Џек Мевосек

Од Википедија — слободната енциклопедија
Џек Мевосек
Карикатура на неутврдениот сериски убиец Џек Мевосек
Роденнепознато, најверојатно во Обединето Кралство Велика Британија
Прекар(и)Џек Мевосек
Убиецот од Вајтчепел
Кожената Престилка
Мотивнепознато (можеби полова изопаченост и/или бес)
Занимањесериски убиец

Џек Мевосек (англиски: Jack the Ripper) — псевдоним даден на неутврден сериски убиец што дејствувал во Вајтчепел и околните области на Лондон во втората половина на 1888 година. Прекарот е земен од писмо испратено до Централната новинска агенција, чиј автор ја презел одговорноста за убиствата. Многу зналци веруваат дека писмото е измама создадена од новинари за да го поттикнат интересот на јавноста за приказната. Мевосек се нарекува и „Убиецот од Вајтчепел“ и „Кожената Престилка“.[1][2]

Жртвите што му се припишуваат на Џек Мевосек биле проститутки од сиромашните маала на кои убиецот им ги пресекол грлата пред да им ги отвори стомачните празнини. Вадењето органи на најмалку три од жртвите довело до претпоставки дека убиецот имал анатомско знаење како на професионален хирург. Гласовите дека имало поврзаност меѓу убиствата се засилувале меѓу септември и октомври 1888 година, а многу писма биле примени од различни издавачи и седиштето Скотленд јард, наводно напишани од самиот убиец. Познатото писмо „Од пеколот“ (англ. From hell) што го добил Џорџ Ласк од Вајтчепелскиот комитет за будност вклучувало бубрег од една од жртвите. Поради неверојатно грубата природа на убиствата и различните известувања што се појавувале во весниците, многумина биле убедени дека во Лондон дејствувал еден сериски убиец, кој го добил прекарот „Џек Мевосек“.

Заднина[уреди | уреди извор]

Во средината на XIX век, Англија доживеала прилив на ирски емигранти што ги преплавиле големите градови, вклучувајќи ја и областа Ист Енд. Почнувајќи од 1882 година, многу Евреи од Источна Европа и Русија се населиле во истата област.[3] Заедниците на Ист Енд биле исклучително пренаселени, бројот на жители се зголемувал, што довело до влошување на работните и животните услови.[4] Грабежот, насилството и злоупотребата на алкохол станале белег на животот во пренаселените области, а широко распространетата сиромаштија принудила многу жени на проституција. Во октомври 1888 година, Полициската управа на градот Лондон открила дека во градот имало повеќе од 1.200 проститутки и 62 бордели.[5] Падот на економијата влијаело на развојот на различни општествени текови. Во периодот од 1886 до 1889 година, Англија била разбранувана од бран јавни демонстрации, во кои градските власти биле принудени да се вмешаат.[6] Расизмот, високите злосторства и претераната сиромаштија — тие го карактеризирале Вајтчепел во тоа време.[7] Не е изненадувачки што во толку тревожно време јавноста била ужасена од серија неверојатно жестоки убиства што му биле припишани на серискиот убиец Џек Мевосек.[8]

Убиства[уреди | уреди извор]

Високиот број на напади врз жени во Ист Енд во тоа време додава неизвесност на тоа колку жртви биле убиени од едно исто лице. Единаесет одделни убиства, кои се случиле помеѓу 3 април 1888 година и 13 февруари 1891 година, биле вклучени во истрагата на Метрополитската полиција и биле познати во полициското досие како „Вајтчепелските убиства“. Постојат различни мислења за тоа дали овие убиства треба да се поврзат со истиот сторител, но нашироко се верува дека пет од единаесетте убиства во Вајтчепел, познати како „Канонската петорка“, биле дело на Мевосек. Повеќето зналци ги посочуваат длабоките исеченици на грлото, проследено со опширно осакатување на мевот и пределот на половите органи, отстранување на внатрешните органи и постепено осакатување на лицето како белег на начинот на дејствување на Мевосек.[9]

Првите два случаи во досието за Вајтчепелските убиства, Ема Елизабет Смит и Марта Табрам, не се вклучени во Канонската петорка. Смит била ограбена и полово нападната на улицата Озборн во Вајтчепел околу 01:30 часот по полноќ на 3 април 1888 година. Ја тепале со палка по лицето и ѝ го пресекле увото. Во вагината ѝ бил вметнат и тап предмет, кој ѝ го пукнал стомакот. Таа развила перитонит и починала следниот ден во Лондонската болница. Смит изјавила дека била нападната од двајца или тројца мажи, од кои едниот го опишала како младич. Овој напад е поврзан од печатот со подоцнежните убиства, но повеќето писатели го припишуваат убиството на Смит како општо групно насилство од Ист Енд, кое не е поврзано со случајот Мевосек.

Табрам била убиена на скали во Џорџ јард, Вајтчепел, на 7 август 1888 година; добила 39 убодни рани во грлото, белите дробови, срцето, црниот дроб, слезината, желудникот и мевот, како и дополнителни убодни рани во градите и вагината. Сите рани, освен една, ѝ биле нанесени на Табрам со остар предмет, како што е нож, и возможно е да ѝ се нанесени од деснак. Табрам не била силувана. Жестокоста на убиството на Табрам, недостатокот на очигледен повод, и близината на местото и датумот на подоцнежните канонски убиства на Мевосек ја наведеле полицијата да го поврзе ова убиство со оние што подоцна ги извршил Џек Мевосек. Меѓутоа, ова убиство се разликува од подоцнежните канонски убиства по тоа што, иако Табрам постојано била избодена со нож, таа немала исеченици на грлото или на мевот. Многу зналци не го поврзуваат убиството на Табрам со подоцнежните убиства поради оваа разлика во природата на раните.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Leather Apron | Jack the Ripper Tour“. www.jack-the-ripper-tour.com. Архивирано од изворникот на 2019-10-31. Посетено на 2019-11-21. Занемарен непознатиот параметар |deadlink= (се препорачува |url-status=) (help)
  2. „Jack the Ripper | Identity, Facts, Victims, and Suspects | Britannica“. www.britannica.com (англиски). Посетено на 2022-11-11.
  3. Kershen, Anne J., «The Immigrant Community of Whitechapel at the Time of the Jack the Ripper Murders», in Werner, pp. 65-97; Vaughan, Laura, «Mapping the East End Labyrinth», in Werner, p. 225
  4. „Charles Booth's London“. booth.lse.ac.uk. Архивирано од изворникот на 2019-11-28. Посетено на 2019-11-21. Занемарен непознатиот параметар |deadlink= (се препорачува |url-status=) (help)
  5. Evans and Skinner, Jack the Ripper: Letters from Hell, p. 1; Police report dated 25 October 1888, MEPO 3/141 ff. 158—163, quoted in Evans and Skinner, The Ultimate Jack the Ripper Sourcebook, p. 283; Fido, p. 82; Rumbelow, p. 12
  6. Begg, Jack the Ripper: The Definitive History, pp. 131—149; Evans and Rumbelow, pp. 38-42; Rumbelow, pp. 21-22
  7. Marriott, John, «The Imaginative Geography of the Whitechapel murders», in Werner, pp. 31-63
  8. Haggard, Robert F. (1993), «Jack the Ripper As the Threat of Outcast London», Essays in History, vol. 35, Corcoran Department of History at the University of Virginia
  9. „The History Press | The victims of Jack the Ripper“. www.thehistorypress.co.uk (англиски). Посетено на 2023-02-15.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]