Америка (роман)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Америка
првото публикувано издание на македонски јазик
АвторФранц Кафка
Изворен насловDer Verschollene
ЗемјаГерманија
Јазикгермански
Жанрроман
ИздавачКурт Волф (германски)
издавачка куќа Темплум (македонски)
Издадена
1927
Published in English
1938
МедиумПечатена (меки корици)
Страници240
ISBN978-0-8112-1569-5
OCLC58600742

Америка (на германски: Der Verschollene) е третиот и последен роман објавен од Франц Кафка. Публикуван е посмртно, во 1927 година со посредство на неговиот пријател Макс Брод. Оригиналното име на романот било Исчезнатиот, но по сугестија на Брод, издавачите го издале романот под насловот Америка. Денес, оригиналниот ракопис се наоѓа на универзитетот Оксфорд.

Дејството во романот е засновано врз расказот „Огнарот“ (објавен 1913), во кој се обработува животот на главниот јунак Карл Росман по неговото пристигнување во Америка. Се претпоставува дека прецизно доловениот живот на европските доселеници во Америка се всушност искуствата на неговите блиски роднини кои емигрирале во таа земја.

Содржински гледано, делото се состои од десет глави, од кои две се недовршени. Кафка им дал наслов само на првите шест поглавја и напоменал дека последно поглавје треба да биде „Патувачкиот театар од Оклахома“. И во ова дело, како и во неговите претходни две, Кафка ги обработува темите поврзани за бирократија, социјално отуѓување на поединецот и борбата да се стигне до што е можно подобра општествена позиција.

Постојат две изданија на македонски јазик на ова дело од Кафка. Првото е во издание на издавачката куќа Темплум,[1] а второто, поново издание од 2011 година, е од издавачката куќа Антолог.[2]

Содржина по глави[уреди | уреди извор]

Корица на првото англиско издание
Корица на новото издание

Ложачот[уреди | уреди извор]

Карл Росман е 16-годишно момче кое го напушта домот во Германија и со прекуокеански брод заминува за Америка. Неговите родители го испратиле на пат поради љубовната афера со една од куќните помошнички и вонбрачното дете кое го добил од неа. На бродот случајно го запознал тамошниот ложач, кон кого стекнал големи симпатии. Ложачот му се пожалил на Росман за постојаниот мобинг од страна на Шубал, главен машинист на бродот и негов претпоставен. Двајцата заедно се упатиле кон канцеларијата на капетанот како ложачот би се пожалил за нанесената неправда и повреденото достоинство. Во канцеларијата го затекнале капетанот во друштво на еден американски сенатор, за кој се покажало дека е вујко на Карл. Сенаторот се викал Јакоб и решил да го земе Карл Росман под своја заштита. Ложачот пак, не успеал да ја докаже вината на Шубал најмногу поради неговото пелтечење и неаргументирани обвиненија од една страна, а од друга страна затоа што целиот бродски екипаж застанал во одбрана на Шубал. Росман не го дочекал исходот на расправијата бидејќи со неговиот вујко веднаш заминале за Њујорк.

Вујкото[уреди | уреди извор]

Во втората глава Карл осознал нешто повеќе за претпријатието на вујкото и за неговите врски и пријатели од бизнис-сферата. Се сместил во еден стан во центарот на градот, каде што имал своја лична послуга и целодневен престој. Вујкото наминувал еднаш дневно, а на негово инсистирање, Карл почнал да изучува англиски и да зема часови по јавање. Се спријателил со Мак, син на успешен стопанственик, и често водел разговори со деловните партнери на вујко му, господата Грин и Полундер. По покана од Полундер за неколкудневна посета на неговиот селски имот близу Њујорк, Карл го замолил вујкото Јакоб за дозвола. Овој некако неволно го пуштил, напоменувајќи му дека ќе пропушти многу од часовите кои Јакоб лично ги плаќал. И покрај благото противење од вујковата страна, Карл влегол во автомобилот на г. Полундер и доцна вечерта пристигнал на селската вила.

Селската куќа во близина на Њујорк[уреди | уреди извор]

На големо изненадување на Карл, господинот Грин им се придружил на вечерата во домот на Полундер. Карл чувствувал необјаснива одбивност спрема Грин, па затоа решил повеќе време да мине со Клара, ќерката на Полундер. Клара била убава девојка на негова возраст, која била свршена за пријателот Мак. Таа му ги покажувала собите во нивната куќа, но Росман не бил многу заинтересиран, па се повлекол на спиење во својата соба. Клара не забележала дека Карл си заминал на спиење, па неговото однесување го протолкувала како грубост и подбивање. Влегувајќи во собата на Карл, меѓу нив дошло до мал физички инцидент, по кој Карл бил решен да си замине оттаму. Веднаш се упатил кон трпезаријата, каде ги затекол господата како разговараат за деловни теми. Грин му рекол дека со себе носел писмо од вујко му Јакоб за него. Во писмото стоело дека Јакоб бил премногу изиритиран од дрскиот однос на неговиот внук и покрај сета добрина која му ја пружил. Му наредил повеќе да не се враќа во домот, туку што е можно побргу да си замине од градот и да си ја бара среќата на друго место. По оваа разочарувачка вест, Карл излегол од куќата на Полундер и преноќил во најблискиот мотел.

Патот за Рамзес[уреди | уреди извор]

Во мотелот каде ја минал ноќта, запознал уште двајца емигранти. Деламарш бил Французим, додека Робинсон бил од Ирска. Тие двајцата го увериле дека ќе најдат добра работа во блиското гратче Батерфорд и дека него ќе го земат како нивни чирак. Притоа бесрамно евтино го продале Росмановиот костум на сопственикот на хотелот и му ја одзеле сета храна од куферот. Тројцата пешки тргнале кон посакуваниот град, а притоа Карл бил тој кој морал да ја плати сметката во ресторанот каде ручале. Кога се стемнило, Деламарш и Робинсон решиле да преспијат во ливадата крај патот, а да го пратат Карл да земе храна од блискиот хотел. Карл влегол во хотелот Окцидентал, каде се запознал со љубезната газдарица, која му дала вечера без да му наплати и го поканила да преноќи во хотелот. Росман учтиво ја одбил и се вратил кај старото друштво. Останал вџашен поради тоа што неговите двајца сопатници му го обиле куферот додека бил отсутен и дека му ги расфрлиле алиштата наоколу. Но кога дознал дека му ја нема фотографијата од неговите родители, најдрагиот спомен од домот, решително ги напуштил арогантните другари и се вратил во елитниот хотел.

Хотелот Оксидентал[уреди | уреди извор]

За време на краткиот состанок со шефицата на кујната, неговата познајничка, на Карл му било соопштено дека ќе работи како носач во лифтот. Работата на Карл му се видела навидум лесна, но 12 часовната смена била премногу исцрпувачка. Притоа се спријателил со дактилографката Тереза, која имала потресна судбина како сираче и многу патела во животот. Спиел во заедничка соба заедно со останатите момчиња кои ја вршеле истата задача во хотелот, но тие не биле премногу загрижени за нивната неизвесна иднина. Росман работел посветено и се трудел да не разочара ниту еден од гостите во хотелот. Животот на новото работно место му течел прилично мирно, сѐ додека не се појавил Деламарш распрашувајќи се за Карл на рецепцијата во хотелот. Неговиот колега Ренел го известил за посетата на Деламарш, што предизвикало несигурност и внатрешен немир кај главниот протагонист.

Случајот Робинсон[уреди | уреди извор]

На големо изненадување на Карл, во хотелот доаѓа Робинсон во полупијана состојба барајќи пари од него. Поради тоа што бил речиси во бессознание од алкохолот, Карл го понел Робинсон во спалната соба како не би му пречел на работното место. Во меѓувреме се погодило висок гостин нетрпеливо да чека пред лифтот на Карл, за што набрзо бил известен и главниот келнер г. Исбари. Тој без размислување му врачил отказ, и покрај силните заложби на шефицата Карл да го задржи местото во хотелот. Освен отказот, Карл бил наклеветен затоа што внел пијаница во хотелот и притоа му ветил пари (кои наводно требало да ги украде од касата на рецепција). Росман бил психички скршен, па повеќе не се ни обидувал да ја докаже сопствената невиност. Бил препуштен на главниот портир, кој поради навредената горделивост со непоздравувањето од страна на Карл, насилнички го малтретирал. Гледајќи дека портирот сака физички да го повреди, набрзина пребегнал со такси во придружба на Робинсон.

Азил[уреди | уреди извор]

По излегување од таксито, Карл повторно ќе се сретне со Деламарш, со чија помош го избегнува апсењето од страна на полицијата. Тие двајца заедно со Робинсон влегуваат во еден тесен стан, сопственост на Брунелда. Понатамошниот тек на романот е опис на тоа како настанало познанството на Деламарш со богатата Брунелда. Таа има ексцентричен карактер и однесување, па веднаш инсистирала да го вработат Карл како нивни слуга. Откако Карл категорично ја одбил оваа понуда и се обидел да избега обивајќи ја вратата од станот, Деламарш и Робинсон тешко го претепале, по што Росман паднал во кома. Се разбудил наредната вечер, во момент кога сите тројца спиеле. На терасата повел интересен дијалог со соседот-студент, кој исто така не бил во добри односи со тројцата измамници. На совет од студентот, Карл согледува дека нема да најде подобро работно место од она кое му го нудат Брунелда и Деламарш, па немајќи каде, ја прифатил понудената служба кај нив.

Патувачкиот театар од Оклахома[уреди | уреди извор]

Шетајќи се низ градот, Карл случајно забележал оглас каде се барал секаков персонал за патувачкиот театар од Оклахома. Бидејќи било изречито нагласено дека секој е добредојден, Карл видел прилика конечно да добие постојано работно место. Влегувајќи во малиот стадион како би се пријавил за работната задача, Карл забележал жени облечени слично на ангели како свират на труби, качени на подиумот. Понатаму го здогледал одговорниот за списокот на кандидати, кој го упатил во една од 200 канцеларии, од кои секоја претставувала сектор за одредена професија. По долго талкање, Карл го вметнале во списокот на европски средношколци, а потоа го испратиле на записничката маса на горните катови. Росман таму се пријавил под името Негро, сакајќи да го сокрие своето сомнително минато. Откако ги завршил сите формалности, Карл во придружба на семејството кое претходно го запознал на влезот од стадионот, слегол на гозба на првиот кат. На широката трпеза со богати јадења, тој ручал во друштво на сите штотуку вработени. Притоа се појавил нивниот претпоставен кој им соопштил дека овој театар се грижи за нивните најдобри интереси и веднаш потоа им наредил да се спакуваат и качат на возот кој тргнувал за Оклахома. Во возот Карл повторно се сретнал со Џакомо, и така со возот заминале во непознат правец.

Фрагменти[уреди | уреди извор]

„Ајде! Ајде!“ извика Робинсон[уреди | уреди извор]

Дејството се случува по преспиената ноќ во станот на Брунелда. Карл и Робинсон го средувале нередот во дневната соба, додека Деламарш ја миел Брунелда во импровизираната бања. Росман е во улога на нововработен слуга и негова единствена задача била да ги исполнува неразумните барања од Брунелда. По нејзина заповед, Карл заедно со Робинсон заминале да донесат појадок од соседниот стан, без оглед на тоа што веќе било 4 часот попладне. Домаќинката категорично ги одбила, но тие двајца плашејќи се од гневот на своеволната дама, приготвиле скромен оброк од утринските остатоци. Поради прегладнетоста, Деламарш и Брунелда не забележале дека храната не била свежа. Задоволни од принесеното, ја пофалиле услужноста на Карл, кој им ветил побогат оброк следниот пат.

Заминувањето на Брунелда[уреди | уреди извор]

Рано изутрината, Карл со помош на студентот од соседниот стан ја пренел количката на Брунелда до приземјето. Откако се збогувал со студентот, го продолжил патот со Брунелда. Сакајќи да го избегне непотребното внимание кое би го предизвикал, Карл се движел брзо и по нефреквентни улички. Мала непријатност му создал полицаецот кој се распрашувал зошто госпоѓицата во количката е покриена со крпа. Откако ја скротиле непожелната љубопитност на полицаецот, Росман требало да се справи и со упорниот млекар, чиј интерес бил привлечен од лицето што се криело под сивата крпа. Преминале и преку неговата злоба, за конечно да стигнат до едно претпријатие, каде ги чекал управникот. Тој бил помалку незадоволен од доцнењето, но љубезно ја згрижил Брунелда.

Ликови[уреди | уреди извор]

Лик Опис
Карл Росман главен јунак во романот, чие пристигнување и доживувања во Америка се основна сижејна линија на делото
Фелисија помошничка во домот на Росман, со која тој ќе има вонбрачно дете
Франц Бутербаум пријателот кој Карл го запознал на бродот за Америка; се споменува само во првата глава
Ложачот еден од машинистите на бродот, кој е жртва на суетата на неговите претпоставени
Едвард Јакоб вујкото на Карл, инаку американски сенатор кој уживал голема почит во своето опкружување
Бродскиот капетан пријател со вујкото Јакоб, човекот од чија одлука зависела кариерата на Ложачот
Мак безгрижен и разгален син на богат стопанственик; првиот пријател на Карл во новата средина
г-дин Полундер најблискиот пријател на сенаторот Едвард Јакоб
г-дин Грин финансиски партнер на вујкото на Росман
Клара ќерка на г-дин Полундер, свршеница на Мак
Робинсон ирски доселеник во Америка, верен придружник на Деламарш
Деламарш француски доселеник во Америка, во суштина измамник кој го искористувал Робинсон
шефицата единствената заштитничка на Карл додека тој работел во хотелот
Тереза дактилографка во хотелот Окцидентал и најблиска пријателка на Карл
г-дин Исбари главен келнер во хотелот и еден од виновниците за пропаѓањето и неуспехот на Карл во американското општество
Феодор портир во истиот хотел, непријател на Карл и олицетворение на безочната бирократија
Ренел колега на Карл, кој бил негова замена за другата смена во лифтот
Џакомо најмрзливиот работник при лифтот во хотелот
Брунелда цимерка на Деламарш и Робинсон, воедно и главниот лик во таа дружина
Фани поранешна другарка на Карл, која моментално работела во патувачкиот театар од Оклахома

Стил на пишување и литературен правец[уреди | уреди извор]

Се претпоставува дека ова дело е инспирирано од мемоарите на поранешниот американски претседател Бенџамин Френклин. Кафка толку бил приврзан за тие записи, што имал навика некои пасуси да ги чита на глас. Дејството во романот „Америка“ е можеби одраз на неговата голема желба за патување, но во реалноста, најдалечните одредишта кои ги посетил Кафка биле Франција и северна Италија. Во времето кога го пишувал ова дело, писателот бил под импресија од новелите на Чарлс Дикенс, за што тој забележал:

Мојата намера беше, како што сега гледам, да напишан роман по урнек на оние од Чарлс Дикенс, чиј лајт-мотив ќе бидат суровата реалност на модерното општество и во помал дел неверојатните настани, плод на мојата бујна фантазија.

За разлика од претходните негови дела, овој роман на Кафка се одликува со пореалистични настани и благ хумор. Сепак, ги задржал темите поврзани со критика кон бирократијата и нефункционалноста на таквото општество. Главниот лик често се наоѓал во бизарни и невообичаени ситуации. Специфично за ова дело е тоа што протагонистот Карл Росман и покрај очигледната своја невиност морал да се помири со неразумните одлуки на своите претпоставени. Во првата глава од приказната, Кипот на Слободата е прикажан со меч во исправената рака, алузија на синтагмата моќта е над правдата, основен мотив на целата библиографија од Франц Кафка.

Иако Франц Кафка временски творел во ерата на реализмот, многумина книжевници го сметаат за предвесник на модернизмот. Во овој роман, можеби не до тој степен како во неговите претходни два, забележително е присуството на експресионистички и надреалистички елементи. Како што изјавил и самиот Габриел Гарсија Маркес, делата „Преобразба“ и „[Америка“ му дале верба и поттик дека неговиот стил на пишување би можел да биде прифатен од пошироката публика.

Можеби најконцизна изјава во врска со значењето на романотАмерика“ дал Курт Тухолски, германски новинар и современик на Кафка:

Најпрекрасното во ова дело е длабоката меланхолија која се провлекува низ него, онаа ретка ситуација кога некој не го сфаќа животот и има потполно право во тоа.

Опфатени теми[уреди | уреди извор]

Бирократија[уреди | уреди извор]

Бирократијата е тема која е испреплетена во сите прозни дела на Кафка, и воедно претставува лајт-мотив на секое негово литерарно остварување. Луѓето-бирократи ги смета за олицетворение на новото, модерно општество, кои управуваат со судбините на ситните и небитни индивидуи. Така и во овој роман, ликовите како вујкото Јакоб, неговите блиски деловни соработници и управителите на хотелот Окцидентал ги сместил во гореспоменатата категорија како кројачи на општествените процеси и случувања. Тие се недопирливи и на нив Карл никако не можел да влијае, како евентуално би го сменил зацртаниот тек на настаните. Овде бирократите биле личности претставени на читателот, за разлика од претходното Кафкино дело „Процес“, каде овие лица биле ставени под превезот на анонимноста. Инаку името на тој објект е изведено од терминот „окцидент(ализам)“, кој во превод значи запад. Се смета дека овој хотел ја симболизира хиерархијата на западното капиталистичко општество.

Борба за повисока хиерархиска позиција[уреди | уреди извор]

Интересно е тоа што само нивната моментална функција им ги овозможува сите овие привилегии, и според Кафка, без нивната висока хиерархиска позиција тие не би биле во состојба да постапуваат според нивните малодушни и себични интереси. Од друга страна, пак, се наоѓаат скитниците Деламарш и Робинсон, кои ја претставуваат ниската класа и нејзините вечни стремежи за здобивање на позначаен општествен статус. Доста контрадикторно но вистинито, малите и обесправени луѓе не се борат за правда и социјална еднаквост, туку за што повисока функција која би им обезбедила поголема моќ врз општествените случувања.

Социјална отуѓеност[уреди | уреди извор]

И социјалната отуѓеност е една од најчесто дискутираните теми во овој роман. Овој поим ја означува невидливата ограда помеѓу различните класни слоеви, кои или несвесно или под притисок на јавното мислење се приклучувале на одреден круг луѓе блиски до нивните финансиски можности. Главниот лик Карл Росман имал прилика да го искуси друштвото и во елитните и во криминалните опкружувања. Почитуваните и успешни бизнис луѓе како неговиот вујко и корпорациските партнери биле лица чиј интерактивен простор им биле нивните семејства и пријателите слични на нив. Наспроти нив, била свитата на Деламарш, сочинета од малоумниот негов послушник Робинсон и економски пропаднатата Брунелда.

Злоупотреба на општествената моќ[уреди | уреди извор]

Кога веќе ја имале моќта во свои раце, ликовите-негативци не се двоумеле како да ја употребат во своја полза. Најпрво Карл бил избавен од немилосрдноста на американското подземно општество со помош на својот далечен роднина, за подоцна од него да биде набркан поради бизарно недоразбирање. Вториот очигледен пример за злоупотреба на дадената положба било своеволното однесување на хотелиерскиот портир Феодор, кој безобѕирно се изживувал со пониските службеници во Окцидентал и вршел невиден мобинг врз Карл. Сето тоа било само поради тоа што не постоела сила или авторитет кој би ги надгледувал и казнувал сите недозволени престапи на своеглавите чиновници од угостителската установа. Доста интересно, во првото поглавје од делото, Кипот на Слободата бил претставен со меч во раката (наместо со факел), што ни дава дознаење дека наместо силата на правото, владее правото на силата.

Беспомошноста на поединецот[уреди | уреди извор]

Најтажно во целото фабуларно дејство бил фактот што Росман бил немоќен да стори било што против бирократскиот монструм. Освен неможноста да смени нешто, Карл се нашол во челуста на таа машина која ги мелела сите оние што не се приспособиле на нејзините правила на игра. Студентот од соседниот стан се обидел да му објасни на Карл дека неговиот револт против сите општествени збиднувања ќе го турне само подлабоко во бездната на пропаста. Наместо да се противи, студентот му открил дека никогаш не спиел и дека консумирал огромно количество кафе како би успеал да ги исполни сите барања на неговото работно место и истовремено да ги заврши напорните студии. Оттука произлегува сознанието дека наметнатите обврски целосно го лишуваат поединецот од неговиот личен живот и дека бараат сето негово внимание и труд да биде посветено на нив, за да би минале незабележано сите пропусти на бирократското управување.

Користена литература[уреди | уреди извор]

  • Америка - Франц Кафка; превод од германски јазик на Душанка Каевска; издавачка куќа Антолог, Скопје, 2011 г. (прво издание)
  • Анализа на делото Исчезнатиот од Манфред Енгел, 2010 г. ISBN 978-3-476-02167-0
  • Франц Кафка, Америка (1946); превод на Едвин Мур; издание на Њујорк: New Directions
  • Франц Кафка, Америка (1996); превод на Вила и Едвин Мур; издание на Њујорк: Schocken Book ISBN 0-8052-1064-4

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Вовед во делото Архивирано на 13 април 2012 г. издавачка куќа Темплум
  2. Промоција на роман од Кафка[мртва врска] Нова Македонија

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

  • Amerika, изданието од 1927 г., универзитет од Диселдорф, (германски)
  • Amerika, романот во електронска форма на zeno.org (германски)
  • Amerika Архивирано на 19 август 2012 г., романот во електронска форма на digibib.org (германски)

Поврзано[уреди | уреди извор]