Примати

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Примати
Primates
Период: Доцен Палеоцен - денес
Маслинест бабун, Papio anubis
Научна класификација
Царство: Animalia
Колено: Chordata
Класа: Mammalia
Инфракласа: Eutheria
Надред: Euarchontoglires
Ред: Primates
Linnaeus, 1758
Фамилии
Распространување на нечовечките примати (зелено)

Примат е секој плацентален цицач кој му припаѓа на редот Primates (од латински: primus, првичен, од прв ред). Во овој ред се наоѓаат еволутивно најусовршените животни, како лемури, раконожните примати, лорисите, галагоите, аветите, мајмуните, човеколиките мајмуни и луѓето.[1] Со исклучок на луѓето, кои денес го населуваат секој континент на Земјата, повеќето други примати живеат во тропските или суптропските региони од Америка, Африка и Азија.

Најмалиот примат е пигмејскиот глувчешки лемур (кој тежи само 30 g), додека најголемиот е планинската горила (тешка и до 200 kg). Според фосилните податоци, примитивните претци на приматите најверојатно постоеле во доцна Креда (пред околу 65 милиони години), а најстар познат примат е доцнопалеоценскиот Plesiadapis, кој постоел пред околу 55-58 милиони години. Меѓутоа, молекуларните анализи покажуваат дека еволутивната линија на приматите може да е многу постара и да датира од средна Креда (пред околу 85 милиони години).

Редот Primates традиционално се дели на две главни групи: просимии и симии. Просимиите имаат карактеристики слични на оние од најраните примати. Во оваа група припаѓаат: лемурите од Мадагаскар, лорисиформите, раконожните и аветите. Симиите се состојат од мајмуните и човеколиките мајмуни. Од неодамна, систематичарите го создадоа подредот Strepsirrhini (влажноносни примати) во кој ги вклучуваат неаветските просимии, како и подредот Haplorrhini (сувоносни примати) во кој ги сместуваат аветите и симиите. Симиите се поделени на две групи: Platyrrhines (рамноносни), каде припаѓаат мајмуните од Новиот свет (од Јужна и Средна Америка) и Catarrhini (тесноносни), каде се наоѓаат мајмуните од Африка и југоисточна Азија. Во мајмуни од Новиот свет се вбројуваат капучинот, дрекавецот и сајмирите, додека како тесноносни симии се сметаат мајмуните од Стариот свет, како бабуните, макаките и човеколиките мајмуни. Луѓето се единствените тесноносни симии кои се прошириле надвор од Африка и југоисточна Азија, иако постојат некои фосилни докази кои укажуваат на тоа дека тие некогаш постоеле и во Европа.

Приматите имаат најразлични особини во однос на тоа каде и како живеат. Некои примати (како луѓето и бабуните) не живеат на двјата, но сите видови на примати поседуваат адаптации за искачување по дрвја. Техниките во движењето вклучуваат скокови од дрво на дрво, одење на два или четири екстремитети, одење на четири екстремитети при што прстите од предните се свиени и брахијација (преминување од дрво на дрво со рацете). Приматите се карактеризираат со нивниот голем мозок (во споредба со другите цицачи), како и со зголемената способност за стереоскопска визија за сметка на мирисот, кој е доминантниот сетилен систем кај повеќето цицачи. Овие особини се најзначајни за мајмуните и човеколиките мајмуни, а помалку за лорисите и лемурите. Гледањето во три бои е развиено само кај некои примати. Исто така, повеќето видови поседуваат спротивно поставен палец, додека некои имаат прехензивни опашки (опашки специјализирани за фаќање или држење на објекти). Многу видови се гонохористи, што значи дека мажјаците и женките поседуваат различни физички карактеристики (како телесна маса, големина на песјаците и обојување). Приматите покажуваат побавен степен на развиток отколку другите, слични по големина, цицачи и достигнуваат полова зрелост подоцна, но затоа пак имаат подолг животен век. Некои видови живеат во осамеништво, други во машко-женски парови, додека трети живеат во групи од по стотици членови.

Систематика[уреди]

  • Ред Primates
    • Подред Strepsirrhini: неаветски просимии
      • Инфраред Lemuriformes
        • Надфамилија Cheirogaleoidea
          • Фамилија Cheirogaleidae: џуџести лемури и глувчешки лемури (33 вида)
        • Надфамилија Lemuroidea
          • Фамилија Lemuridae: лемури (22 вида)
          • Фамилија Lepilemuridae: витки лемури (25 вида)
          • Фамилија Indriidae: волнени лемури и сродниците (19 вида)
      • Инфраред Chiromyiformes
      • Инфраред Lorisiformes
        • Фамилија Lorisidae: лориси, потоси и сродниците (9 вида)
        • Фамилија Galagidae: галагои (19 вида)
    • Подред Haplorrhini: авети, мајмуни и човеколики мајмуни
      • Инфраред Tarsiiformes
        • Фамилија Tarsiidae: авети (9 вида)
      • Инфраред Simiiformes
        • Парворед Platyrrhini: мајмуни од Новиот свет
          • Фамилија Cebidae: мармозети, тамарини, капучини и сајмири (56 вида)
          • Фамилија Aotidae: ноќни или бувски мајмуни (дурукулис) (7 вида)
          • Фамилија Pitheciidae: титис, сакис и уакарис (43 вида)
          • Фамилија Atelidae: дрекавец, пајаковидни и волнени мајмуни (24 вида)
        • Парворед Catarrhini
          • Надфамилија Cercopithecoidea
            • Фамилија Cercopithecidae: мајмуни од Стариот свет (135 вида)
          • Надфамилија Hominoidea
            • Фамилија Hylobatidae: гибони или "мали човеколики мајмуни" (13 вида)
            • Фамилија Hominidae: луѓе и останати големи човеколики мајмуни (7 вида)

Филогенетско стебло[уреди]

Primates
Strepsirrhini
Lemuriformes
Lemuroidea[2]


Lemuridae



Diademed Sifaka (Propithecus diadema).jpgIndriidae




Lepilemuridae




Dwarf Lemur.jpgCheirogaleidae



Lorisiformes

Loris tardigradus.jpgLorisidae



Greater Bush Baby.jpgGalagidae




Haplorrhini

Tarsiiformes

Spectral Tarsier.jpgTarsidae




Simiiformes
Platirrhini[3]


Capuchin Costa Rica.jpgCebidae



Stavenn Aotus trivirgatus 00.jpgAotidae





WhiteFacedSaki.jpgPitheciidae



Alouatta-caraya ppia-m01b.jpgAtelidae




Catarrhini
Cercopithecoidea

Mandril.jpgCercopithecinae



Colubusmonkey.JPGColobinae



Hominoidea

Weisshandgibbon tierpark berlin.jpgHylobatidae



Charles Darwin by Julia Margaret Cameron.jpgHominidae







Наводи[уреди]

  1. Goodman, M., Tagle, D. A., Fitch, D. H., Bailey, W., Czelusniak, J., Koop, B. F., Benson, P., Slightom, J. L. (1990). „Primate evolution at the DNA level and a classification of hominoids“. „Journal of Molecular Evolution“ 30: 260–266. doi:10.1007/BF02099995. 
  2. Tree of Life: Strepsirrhini
  3. Tree of Life