Француска литература

Од Википедија, слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Француската литература го претставува развојот на книжевноста и создавањето на литературни дела на француски јазик. Нејзиниот развој може да се следи од XI век на територијата на Франција, а подоцна истата е развила и во Канада, Белгија и Швајцарија. Таа се развивала (и се развива) на територијата на денешна Франција. Дала доста познати дела во светската литература.

Од VI век има меморијални песни за пејачи и некои песни на народен јазик. Постојат и неколку хагиографии од IX и X век кои немаат некоја уметничка вредност, но Животот на свети Алексиј од XI век е вистинско литературно дело.

Јуначки песни[уреди]

Ролан и Карло Велики; од ракопис од chanson de geste.

Од XI век се развива и богата херојска поезија, т.н. шансон де жест (chansons de geste), како резултат на расположението и аспирациите на военото феудално општество. Песна за Роланд (околу 1100 година), со околу 4.002 стихови во својот најстар ракопис, е најдобар пример за таа поезија, од која се сочувани вкупно околу милион стихови.

Љубовна лирика и епика (од XII век)[уреди]

Од XII век, покрај херојската поезија, за високото општество се создава и љубовната лирика и епика. Покрај некои романи со херои од античкиот свет (Александар III Македонски, Енеј и други), во оваа епика спаѓаат и т.н. бретонски романи или романите на Тркалезната маса, најнапред во стих, чии херои поаѓаат во авантури за да ја добијат наклоноста на некои дами. Главен претставник на таа куртоазна (дворска) литература е Кретјен де Троа. Меѓутоа, романот Тристан и Изолда (исто од тоа време) опева различна, страстна љубов.

XIII, XIV и XV век[уреди]

Со напредувањето на граѓанскиот сталеж, особено во XIII век, се негуваат нови литературни родови: политичка и сатирична лирика, шеговити приказни во стих (т.н. fabliaux), приказни од животинското царство (Роман за лисецот), алегорични поеми (прочуениот Роман за ружата) и други. На импровизираните театарски сцени се изведуваат литургиски драми, а се појавуваат и дела со светска содржина, понекогаш изведувани со пеење и играње (како Играта на Робен и Марион од Адам де ла Ал). Историографијата е застапена во делата со литературна вредност (од Вилардуен и Жолервил). Во XIV и XV век, по политичките и општествените потреси (промена на династиите, селски буни), големите епидемии на чума и пустошењето на стогодишната војна, феудалното општество е во распаѓање, а литературната дејност опаѓа (притоа исчезнуваат многу стари дела). Меѓутоа, тие и тогаш покажувале виталност. Драмата станува омилениот литературен род и се збогатува со многубројните миракули и мистерии со религиозен дух, како и дела со светска содржина во кои преовладува комиката (моралитети, сотии и лакрдии). Најпозната лакрдија е Адвокатот Патлен. Во лириката на XV век се истакнува Франсоа Вијон со својот прочуен спев Заветување.

XVI век (време на ренесансата)[уреди]

Франсоа Рабле.

Од XVI век, со зајакнувањето на кралската моќ и организирањето на државатазбогатувањето на граѓанскиот сталеж и со општиот културен и материјален напредок, во идејниот и литературниот живот на Франција настанува преобразба означена како ренесанса. Таа веќе настапила во Италија, по чиј пример се водат Франција и останатите земји од Западна Европа. Во припремата и изведувањето на тие големи обнови, значајна улога играат хуманистите, кои, отфрлајќи ги средновековните методи на коментирање, пристапиле кон директно и сестрано проучување на античката литература и мисла.

Во првата половина на XVI, поезијата сè уште не се ослободила од средновековните формули (Клеман Маро). Прозата целосно ги одразила огромните промени кои настапувале во тоа време. Франсоа Рабле повлекол силна разлика помеѓу старите сфаќања и новите стремежи во литературата, науката, религијата, моралот, воспитувањето и политиката. Жан Калвин се одвоил од хуманистите, и иако бил црковен реформатор, остро ги напаѓа претставниците на новите идеи. Целосна преобразба на поезијата почнува да настапува дури од 1549 година, кога излегол манифестот на новата поетска школа Плејади, чиј најпознат претставник е Пјер де Ронсар, еден од најголемите француски поети.

Во втората половина на XVI век се јавува големиот уметник и моралист Мишел де Монтењ, кој со својата богата и заводлива мисла значајно ќе влијае на наследниците.

XVII век[уреди]

Пјер Корнеј.

Во XVII век, литературата се обврзана со строги правила. Веќе со Малербо се формира теоријата на класицизмот, но во потполност се применува за апсолутистичката влада на Луј XIV. Слично на општествениот и политичкиот живот, тогаш во литературата постои утврден ред, строги правила, хиерархиски родови и зборови, а разумот владее над чувствата и мечтите. Рене Декарт со својот нов метод на расудување и теоријата на волјата се јавува во исто време кога Пјер Корнеј ги создава своите силни ликови во театарот. Строгиот, јансенистички морал на Блез Паскал и неговите внатрешни драми наоѓаат вонреден уметнички израз. Истовремено се јавуваат и спротивните тенденции во редовите, т.н. либертени (слободни мислители), кои не се помируваат со духовните, моралните и литературните стеги (Скарон, Гасенди, Сирано де Бержерак и други).

Класичниот идеал се остварува во потполност во 1660 година, кога литературните дела добиваат посовршен облик. Иако ја познаваат италијанската литература, Жан де Лафонтен и Жан Батист Поклен Молиер и понатаму се потпираат на француската традиција. Ларошфуко и Босие го изразиле својот поглед на светот преку грижливо дотераната проза. Трагедиите на Жан Расин се сметаат за најсовршени остварувања на францускиот театар. Со Фенелон и Ла Бријер се на видик новите тенденции.

XVIII век[уреди]

Франсоа-Рене де Шатобријан.
Жермен де Стал (Мадам де Стал).

Во XVIII век, под влијание на Декартовиот рационализам, се јавува критичкиот и научниот дух, а литературата често обработува прашања од областа на општествените и природните науки. Покрај тоа се негуваат и традиционалните литературни родови (комедијата ја негуваат Рењар и Мариво, а трагедијата Франсоа Мари Аруе Волтер и Кребијон, опатот Прево и Ласаж романот, додека најоскудна е лирската поезија), но главни претставници на литературата се философи кои тежнеат со своите идеи да влијаат на преобразбата на општеството. Покрај Волтер, кој имал највеќе дела, се истакнале и Монтескје, Бифон, Дени Дидро, Д'Аламбер и други. Жан Жак Русо, кој заедно со Дидро соработувал на Енциклопедијата, се одделил од својот пријател бидејќи имал други философски и литературни сфаќања. Со неговото истакнување на чувствата, станал претходник на романтизмот, а со своите идеи во општеството влијаел на револуционерите. Во очи на самата револуција, Бомарше доживеал голем успех со своите духовити и бунтовни комедии. За време на самата француска револуција, Андре Шеније напишал неколку лирски песни поради кои подоцна ќе биде присвоен од романтичарите.

Во времето на револуцијата и царството, литературата станува борбена и пригодна. Политичките и воените потреси и коренитите општествени промени влијаат на нејзиниот натамошен развој. Мадам де Стал допринесува во напорите за распространувањето на новите литературни сфаќања, а Шатобријан влијае на создавањето на новите духовни расположенија.

Време на романтизмот[уреди]

Оноре де Балзак.

Романтизмот, за чиј развој придонесуваат и странските влијанија, ја ослободува литературата од стегите на класицизмот, ги разбива старите ограничувања и правила и им дава предност на чувствата и мечтите, а го збогатува и поетскиот јазик. Ламартин ја издава првата збирка на песни во 1820, но романтичната школа се формира дури по неколку години подоцна, така што околу 1830 таа извојува победа во сите литературни родови. Виктор Иго станува неспорен водач на француските романтичари, а со него се истакнуваат и Ламартин, Алфред де Вињи, Алфред де Мисе, Александар Дима и други. Во периодот на романтизмот се обновува историјата (Тјери, Мишле и други). Некои писатели, како Стендал, Оноре де Балзак и Мериме, иако не останале на страната на романтизмот, се развиваат на друг начин и стануваат претходници на новите правци.

Време на реализмот[уреди]

Виктор Иго.

Околу 1850 во философијата владее позитивизмот, а во литературата се јавуваат нови струи. Реализмот ги добива своите поборници (Шамфлери), а ремек-дело на тој правец е Густав Флоберовата Госпоѓа Бовари (1856). Во поезијата се формира објективната Парнасовска школа, чиј претходник е Теофил Готје, а главен претставник е Леконт де Лил. Од Парнасовската школа се Шарл Бодлер, Верлен, Маларме, но тие се развивале оригинално, и со Рембо допринеле за појавата на симболизмот.

Во романот преовладува спротивна тенденција: натурализам (Емил Зола, Ги де Мопасан), кој произлегол од реализмот. И театарот исто така поминал низ овие фази, од Александар Дима (синот) и Ожје до Бека и Ростан.

Кон крајот на XIX век, од симболистите, кои се нарекуваат и декаденти, се издвојува и Романската поетска школа (Жан Мореас, Морас и други), но набрзо се јавуваат и неосимболистите (Жам, Клодел итн.). Во другите литературни родови имало заеднички тенденции, но не и формирани школи. Постанувајќи главен литературен род, романот станува сè побогат и поразновиден (Бурже, Лоти, Берес, подоцна Жид, Ромен Ролан итн.).

Уште пред Првата светска војна, после појавта на унанимистите, се запазуваат длабоки промени во поезијата (Аполинер и други), а за време на војната, под влијание на странските поети се јавува дадаизмот, додека по војната стапува надреализмот (Андре Бретон, Арагон, Елијар). Надреалистите тежнеат да ја ослободат поезијата од сите традиции, давајќи му поттик на ирационалното. Наспроти ова, Пол Валери верува во интелектот и бара строги форми, иако во почетокот бил симболист. Наспроти "булеварските" театри, помеѓу двете војни, се основаат чисти уметнички театри со нови сфаќања на режисерите Копо, Дилен, Бати, Жуве. Во нив постигнуваат успех со своите дела и романсиерите како Жироду, а по Втората светска војна и Моријак и Монтерлан. Во романот има најмногу остварувања (Марсел Пруст, Мартен ди Гар, Жил Ромен, Моријак, Малро и други). Литературната критика, многу разновидна и активна, е застапена и во дневниот печат. За време на Втората светска војна се развива т.н. Литература на отпорот со антифашистички тенденции.

Егзистенцијализмот[уреди]

Crystal Clear app xmag.svg Главна статија: „Егзистенцијализам.

По Втората светска војна, егзистенцијализмот со своето песимистичко сфаќање на човекот и животот ја освоил, по философијата, и литературата исто така (Жан Пол Сартр). Меѓутоа, понатаму неговото влијание слабеело (се одвојува Албер Ками), но и понатаму бил присутен. Литературната критика барала нови методи, а лирската поезија нови патишта, додека во театарот (Франсоа Бекет, Жан Јонеско) и романот (Роб Трије, Натали Сарот) се извршувале интересни експерименти.