Прејди на содржината

Електронска трговија

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Е-трговија)

Електронска трговија (е-трговија) — канал на дистрибуција на добра и услуги со посредство на интернет. Интернет-револуцијата доживува своја експанзија и во доменот на трговијата. Наместо традиционалната трговија, сѐ поголем број компании своите стоки и услуги ги нудат, а сѐ повеќе потрошувачи се одлучуваат да ги набават потребните стоки и услуги преку интернет. Електронската трговија е ‘трговска активност која се врши со помош на електронска технологија и примарно се состои од дистрибуција, купување, продавање, маркетинг и сервисирање на производи и услуги преку електронски системи како на пример интернет или други компјутерски мрежи.

Електронската трговија изврши своевидна револуција во глобалниот начин на тргување и секако во потрошувачките навики. Тоа неминовно ја отвори и потребата за создавање правна рамка во која ќе биде регулиран режимот на деловните трансакции – правната рамка на електронската трговија. Токму поради ова во јуни 1996 година Комисијата на ОН за меѓународно трговско право (UNCITRAL) го донесе Модел-законот за електронска трговија заедно со Водич за примена на овој Модел-закон од 1999 година. Во ЕУ најважни правни акти со кои се регулира електронската трговија се: Директивата за електронската трговија 2000/13 и Директивата за заштита на потрошувачите при продавање во далечина 1997/7. Директивите, како нормативни акти со кои се врши хармонизација на правото на земјите членки, имаат цел да ја стимулираат електронската трговија во ЕУ, но и да обезбедат предвидливост и правна сигурност при електронското тргување во единствениот европски пазар.[1]

Историја

[уреди | уреди извор]

Значењето на електронската трговија е менувано во текот на изминатите 30 години. На почетокот под електронската трговија се подразбирало електронско олеснување на комерцијалните трансакции, користејќи технологија како EDI и EFT. Оваа технологија е измислена во доцните 1970-те год. и им дозволува на бизнисите да праќаат трговски документи, како што се нарачки преку електронски пат. Зголеменото прифаќање на кредитните картички и телефонското банкарство во 1980-те год. се исто така форми на електронска трговија. Како друга форма на електронска трговија може да се спомене авионската резервација, која во тој период била карактеристична за Sabre во САД и Travicom во Англија. Електронското купување се појавува во 1979 г. во Англија од страна на Michael Aldrich и за време на 1980-те год. екстензивно е користено, особено од страна на автомобилските производители, како што се Ford, Peugeot, General Motors, Nissan. Од 1990-те год. па навака, електронската трговија вклучува и планирање на ресурсите во претпријатијата, рударење по податоци и складирање на податоци.До 1991 г. трговското користење на Интернетот беше строго забрането. Иако Интернетот стана доста познат околу 1994 г. потребни биле 5 г. за изградба на сигурносни протоколи. До крајот на 2000 г. многу Европски и бизнис компании од Америка почнале да ги нудат нивните услуги преку WWW. Во 2017 година, две милијарди луѓе направија мобилна трансакција за е-трговија.[2]

Дефинирање

[уреди | уреди извор]

Електронската трговија е процес на купување, продавање, пренос или размена на производи, услуги или информации преку компјутерски мрежи, вклучувајќи го и Интернетот. Е-бизнисот е поширока дефиниција од електронската трговија, која опфаќа не само купување или продавање на добра и услуги, туку исто така и услужување на купувачите, соработка со бизнис партнерите и.т.н. Електронската трговија има три форми, зависно од степенот на дигиталност׃ производот, процесот и добавувачкиот застапник. Сите три форми можат да бидат физички или дигитални. Зависно од тоа имаме ״чиста״, односно ״делумна״ електронска трговија. Физичките организации го изведуваат нивниот бизнис off-line, продаваат физички производи преку физички застапници (brick-and-mortar). Организациите кои ги извршуваат нивните активности исклучително online уште се познати и како виртуелни организации (pure-play). Исто така има организации кои извршуваат некои активности од електронската трговија, но нивните примарни активности ги извршуваат во физичкиот свет (click-and-brick). Најголем дел од електронската трговија се извршува преку Интернет, но таа исто така може да се спроведе и преку приватни мрежи, како што се VAN’s (value-added networks) и LAN’s (local area networks). Скелетот на електронската трговија го сочинуваат׃

  1. на самиот врв се апликациите на електронската трговија (директен маркетинг), барање работа, online банки, Е-влада, аукции, сервиси на потрошувачите… ;
  2. сервиси за поддршка (луѓе, јавна политика, маркетинг и рекламирање, бизнис партнерство);
  3. инфраструктура

Класификација на електронската трговија

[уреди | уреди извор]

Во однос на природата на трансакциите или интеракциите ја имаме следната класификација на електронската трговија׃

  1. бизнис-бизнис (business-to-business, B2B). Модел на електронска трговија каде сите учесници се од бизнис секторот или други организации.
  2. бизнис-корисник (business-to-consumer, B2C). Модел на електронска трговија каде бизнисите продаваат на поединечни купувачи.
  3. бизнис-бизнис-корисник (business-to-business-to-consumer, B2B2C). Модел на електронска трговија каде бизнисот снабдува со некој производ или услуга свој клиент-бизнис, кој пак држи свои сопствени клиенти.
  4. корисник-бизнис (consumer-to-business, C2B). Модел на електронска трговија каде индивидуалци го користат Интернетот со цел да продадат одредени производи или услуги на организации или бизниси.
  5. корисник-корисник (consumer-to-consumer, C2C). Модел на електронска трговија каде купувачите директно им продаваат на други купувачи.
  6. мобилна трговија (mobile commerce, m-commerce). Активности и трансакции на електронска трговија спроведени во безжично опкружување.
  7. размена-размена (exchange-to-exchange, E2E). Формален систем кој поврзува две или повеќе размени.
  8. бизнис-вработени (business-to-employees, B2E). Модел на електронска трговија каде организацијата испорачува производи, услуги, или информации до нејзините поединечни вработени.
  9. бизнис-влада (business-to-government, B2G). Модел на електронска трговија каде имаме јавни набавки на владата, плаќање царини и даноци од страна на компаниите по електронски пат.
  10. влада-корисник (government-to-consumer, G2C). Модел на електронска трговија каде имаме јавни услуги насочени кон поединечните корисници по електронски пат.

[3]

Пазарите играат централна улога во економијата, олеснувајќи ја размената на информации, добра, услуги и плаќања. Во процесот тие создават економска вредност за купувачите, продавачите, пазарните посредувачи и за општеството во целина. Пазарите (било да се електронски или физички) имаат три главни функции:

  1. Средба на купувачите и продавачите;
  2. Олеснување на размената на добра, услуги и плаќања;
  3. Овозможува институционална инфараструктура, која пак, овозможува ефикасно функционирање на пазарот.

Е-пазар е пазар каде што купувачите и продавачите разменуваат добра и услуги за пари, но тоа го извршуваат по електронски пат.

Компоненти на Е-пазарот

[уреди | уреди извор]
  1. Купувачи — милиони луѓе кои сурфаат на Интернет се потенцијални купувачи на добра и услуги, понудени на Интернет. Овие купувачи бараат попусти, костумизирани производи, колекционерски производи, забава и.т. н.
  2. Продавачи — на Интернет може да се најдат милион продавачи кои се рекламираат и нудат голем број на различни производи.
  3. Добра и услуги — и физичкиот и виртуелниот пазар нудат физички производи, но на виртуелниот пазар исто така може да се сретнат дигитални производи (добра кои можат да бодат трансформирани и пренесени преку Интернет).
  4. Инфраструктура — вклучува електронски мрежи, хардвер, софтвер, и др.
  5. Front end — дел од бизнис процесот на е-продавачот, преку кој купувачите соработуваат, вклучувајќи го порталот на продавачот, електронски каталози, купувачки картички и наплатната порта.
  6. Back end — активности кои ги поддржуваат online нарачките, вклучувајќи исполнување, иновативен менаџмент, купување од набавувачите, процес на плаќање, пакување и испорака.
  7. Посредници — трета страна која посредува меѓу купувачите и продавачите.
  8. Други бизнис партнери — како додаток на посредниците, неколку видови на партнери, како што се испраќачите, го користат Интернетот да соработуваат, најчесто преку веригата на набавка.

Тие се засновани на електронските пазари каде купувачите и добавувачите се поврзани. Специфично се фокусирани на координирањето и извршувањето на размена на производи и услуги во електронскиот пазар. Зависно од бројот на купувачите и добавувачите поделени се на: Продавници (1:1), Аукции (1:n), Tендери (n:1) и Размена на залихи (n:n).

Електронски продавници (1:1)

[уреди | уреди извор]

Како и нормалните бизнис трансакции, електронските продавници се обично оперирани од еден набавувач (дилер или производител). Набавувачот се поврзува со поединечниот купувач преку овој вид на продавници. Договорот и размената на производи/услуги се материјализира откако ќе се спроведат преговорите. На WWW вакви видови продавници се мрежните места, каде може да се врши споредба, да се избира, и секако да се набавува производи. Електронскиот пазар се создава кога повеќе електронски продавници се натпреваруваат за купувачите.Компаниите обично го започнуваат нивното веб присуство преку набавување на информации за компанијата и нејзините производи, како поддршка за другите продажни канали. Електронската продавница е формирана доколку методите за нарачка и плаќање се додадени на оваа информација.Најважните предности кои ги носи купувањето преку Интернет се тоа што купувачите повеќе не патуваат за да купат нешто, овие продавници се достапни 24 часа, и може да се направи лесна споредба меѓу повеќе понуди на набавувачите. Исто така, не треба да се потцени заштедата на време.

Аукции (1:n)

[уреди | уреди извор]

Аукција е натпреварувачки процес каде продавачот бара складни цени од купувачите и тие се наддаваат (т. н. forward auctions), или купувачот бара определени цени од продавачите (т. н. backward auctions). Цените се детерминираат динамично преку нивните наддавања.Аукциите можат да бидат извршени online и off-line. Тие можат да бидат спроведени преку јавни сајтови на аукции или преку приватни аукции.Како познати видови на аукции можеме да ги споменеме: еден купувач, еден продавач; еден продавач, многу потенцијални купувачи; еден купувач, многу потенцијални продавачи; и многу купувачи, многу продавачи.

Електронски тендери (n:1)

[уреди | уреди извор]

Електронските тендери (обратни аукции) се огледален имиџ на аукционите системи: Купувачот специфицира производ/услуга, и неколку набавувачи се натпреваруваат да му ја овозможат истата. Во практика, обично има разлика во квалитетот, бидејќи набавувачите кои се натпреваруваат се обично компании, токму затоа забавата и аспектот на играта се помалку важни. Добро познат пример е услужникот Priceline Архивирано на 30 март 2020 г. преку кој купувачите можат отворено да поканат тендери за патување, преку давање на податоци за датумот на патувањето и цената. Авионските компании, хотелите, и.т. н. потоа се натпреваруваат и ја намалуваат оваа цена. Ако поевтината цена се материјализира за одредено време, ова патување автоматски се забележува во корист на купувачот.

Електронска размена на залихи (n:n)

[уреди | уреди извор]

Што се однесува до електронската размена на залихи, пазарот главно се состои од едниствен I&C систем. Кај овој вид на пазар, има голем број на купувачи и набавувачи и се основува заедничка, генерално профит-максимизирачка цена со помош на дефинираните механизми. Има неколку методи со помош на кои може да се имплементира една ваква аукција. Два од нив се базични.Во класичната двојна аукција, прво купувачите и набавувачите се наддаваат. Потоа овие наддавања на купувачите се сортираат по опаѓачки редослед, а наддавањата од продавачите по растечки редослед. Таков пример имаме во следнава табела:

продава купува
$120 $140
$134 $135
$134 $134
$140 $134

Откако наддавањата се направени, аукцијата се затвора, и аукционерот ја детерминира цената, преку која е овозможена максимална добивка. Ова е направено преку разгледување на листата, каде наддавањата на продавачите, почнувајќи од најниската цена, и списокот на наддавањата на купувачите, почнувајќи од највисоката цена, се израмнуваат кај најмногу понуди што може.Во континуираната двојна аукција, наддавањата на купувачите и продавачите можат да бидат поднесувани на континуирана база. Ако е примено ново наддавање од купувачите, се спроведува испробување за да се провери дали има израмнување со наддавањата на продавачите. Ако има, се генерира добивка, ако не нова купувачка понуда се додава на веќепостоечката листа. Истиот метод се применува и на новите наддавања на продавачите. Сигурните размени, обично се засноваат на овој метод.

[4]

Предности и ограничувања на електронската трговија

[уреди | уреди извор]

Електронската трговија овозможува многу нови начини за бизнисите и потрошувачите да комуницираат меѓу нив и да соработуваат. Има доста предности и недостатоци кај ваквиот начин на воспоставување бизнис׃
Предности за организациите׃ глобално богатство;намалување на трошоците;подобрувања кај веригата на набавка;проширување на работното време (24/7/365);костумизација;нови бизнис модели;специјализација на потрошувашите;други користи (подобар имиџ, подобри услуги за купувачите, полесно наоѓање на бизнис партнери, полесен пристап до корисна информација, пониски транспортни трошоци, помалку работа со документи, и.т.н).
Предности за купувачите׃ побогат избор на производи и услуги;можност за купување 24 часа на ден, од било која локација;костумизирани производи и услуги;поевтини производи и услуги;инстант добавување;располагање со многу информации;
Предности за општеството: помалку сообраќајна гужва, а со тоа и помалку загаден воздух;повисок стандард на живеење;домашна сигурност;надеж за посиромашните;лесен пристап до јавните услуги.
Лимитации и бариери на електронската трговија: топ 10-те бариери на електронската трговија се: сигурност, доверба и ризик, недостаток на квалификуван персонал, недостаток на бизнис модели, култура, недостаток на јавна клучна инфраструктура, организација, измама, старата навигација на Интернетот, и легални проблеми.

Производи кои се продаваат најдобро на Интернет

[уреди | уреди извор]

Интернетот овозможува околина со огромно подрачје на трговија. Токму поради online трговијата денес сите работи се одвиваат побрзо, животот е побрз отколку што бил некогаш. Со појавата на online олеснувањата, соништата и аспирациите на многу луѓе станале реалност. Луѓето коишто имале неколку предмети за продавање, но не остварувале високи добивки поради спорите процеси, почувствувале олеснување поради појавата на online продажбата.
Илјадници производи се достапни на Web од многубројните продавачи. Најпознати категории се следните:

  1. Компјутерски хардвер и софтвер. Dell и Gateway се едни од најпознатите online продавачи на компјутерски хардвер и софтвер.
  2. Електроника. Според Consumer Electronic Association 10 до 15 % од електрониката купувачите ја купуваат online. Како примери може да ги наведеме: дигиталните камери, печатачи, скенер, безжични уреди и.т. н.
  3. Книги и музика. Amazon и Barnesandnoble се едни од главните продавачи на книги.
  4. Здравје и убавина. Разновидни производи за здравје и убавина се продавани online од страна на најпознатите малопродавачи и специјализирани продавници.
  5. Забава. Ова е уште една област каде илјадници производи, почнувајќи од билети за некој настан па сè до различни игри, се понудени од многубројните продавачи.
  6. Облека. Преку костумизација на панталони, маици, па дури и чевли, online продажбата на облека е во постојан пораст.
  7. Накит. Следејќи го примерот на оние кои продаваат накит преку ТВ голем број на компании сега продаваат накит online.
  8. Автомобили. Продажбата на автомобили преку Интернет започна во 2004 и доста нарасна до 2007.
  9. Услуги. Продажбата на услужната индустрија, особено на транспортот, банкарството, осигурувањето се во постојан пораст.
  1. „Електронската трговија од аспект на македонскиот потрошувач“. www.ekonomijaibiznis.mk. Посетено на 2021-06-08.
  2. Toptal - 20 е-трговија интерфејси кои го прават купувањето полесно
  3. Efraim Turban, Electronic commerce: A Managerial Perspective 4/E, Prentice Hall, 2006
  4. Arnold Picot, Ralf Reichwald, Rolf Wigand: Information, Organization and Management; Springer-Verlag Berlin Heidelberg, 2008

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]