Слон

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Слонови
Африкански слон.
Научна класификација
Царство: Животни
Колено: Хордати
Потколено: ‘Рбетници
Класа: Цицачи
Ред: Рилчари
Натфамилија: Elephantoidea
Фамилија: Elephantidae
Греј, 1821
Потфамилија

Слонот (лат. Elephantidae) е голем цицач што се карактеризира со присуство на долга и мускулеста сурла и две долги и извиени коски. Слоновите се високоинтелигентни и силни животни, а воедно се и најголемите копнени животни, како и животни со најдолг животен век, обично 60 години или повеќе. Здравите возрасни слонови немаат природни непријатели освен луѓето. Слоновите, исто така се единствените цицачи кои не можат да скокаат.

Историска распространетост[уреди]

Низ историјата, луѓето ги ценеле слоновите поради нивната големина и сила. Ги користеле на бојното поле, како и за пренесување на тежок товар низ џунглите и за влечење на огромни дрвја од шумите.

Во изминатите 40 милиони години, повеќе од 600 видови на слонови живееле на Земјата. Денес останале само три вида - саванскиот слон, шумскиот африкански слон и азискиот слон. Климатските флуктуации низ милениумите и смената на вегетацијата биле причина за изумирањето на многу видови слонови, но човечкото влијание исто така имало свој удел. Во 20 век, бројот на слоновите на Земјата бил меѓу 5 и 10 милиони, но со ловот и уништувањето на живеалиштата, нивниот број се намалил на 400.000 до 500.000 при крајот на векот. Денешните напори да се спасат слоновите може да се неадекватни и биолозите не се сигурни дали слонот како вид ќе преживее.

Физички опис[уреди]

Азиски слон.

Трите видови слонови се слични по изглед, но меѓу нив постојат и помали разлики во големината, бојата и други физички карактеристики. Саванскиот слон е поголем од шумскиот и азискиот. Мажјаците може да достигнат и до 4 m во височина и да тежат околу 7000 kg. Женките се покуси, со височина од околу 2,8 m и тежина од околу 3600 kg. Саванските слонови се светлосиви по боја, иако можат да се сретнат и темносиви, црвени или кафеави од калта во која се бањаат. Имаат ниско, рамно чело и малку свиткан грб. Нивните масивни уши висат врз нивните рамења. Ушите на слоновите од саваните се долги 1,5 m и широки 1,2 m. И машките и женските единки имаат долги, тенки и извиени сурли.

Шумските слонови се помали од саванските. Мажјаците достигнуваат околу 2,5 m во височина и тежат околу 900 kg. Женките се само малку помали. Шумските слонови исто така имаат големи уши, но тие се целосно тркалезни. Овие слонови имаат темносива боја. И машките и женските форми имаат долги, тесни и прави сурли, а бојата на слоновата коска е виолетово.

Азиските слонови се пократки и потенки од нивните африкански роднини, со уши што не ги достигнуваат рамењата. Азискиот мажјак е висок од 2 до 3,5 m и тежок од 2000 до 5000 kg. Женките достигнуваат просечна височина од 2,4 m и просечна тежина од 3000 kg. Азиските слонови имаат темносива кожа, топчесто чело и тркалезен грб. Големината на ушите се движи од 0,75 m должина и 0,6 m широчина. Сурлата кај женките може да ја нема или да не е развиена.