Октиси

Од Википедија — слободната енциклопедија
Октиси

Поглед на селото Октиси

Октиси во рамките на Македонија
Октиси
Местоположба на Октиси во Македонија
Октиси на карта

Карта

Координати 41°13′57″N 20°36′25″E / 41.23250° СГШ; 20.60694° ИГД / 41.23250; 20.60694Координати: 41°13′57″N 20°36′25″E / 41.23250° СГШ; 20.60694° ИГД / 41.23250; 20.60694
Регион  Југозападен
Општина  Струга
Област Дримкол
Население 1.925 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 6339
Повик. бр. 046
Шифра на КО 26038, 26538
Надм. вис. 750 м
Слава Атанасовден
Илинден
Октиси на општинската карта

Атарот на Октиси во рамките на општината
Октиси на Ризницата

Октиси — село во областа Дримкол, во Општина Струга, во околина на градот Струга.

Потекло на името[уреди | уреди извор]

Има повеќе тези за потеклото на името, меѓу кои најпозната е онаа која вели дека името потекнува од латинскиот збор octus (осум), што претставува осум ранохристијански цркви од кои дел и денеска се претпоставува дека постојат. Како втора теза се истакнува и тезата за разделната печалбарска приказна во која се разделуваат двајца млади, мажот отишол на печалба оставајќи ја својата жена и после долго време се враќа во неговото старо огниште. На врата го пречекува неговиот син, кој веќе бил пораснат, но не си го препознал татко си и викнал по мајка си, а таа кога го видела нејзиниот маж не рекла ништо друго освен „ОХ ТИСИ“.[2]

Географија и местоположба[уреди | уреди извор]

Поглед на горниот дел од селото од дворот на црквата „Св. Атанасиј“

Селото се наоѓа во областа Дримкол, во јужниот дел на територијата на Општина Струга, во западниот дел на Струшкото Поле, а под источната падина на планината Јабланица.[3] Селото е ридско, на надморска височина од 800 метри. Од самиот град Струга е оддалечено 11 километри.[3]

Куќите на ова големо потпланинско село се наоѓаат во близина на селото Вевчани, односно од неговата југоисточна страна.[4]

Месностите во атарот на селото во источниот дел на селото ги носат следниве имиња: Горни ливаѓе, Песоци, Камејнци, Пашино, Долни ливади, Жабјак, Подредеш, Врани лозје, Лениште, Горна и Долна краста. Месностите во западниот дел на селото, односно во планинскиот дел се: Долно и Горно градиште, Јазвиње, Порта, Присој, Сиње брдо, Јаблан, Осој, Вајтос, Тумба и Бела црвеника.[4]

Октиси има збиен тип. Издолжено е во насока запад-исток околу еден километар. Затоа е поделено на три краеви: Горен, Среден и Долен крај. Во секој крај има маала кои зависат од имињата на родовите кои живеат во нив.[4]

Селото Октиси брои над 900 куќи, кои се распоредени во 4 поголеми маала: Горна маала, Крштиште, Средна маала и Долна маала. Потоа самите маала се сотавени од други помали маала, како што се Подлојза, Нападина, Подредеш, Желинва краста, Кошарје и други.

Историја[уреди | уреди извор]

Мозаици од ранохристијанската базилика во Октиси од крајот на V и почетокот на VI век

Меѓу народот се верува дека Октиси претставува едно од двете најстари села Струшко. За сите други села може да се дознае како настанале. Единствено за Октиси тоа не може никој да го знае. Селаните тоа го поврзуваат и со потеклото на името, односно со значење на осум цркви.[4]

Од римско време мора да се споменат остатоците на монументалната ранохристијанска базилика со мозаик. Покрај постојните три цркви во селото (Св. Атанасиј, Св. Димитриј и Св. Никола), кои постојат денес, низ селото се знаат и местата на останатите средновековни црковни светилишта, како Св. Врачи, Св. Димитриј, Св. Недела, Св. Среда и Св. Јован.[4]

Жителите веруваат дека селото порано претставувало гратче, односно било градско средиште. Тогаш имало и две тврдини, по една на височинките Горно и Долно Градиште.[4]

Северно од селото, кај основното училиште се наоѓа средновековна словенска базилика покриена со земја. Кога Скендербег бегал од оваа област, тој со себе повел и народ од околината на Струга, кога се верува дека Октиси било напуштено (околу 1449 година).[4]

Денешното село било обновено од предците на денешните селски родови. Тие дошле од месноста Врани лозје, која се наоѓа во источниот дел на селото. Овие родови се поделиле, односно едните останале христијани, а другите го прифатиле исламот. Некои муслимански родови се доселиле подоцна од други краеви.[4]

Во XIX век, Октиси било село во рамките на Струшката нахија во Охридската каза на Отоманското Царство.

Стопанство[уреди | уреди извор]

Атарот зафаќа простор од 13,3 км2. На него преовладува обработливото земјиште на површина од 315 хектари, на пасиштата отпаѓаат 454 хектари, а на шумите 429 хектари.[3]

Селото, во основа, има мешовита земјоделска функција.[3]

Жителите на Октиси немаат пасишта на планината Јабланица, па затоа отсекогаш биле слаби сточари. Главно занимавање било земјоделството и печалбата.[4]

Население[уреди | уреди извор]

Население во минатото
ГодинаНас.±%
19481.596—    
19531.736+8.8%
19611.965+13.2%
19712.278+15.9%
19812.692+18.2%
ГодинаНас.±%
19913.133+16.4%
19942.806−10.4%
20022.479−11.7%
20211.925−22.3%

Според податоците од 1873 година, селото имало 60 домаќинства и 162 жители.[5]

Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Октиси имало 1.390 жители, од кои 840 Македонци христијани и 550 Македонци-муслимани.[6]

Според секретарот на Бугарската егзархија Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Октиси имало 1.016 жители.[7]

На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Октиси е претставено како македонско-албанско село во Охридската каза на Битолскиот санџак со 220 куќи.[8]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 1.300 Македонци.[9]

Октиси е големо село, кое што во 1961 година имало 1.965 жители, од кои 1.840 биле Македонци, 103 Турци и 11 жители Албанци. Во 1994 година, бројот се зголемил на 2.806 жители, од кои 2.712 биле Македонци, 52 Турци, 25 Албанци и двајца жители Срби.[3]

Според пописот од 2002 година, во селото Октиси живееле 2.479 жители, од кои 955 Македонци, 346 Албанци, 1.071 Турчин, 1 Ром, 15 Бошњаци и 91 останат.[10]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 1.925 жители, од кои 409 Македонци, 241 Албанец, 762 Турци, 2 Роми, 1 Србин, 8 Бошњаци, 331 останат и 171 лице без податоци.[11]

Низ годините ова било вкупното население и етничка припадност на населението во Октиси:

Година Македонци Албанци Турци Роми Срби Бошњаци Ост. Лица без под. Вкупно
1948 1.596
1953 1.257 34 237 0 1 207 1.736
1961 1.840 11 103 1 10 1.965
1971 1.978 33 250 0 2 15 2.278
1981 2.688 1 0 0 0 3 2.692
1991 2.102 19 47 0 1 964 3.133
1994 2.712 25 52 0 2 15 2.806
2002 955 346 1.071 1 0 15 91 2.479
2021 409 241 762 2 1 8 331 171 1.925

* Извор: Државен завод за статистика на Република Македонија (1948-2021), според податоци од официјалните пописи во соодветните години

Следува табела на мајчин јазик на населението (попис 2002 г.):

јазик вкупно
македонски 2.366
албански 60
турски 41
останати 11

Од религиски аспект, во селото се застапени следниве религии (попис 2002 г.):

религија население проценти
муслимани 2.069 (83,46 %)
православни 406 (16,38 %)
останати 4 (0,16 %)

Поради социолошки, економски и политички влијанија, голем дел од муслиманското население во селото се декларира со различни националности, како Турци, Албанци и други.

Се мисли дека биле подложни на асимилација (наметнување) на турскиот јазик, но противречи фактот дека тие си го зборувале македонскиот јазик, а турскиот како таков не бил воопшто имплементиран (но сепак има големи траги од турски зборови во локалниот говор, како и во целосност од македонскиот јазик). Тоа е уште еден факт дека на Турците не им било во план да го вметнат турскиот јазик како службен јазик во империјата (како на пример што направија големите европски држави: Велика Британија, Франција, Германија, Шпанија и други со нивната колонизација).

Родови[уреди | уреди извор]

Селото Октиси живее македонско население, кое е поделено на христијани и муслимани:[4]

  • Христијански родови се: Дузлевци (6 к.), Шурбановци (6 к.), Ашталоски (5 к.), Јанчески (5 к.), Божиниќевски (4 к.) и Томоски (4 к.), сите слават Св. Петка и некогаш претставувале еден род; Качески (6 к.), Ќумкароски (5 к.) и Дулески (3 к.), слават Св. Никола и некогаш претставувале еден род; Дишлески (5 к.), Ѓончески (5 к.) и Мартиноски (4 к.), слават Мартинија и некогаш претставувале еден род, во првиот род ја знаат следнава генеалогија Наум (жив, 80 години)-Риста-Наум-Митре-Трпо и Куциноски (6 к.), Гулицоски (6 к.) и Прчакоски (5 к.), слават Св. Алимпија и некогаш претставувале еден род. Сите претходни родови се старинци. Доселеници има само од домазетите, кои се: Балалоски (3 к.) и Џепароски (2 к.), каде слават две слави, Св. Петка и Богородица Пречиста.
  • Муслимански родови се: Оџоски (25 к.), Бајрамоски (25 к.), Цаноски (25 к.), Шаиноски (25 к.), Мустафоски (25 к.), Имероски (25 к.) и Асан-Тодоски (25 к.). Меѓу овие родови некои се старинци. Османоски (20 к.), потекнуваат од два браќа Исмаил и Осман. Во родот се знае следната генеалогија Таир (жив, 60 години)-Рамуш-Таир-Раман-Мифтар-Исмаил, еден од браќата кои се доселиле, нивното потекло е од областа Долен Дебар (околината на Пешкопеја); Дервишоски (22 к.), потекнуваат од доселеници, веројатно Албанци, дошле кога и Османоски; Одоќоски (25 к.), доселени се од некое село од Пешкопеја, веројатно Бурен; Дервишоски (3 к.), потекнуваат од христијанинот Санде, доселен од Вевчани, но тука го прифатил исламот, неговите роднини во Вевчани се Алуловци.

Општествени установи[уреди | уреди извор]

Поглед на основното училиште во селото

Самоуправа и политика[уреди | уреди извор]

Селото влегува во рамките на Општина Струга, која била проширена по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото се наоѓало во некогашната Општина Струга.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Струга. Селото припаѓало на некогашната општина Струга во периодот од 1957 до 1965 година, додека во периодот 1955-1957 селото било дел од тогашната општина Велешта.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Вевчани, во која покрај селото Октиси, се наоѓале и селата Вевчани и Горна Белица. Во периодот 1950-1952 година, селото припаѓало на некогашната општина Вевчани, во која влегувале селата Вевчани и Октиси.

Избирачко место[уреди | уреди извор]

Во селото постојат следниве избирачки места: 1882, 1883, 1883/1, 1884 и 1884/1 според Државната изборна комисија, сите сместени во основното училиште во селото.[12]

На локалните избори во 2017 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 3.084 гласачи.[13] На референдумот во 2018 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 3.048 гласачи.[14]

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Поглед на главната селска црква „Св. Атанасиј“
Археолошки наоѓалишта[15]
Цркви[16]
Други црковни светилишта
  • месност „Свети Јован Крстител" — кадешто се фрла крстот на Богојавление.
Џамии[16]
  • Алипашина џамија (наречена и Горна џамија) — постара џамија во селото, изградена во 1903 година; и
  • Акташ џамија (наречена и Долна џамија) — понова џамија во селото, изградена во 1968 година.

Редовни настани[уреди | уреди извор]

  • Атанасовден — црковно-народен собир; и
  • Илинден — селска слава, поради тоа што главната селска црква е осветена на овој ден.

Личности[уреди | уреди извор]

Родени во Октиси

Иселеништво[уреди | уреди извор]

И од ова село, најмногу се иселувало македонското христијанско население. Има иселеници во Струга, Охрид, Битола, Белград, Панчево и Подгорица. Поголемите иселувања биле по Втората светска војна. Од Торбешите има малку иселувања, околу 20 семејства. Најчесто се иселиле во Турција, Струга и Охрид. Целосно е иселен родот Оџовци во Турција. Има иселеници и во соседните села: Долна Белица (Октишани, 8 к.) и во Заграчани (Октишани, 15 к.).[4]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. Октиси Архивирано на 13 декември 2009 г. на gomacedonia.com
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 218. Посетено на 19 ноември 2018.
  4. 4,00 4,01 4,02 4,03 4,04 4,05 4,06 4,07 4,08 4,09 4,10 Трифуноски, Јован (1992). Охридско-струшка област. Белград: Српска академија на науките и уметностите. стр. 183–186.
  5. „Македония и Одринско. Статистика на населението от 1873 г.“ Македонски научен институт, София, 1995. стр. 104-105.
  6. Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 254.
  7. Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р.164-155.
  8. Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот вилает (PDF). Каламус. стр. 31.
  9. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  10. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 19 ноември 2018.
  11. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  12. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 19 ноември 2018.
  13. „Локални избори 2017“. Посетено на 19 ноември 2018.
  14. „Референдум 2018“. Посетено на 19 ноември 2018.[мртва врска]
  15. Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069
  16. 16,0 16,1 Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
  17. Напнато во Октиси: Жителите не дозволуваат изградба на црква. Архивирано од изворникот на 2013-08-27. Посетено на 2013-08-25.
  18. „Милован Шиковски“. Собрание на Република Македонија. Посетено на 2010-02-10.
  19. „ЦВЕТЛЕ ЈАНЕСКА“. Собрание на Република Македонија. Посетено на 2010-02-10.

Поврзано[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]