Градечка Река (Брегалница)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Градечка Река
Местоположба
Физички особености
УстиеБрегалница
Должина18 км
Особености на сливот

Градечка Рекарека во Источна Македонија и лева притока на Брегалница. Градечка Река, заедно со Осојница и Виничка Река, е од големо значење за наводнување на Виничкото Поле, а нејзините води претставуваат извор за производство на електрична енергија.

Течение[уреди | уреди извор]

Реката нема посебен извор и неа ја образуваат повеќе безимени потоци на планината Плачковица. Нејзиното течение понатаму продолжува по падините на планината, потоа минува низ селото Градец и покрај градот Виница, и на крајот се влева во Брегалница. Течението на реката над Виница е опаѓачко, при што реката ги прифаќа сите води што надоаѓаат, додека под градот е од рамничарски тип. Во алувијалната рамнина на реката има подземни води, но за нив сè уште нема сознанија.[1]

Хидрографија[уреди | уреди извор]

Градечка Река е долга 18 км, а вкупната површина на речниот слив изнесува 55,31 км2. Речниот проток има голема варијација, така што протокот на местото каде што е изградена акумулација изнесува 305 л/сек, додека најмалиот проток е околу 30 л/сек. Водата од реката се користи за наводнување на дел од Виничкото Поле. Поради малата сливна површина, кратката должина и големиот наклон во средниот и горниот тек, реката има буичарски карактер и нанесува штети на градот Виница, а исто така го нарушува и квалитетот на обработливите површини, особено на оние опфатени со хидромелиоративниот систем. Коритото на реката е регулирано од едната страна, во должина од 2000 м, со што просторот каде што е можно излевање е целосно заштитен од поплави. Во горниот дел на речниот слив има појава на интензивен процес на ерозија.[1]

Енергетика[уреди | уреди извор]

По течението на реката, непосредно пред влезот на селото Градец од страна на планината Плачковица, се наоѓа малата хидроцентрала „Градечка Река“ со моќност од 0,7 MW.

Галерија[уреди | уреди извор]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 Пејчиновска-Андонова, Славјанка (април–јуни 2014). „Извештај за оценка на стратегиска оцена на плански документ врз животната средина: Именување и дополнување на ГУП за Град Виница, плански период 2012-2022“ (PDF). Скопје: Друштво за технички консултантски услуги „ЕкоМозаик“ ДООЕЛ Скопје. стр. 46. Архивирано од изворникот (PDF) на 2015-04-08. Посетено на 2 јуни 2016.CS1-одржување: датумски формат (link)