Вештица (роман)
„Вештица — роман во сурова состојба (тетратката на еден писател)“ — роман на македонскиот писател Венко Андоновски, првично објавен во 2006 година од издавачката куќа Култура.[1]
Содржина
[уреди | уреди извор]Романот се состои од 61 поглавје (нумерирани од 0 до 60).
- 0-1: Една јулска ноќ, 1633 година, жената на трговецот Флоријан се обидува да води љубов со него, но обидот пропаѓа зашто тој е импотентен. Тогаш, таа го напушта домот, а утредента, Флоријан поднесува тужба до градскиот магистрат, обвинувајќи ја дека е вештерка. На 16 јули, истата година, патувајќи кон Загреб, отец Бенџамин застанува во пуст крај и влегува во воденицата во која работел во детството. Во воденицата влегува војникот Маринковиќ, гонител на вештерки и еретици, кој со себе води заробена жена, обвинета за вештерство, а истовремено се наоѓа во потрага по избегната жена на трговецот Флоријан. Маринковиќ му допушта на отец Бенџамин да изврши претрес на воденицата, а тој здогледува млада жена на која ѝ го покажува тајниот излез од воденицата. Пред да си замине Маринковиќ, отец Бенџамин му го споменува името на својата детска љубов, Дора Вугринец, на што Маринковиќ се стаписува. Тогаш се прекинува дејствието за писателот Чарли Хит, автор на евтини детективски раскази, да започне расправа со читателите за своите записи во тетратката.[2]
- 2-18: Во семинаријата во Загреб се одржува ноќна седница на која присуствуваат бројни свештеници, угледни граѓани и претставници на власта. Главниот инквизитор држи говор за раширената појава на вештерки, а како доказ ја покажува заробената Дора Вугринец која, под дејство на мачењето, признава за своите односи со ѓаволот. Потресен од мачната глетка, на отец Бенџамин му се слошува. На полноќ, заедно со еден млад семинарист кој е жеден за знаење, тој се враќа во воденицата, но таму ја нема жената, туку наоѓа цртеж кој го зема со себе по што двајцата се враќаат назад. Утредента, Бенџамин го испраќа семинаристот во воденицата и тој се враќа со празен пергамент кој, всушност, претставува тајно писмо од непознатата жена до Бенџамин. Утредента, отец Бенџамин е повикан на испрашување кај инквизиторот, а таму го здогледува и семинаристот кого претходно го привеле. За да го спаси момчето, отец Бенџамин бара прошка од инквизиторот, лажејќи дека за време на ноќното патување тој и семинаристот виделе оргија на вештерки. Тој добива дозвола да ја исповеда Дорица, но кога ја посетува во затворот, таа го напаѓа. По тој неуспех, отец Бенџамин решава да се врати во Париз, а претходно го посетува младиот семинарист од кого дознава дека се вика исто како неговото световно име — Винко. Сепак, патем тој повторно застанува во воденицата, каде се сеќава на своето детство, кога татко му бил обвинет за соработка со ѓаволот и поради тоа бил мачен и фрлен во реката, заедно со него. Тогаш, во воденицата пристига и семинаристот Винко, кој му кажува на отец Бенџамин дека бараната жена се вика Јохана (Јована) Грацијанчиќ, на возраст до 25 години, а родум од Македонија. Отец Бенџамин и семинаристот заедно го толкуваат пергаментот насликан од Јована. Тогаш, во воденицата доаѓа сатникот Маринковиќ, а отец Бенџамин се ослободува од него со зборовите дека пишува книга за вештерките. Истовремено, во мај 2005 година, Чарли Хит добива порака од уредникот на списанието дека му е одбиен расказот, но подоцна му е објавен друг расказ. Писателот е во брак со просечна жена и не е задоволен од неа. На покана на уредникот, маскиран како Зоро, тој оди на маскенбал и таму ја запознава девојката на уредникот, Јована, која исто така е маскирана како Зоро. Јована на прв поглед се вљубува во писателот. По некое време, таа ја купува неговата книга и го посетува во неговиот кабинет за да ѝ се потпише на примерокот, но не знае дека тој е маскираниот човек од забавата. Писателот ѝ праќа неколку писма, а едното ѝ го остава на тротоарот при што тоа е со истата содржина како тајното писмо што го добивва отец Бенџамин. Во меѓувреме, писателот дознава дека татко му е болен од карцином, но решава да го излаже татка си, кажувајќи му дека се работи за обична болест. Јована, пак, добива писмо во кое писателот ја советува да се искапи гола на плажата пред хотелот „Бисер“ на струшкиот брег, на полна месечина, а потоа таа добива и дел од ракописот на романот во кој се опишува како отец Бенџамин ја гледа жената како се капе во реката на месечина. Во тој период, Јована ја раскинува врската со своето момче.[3]
- 19-44: Преоблечен како питач, отец Бенџамин оди во Медведград, каде има прилика да гледа куклена претстава што ја приредува еден старец, а во која учествува и голата Јохана. Бесен, тој ја прекинува претставата и поради тоа е претепан од насобраниот народ. По неколку дена, отец Бенџамин се буди во воденицата. За него се грижи непознатата жена, а откако закрепнува, Бенџамин води љубов со неа, а по средбата со неа, тој сфаќа дека неговото знаење е празно, зашто таа ја познава животната радост. Јохана го носи Бенџамин во бачилото со кое раководи нејзиниот татко кој го восхитува Бенџамин со својата мудрост. Меѓутоа, утредента, на бачилото пристига трговецот Флоријан за да набави јагнешки кожи, па Јохана и Бенџамин преку подземниот тунел бегаат во шумата. Додека Јована се капи во реката, неа ја зафаќа вител и почнува да се дави, но Бенџамин ѝ го спасува животот, а потоа страсно водат љубов. Тогаш, Јована на своето тело тетовира пеперуга чии крилја потсетуваат на испреплетените букви Ј и В. Меѓутоа, нивната средба од далечината ја набљудува трговецот Флоријан. Кога се враќаат во воденицата, Јована го отвора ковчегот во кој Бенџамин ги чува своите книги, а тој пак ѝ го покажува телескопот, подарок од неговиот пријател Галилеј. Така, Јована има прилика одблизу да ја набљудува месечината, а тоа ѝ предизвикува голема тага зашто ја потсетува на смртта на нејзината сестра-близначка, Јоана. За да ја избегнат опасноста, тие цел месец скитаат низ околината, заљубени и среќни, а кога го посетуваат попот Исијан, тој му предава на Бенџамин писмо со кое младиот семинарист го повикува да се врати во Загреб. Инаку, по смртта на татко му, Бенџамин го напуштил манастирот и некое време скитал како просјак, потоа заминал во Дубровник, а оттаму заминал со брод за Венеција. За време на пловидбата, тој паднал во морето, но го спасил отец Лука, кој му станал духовен татко. Во Падова, Бенџамин се замонашил по вторпат, а истовремено почнал да се школува. Јохана (Јована), пак, е жена по потекло од Вевчани. На денот кога била закажана нејзината свадба со еден богат трговец, младенецот бил убиен од Џеладин-бег, а неа веднаш ја омажиле за малолетниот брат на покојникот при што вечерта со игла ѝ го продупчиле хименот. Набргу, неа ја грабнал Џеладин-бег, кој претходно ја запалил нејзината куќа, а во таа прилика погинала мајка ѝ, додека татко ѝ, попот Исијан, избегал во планината. Јована одбила да се потурчи, а бегот секојдневно ја тепал. Во сарајот на Џеладин-бег, таа го запознала трговецот Флоријан од Дубровник, кој ја купил од бегот. Минувајќи преку планината, ним им се придружил попот Исијан, кој го спасил трговецот известувајќи го за заседата што ја поставиле луѓето на Џеладин-бег. Во Дубровник, Јована живеел богат и удобен живот, но не била среќна зашто Флоријан не покажувал никаков интерес за нејзиното тело. По некое време, тие се преселиле во Загреб, каде една ноќ таа се обидела да води љубов со сопругот, но без никаков успех, а потоа тој ја пријавил во судот како вештерка. Во втората приказна, татко му на писателот умира при што цело време знаел дека е смртно болен, но тоа го криел од синот. Во младоста, тој пишувал детективски приказни кои сега неговиот син ги копира и повторно ги објавува. На погребот од татко му, писателот ја запознава госпоѓата Л., големата љубов на татко му од студентските денови. Таинствената преписка меѓу писателот и Јована продолжува при што тој ѝ праќа извадок од својот роман во ракопис, а таа дознава дека тој е авторот на детективските раскази, Чарли Хит.[4]
- 45-60: Отец Бенџамин се враќа во воденицата, а таму доаѓа сатникот Маринковиќ кој го апси и го носи во Загреб. На распитот кај инквизиторот, Бенџамин признава дека намерно се дружел со вештерката за да може полесно да ја разобличи при што лаже дека таа се засолнила во Суседград, каде инквизиторот не може да ја уапси. Отец Бенџамин и семинаристот ги читаат записниците од испрашувањата и мачењата на жените обвинети за вештерство. Бенџамин го продава телескопот и купува црвени чевли за Јована. Откако го чита обвинението поднесено од трговецот Флоријан, тој се упатува кон планината со намера да ја спаси Јована, но патем го здогледува попто Исијан, кого врзан го спроведува стражата, следена од народот кој го тепа и го навредува. Кога се враќа во семинаријата, Бенџамин дознава дека младиот семинарист стигнал во бачилото пред прогонителите и ја спасил Јована, одведувајќи ја во Суседград кај неговите родители. Притоа, со посредство на неговиот брат-близнак, Бенџамин се допишува со Јована. Набргу, започнува процесот против попот Исијан, кој е обвинет за сорбаотка со ѓаволот и осуден на камшикување, а неговиот ковчег со театарските кукли е запален. Стражарите кои го палат ковчегот сведочат дека од него се слушале крикови на луѓе, но Бенџамин и семинаристот утврдуваат дека криковите потекнуваат од добитокот што го носат на колење во близината. Флоријан го заробува брат му на семинаристот, а еден Циган ѝ носи писмо на Јована, известувајќи ја дека нејзиниот најсакан е осуден на смртна казна. Оттука, за време на мачењето на попот Исијан, наеднаш се појавува Јована која веднаш ја апсат и ја мачат, но таа упорно одрекува дека е вештерка. Бенџамин го чита записникот од нејзиното судење и мачење според кој таа и Исијан се осудени така што ќе бидат живи запалени. Истовремено, семинаристот дознава дека брат му е најден мртов, со извадено срце. Бенџамин ја посетува Јована во затворот, а таа му ветува дека нивната љубов нема никогаш да згасне. Кога Бенџамин се враќа во семинаријата, таму го чека порака со ребус од Јована. Ноќта, тој оди во домот на инквизиторот и му кажува дека Јована е бремена, барајќи да го одложи извршувањето на казната, но инквизиторот го одбива. Утредента, Исијан и Јована се јавно запалени, а тука е присутен и Бенџамин кој наеднаш влегува во огнот, ја бакнува Јована за последен пат, а потоа, додека гори и тој самиот, му се нафрла на инквизиторот и двајцата умираат, а во тој миг Бенџамин се присетува дека токму инквизиторот е човекот кој е одговорен за смртта на татко му, а икнивизоторот се присетува дека тоа е момчето кое било фрлено во реката заедно со таткото. Пред да погине, Бенџамин му поклонува мало ковчеже на семинаристот Винко, кој заминува во Падова, во домот на Галилеј. Во втората приказна, според мапата што ѝ ја дава писателот, Јована оди во селото Бањани и таму откопува ковчеже во кое се наоѓа телескоп. Таа сака да купи црвени чевли од една продавница, неколкупати ги пробува, а кога оди да ги плати, дознава дека нив веќе ги купил некој маж. Една саботна ноќ, следејќи ги упатствата од писателот, Јована оди во една воденица во близината на Бањани и таму го здогледува ракописот на неговиот роман. Во тој миг, внатре влегува писателот, носејќи ги црвените чевли како подарок за неа. Романот завршува така што тие се венчаваат и набргу им се раѓа ќерка; во меѓувреме, писателот докторира и станува доцент по старословенска книжевност, а Јована дипломира на медицинскиот факултет. Писателот ја објавува последната детективска приказна, а набргу излегува од печат и неговиот роман.[5]
Ликови
[уреди | уреди извор]Јована, Јохана Грацијанчиќ, е лик на млада Вевчанка која се чувствува загубено и осамено во Дубровник, својата трагична судбина ја носи уште од родниот крај каде силниците (силниците се одентични секаде) ја фрлаат во невешти, но насилнички раце на Џеладин-бег кој не можеејќи да се израмни со сила на нејзиниот темперамент и мудроста ја предава во рацете на Флоријан Грацијанчиќ, дубровечки трговец кој ја зема за сопруга. Црвенокосата Јована дубровечките шепотливи плоштади ја препознаваат како „бисер од Македонија“, но нејзиниот сопруг, освен гордооста со нејзината убавина, става и углед кај сограѓаните, останува со студена постела, неладарен, неумешен да ја распламти, да ја разбуди искрата во нејзиното огнено битие. Од таа студена постела, од таа немоќ, Јована е обвинета за вештерство, а нејзината судбина е префрлеена во сирови, жедни копнежи на градскиот инквизитор, но појавувањето на Падре Бенџамин ќе го отвори, расветли чудесниот лик на Јована, бујна, чиста, огнена, раскошна природа на жена која е предодредена да стане вечност.
Падре Бенџамин, римокатолички свештеник, близок соработник и пријател на Џордано Бруно, податок кој сам по себе зборува за негов светопоглед во време на тој страотен родов геноцид на машката црква, против женската слобода и убавина. Свештеник кој ќе ја погази заклетвата кон бога од огнените чувства на љубовта кон вевчанската мудрица, убавица. Тој потекнува од Хрватска, од крајот во кој ја носат веќе осудената Јована, во самиот центар на инквизициони дејанија, самиот никако не се помирува со времето и судот кои му се страни бидејќи неговите очи се птворени и будни, а кон верата гледа со поглед на светлина и надеж, а не темнина и страв. Младата Јована и неправдата, зло со кое се судира кај него ги будат најсилните чувства поради кои ја ослободува младата Вевчанка водејќи је куситрајна слобода, исполнета со љубов и светлина, што нивните неколку дена наликуваат на полна вечност. Таа љубов, таа моќ на внатрешната исполнетост е толку силна што Падре Бенџамин, на крајот на романот и самиот тргнува во истиот оган во кој е неговата љубов, повлекувајќи го со себе и олицетворение на злото - инквизиторот.
За романот
[уреди | уреди извор]Ова е дело кое преплетува различни времиња, различни техники, судир на погледи, на светови и сосема едноставна, но исклучително длабока нишка на вечното, љубов посилна од оган, од камен, од времето. Станува ли збор за една љубов што низ векови се пренесува и возобновува, или за две (повеќе) огнени романси кои се појавуваат циклично и потсетуваат на неуништливоста на вистинската љубов, му останува на читателот, самиот да долови, да пресуди и да реши. Андоновски во романот „Вештица“, таква можност дозволува со поднасловот „Роман во сурова состојба“.
Дејствието на романот се случува во Хрватска, во 17 век, кога под темно око на Римокатоличкото свештенство со невидена леснотија жените биле прогласувани за вештерки и според тогашните судски правила по голгота претрпена од иследниците, биле јавно спалувани на клада. Романот испреплетува две приказни за Јована: едната е девојка од Вевчани, за Јована која играта на судбината ја носи во Хрватска, каде живее во договорен брак со човекот кој не допира до нејзината сензуалност, па поттикнат од сопствена пакост и љубомора ја предава во рацете на прогонувачите на вештерките; другата Јована е девојка од Македонија во времето блиско на создавање на романот, девојка пренесена, пресликана или реинкарнирана од онаа доба во олицетворение на стасна, сензуална, огнена љубов на нараторот. Двата заплети, двете Јовани низ многуте премрежја, возбудливи настани, слики и решавање на загатки нурнуваат во оган, оган на љубов, оган на живот, оган како прапочеток и поместување во времето. Јована, Јохана Грацијанчиќ копнее за својот оган, своето воскревање и себепронаиѓање ќе го реализира со помош на Падре Бенџамин, свештеникот кој е со поинакви погледи од своето време, од своите современици, со поинакви чувства, човекот кој во неа ќе ја осознаее љубовната слила пожешка од огнот. Јована, вевчанката, од вториот тек на романот во себе го носи огнот, како од онаа клада среде плоштадот во Загреб, директно душата да и влетала во црвеноккосата девојка што ќе ги помести мислите, тековите будејќи го писателот од секојдневната „сеедност“, отворајќи го романот за разбивање на стереотипи и вообичаени погледи, сè до потполно сплотување, препознавање на себе во оние други од минатото.
За француското издание на романот, Милан Кундера, откако го споредува Андоновски со Херман Брох и со Карлос Фуентес, романот го нарекува „премногу модерен“, т.е. роман од третата историска епоха во развојот на романот. Во него, авторот не само што ги опишува околината и животот на главниот лик, туку успева да го опфати и недофатливото. Според него, станува збор за мајсторски полифонично дело во изненадува разноликоста на наративните техники при што „Вештица е голем роман за Европа. За минатото и сегашноста на Европа.“[6]
Изданија и преводи
[уреди | уреди извор]Во 2014 година се појавило осмото (дополнето) издание на романот, објавено од издавачката куќа Лакрима литералис во рамките на библиотеката „Опиум“ (ISBN 978-608-4766-04-9), а во кое е вклучен и предговорот од познатиот писател Милан Кундера.[7]
Романот „Вештица“ е преведен на француски, руски и српски јазик. Српското издание на книгата го објавила Задужбина Петар Кочиќ од Белград и Бања Лука 2013 година, во превод на Гордана Јовиќ-Стојковска.[8]
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Венко Андоновски, Вештица. Скопје: Култура, 2006.
- ↑ Венко Андоновски, Вештица. Лакрима литералис, Скопје, 2014, стр. 2-22.
- ↑ Венко Андоновски, Вештица. Лакрима литералис, Скопје, 2014, стр. 23-186.
- ↑ Венко Андоновски, Вештица. Лакрима литералис, Скопје, 2014, стр. 187-351.
- ↑ Венко Андоновски, Вештица. Лакрима литералис, Скопје, 2014, стр. 352-445.
- ↑ Милан Кундера, „Предговор: Голем европски роман“, во: Венко Андоновски, Вештица. Лакрима литералис, Скопје, 2014, стр. а-с.
- ↑ Венко Андоновски, Вештица. Лакрима литералис, Скопје, 2014.
- ↑ „Veštica : roman o sirovom stanju : (sveska jednog pisca) /“. plus.cobiss.net. Посетено на 10 ноември 2022.