Нилски коњ

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Нилски коњ
Hippopotamus
Обичен нилски коњ, Hippopotamus amphibius
Заштитен статус
Научна класификација
Царство: Животни
Колено: Хордати
Класа: Цицачи
Надред: Cetartiodactyla
Ред: Artiodactyla
Фамилија: Hippopotamidae
Род: Hippopotamus
Линеј, 1758
Вид: H. amphibius
Биномен назив
Hippopotamus amphibius
Linnaeus, 1758[2]

Нилскиот коњ (латински Hippopotamus amphibius) од грчкиот збор ἱπποπόταμος (хипопотамос, ιππος хипос што значи „коњ“ и πόταμος потамус што значи „река“), е голем, претежно тревојаден африкански цицач, еден од двата преживеани видови од фамилијата Нилски коњи (другиот преживеан вид е пигмејскиот нилски коњ). Тој е најтешкиот претставник од парнокопитните животни.

Нилскиот коњ е полуводно животно, кое живее во реките и езерата на субсахарска Африка во групи од 5 до 30 нилски коњи. Преку денот ја одржува температурата седејќи во вода или во кал. Парењето и породувањето се одвиваат во вода. Во квечерината излегуваат од вода за да се хранат. Додека се во вода, нилските коњи седат во групи (и до 40 индивидуи), а пасењето е самотна активност.

И покрај нивната физичка сличност со свињите, нивните најблиски роднини сепак се животните од фамилијата Китовидни (китови, делфини...). Заедничкиот предок на нилскиот коњ и китот се одвоил од останатите копитари пред околу 60 милиони години. Најстарите пронајдени фосили кои спаѓаат во родот Кенијапотам датираат од пред 16 милиони години.

Нилскиот коњ е лесно препознатлив по телото со облик на буре, огромната уста и заби, кратките набиени нозе и кожата без крзно. По големина е сличен на белиот носорог, само слонот е многу поголем од него. И покрај големината, нилските коњи се доста подвижни. На кратки растојанија можат да трчаат и 48 км/ч, што е побрзо од олимписки спринтер. Ова животно е едно од најагресивните животни во Африка. Денес се смета дека има помеѓу 125.000 и 150.000 нилски коњи во субсахарска Африка, од кои 40.000 во Замбија и Танзанија, со најголема популација од 20.000 до 30.000 индивидуи..[1] Овој вид сè уште е загрозен од ловокрадството поради нивното месо и забите, како и од уништувањето на нивното природно живеалиште.

Таксономија и потекло[уреди]

Hippopotamus е род од фамилијата Hippopotamidae. Пигмејските нилски коњи припаѓаат на друг род Choeropsis.

Постојат 5 подвида на нилски коњи кои се категоризирани според морфолошките разлики на нивните черепи и географската распределеност[3]:

Предложените подвидови никогаш не биле целосно признати од биолозите, бидејќи морфолошките разлики се премногу мали и може да се последица на обична варијација меѓу индивидуите.[4] Валидноста на подвидовите била тестирана со анализи на митохондријалната ДНК. Анализирани се примероци од 13 локации, и авторите пронашле мали но сепак важни генетски разлики помеѓу H. a. amphibius, H. a. capensis, и H. a. kiboko. Подвидовите H.a. constrictus и H.a. tschadensis не биле вклучени во истражувањето[5][6].


Класификација[уреди]

Череп на нилски коњ на кој се забележуваат огромните песјаци кои служат за борење

Нилските коњи заедно со останатите парнокопитни животни се класифицирани во редот Artiodactyla. Во овој ред спаѓаат животни кои не се многу сродни со нилските коњи, како камили, крави, елени и свињи.

Како што кажува и самото име, старите Грци ги сметале овие животни за блиски до коњите. До 1985 година, биолозите ги класифицирале заедно до свињите поради сличноста на катниците. Докази кои вклучуваат протеини од крвта, молекуларни анализи[7] и ДНК,[8] како и фосилни остатоци, покажуваат дека најблиски роднини им се cetaceans (китови, делфини) [9][10]. Сепак иако се сметаат за најблиски живи роднини, нивните лози се одвоиле брзо по одвојувањето од останатите парнокопитни животни.[11][8]


Еволуција[уреди]

Според најновата теорија за потеклото на Hippopotamidae, нилските коњи и китовите имале заеднички предок кој се одвоил од другите парнокопитни животни пред околу 60 милиони години. [9][8] Овој хипотетичен предок се поделил на двете гранки пред околу 54 милиони години [7]. Едната гранка еволуирала во денешните китови, најверојатно почнувајќи со пракитот Pakicetus пред 52 милиони години [11]. Другата гранка еволуира во anthracotheres – фамилија на четири-ножни животни од кои првите видови кои живееле во доцниот еоцен наликувале на слаб нилски коњ со многу помала глава од денешниот. Сите животни кои се развиле од оваа фамилија се изумрени за време на плиоценот, освен Hippopotamidae во кои спаѓа денешниот нилски коњ.[9]

Еволуциската лоза отприлика би изгледала вака: видовите Anthracotherium и Elomeryx за време на еоценот и олигоценот, преку Merycopotamus и Libycosaurus во миоценот до последните видови од anthracotheres за време на плиоценот.[12] Нивниот заеднички предок живеел во миоценот, пред околу 20 милиони години.

Hippopotamidae се верува дека еволуирале во Африка. Најстариот вид се смета дека е Kenyapotamus – род кој живеел пред 16 до 8 милиони години. Нилските коњи потоа се рашириле низ Европа и Азија, но не се пронајдени на тлото на Америка. Предокот на денешниот нилски коњ живеел во Африка и на средниот исток пред 7,5-1,8 милиони години.[13]

Се смета дека двата денешни рода Hippopotamus и Choeropsis се одвоиле пред 8 милиони години.


Изумрени видови[уреди]

Одредени видови од родот Hippopotamus, како Европскиот нилски коњ (H. antiquus) и Hippopotamus gorgops живееле на територијата на Европа и Британските Острови. И двата вида изумреле пред последното ледено доба. Предците на Европскиот нилски коњ живееле на многу острови на Медитеранот за време на плеистоценот.[14] И двата вида биле за околу еден метар подолги од денешниот нилски коњ.

Џуџестите нилски коњи од медитеранот живееле на Крит (H. Creutzburgi), Кипар (H. Minor), Малта (H. Melitensis) и Сицилија (H. Pentlandi). Кипарскиот џуџест нилски коњ се смета дека преживеал до доцниот плеистоцен или ран холоцен. Сѐ уште не се знае со сигурност дали изумирањето на овие видови се должи на активностите на човекот.[15][14]

Карактеристики[уреди]

Глава од нилски коњ во зоолошката градина во Лисабон

Нилските коњи се едни од најголемите цицачи. Тие живеат и во вода и на копно. Нивната специфична тежина им овозможува да се спуштат под вода и да одат или да трчаат по дното на реката. Овие животни се сметаат за дел од мегафауната, но за разлика од останатите животни кои спаѓаат во афричката мегафауна, нилските коњи се полу-водни животни, адаптирани за живот во езерата и реките.[4]

Поради нивната огромна тежина, тешко е да се измерат индивидуите во дивината. Повеќето проценки се направени за време на проретчувањето на популациите во дивината за време на 1960-те години. Просечната тежина на возрасен мажјак се проценува помеѓу 1500 и 1800 килограми. Женките се помали и тежат помеѓу 1300 и 1500 килограми[4]. Постарите мажјаци се потешки и достигнуваат тежина од 3200 кг, а понекогаш и до 4500 кг[16][17]. Мажјаците нилски коњи се смета дека растат за време на целиот живот, додека женките достигнуваат максимална тежина на 25 години[18].

Нилските коњи во просек се долги 3,5 метри, а 1,5 метри високи до рамениците. По големина се слични со белиот носорог, па не може со сигурност да се каже кој е најголемото копнено животно после слонот. И покрај нивната големина, тие трчаат доста брзо. Се проценува дека брзината варира од 30 до 40 км/час, но понекогаш достигнува и до 50 км/час. Сепак нилските коњи можат да ја одржат оваа брзина само неколку стотини метри.[4]


Цртеж на скелет од нилски коњ

Животниот век на овие животни е 40 до 50 години[4]. Најстариот нилскиот коњ во заробеништво е 57 годишната Дона. Таа живее во зоолошката градина Маскер во Евансвил, Индијана [19][20]. Нилскиот коњ кој во заробеништво достигнал најголема старост е Танга, кој умрел во 1995 година на 61 година во Минхен, Германија.[21]


Очите, ушите и ноздрите им се наоѓаат на врвот на главата. Ова им овозможува да седат со целото тело под вода или во калта на тропските реки за да ја одржуваат влажна кожата, но и како заштита од сончевите зраци. Скелетот на овие животни е адаптиран за да ја издржи огромната тежина. Како и останатите водни цицачи, и нилските коњи имаат многу малку влакна[4].

Око на нилски коњ во зоолошката градина во Сан Франциско

Кожата на нилските коњи лачи супстанција која е природна заштита од сончевите зраци. Оваа супстанција има црвена боја, поради што некогаш е позната и како „крвава пот“. Супстанцијата е всушност безбојна, но добива црвено-портокалова боја во рок од неколку минути, а може да стане и со кафена боја. Во неа се идентификувани два пигмента, црвен и портокалов. И двата пигмента се киселински соединенија и ја апсорбираат светлината која е во опсегот на ултравиолетовите бранови. Сите нилски коњи ги лачат овие пигменти кои ги синтетизираат од прекурсори како аминокиселината тирозин [22].

Распространетост[уреди]

Нилски коњ во Танзанија

Hippopotamus amphibious бил распространет низ Северна Африка и Европа пред последното ледено доба. Овој вид бил вообичаен за регионите околу реката Нил во Египет, но денес е истребен. Плиниј Постариот напишал дека во негово време најдоброто место за ловење на ова животно е местото Саис[23]. Денес нилските коњи можат да се сретнат во реките и езерата во Уганда, Судан, Сомалија, Кенија, северниот дел на Демократска Република Конго и Етиопија, западно до Гана и Гамбија, и во Јужна Африка (Боцвана, Јужноафриканска Република, Зимбабве, Замбија). Одвоени популации постојат и во Танзанија и Мозамбик[4].


Заштитен статус[уреди]

Лов на нилски коњ (1617), од Петар Пол Рубенс

Докази од направените генетски анализи покажуваат дека обичните нилски коњи во Африка се прошириле за време или после плеистоценот, како последица на зголемените водни површини. Овие сознанија се од голема важност за заштита на денешните популации кои се загрозени од губењето пристап до вода[5]. Нилските коњи се исто така загрозени и од ловокрадството. Во мaј 2006 година ова животно е класифицирано како ранлив вид на црвената листа на МСЗП. Популацијата се проценува на 125.000 до 150.000 индивидуи, намалување од 7-20% од студијата на МСЗП во 1996 година[1].

Популацијата на нилските коњи најмногу е намалена во Демократската Република Конго [24]. Популацијата во Националниот парк Вирунга паднала на 800-900 индивидуи од 29.000 во средината на 1970-те. Се смета дека ловокрадците се поранешни бунтовници од народот Хуту, слабо платените Конгоански војници и локалните милитарни групи[25][26].


Однесување[уреди]

Нилските коњи поминуваат поголем дел од денот тркалајќи се во вода или кал, заедно со останатите членови на нивното крдо. Водата ја одржува тепературата на нивното тело и ја одржува влажна нивната кожа. Освен хранењето, нилските коњи речиси целиот живот го поминуваат во вода, вклучувајќи и парење, раѓање и борење.

Возрасен нилски коњ излегува на површината на водата за да земе воздух секои 4-6 минути

Нилските коњи излегуваат од вода во квечерината и шетаат на копното понекогаш и до 8 километри за да пасат трева. Тие пасат 4 до 5 часа, и можат да изедат до 68 килограми трева секоја ноќ[27]. Како повеќето хербивори, тие ги јадат речиси сите растенија кои ќе ги сретнат, но нивната природна исхрана се состои најмногу од трева, додека исхраната со водни растенија е сведена на минимум. Сепак, иако хербивори, нилски коњи се снимени како јадат мрша. Има и други извештаи за нивна исхрана со месо, вклучувајќи и канибализам и предаторство[28]. Желудникот на ова животно не е прилагоден за исхрана со месо, што значи дека овие ситуации се предизвикани од абнормално однесување или дефицит на храна[4].

Возрасните нилски коњи всушност не пливаат и не се способни да се одржуваат на вода. Кога се наоѓаат во длабока вода, тие се движат со отскокнување, одбивајќи се од дното на реката. Во вода се движат со брзина од 8 километри на час. За разлика од нив, младите нилски коњи пливаат. Возрасен нилски коњ излегува на површината да земе воздух на секои 4-6 минути, додека младите излегуваат на површината секои 2-3 минути[4]. Процесот на излегување на површината на водата за да земат воздух е автоматски, па дури и нилски коњ кој спие под вода, излегува и дише без да се разбуди. Кога нуркаат овие животни ги затвораат ноздрите.

Социјален живот[уреди]

Истражувањето на интеракцијата меѓу мажјаците и женките долго време претставувало проблем, поради тоа што кај нилските коњи не постои полов диморфизам[29]. Иако нилските коњи постојано се блиску едни до други, изгледа дека не формираат социјални врски меѓу нив (освен меѓу мајка и ќерка), што значи дека не се социјални животни. Причината поради која седат во групи сè уште е непозната[4].

Територијални животни се само во вода, каде еден мажјак доминира на територија од 250 метри во која има десетина женки. Најголемите крда можат да содржат и до 100 нилски коњи. Во крдото може да има и други мажјаци само доколу тие се однесуваат потчинето во однос на алфа-мажјакот. Оваа територијалност им дава предност на најсилните мажјаци за време на парењето. Додека се во крдо, нилските коњи се групираат, потчинетите мажјаци во една група, женките во друга, а алфа-мажјакот е најчесто сам. Кога излегуваат од вода за да се хранат, тие се однесуваат како самотни животни[4].

Овие животни комуницираат вербално, со гровтање, стенкање и рикање. Нилските коњи имаат уникатна способност да ја држат главата само парцијално извадена од вода и да испратат крик кој се распространува и низ воздухот и низ водата, така што на него можат да одговорат и нилските коњи кои нуркаат и тие над вода[30].

Размножување[уреди]

Женките достигнуваат сексуална зрелост на 5-6 годишна возраст. Бременоста трае 8 месеци. Истражувањето на ендокриниот систем на нилските коњи покажало дека можно е женките да влегуваат во пубертет на 3-4 годишна возраст[31]. Мажјаците достигнуваат сексуална зрелост на 7,5 години.

Според истражувањата на нилските коњи во Уганда, парењето се одвива кон крајот на влажната сезона во летниот период, а најголем процент од раѓањата се на крајот на зимата. Исти резултати се добиени и во истражувањата на нилските коњи во Замбија и Јужна Африка [4]. Откако ќе забремени, женката не овулира пак во следните 17 месеци[31].

Парењето се одвива во вода. За време на чинот, женката е претежно под вода, а излегува само да земе воздух. Нилските коњи се едни од ретките цицачи што раѓаат под вода. Младенчињата по раѓањето тежат помеѓу 25 и 45 килограми и во просек се долги 127 сантиметри. Тие мора да испливаат на површината за да го земат првиот здив. Најчесто мајката раѓа само едно младенче, иако понекогаш се регистрираат и близнаци. Младенчињата најчесто седат на грбот на мајката кога се наоѓаат во длабока вода, и нуркаат кога треба да цицаат. Мајката можа да ги дои и надвор од вода. Одвикнувањето од доење почнува помеѓу шестиот и осмиот месец, а повеќето млади се целосно одвикнати до првата година[4].

Агресивност[уреди]

Отворената уста сигнализира дека нилскиот коњ се чувствува загрозен.

Нилските коњи се многу агресивни животни. Возрасните нилски коњи се непријателски настроени кон крокодилите, кои често живеат во истите езерца или реки. Оваа агресивност е уште повеќе изразена кога во близина има младенчиња. Нилските крокодили, лавовите и дамкастата хиена, можат да ловат млади нилски коњи[32]. Нилските коњи се агресивни и кон луѓето, и често се сметаат за едни од најопасните животни во Африка [33][34]. Се смета дека убиваат повеќе луѓе од било кое друго животно освен комарците [35], но тешко е да се направат точни статистики[24].

Нилските коњи напаѓаат луѓе и бродови[36]. Стив Ирвин, човекот кој си играше со крокодили, сметал дека најстрашното нешто што го снимил било 5-минутното преминување преку река полна со нилски коњи[37]. Телевизискиот канал Дискавери неодамна објави снимка од нилски коњ кој јаде гну. Најпрво нилскиот коњ ги оттргнал двата крокодила со помош на неговата огромна муцка.

За да ја означат својата територија, овие животни ги вртат опашките додека вршат дефекација со што го распрскуваат изметот низ околината[38]. Тие и уринираат наназад, најверојатно поради истата причина за означување територија[39].

Нилските коњи ретко се убиваат меѓусебе, дури и во борибите за територии. Најчесто борбите се прекинуваат кога е веќе очигледно дека едниот нилски коњ е посилен. Кога териториите стануваат пренаселени, алфа-мажјаците понекогаш убиваат новороденчиња, или пак женките го убиваат алфа-мажјакот за да ги заштитат нивните младенчиња, но ниедно од овие однесувања не е вообичаено во нормални услови[40]. Иако се смета дека понекогаш нилските коњи се склони кон канибализам, такво нешто никогаш не било докажано[36].


Нилските коњи и луѓето[уреди]

Скулптура на нилски коњ кога тие сè уште ја населувале околината на реката Нил, Ново египетско кралство, 18та/19та династија, 1500-1300 година п.н.е.
Обајш во лондонската зоолошка градина во 1852 година

Првите докази за интеракцијата на луѓето со нилските коњи доаѓаат од цртежите на карпите и гравурите најдени на планините во централна Сахара. Еден таков цртеж на кој е прикажан лов на нилски коњи е пронајден во близина на Џанет, и датира од пред 4000-5000 години. Нилските коњи им биле познати и на античките Египќани, кои ги сметале за крволочин жители на Нил [4]. Во египетската митологија, Таварет (која имала глава од нилски коњ) била божица заштитничка на бременоста и раѓањето[41].

Нилските коњи биле познати и кај историчарите од антиката. Грчкиот историчар Херодот ги опишал нилските коњи во „Историите“ (напишани отприлика во 440 п.н.е.), а романскиот историчар Плиниј Постариот пишувал за нив во неговата енциклопедија Натуралис Хисториа (напишана околу 77 година) [42][23].

Нилски коњи во зоолошките градини[уреди]

Нилските коњи се популарни животни во зоолошките градини. Првиот нилски коњ кој бил донесен во зоолошка градина е Обајш, кој пристигнал во лондонската зоолошка градина на 25 мај 1850 година. Тој привлекувал и до 10.000 посетители дневно. Овие животни без проблем се размножуваат во заробеништво. Нивната стапка на раѓање е помала од таа во дивината, меѓутоа ова се должи на тоа што зоолошките градини го ограничуваат размножувањето, бидејќи нилските коњи се прилично големи и скапи животни за одржување[4].

Повеќето нилски коњи кои денес се наоѓаат во зоолошките градини се родени во заробеништво. Во зоолошките градини ширум светот има доволен број на нилски коњи, така што нема потреба од носење нови животни од дивината. Соработката меѓу зоолошките е многу важна за одржување на генетскиот диверзитет[4].

Живеалиштето на нилските коњи во зоолошките градини се состоело од базен со вода и дел со храна. Во 1980-те години, почнуваат да се конструираат живеалишта кои повеќе наликуваат на нивните природни живеалишта. Како најдобро живеалиште се издвојува она во зоолошката во Толедо, каде базенот за нилските коњи собира 360.000 галони вода[43]. Во 1987 година, научниците за првпат снимиле пораѓање под вода како што се случува во природата (во зоолошката во Толедо). Изложбата била толку популарна, што денес нилските коњи се лого на оваа зоолошка градина[44].


Нилските коњи во културата[уреди]

Божицата Таварет (Египетски музеј во Каиро)


Нилските коњи биле познати кај Грците и Римјаните како „ѕверовите од Нил“. Црвен нилски коњ го претставува и египетскиот бог Сет, кој ја претставува мажественоста. Таварет исто така била претставувана како половина нилски коњ[45]. Библиското суштество Бегемот исто така се смета дека е инспирирано од ова животно[46].

Нилските коњи се популарни ликови во цртаните филмови, каде најчесто поради нивната дебелина се употребуваат како хумористични ликови. Во Дизниевата Фантазија, нилски коњ-балерина игра на операта „Ла Џоконда“.[24]

Наводи[уреди]

  1. 1,0 1,1 1,2 Lewison & Oliver (2005). Hippopotamus amphibius. „Црвен список на МСЗП - Загрозени видови“ од 2006 г. МСЗП 2006. консултирано на 11 мај 2006 (англиски) Database entry includes a range map and justification for why this species is vulnerable.
  2. „ITIS on Hippopotamus amphibius“. „Integrated Taxonomic Information System. http://www.itis.gov/servlet/SingleRpt/SingleRpt?search_topic=TSN&search_value=625024. конс. 29 јули 2007. 
  3. Lydekker, R. (1915). „Catalogue of the Ungulate Mammals in the British Museum of Natural History“. 5. London: British Museum. 
  4. 4,00 4,01 4,02 4,03 4,04 4,05 4,06 4,07 4,08 4,09 4,10 4,11 4,12 4,13 4,14 4,15 Eltringham, S.K. (1999). „The Hippos“. Poyser Natural History Series. London: Academic Press. ISBN 085661131X. 
  5. 5,0 5,1 Okello, J.B.A; Nyakaana, S., Masembe, C., Siegismund, H.R. & Arctander, P. (2005). „Mitochondrial DNA variation of the common hippopotamus: evidence for a recent population expansion.“. „Heredity (journal)“ 95: 206–215. doi:10.1038/sj.hdy.6800711. 
  6. Meijaard, Erik (ed.) (September 2005). „Suiform Soundings: The IUCN/SSC Pigs, Peccaries, and Hippos Specialist Group (PPHSG) Newsletter“. „World Conservation Union“ 5 (1). http://www.iucn.org/themes/ssc/sgs/pphsg/Suiform%20soundings/Newsletter%205(1).pdf. 
  7. 7,0 7,1 Ursing,B.M.; U. Arnason (1998). „Analyses of mitochondrial genomes strongly support a hippopotamus-whale clade“. „Proceedings of the Royal Society“ 265 (1412): 2251. doi:10.1098/rspb.1998.0567. 
  8. 8,0 8,1 8,2 Gatesy, J.. „More DNA support for a Cetacea/Hippopotamidae clade: the blood-clotting protein gene gamma-fibrinogen“. „Molecular Biology and Evolution“ 14: 537–543. PMID 9159931. http://mbe.oxfordjournals.org/cgi/content/abstract/14/5/537. 
  9. 9,0 9,1 9,2 „Scientists find missing link between the dolphin, whale and its closest relative, the hippo“. „Science News Daily“. 25 јануари 2005. http://www.sciencenewsdaily.org/story-2806.html. конс. 18 јуни 2007. 
  10. „National Geographic - Hippo: Africa's River Beast“. „National Geographic“. http://www.throng.co.nz/national-geographic/national-geographic-hippo-africas-river-beast. конс. 18 јули 2007. 
  11. 11,0 11,1 Boisserie, Jean-Renaud; Fabrice Lihoreau and Michel Brunet (February 2005). „The position of Hippopotamidae within Cetartiodactyla“. „Proceedings of the National Academy of Sciences“ 102 (5): 1537–1541. doi:10.1073/pnas.0409518102. PMID 15677331. 
  12. Boisserie, Jean-Renaud; Fabrice Lihoreau and Michel Brunet (March 2005). „Origins of Hippopotamidae (Mammalia, Cetartiodactyla): towards resolution“. „Zoologica Scripta“ 34 (2): 119–143. doi:10.1111/j.1463-6409.2005.00183.x/abs/. http://www.blackwell-synergy.com/links/doi/10.1111/j.1463-6409.2005.00183.x/abs/. конс. 1 јуни 2007. 
  13. Boisserie, Jean-Renaud (2005). „The phylogeny and taxonomy of Hippopotamidae (Mammalia: Artiodactyla): a review based on morphology and cladistic analysis“. „Zoological Journal of the Linnean Society“ 143: 1–26. doi:10.1111/j.1096-3642.2004.00138.x/abs/. http://www.blackwell-synergy.com/links/doi/10.1111/j.1096-3642.2004.00138.x/abs/. конс. 1 јуни 2007. 
  14. 14,0 14,1 Petronio, C. (1995): Note on the taxonomy of Pleistocene hippopotamuses. Ibex 3: 53-55. PDF fulltext
  15. A. Simmons (2000). „Faunal extinction in an island society: pygmy hippopotamus hunters of Cyprus“. „Geoarchaeology“ 15 (4): 379–381. doi:10.1002/(SICI)1520-6548(200004)15:4<379::AID-GEA7>3.0.CO;2-E. 
  16. „Hippopotamus: WhoZoo“. Whozoo.org. http://whozoo.org/Intro98/herrick/sethherr.htm. конс. 3 ноември 2008. 
  17. „ADW: Hippopotamus amphibius: Information“. Animaldiversity.ummz.umich.edu. http://animaldiversity.ummz.umich.edu/site/accounts/information/Hippopotamus_amphibius.html. конс. 3 ноември 2008. 
  18. Marshall, P.J.; Sayer, J.A. (1976). „Population ecology and response to cropping of a hippopotamus population in eastern Zambia“. „The Journal of Applied Ecology“ 13 (2): 391. doi:10.2307/2401788. http://links.jstor.org/sici?sici=0021-8901(197608)13%3A2%3C391%3APEARTC%3E2.0.CO%3B2-L. 
  19. „Oldest Hippo Turns 55!“. „Mesker Park Zoo“. 12 јули,, 2006. http://www.evansvillecvb.org/media/index.tpl?ID=39&Display=Detail. конс. 21 јуни 2007. 
  20. Celebrate with Donna“, „Evansville Courier & Press“, 12 јули 2007 (конс. 15 јули 2007).
  21. „Old mother hippo dies“, „Agence France Press“, 12 јули,, 1995.
  22. Saikawa Y, Hashimoto K, Nakata M, Yoshihara M, Nagai K, Ida M, Komiya T (2004). „Pigment chemistry: the red sweat of the hippopotamus“. „Nature (journal)“ 429 (6990): 363. doi:10.1038/429363a. PMID 15164051. 
  23. 23,0 23,1 Pliny the Elder. „Chapter 15, Book VIII“ (на Latin original or English translation). „Naturalis Historia“. 
  24. 24,0 24,1 24,2 Hippo Haven“, „Smithsonian Magazine“, 1 јануари 2006 (конс. 23 јануари 2007).
  25. DR Congo's hippos face extinction.“, „BBC“, 13 септември 2005 (конс. 14 ноември 2005).
  26. „Congo's hippos fast disappearing“, „Toronto Star“ (конс. 14 ноември 2005).
  27. „Hippopotamus“. „Kruger National Park“. http://www.krugerpark.co.za/africa-hippopotamus.html. конс. 18 јуни 2007. 
  28. J.P. Dudley. „Reports of carnivory by the common hippo Hippopotamus Amphibius“. „South African Journal of Wildlife Research“ 28 (2): 58–59. 
  29. Beckwitt, R.; Shea, J., Osborne, D., Krueger, S., and Barklow, W. (2002). „A PCR-based method for sex identification in Hippopotamus amphibius“. „African Zoology“: 127–130. 
  30. William E. Barklow (2004). „Low-frequency sounds and amphibious communication in Hippopotamus amphibious“. „The Journal of the Acoustical Society of America“ 115 (5): 2555. http://scitation.aip.org/getabs/servlet/GetabsServlet?prog=normal&id=JASMAN000115000005002555000001&idtype=cvips&gifs=yes. 
  31. 31,0 31,1 Graham L.H.; Reid K.; Webster T.; Richards M.; Joseph S. (2002). „Endocrine patterns associated with reproduction in the Nile hippopotamus (Hippopotamus amphibius) as assessed by fecal progestagen analysis“. „General and Comparative Endocrinology“ 128 (1): 74–81. doi:10.1016/S0016-6480(02)00066-7. 
  32. „Hippopotamus“. Pocanticohills.org. http://www.pocanticohills.org/cook/7thgrade/foodsource.htm. конс. 3 ноември 2008. 
  33. Dangerous Encounters: Undercover Hippo. National Geographic Channel. Accessed 4 ноември, 2008.
  34. Hippo Specialist Group, World Conservation Union. (June 2008). In the News. Duke University. Accessed 4 ноември, 2008.
  35. Ruane, Michael E. (3 август, 2008). Zoo's Hippo Must Hit the Road. Washington Post. Accessed 4 ноември, 2008.
  36. 36,0 36,1 Are hippos the most dangerous animal?“, „Straight Dope Staff Report“, 6 декември 2006 (конс. 9 август 2008).
  37. 6 Cutest Animals That Can Still Destroy You“, „6 Cutest Animals That Can Still Destroy You“, 6 мај 2008 (конс. 9 август 2008).
  38. National Geographic exhibit on different animals and their poop.
  39. Nature's World: Africa's Lions and Wildebeests“. Discovery HD Theater. 06-17. http://dhd.discovery.com/schedule/bestof/nature.html. 
  40. Lewison, R (1998). „Infanticide in the hippopotamus: evidence for polygynous ungulates“. „Ethology Ecology & Evolution“ 10 (3): 277–286.. http://md1.csa.com/partners/viewrecord.php?requester=gs&collection=ENV&recid=4419797&q=&uid=791069503&setcookie=yes. 
  41. Hart, George (1986). „A Dictionary of Egyptian Gods and Goddesses“. Routledge. ISBN 0415059097. 
  42. Herodotus. „Chapter 71, Book II“ (на English translation). „Histories (Herodotus)“. 
  43. Melissa Greene. „No rms, jungle vu: a new group of "landscape-immersion" zoo designers are trying to break down visitors' sense of security by reminding them that wild animals really are wild.“, „The Atlantic Monthly“, декември 1987.
  44. „Hippoquarium“. Toledo Zoo. http://www.toledozoo.org/plantsanimals/pa_hippoquarium.html. конс. 26 март 2007. 
  45. Cooper, JC (1992). „Symbolic and Mythological Animals“. London: Aquarian Press. стр. 129. ISBN 1-85538-118-4. 
  46. Metzeger, Bruce M. (ed); , Michael D. Coogan (ed) (1993). „The Oxford Companion to the Bible“. Oxford, UK: Oxford University Press. стр. 76. ISBN 0-19-504645-5. 

Надворешни врски[уреди]


Ова е избрана статија. Стиснете тука за повеќе информации.
Статијата „Нилски коњ“ е избрана статија. Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија (останати избрани статии).