Процес (роман)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Процес  
ProcesKafka.jpg
македонското издание на Процес
Автор Франц Кафка
Наслов на
оригиналот
Der Process
Земја Австрија
Јазик Германски
Жанр(ови) Филозофски роман
Издавач Курт Волф Ферлаг, Минхен
Издадена 1925

Процес (германски: Der Prozess) — роман на Франц Кафка од 1925 година. Делото претставува алегорија за апсурдната борба на поединецот за зачувување на својот интегритет во машинеријата на инсинуациите и шпекулациите кои се обидуваат да ја разградат личноста.[1]

Содржина[уреди | уреди извор]

Дејството во романот „Процес“ се случува во неименуван германски град, на почетокот на 20 век.

  1. Апсењето. Разговорот со госпоѓата Грубах. Потоа, госпоѓицата Бирстнер: Едно утро, на денот на триесеттиот роденден на банкарскиот прокурист Јозеф К., во неговиот изнајмен стан влегуваат двајца полициски агенти. Тие му соопштуваат дека против него е уапсен, но не му кажуваат зошто е обвинет. Влегувајќи во соседната соба, тој затекнува тројца неговите колеги од банката кои кон него се однесуваат сосема вообичаено. Исто така, ниту полицискиот надзорник не му ја кажува причината за апсењето и дури му дозволува да оди на работа. Уште почудно, колегите не велат ниту збор за нивната неочекувана посета, кога тој ќе се сретне со нив на работното место во банката. По враќањето од работа, Јозеф К. оди во собата на госпоѓицата Бирстнер и ѝ раскажува за необичниот случај со неговото апсење, а потоа страсно почнува да ја бакнува.[2] [3] [4]
  2. Првото сослушување: По една седмица, Јозеф К. добива покана да се јави на првото сослушување, кое е закажано за недела, но не е определен часот, а тоа треба да се одржи во некоја куќа во периферијата. Јозеф К. се упатува во една стара куќа од сиромашното предградие и неочекувано открива дека всушност судот се наоѓа во таванските простории на куќата. Салата за судење е преполна со непознати луѓе кои како да се поделени во два табора. За време на својата одбрана, Јозеф К. аргументирано и со доза на иронија се обидува да докаже дека кај него не постои никаква вина, а на крајот од говорот ги нарекува присутните никаквеци и набрзина ја напушта салата.[5] [6]
  3. Во празната сала. Студентот. Канцелариите: Следната недела, бидејќи нема добиено никаква покана, Јозеф К. повторно оди во судската сала, каде ја среќава чистачката која му се додворува и му нуди помош. Тогаш, во собата влегува еден студент, кој ја носи жената на таванот, каде се наоѓаат канцелариите на судот. Сопругот на таа жена, кој работи како служител во судот, го поканува Јозеф К. да ги разгледа канцелариите и таму нему му се слошува, така што не е способен да го напушти судот.[7] [8]
  4. Пријателката на госпоѓицата Бирстнер: По случката со госпоѓицата Бирстнер, Јозеф К. се обидува да стапи во контакт со неа, но без успех. Еден ден, тој слуша врева во ходникот и дознава дека станарката Монтаг се сели во собата на госпоѓицата Бирстнер. Госпоѓицата Монтаг му соопштува дека госпоѓицата Бирстнер не сака да разговара со него.[9] [10]
  5. Тепачот: Една вечер, Јозеф К. поминува по ходникот во банката и слуша воздишки кои доаѓаат од собата за стари работи. Тој влегува внатре и таму ги затекнува двајцата полицајци кои го уапсија. Покрај нив, во собата се наоѓа трет човек, кој ги камшикува полицајците поради тоа што Јозеф доставил поплака на нивното однесување. Јозеф му нуди пари на тепачот, но тој го одбива поткупот и продолжува да ги тепа полицајците. Утредента, тој повторно влегува во собата и пак ја здогледува истата сцена на камшикување на полицајците.[11] [12]
  6. Стрикото. Лени: Еден ден, во канцеларијата на Јозеф К. влегува стрико му Карл, кој слушнал за процесот. Тој го носи кај адвокатот Хулд (кој, исто така, слушнал за процесот), а кај него се наоѓа и управникот на судските канцеларии. Додека тие разговараат за процесот против Јозеф К., тој оди во канцеларијата на адвокатот, каде му се додворува Лени, девојката која го негува Хулд. Со неа, Јозеф останува три часа, а стрико му е лут поради неговата неодговорност.[13] [14]
  7. Адвокатот. Фабрикантот. Сликарот: Едно зимско препладне, Јозеф К. седи во својата канцеларија, замислен околу текот на процесот. Веќе некое време тој се состанува со адвокатот Хулд, кој му дава само воопштени изјави и поуки околу процесот, кој се води тајно. Бидејќи времето поминува без адвокатот да преземе конкретни чекори, Јозеф К. одлучува самиот да поднесе претставка со судот, но во тој миг, во канцеларијата влегува еден фабрикант. Тој му кажува на Јозеф дека знае за процесот и го советува да оди кај сликарот Титорели кој работи за судот. Јозеф го посетува Титорели во неговото ателје во сиромашниот дел на градот. Сликарот му дава корисни информации за функционирањето на судот и му ветува дека ќе му помогне. Кога го напушта ателјето, Јозеф сфаќа дека и на тој таван се наоѓаат судските канцеларии.[15] [16]
  8. Трговецот Блок. Отказ на адвокатот: Најпосле, Јозеф К. донесува одлука да му даде отказ на адвокатот Хулд и оди ов неговиот дом. Таму се среќава со трговецот Блок против кого, исто така, се води судски процес. Блок му дава дополнителни објаснувања за работата на судот и од него дознава дека судскиот процес може да трае повеќе години, без јасно навестување за нивниот конечен исход. Кога Јозеф му соопштува на адвокатот дека се откажува од него, тој го повикува трговецот Блок и го понижува пред очите на Јозеф со намера да му каже дека адвокатот е господар на клиентот.[17] [18]
  9. Во катедралата: Јозеф К. добива задача на еден важен деловен партнер, Италијанец, да му ги покаже културно-уметничките знаменитости во градот. Тие се договараат да се чекаат кај катедралата, но Италијанецот не се појавува. Додека Јозеф ја разгледува катедралата, доаѓа еден свештеник кој го повикува на име, а потоа му кажува алегорична приказна за човекот кој сакал да помине низ вратата и да влезе во законот, но не успеал да го направи тоа до крајот на животот. На тој начин, свештеникот се обидува да му ја покаже суштината на бирократското општество во кое поединецот е оневозможен да го промени зацртаниот тек на настаните.[19] [20]
  10. Крај: Ден пред 31. роденден на Јозеф К., во неговиот стан влегуваат двајца непознати мажи кои го земаат со себе. Кога излегуваат надвор, во еден миг пред нив поминува госпоѓицата Бирстнер, но набргу таа исчезнува. Кога го поминуваат мостот, тројцата здогледуваат полицаец и почнуваат да бегаат и застануваат дури кај еден каменолом, на крајот од градот. Таму, му го положуваат на еден камен, а потоа го прободуваат со нож во срцето и Јозеф К. умира.[21] [22]

Сепак, романот „Процес“ не е довршен и во ракописот што го оставил Кафка се пронајдени повеќе делови за кои не е познато дали и би биле вклучени во крајната верзија и на кое место. Таквите делови се:

  • Пријателката на госпоѓицата Б.: Пронајдените ракописи на романот покажуваат дека овој текст не бил вклучен во оригиналната верзија што ја оставил Кафка, иако повеќето изданија на романот го вклучуваат и него.[23]
  • Државниот обвинител: Во кафеаната во која редовно јаде, Јозеф К. седи на една маса, заедно со група адвокати, судии и обвинители. Постепено, тој бил прифатен од нив, а потоа се спријателил со обвинителот Хаштерер, кој ужива голем углед во друштвото. По вечерата, тие вообичаено шетаат заедно низ градот, а неколкупати Јозеф го посетува Хаштерер во неговиот дом. Еден ден, директорот на банката дознава дека Јозеф му е пријател на обвинителот и тоа остава голем впечаток врз него.[24]
  • Кај Елза: Една вечер, Јозеф е повикан веднаш да се јави во судот, но тој веќе има закажано средба со Елза. Поради тоа, тој одлучува да не се јави на судскиот повик и се качува во кочија со која заминува кај Елза.[25]
  • Случката со заменикот на директорот: Еден ден, Јозеф го повикува заменикот на директорот на банката заедно да разгледаат некои службени материјали. Додека Јозеф му го изложува своето мислење, заменик-директорот воопшто не го слуша, туку упорно настојува да го поправи работ на канцелариската маса на Јозеф и најпосле, притискајќи со сета сила, тој ја оштетува масата.[26]
  • Куќата: Јозеф се обидува да дознае каде се наоѓа судот од каде пристигнал првиот повик за неговото апсење, а таа информација ја добива од сликарот Титорели. Често, по завршувањето на работата, во својата канцеларија, Јозеф си ја замислуваа таа куќа при што си замислува како шета низ нејзините простории и му се причинува дека таму се собрани сите луѓе кои ги познава[27]
  • Патувањето кај мајката: Бидејќи веќе три години ја нема посетено, еден ден, Јозеф ненадејно одлучува да ја посети својата стара мајка за која редовно добива известувања од својот братучед. Од директорот на банката бара дозвола за дводневно отсуство и се качува во кочијата. Во тој момент, еден службеник му покажува едно започнато писмо, но Јозеф му го зема писмото и налутено го распарчува.[28]
  • Сон: Во српскиот превод на „Процес“ од 2011 година (издание на „Службени гласник“), меѓу деловите на романот се наведува и расказот „Сон“ кој е објавен во 1916 година. Оттука, Макс Брод не го вклучил овој текст како дел од „Процес“, сметајќи го за самостојно дело. Сепак, главниот лик во расказот е Јозеф К. и тоа може да значи дека Кафка имал намера да го вклучи во романот, и тоа, можеби, некаде на крајот. Наспроти тоа, се знае дека, уште додека го пишувал романот, Кафка постепено, систематски ги бришел сите места кои биле непосредно поврзани со разни соништа. Инаку, во сонот, Јозеф К. оди во прошетка, но ненадејно се наоѓа на гробишта. Таму, здогледува свежо ископан гроб, а еден уметник неуспешно се обидувам да го напише името на надгробниот споменик. Тогаш, Јозеф пропаѓа во земјата и успева да види дека на каменот е напишано неговото име. На тоа место, Јозеф се буди.[29]

Ликот на Јозеф К.[уреди | уреди извор]

Германското издание на романот

Јозеф К. е банкарски прокурист (застапник) кој долги години минал во служба на својата фирма. Тој е воедно и главниот, носечки лик на ова дело, додека останатите ликови се целосно инструментализирани. На денот на неговиот 30. роденден му пристигнува известувањето дека против него е покренат судски процес. Низ целиот тек на романот, авторот не дава одговор ниту пак објаснување зошто е уапсен и за какво дело e обвинет Јозеф К. Низ текот на сижето детално се прикажани предрасудите на општеството кон поединците, кои имаат проблеми со високите функционери и кои се осомничени за непостоечка вина. Целата проблематика на делото се состои во барањето одговор на две прашања:

  • Зошто е уапсен Јозеф К?
  • Каков е тој суд кој што му суди?

Некои литературни критичари го објаснуваат „Процес“ како хроника на судењето на овој протагонист. Еден од недостатоците во обработката на ликот на Јозеф К. е изоставувањето на психолошката компонента во неговиот развој. К. и без да сака почнува да се чувствува виновен, иако кај него не постои објективна вина. Овој судски процес и голготата низ која минува главниот јунак на моменти потсетува на Пеколот од Данте Алигери, најмногу поради мрачната атмосфера и психичката тортура на која е подложен К. Тој самиот не знае зошто е осомничен, ниту пред кого треба да ја докаже својата невиност. Процесот си тече со компјутерска прецизност, без оглед на напорите на К. тој да биде свртен во негова полза. На крајот, К. станува соучесник во сопственото погубување.

Околу прашањето каков е тој суд кој што му суди, некои читатели прават паралела со Страшниот суд, поместен од небото на Земјата, додека пак други тврдат дека се тоа две различни институции.[30] Пред да му биде изречена смртната пресуда, К. се подложува на непрекинато талкање низ правно-општествениот лавиринт, обидувајќи се да ја одгатне суштината на невидливиот суд. Низ тоа негово патешествие, ќе слушне различни мислења околу тоа како работи и функционира оваа установа. Скриената порака на сите тие разговори е дека без оглед на невиноста на обвенетиот, судската бирократија поседува моќ да ги отстрани сите оние кои се противат на веќе утврдената хиерархија.

Што се однесува до статусот кој го ужива во банката, Јозеф К. зазема значајно место во фирмата, но не и едно од оние највисоките. Тој е во благ ривалитет со заменик-директорот, од кој често добива нови задачи и обврски, кои му пречат целосно да се посвети на процесот. За време на судската постапка, тој прави одредени пропусти во работата, па така малку по малку ја губи довербата кај своите претпоставени и кај клиентите на банката.[31]

Осврт кон делото[уреди | уреди извор]

Иако се претпоставува дека идејата за романто е постара, Кафка почнал да го пишува „Процес“ кон крајот на јули 1914 година, откако ја раскинал својата прва свршувачка. Во тоа време, тој пишувал разни делови од романот, а во септември 1914 година, на една вечера кај неговиот пријател Макс Брод, ја прочитал главата во која се опишува апсењето на Јозеф К. Според одредени записи кои потекнуваат од тоа време, се претпоставува дека уште тогаш Кафка го знаел не само почетокот, туку и крајот на романот.[32] [33] Со текот на времето, толкувањето на ракописот на романот „Процес“ се претворило во своевиден процес. Имено, истражувањето на оригиналниот ракопис што го оставил Кафка недвосмислено откриваат дека верзијата на романот што ја објавил Макс Брод не е автентична, ниту според композицијата (редоследот на главите), ниту во поглед на целокупноста на текстот (во оригиналниот текст е поголем на некои места, а помал на други), ниту пак во речениците (на пример, во интерпункцијата). Поради тоа, во 1990 година, професорот од Универзитетот во Оксфорд, Малколм Пазли, го објавил факсимилското издание на „Процес“, а во 1997 година се појавило уште потемелно издание, приредено од Роланд Ројс, радикален приврзаник на најстрогата историска филолошка текстологија. Исто така, во 1998 година се појавил „новиот превод заснован врз реконструираниот текст“ на американскиот германист Брион Мичел, во издание на „Шокен“.[34]

Преку овој алегоричен роман, Кафка ја критикува бирократијата на Австро-унгарската власт, која била имуна на сѐ што е човечко и човекот го поистоветувала со формулар. Тој сметал дека тогашните судови биле премногу исполитизирани за да му овозможат да поединецот да се брани, па аналогно на тоа таквите институции не носеле правилни одлуки. Дел од литературните експерти ја поврзуваат пораката на „Процес“ со еврејското прашање, односно прашањето за вина е одредено според припадноста на поединецот во определена групација, нација или класа. Преку карактерот на Јозеф К. се согледува дека луѓето спротивно на своето достоинство им се додворуваат на властите како би ја придобиле нивната наклонетост.

Идејата на ова дело е немоќта на човекот како единка да ги разбере принципите и механизмите на власта, како и неможноста за отпор спрема неа. Кафка го кренал гласот против малите луѓе кои ја барале милоста на големите. Во идејата на романот некако потајно провејува нишка за апсурдноста на постоењето, што подоцна ќе ги инспирира Албер Ками и Жан Пол Сартр да ги постават темелите на егзистенцијализмот.[35] Што се однесува до темата, таа е пеколот на човековата интелектуална свест во борбата против бирократијата и злото кое го наметнува власта.

Во поговорот кон полскиот превод на „Процес“, Бруно Шулц вели дека во романот Кафка го покажува вмешувањето на правото во животот на човекот, но не конкретно, врз основа на реалната индивидуална судбина, туку теоретски. На тој начин, Кафка ка пренесува атмосферата на допирањето на човечкиот живот со највисоката вистина. Генијалниот уметнички чин во романот се состои во тоа што Кафка пронашол соодветна телесност и супститутивен материјал за овие недофатни работи што не можат да се искажат со човечки јазик. Притоа, сознанијата и претпоставките изложени во романот не се ексклузивна сопственост на Кафка, туку тие се заедничко наследство на мистиката од сите времиња и народи. Но, тука за првпат е создадена некаква паралелна поетска реалност на начин што предизвикува морници. Така, со помош на еден вид псевдореализам, Кафка создава паралелна реалност кон која има перфиден и ироничен однос. Тој ја симулира точноста и прецизноста на таа реалност за да може потемелно да ја искомпромитира.[36]

Според Јовица Аќин, „Процес“ го отсликува она што и ден-денес пресудно ја обликува нашата приватна и јавна егзистенција. Истовремено, длабоко во него постои повеќесмислена смеа која на таинствен начин предизвикува „Процес“ да има суштинска, автобиографска, имагинациска, метафизичка, религиска, психолошка и пророчка димензија. Ова дело подеднакво може да се однесува на критика на опресивниот поредок и на границата на нашиот страв и на нашите мисли. Во секој случај, „Процес“ останува како еден од најголемите романи на 20 век.[37]

Уметнички преработки[уреди | уреди извор]

Филмски адаптации[уреди | уреди извор]

Театарски адаптации[уреди | уреди извор]

  • Сценаристот и драмски режисер Стивен Беркоф приспособил неколку од романите на Кафка за сценска изведба. Неговата верзија на „Процес“ била премиерно одиграна во Лондон, 1970 год, додека во пишана форма верзијата била издадена 1981 год.
  • Грег Ален, драмски сценарист од Чикаго, направил доста успешна театарска претстава темелена на овој роман. Истата била на репертоарот на локалните театри неколку месеци.
  • Драмата Јозеф К. е напишана од Том Базден, која претставува современа верзија на култниот роман, а својата премиера ја доживеала во театарот во Нотинг Хил, Лондон.
  • Готфрид фон Еинем ја создал операта Der Prozeß, што било прв случај некој да компонира музичко дело базирано врз дејството во романот.
  • Французинот Серж Ламот направил сопствена драмска преработка на „Процес“ во 2004 год., која одреден период се прикажувала низ театрите во Монтреал и Отава.

Препорачана литература[уреди | уреди извор]

  • „Oxford World's Classics“, 4 октомври 2009, во превод на Мајк Мичел, ISBN 978-0-19-923829-3
  • „Dover Thrift Editions“, 22 јули 2009, во превод на Дејвид Вили, ISBN 978-0-486-47061-0
  • „Penguin Modern Classics“, 29 јуни 2000, во превод на Идрис Пери, ISBN 978-0-14-118290-2
  • „Schocken Books“, 25 мај 1999, во превод на Бреон Мичел, ISBN 978-0-8052-0999-0
  • „Everyman's Library“, 30 јуни 1992, во превод на Вил и Едвин Мур, ISBN 978-0-679-40994-6

Поврзано[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. www.rschindler.com
  2. www.sparknotes.com
  3. Franz Kafka, Proces. Sarajevo: Civitas, 2004, стр. 5-32.
  4. Франц Кафка, Процес. Београд: Службени гласник, 2011, стр. 7-32
  5. Franz Kafka, Proces. Sarajevo: Civitas, 2004, стр. 33-48.
  6. Франц Кафка, Процес. Београд: Службени гласник, 2011, стр. 33-47.
  7. Franz Kafka, Proces. Sarajevo: Civitas, 2004, стр. 49-70.
  8. Франц Кафка, Процес. Београд: Службени гласник, 2011, стр. 48-68.
  9. Franz Kafka, Proces. Sarajevo: Civitas, 2004, стр. 71-78.
  10. Франц Кафка, Процес. Београд: Службени гласник, 2011, стр. 193-199.
  11. Franz Kafka, Proces. Sarajevo: Civitas, 2004, стр. 79-85.
  12. Франц Кафка, Процес. Београд: Службени гласник, 2011, стр. 69-74.
  13. Franz Kafka, Proces. Sarajevo: Civitas, 2004, стр. 86-105.
  14. Франц Кафка, Процес. Београд: Службени гласник, 2011, стр. 75-92.
  15. Franz Kafka, Proces. Sarajevo: Civitas, 2004, стр. 106-152.
  16. Франц Кафка, Процес. Београд: Службени гласник, 2011, стр. 93-137.
  17. Franz Kafka, Proces. Sarajevo: Civitas, 2004, стр. 153-181.
  18. Франц Кафка, Процес. Београд: Службени гласник, 2011, стр. 138-163.
  19. Franz Kafka, Proces. Sarajevo: Civitas, 2004, стр. 182-204.
  20. Франц Кафка, Процес. Београд: Службени гласник, 2011, стр. 164-185.
  21. Franz Kafka, Proces. Sarajevo: Civitas, 2004, стр. 205-210.
  22. Франц Кафка, Процес. Београд: Службени гласник, 2011, стр. 186-190.
  23. Франц Кафка, Процес. Београд: Службени гласник, 2011, стр. 193-199.
  24. Франц Кафка, Процес. Београд: Службени гласник, 2011, стр. 200-205.
  25. Франц Кафка, Процес. Београд: Службени гласник, 2011, стр. 206-207.
  26. Франц Кафка, Процес. Београд: Службени гласник, 2011, стр. 208-211.
  27. Франц Кафка, Процес. Београд: Службени гласник, 2011, стр. 212-214.
  28. Франц Кафка, Процес. Београд: Службени гласник, 2011, стр. 215-217.
  29. Франц Кафка, Процес. Београд: Службени гласник, 2011, стр. 218-220.
  30. www.goodreads.com
  31. Анализа на делото „Процес“
  32. Франц Кафка, Процес. Београд: Службени гласник, 2011, стр. 218.
  33. Ј. А., „О рукопису процеса и његовом преводу“, во: Франц Кафка, Процес. Београд: Службени гласник, 2011, стр. 221.
  34. Ј. А., „О рукопису процеса и његовом преводу“, во: Франц Кафка, Процес. Београд: Службени гласник, 2011, стр. 221-223.
  35. www.independent.co.uk
  36. „Поговор кон полскиот превод на Процес од Франц Кафка“, во: Бруно Шулц, Митизација на реалноста. Скопје: Бегемот, 2015, стр. 111-117.
  37. ЈФранц Кафка, Процес. Београд: Службени гласник, 2011.