно со Имре Кертес)
- Записите на еден душогрижник, 1994
- Проштална симфонија, 1994
- Една жена (роман) 1995
- Мочуришно петле, 1996
- Harmonia caelestis, 2000
- Поправено издание, 2002
- Слободата е тежок отров, 2003
- Германија во шеснаесетникот, 2006
- Ништо од уметноста (роман) 2008
- Вечер, 2010
- Едноставна приказна, 2013
- Едноставна приказна — верзија по Марко, 2014
Признанија
[уреди | уреди извор]Петер Естерхази е добитник на повеќе награди, како што се:[1][6]
- Наградата „Милан Фушт“, 1983
- Кошутовата награда
- Хердеровата награда
- Бјорнсоновата награда
- Легијата на честа во областа на уметноста и книжевноста
- Наградата за мир на германските издавачи и книжари
- Наградата „Шандор Мараи“
- Наградата „Тибор Дери“, 1984
- Наградата „Атила Јожеф“, 1986
- Prix du Meilleur Livre Étranger „Vilenica“, 1989
- Книга на годината во Унгарија, 1999
- Österreichische Staatpreis für Europäischen Verständigung, 1999
- Grinzane Cavour-Prize, 2004
- Меѓународната книжевна награда „Пабло Неруда“, 2006
- Наградата „Angelus“, 2008
Наводи
[уреди | уреди извор]- 1 2 3 Сецирање на живо - Антологија на унгарскиот краток расказ. Скопје: Темплум, 2009, стр. 234.
- ↑ „O piscu“, во: Peter Esterhazi, Ništa od umetnosti. Arhipelag, Beograd, 2015, стр. 179-180.
- ↑ „O piscu“, во: Peter Esterhazi, Ništa od umetnosti. Arhipelag, Beograd, 2015, стр. 179-180.
- ↑ Сецирање на живо - Антологија на унгарскиот краток расказ. Скопје: Темплум, 2009.
- ↑ „O piscu“, во: Peter Esterhazi, Ništa od umetnosti. Arhipelag, Beograd, 2015, стр. 179-180.
- ↑ „O piscu“, во: Peter Esterhazi, Ništa od umetnosti. Arhipelag, Beograd, 2015, стр. 180.
|