Рудник „Бучим“

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Поглед на рудникот

Рудник „Бучим“рудник за бакар во околината на градот Радовиш.

Историја[уреди | уреди извор]

Првобитната идеја за рудникот „Бучим“ се појавила во 1972 година.[1] Рудникот и постројката за преработка на руда биле изградени и започнале со работа во 1979 година како претпријатие во државна сопственост. Во тој облик рудникот работел до 2001 година кога бил продаден на странското претпријатие „Семкорп“. Во 2003 година, рудникот банкротирал и престанал со работа. Во средината на 2004 година, рудникот бил продаден на јавен меѓународен тендер, по што повторно започнал со исцрпување и преработка на банкарна руда.[2]

Географија и местоположба[уреди | уреди извор]

Рудникот е сместен во непосредна близина на селото Бучим, на јужните падини на планината Плачковица, во околината на врвот Вршник (720 м). Средната надморска височина на рудното наоѓалиште изнесува 620 м. Територијално и управно, рудникот се наоѓа во Општина Радовиш. Од Радовиш е оддалечен 14 км, од Штип 30 км, а од Скопје 95 км. Поврзаноста до рудникот е со асфалтен пат во должина од 3,5 км, кој е поврзан со регионалниот пат М6 (Штип-Радовиш-Струмица). Најблиската железничка линија се наоѓа во Штип, додека најблиското пристаниште е во Солун на оддалеченост од околу 170 км.[3]

Геоморфологија[уреди | уреди извор]

Околината на рудникот

Рудното подрачје Бучим-Дамјан-Боров Дол припаѓа на металогенетската зона Леце-Халкидики и зафаќа површина од 150 км2 во нејзините средишни делови, со што спаѓа во редот на најмалките рудни подрачја во оваа зона. Границите на подрачјето се јасно обележани со одделни геолошки појави. Источната страна е означена со раседот на Тополничка Река којшто го раздвојува Бучимскиот од Радовишкиот блок и Радовишкиот гребен. Во Бучимскиот блок се среќаваат сите појави коишто го сочинуваат основното обележје на рудното подречје, како на пример систем на дробени структури, терциерен магматизам и минерализација, додека источно од блокот не се забележани слични појави. Западната граница е обележана со раседната структура во правец североисток-југозапад, која го одвојува Штипскиот од Бучимскиот блок. Во Штипскиот блок не се откриени појави на терциелни вулканити и рудна минерализација. Југозападната граница е долж раседот на реката Крива Лакавица, која го одвојува Дамјанскиот блок од Лакавичкиот гребен. Во Дамјанскиот блок има интензивно пројавување на вулканска активност и рудна минерализација којашто е карактеристична за ова подрачје, а во Лакавичкиот гребен ваквите појави изостануваат. Југоисточната граница веројатно е долж раседот на Габрешка Река, бидејќи по оваа раседна структура не се забележани појави на терциерен магматизам и минерализација. Северната граница на рудното порачје не е толку јасно изразена како останатите.[4]

Бучимското рудно поле се наоѓа во северните делови на рудното подрачје, односно деловите коишто просторно му припаѓаат на Српско-македонскиот масив. Ова рудно поле е дефинирано со дробилните структури од понизок ранг коишто имаат правец на протегање северозапад-југоисток и североисток-југозапад, алкалните фации на терциерниот интермедијарен магматизам којшто е претставен со мали подвулканско-вулкански пробои на латит и трахилиотит, како и со порфирската минерализација на бакар. Врз основа на досегашните истражувања во рудното поле, покрај во рудникот „Бучим“, појава на бакарна минерализација е утврдена и во подрачјето на врвовите Врањак, Орљак и Црн Врв, во околината на селата Калапетровци и Кошево, како и по течението на Кошевска Река. Рудникот „Бучим“ ги зафаќа северните делови од Бучимското рудно поле и во неговата геолошка градба учествуваат главно прекамбриски метаморфни карпи (гнајс и амфиболит) и терциерни вулканити (андезит и латитоандезит). Минерализацијата на банарк во рудникот е од портфирски тип на површина од 1,5 до 2 км2 и на длабочина од 300 м. Во пределот на рудникот преовладуваат антропогените облици создадени со рударските активности, така што традиционалните одлики на пределот се целосно изгубени. Според тоа, во непосредната околина на рудникот не постојат природни или антропогени облици со посебна естетска или туристичка вредност.[5]

Производство и резерви[уреди | уреди извор]

Рудникот се состои до четири рудни тела: Централен Дел, Чукар, Вршник и Бунарџик. Од нив, исцрпување на руда се врши од телата Централен Дел и Чукар 2. Исцрпувањето од телото Чукар 1 е завршено, а исцрпувањето од телата Вршник и Бунарџик не е започнато. Најголемо влијание при изборот на начинот на отворање на површинскиот коп имале состојбата на теренот над наоѓалиштето и распоредот на корисните минерали во наоѓалиштето. Отворањето на рудните тела Централен Дел и Чукар 2 е завршено во две фази: првата опфаќала отворање на висинскиот дел, а втората опфаќала отворање на длабинскиот дел. При одредувањето на геометриските елементи на површинскиот коп и производниот капацитет се настојувало да се изнајде оптимална технологија за откопување којашто би обезбедила економичност и безбедност при работата.[6]

Производството на руда и отстранувањето на раскривката во рудникот се врши на катови со висина од по 15 м. Во почетокот на површинското исцрпување на бакарната руда е со дупчење на вертикални мински дупки со пречник од 250 мм и длабочина на дупчење од 16-17 м коишто се распоредени како на шаховска табла со растојание меѓу минските дупки и редовите од 6-7 м. Дупчењето главно е ротационо со просечен капацитет од 60-70 м по смена на една дупчалка. Веднаш по дупчењето се врши механизирано полнење на минските дупки со смеси и потоа се минира. Одминираниот материјал потоа се товари и рудата се превезува до првостепената дробилка, а раскривката до надворешното одлагалиште. Превозот на рудата се врши со дампери со техничка носивост од 136 т, како и дампери со техничка носивост од 108 т. Исцрпувањето на бакарната руда од рудното тело Чукар се врши на 510. кат со превозно растојание од 2.550 м, а превозното растојание од раскривката до надворешното одлагалиште изнесува 3.250 м.[7]

Во рудникот се утврдени резерви од категориите А, Б, Ц1 и Ц2.[8] Се претпоставува дека во рудните тела во коишто активно се врши исцрпување на бакарна руда има резерви од околу 40 милиони тони, кои при просечното годишно производство од 4 милиони тони би се откопале за околу 10 години. Со исцрпувањето на бакарната руда и раскривката од телата Централен Дел и Чукар се зафаќа површина од 65,2 ха, а зафатнината на отворениот откопан простор којшто би бил образуван со завршините косини се очекува да изнесува 72.656.430 м3.[9]

Хидролошки структури[уреди | уреди извор]

Бучимското Езеро

Во околината на рудникот се наоѓаат неколку хидролошки структури, и тоа: Бучимско Езеро, дренажни води за коповското одлагалиште, Бучимски Дол и Јасенов Дол. Дренажните води вклучуваат атмосферски води кои дотекуваат од повисоките делови на коповското одлагалиште, минуваат низ одлагалиштето и истекнуваат надолу, како и подземни води кои навлегуваат во одлагалиштето. Бучимскиот Дол го сочинуваат водите пренасочени преку дренажниот систем од одлагалиштето, атмосферски води пренасочени од површинскиот коп, како и подземни води под одлагалиштето. Јасенов Дол вклучува дел од атмосферските и подземните води зафатени со дренажниот систем, како и атмосферските комунални води од стопанскиот двор.[10]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Боров Дол“ за спокојна работа на „Бучим“ до 2031 година. Исток Press. 24 јануари 2017.
  2. Даневски, Т. (2012). „Влијание врз животната средина од одлагалиштето за откривка и флотациското хидродлагалиште во рудникот за бакар „Бучим“, со преземање на мерки за заштита“. Факултет за природни и технички науки, Институт за рударство, Универзитет „Гоце Делчев“ - Штип. Штип. стр. 17.
  3. Даневски, Т. (2012). „Влијание врз животната средина од одлагалиштето за откривка и флотациското хидродлагалиште во рудникот за бакар „Бучим“, со преземање на мерки за заштита“. Факултет за природни и технички науки, Институт за рударство, Универзитет „Гоце Делчев“ - Штип. Штип. стр. 18.
  4. Даневски, Т. (2012). „Влијание врз животната средина од одлагалиштето за откривка и флотациското хидродлагалиште во рудникот за бакар „Бучим“, со преземање на мерки за заштита“. Факултет за природни и технички науки, Институт за рударство, Универзитет „Гоце Делчев“ - Штип. Штип. стр. 21.
  5. Даневски, Т. (2012). „Влијание врз животната средина од одлагалиштето за откривка и флотациското хидродлагалиште во рудникот за бакар „Бучим“, со преземање на мерки за заштита“. Факултет за природни и технички науки, Институт за рударство, Универзитет „Гоце Делчев“ - Штип. Штип. стр. 21-22.
  6. Даневски, Т. (2012). „Влијание врз животната средина од одлагалиштето за откривка и флотациското хидродлагалиште во рудникот за бакар „Бучим“, со преземање на мерки за заштита“. Факултет за природни и технички науки, Институт за рударство, Универзитет „Гоце Делчев“ - Штип. Штип. стр. 28-29.
  7. Даневски, Т. (2012). „Влијание врз животната средина од одлагалиштето за откривка и флотациското хидродлагалиште во рудникот за бакар „Бучим“, со преземање на мерки за заштита“. Факултет за природни и технички науки, Институт за рударство, Универзитет „Гоце Делчев“ - Штип. Штип. стр. 30-33.
  8. Даневски, Т. (2012). „Влијание врз животната средина од одлагалиштето за откривка и флотациското хидродлагалиште во рудникот за бакар „Бучим“, со преземање на мерки за заштита“. Факултет за природни и технички науки, Институт за рударство, Универзитет „Гоце Делчев“ - Штип. Штип. стр. 27.
  9. Даневски, Т. (2012). „Влијание врз животната средина од одлагалиштето за откривка и флотациското хидродлагалиште во рудникот за бакар „Бучим“, со преземање на мерки за заштита“. Факултет за природни и технички науки, Институт за рударство, Универзитет „Гоце Делчев“ - Штип. Штип. стр. 33.
  10. Даневски, Т. (2012). „Влијание врз животната средина од одлагалиштето за откривка и флотациското хидродлагалиште во рудникот за бакар „Бучим“, со преземање на мерки за заштита“. Факултет за природни и технички науки, Институт за рударство, Универзитет „Гоце Делчев“ - Штип. Штип. стр. 23-25.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

Координати: 41°39′45″N 22°20′28″E / 41.66250° СГШ; 22.34111° ИГД / 41.66250; 22.34111