Госпоѓа Бовари

Од Википедија — слободната енциклопедија
Госпоѓа Бовари: Навики од провинцијата
Насловната страница од француското издание од 1857 г.
АвторГистав Флобер
Изворен насловMadame Bovary: Moeurs de Province
ЗемјаФранција
Јазикфранцуски
Жанрроман
ИздавачRevue de Paris (во продолженија) и Michel Lévy Frères (како двотомна книга)
Издадена
1856 (во „Париска ревија“ во шест продолженија) и 1857 (како посебна книга)
Медиумпечатено издание (мек и тврд повез)

„Госпоѓа Бовари: Навики од провинцијата“ (француски: Madame Bovary: Moeurs de Province) — роман на францускиот писател Гистав Флобер, првобитно објавен во шест продолженија во „Париската ревија“ (од 1 октомври до 15 декември 1856 година,[1] а една година подоцна и како самостојна книга. Самостојното издание авторот му го посветил на Мари-Антоан-Жил Сенар, член на адвокатската комора и поранешен претседател на народното собрание и министер за внатрешни работи. Во посветата, напишана на 12 април 1857 година, Флобер му се заблагодарува на својот пријател за објавувањето на романот.[2] [3]

Содржина[уреди | уреди извор]

Романот се состои од три дела:

Прв дел (1-9 глава)[уреди | уреди извор]

Романот започнува така што во гимназијата во Руан доаѓа нов ученик — Шарл Бовари, кој е прикажан како послушно, но не многу паметно момче. Подоцна, Шарл завршува медицина и станува лекар во малото место Тот, а мајка му му наоѓа жена — една вдовица која е постара од него и која доминира во бракот. Еднаш, него го повикуваат во блиското село за да излекува некој човек кој ја скршил ногата. Тогаш, тој ја запознава Ема, ќерката на неговиот пациент и таа веднаш го привлекува така што често ја посетува. Набргу, неговата сопруга неочекувано умира и тој се жени со Ема. По свадбата, Шарл по цел ден работи, а кога ќе се врати дома, наоѓа радост: тој е вљубен во својата жена. Наспроти него, Ема, која целиот живот сонувала за нешто подобро, сфаќа дека не е среќна. Во една прилика, тие се поканети на гости во дворецот на еден маркиз, а Ема е воодушевена од посетата, бидејќи за првпат во животот има прилика да биде во друштво со богати и угледни луѓе. Некое време по тој настан, Ема е обеземна од впечатоците и фантазираза животот во Париз, а тоа само го зголемува нејзиното незадоволство од здодевниот брачен живот со нејзиниот просечен маж. Најпосле, таа станува нервозна и ѝ се влошува здравјето, па Шарл одлучува дека ќе биде подобро ако се иселат од Тот. Во исто време, Ема забременува.[4] [5]

Втор дел (1-15 глава)[уреди | уреди извор]

Ема и Шарл се доселуваат во селото Јолвил и набргу им се раѓа ќерка. Таму, Ема се зближува со младиот нотарски помошник Леон. По раѓањето на ќерката, Ема го менува однесувањето и станува примерна жена, така што сите во селото ѝ се восхитуваат, но во себе ги крие гневот, омразата кон Шарл и страста. Таа и Леон се вљубени еден во друг, но немаат храброст да ја искажат љубовта, па поради тоа двајцата страдаат. По некое време, Леон заминува во Париз за да го продолжи образованието, а кратко време, Ема тагува по него. Еднаш, таа случајно се запознава со Родолф Буланже, кому му остава силен впечаток и тој веднаш решава да ѝ се додворува. Набргу, за време на народниот собир во селото, тој останува насамо со неа и ѝ успева да ја освои. По неколку дена, тие стануваат љубовници при што тајно се среќаваат во домот на Родолф, а подоцна и во дворот на куќата на Ема и Шарл. Откако успева да ја освои, Буланже постепено престанува со нежниот и внимателен однос кон Ема, а таа пак целосно му се предава. Во меѓувреме, наговорен од аптекарот Оме, Шарл го оперира еден сакат човек од селото, меѓутоа операцијата е неуспешна и на пациентот мора да му се ампутира ногата. По тој настан, љубовта на Ема кон Родолф уште повеќе се разгорува и таа го убедува да избегаат некаде далеку. Привидно, Родолф се согласува, меѓутоа на договорениот ден, тој ѝ испраќа писмо на Ема, а потоа сам го напушта местото. Ема е скршена од болка и најпрвин помислува на самоубиство, а потоа се онесвестува. Таа лежи болна подолго време, а потоа се обидува да ја најде утехата во религијата, но без успех. По наговор на аптекарот Еме, Шарл и Ема одат во Руан каде присуствуваат на оперска претстава и таму случајно го среќаваат Леон.[6] [7]

Трет дел (1-11 глава)[уреди | уреди извор]

Иако поминале три години од нивната последна средба, кај Леон сè уште е присутна страста по Ема и тој ја наговара да остане во градот, а утредента отворено ѝ ја искажува својата љубов. Најпрвин, таа секолеба, па дури му пишува и проштално писмо, но сепак, тој ја освојува и стануваат љубовници, возејќи се цел ден во кочија низ градот. Кога се враќа дома, Ема дознава за ненадејната смрт на татко му на Шарл. Наговорена од трговецот, таа се обидува да добие полномошно на имотот и, под изговор дека ѝ потребен правен совет од Шарл, таа се враќа во Руан, каде минува три дена заедно со својот љубовник. Потоа, таа повторно се служи со измама и, под изговор дека зема часови по клавир, еднаш неделно го посетува Леон. Со текот навремето, Ема почнува безобѕирно да го лаже Шарл, а истовремено, троши многу и сè повеќе се задолжува. Иако ја продолжува љубовната врска со Леон, таа чувствува некаква празнина во себе и не е среќна, па повторно започнува да фантазира за идеалната љубов и среќа. Од друга страна, и Леон се заситува од неа и почнува да ги согледува нејзините недостатоци. Трошејќи без никаква контрола, долговите кои ги прави Ема само се натрупуваат, па таа почнува да ги распродава личните предмети и целосно ги запоставува куќата и семејството. Најпосле, врз основа на судска пресуда, во нејзината куќа доаѓа судски извршител за да изврши присилна наплата на долговите. Ема безуспешно се обидува да најде пари, па најпосле го посетува Родолф, но ниту тој не може да ѝ помогне. Во очај, таа оди тајно во аптеката на Оме и, со помош на аптекарскиот помошник, скришно зема арсеник. Потоа, таа оди дома, пишува писмо и паѓа во претсмртни маки. Шарл повикува двајца лекари, но тие не можат да ја спасат и Ема умира. На денот на закопот пристигнува и таткото на Ема. По нејзината смрт, од куќата си заминува слугинката и Шарл останува сам со ќерката Берта. Тој е скршен од болка, но во него сè уште живее големата љубов кон Ема. Погоден од тагата, Шарл ги распродава предметите од куќата, ги прекинува односите со мајка му и останува сам, напуштен од сите. Во меѓувреме, тој дознава дека Леон се оженил. По некое време, Шарл случајно ги наоѓа љубовните писма на Ема и така дознава за долгогодишните неверства на Ема. Тогаш, тој побеснува и пропаѓа материјално и морално, но кога во една прилика го среќава Родолф, сепак му простува. Еден ден, Шарл ненадејно умира, а Берта ја носат кај баба ѝ, но таа набргу умира. Така, за Берта се грижи некоја сиромашна тетка, така што девојчето е принудено да работи во предилница. Истовремено, по смртта на Ема, Оме ги менува своите ставови, ѝ се додворува на власта и прави сè за да добие орден и најпосле успева во тоа.[8] [9]

За делото[уреди | уреди извор]

Во младоста, Флобер работел неколку години на поетско-философската рапсодија „Искушението на св. Антон“. Кога го завршил, тој им го прочитал делото на двајца пријатели — Ди Кам и Луј Бује (Louis Bouihet), кои му препорачале да го изгори ракописот и да се зафати со друга, посовремена тема. Притоа, тие му го посочиле случајот на госпоѓата Деламар, која го изневерувала сопругот и потоа, разочарана од своите љубовници, доброволно умрела. Флобер го прифатил советот и ги започнал подготовките за пишувањето на романот. За време на крсторувањето по Нил во 1850 година, го избрал името на главниот лик во романот — Ема Бовари. Кон средината на 1851 година, по враќањето дома, тој започнал интензивно да работи на „Госпоѓа Бовари“, на кој потрошил пет години, и на 1 септември 1856 година, романот почнал да излегува во списанието „Париска ревија“ (Revue de Paris) во кое важна улога имал неговиот пријател Ди Кам. Меѓутоа, Флобер морал да попушти кога Пеша (Pichat), еден од уредниците на списанието побарал од авторот некои места да ги ублажи, а други да ги исфрли од романот. Истовремено, и месниот весник „Руански новости“ (Nouvelliste de Rouen) започнал да го објавува романот со позитивна критика, но и тој морал да го запре објавувањето. На почетокот од 1857 година, романот се појавил како посебна книга, во издание на Мишел Леви (Michel Lévy), и постигнал голем успех, така што, Леви, кој за делото платил 500 франци, од продажбата на книгата остварил значителна добивка. Наспроти тоа, најголемиот дел од книжевната критика го нападнала делото, меѓутоа, познатиот критичар Сен-Бев (Sainte-Beuve) објавил пофална рецензија во службеното списание „Монитор“ (Moniteur), пишувајќи дека „господинот Гистав Флобер ракува со перото како што лекарите ракуваат со скалперот...“, заклучувајќи со зборовите: „О анатоми и философи, насекаде наидувам на вашата трага!“[10]

Објавувањето на романот предизвикало голем скандал во конзервативните кругови во Франција поради што против Флобер било поднесено обвинение и нему му се судело во шестото одделение на Парискиот суд за прекршоци, во две заседанија: на 31 јануари и на 7 февруари 1857 година. Во обвинението, царскиот обвинител Ернест Пинар тврдел дека романот претставува навреда на јавниот морал и на религијата. На судскиот процес, обвинителот најпрвин го прераскажал дејствието на романот, а потоа ги читал и ги коментирал спорните делови: љубовна сцена со Родолф, верскиот занос на Ема по разделбата со Родолф, неверството со Леон и смртта на Ема. Притоа, обвинителот сметал дека описите на неверствата на Ема со Родолф и со Леон претставуваат повреда на јавниот морал, додека во другиет две сцени се исмејува религијата. Сепак, судијата Дибарл го отфрлил обвинението. Во одбрана на Флобер, адвокатот Сенар, пак, истакнал дека авторот на книгата сакал да ги поттикне читателите на доблеста низ ужасувањето над порокот. Притоа, во своето излагање пред судот, Сенар ги истакнал сериозноста на Флобер и угледот на неговото семејство, како и квалитетот на романот. Според него, Флобер настојувал да ги истакне погубните последици кои произлегуваат од воспитувањето на жените во провинциските места, како и од несоодвениот брак, а исто така и недостатоците на општеството. Во романот авторот покажува неверојатна моќ за набљудување и за прикажување на човечките мисли со фотографска прецизност, а за тоа придонесла долготрајната подготовка на Флобер кој во текот на две-три години собирл материјали и правел белешки за романот. Понатаму, Сенар ги приложил поволните критики кои ги предизвикало делото во француската книжевна јавност, а особено воодушевувањето на Ламартин, кој го оценил романот како „најдоброто дело што го прочитал во последните дваесетина години“. Во продолжение, адвокатот Сенар детаљно читал делови од романот, побивајќи ги наводите на обвинителот, а за таа цел се служел и со цитати од делата на неколку големи француски писатели (Монтескје, Русо, Сент-Бев итн.). Врз основа на аргументите изнесени од бранителот Сенар, судијата Дибарл донесол ослободителна пресуда за Флобер и за одговорниот уредник и печатарот на „Париската ревија“.[11] [12]

Врз основа на романот, во 1952 година се појавил истоимениот филм на режисерот Винсент Минели, во кој главните улоги ги играат Џенифер Џоунс (ликот на Ема Бовари) и Џејмс Мејсон (како Гистав Флобер).[13]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

Викицитат има збирка цитати поврзани со:
Викиизвор на англиски јазик содржи текст на тема:

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Гистав Флобер, Госпођа Бовари. Нови Сад: Матица српска, 1951, стр. 291.
  2. Гистав Флобер, Госпођа Бовари. Нови Сад: Матица српска, 1951, стр. 5.
  3. Gustave Flaubert, Gospođa Bovary (II. izdanje). Zagreb: Zora, 1960, стр. 7.
  4. Гистав Флобер, Госпођа Бовари. Нови Сад: Матица српска, 1951, стр. 7-60.
  5. Gustave Flaubert, Gospođa Bovary (II. izdanje). Zagreb: Zora, 1960, стр. 9-69.
  6. Гистав Флобер, Госпођа Бовари. Нови Сад: Матица српска, 1951, стр. 61-191.
  7. Gustave Flaubert, Gospođa Bovary (II. izdanje). Zagreb: Zora, 1960, стр. 70-217.
  8. Гистав Флобер, Госпођа Бовари. Нови Сад: Матица српска, 1951, стр. 192-288.
  9. Gustave Flaubert, Gospođa Bovary (II. izdanje). Zagreb: Zora, 1960, стр. 218-328.
  10. Ivo Hergešić, „Gustave Flaubert“. Во: Gustave Flaubert, Gospođa Bovary (II. izdanje). Zagreb: Zora, 1960, стр. 419-421.
  11. Гистав Флобер, Госпођа Бовари. Нови Сад: Матица српска, 1951, стр. 289-341.
  12. Gustave Flaubert, Gospođa Bovary (II. izdanje). Zagreb: Zora, 1960, стр. 329-414.
  13. Ivo Hergešić, „Gustave Flaubert“. Во: Gustave Flaubert, Gospođa Bovary (II. izdanje). Zagreb: Zora, 1960, стр. 435.