Нилски крокодил

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Нилски крокодил
Заштитен статус
Научна класификација
Царство: Животни
Колено: Хордати
Класа: Рептили
Ред: Crocodylia
Фамилија: Crocodylidae
Род: Crocodylus
Вид: C. niloticus
Биномен назив
Crocodylus niloticus
(Laurenti, 1768)
Распространетост на нилскиот крокодил

Нилскиот крокодил (Crocodylus niloticus) е рептил од фамилијата Crocodylidae, кој ги населува повеќето региони во Африка (со исклучок на Северна Африка, Сејшели и Комори островите).

Просечната должина на ворасна индивидуа изнесува 4 метри, но забележани се и индивидуи кои надминуваат 7 метри како крокодилот од Бурунди наречен Густав.

Распространетост и живеалиште[уреди]

Во антиката, нилските крокодили ја населувале делтата на реката Нил. Херодот запишал дека го населувале и езерото Моерис. Се смета дека изумреле во пределот на Сејшелите во почетокот на 19тиот век. Според пронајдените фосилни остатоци се знае дека го населувале и езерото Едвард. Нилискиот крокодил денес е распространет од реката Сенегал, езерото Чад и Судан до делтата на Окаванго. На Мадагаскар ги среќаваме во западните и јужните делови на островот. Повремено, овие животни се забележани и во Занзибар и на Комори [1].

Во западна Африка, нилскиот крокодил најчесто се сретнува во крајбрежните лагуни, делтите и во реките кои граничат со екваторијалниот шумски појас. Во источна Африка живеат во реки, езера, мочуришта и брани. Се случува понекогаш и да навлезат во океанот, па еден примерок во 1917та година бил забележан на 11 км од брегот на Санта Луција [1].

Карактеристики[уреди]

Нилскиот крокодил има темно бронзена боја на грбот со црни точки, додека стомакот му е со темно жолта боја. Страните кои се со жолто-зелена нијанса имаат темни дамки кои се протегаат како коси пруги. Постои и варијација на бојата на кожата во зависност од живеалиштето. Така, крокодилите што живеат во реки со брз тек се со посветла боја на кожата од крокодилите кои престојуваат во езера или мочуришта. Овие крокодили имаат очи со зелена боја[1], кои се заштитени со трепкачка ципа. Поседуваат и жлезди кои лачат солзи и го чистат окото.

Како и останатите крокодили и овие поседуваат четири кратки расчекорени нозе, долга опашка и моќни вилици. Кожата им е крекриена со крлушки и редови од коскени израстоци кои се протегаат во долж на нивниот грб и опашка.

Ноздрите, очите и ушите се наоѓаат на врвот на главата, што им овозможува додека го држат целото тело под вода, истовремено да слушаат и да ја гледаат околината. Младите крокодили имаат сива или кафеава боја со потемни пруги на телото и опашката. Како растат тие добиваат се потемна боја, а пругите, поготово оние на телото, исчезнуваат.

Овие крокодили најчесто лазат на стомак, но исто така можат и да одат со телото издигнато од земјата. Помалите индивидуи можат и да галопираат, а некои од поголемите крокодили можат да достигнат брзина и до 12-14 km/h. Овие животни се одлични пливачи, и пливаат со тоа што го мрдаат телото и опашката на синусоиден начин. Можат да пливаат подолго и со брзина од 30-35 km/h.

Нилскиот крокодил поседува срце со 4 комори, кое е доста ефикасно во оксидирање на крвта. Најчесто нуркаат само неколку минути, но доколку се во опасност можат да останат под вода и до 30 минути, а доколку не се движат можат да го задржат здивот и до 2 часа.

Силата на загризот на возрасен нилски крокодили измерена од страна на доктор Брејди Бар (Brady Barr) изнесува 22 kN. Сепак мускулите кои служат за отварање на вилицата се доста слаби, што му овозможува на човекот да ја држи затворена устата на крокодилот употребувајќи малку сила[2]. Овие животи поседуваат помеѓу 64 и 68 заби. Младите крокодили поседуваат специфичен тврд кожен израсток на врвот на устата кој служи за кршење на лушпата на јајцето при нивното изведување, и кој брзо го снемува.

Големина[уреди]

Споредување на големината на Нилскиот крокодил Crocodylus niloticus (просечен и најголемата регистрирана индивидуа) со човек.

Нилскиот крокодил е најголемото крокодиловидно животно во Африка и се смета за втор најголем крокодил после морскиот крокодил. Најчесто достигнуваат должина од 3,7 до 5 метри, но регистрирани се индивидуи и од 6 метри[3]. Просечен мажјак тежи околу 545 килограми[4], но во ретки случаи достигнуваат и до 909 килограми[5]. Најголемиот мажјак нилски крокодил бил убиен во Танзанија и бил дол долг 6,45 метри и тежел околу 1090 килограми[6]. Како и останатите крокодиловидни животни, и кај нилскиот крокодил постои полов диморфизам, така што мажјаците се за околу 30% поголеми од женките. Возрасните женки достигнуваат должина од 4 метри и тежат околу 300 килограми.

Постојат пријави за крокодили кои биле долги 7 метри, меѓутоа поради честото преценување на големината, постојат големи сомневања во веродостојноста на овие изјави. Најголемиот жив примерок се чини дека е човекојадниот нилски крокодил од Бурунди со име Густав, за кој се верува дека е долг 6 метри. Вакви џинови се ретки денес, но биле многу чести во минатото кога имало многу поголеми популации на крокодили, многу повеќе природно живеалиште и пред претераниот лов во 1940тите и 1950тите години.

Постојат одредени докази кои укажуваат на тоа дека нилските крокодили кои живеат на поладна клима, како во јужните делови на Африка, се помали и достигаат должина од само 4 метри. Постојат и џуџести нилски крокодили во Мали и во пустината Сахара кои растат само 2 до 3 метри во должина. Се претпоставува дека нивната големина се должи на лошите услови за живот а не на генетските предиспозиции.

Исхрана[уреди]

Нилскиот крокодил е опортунистички суперпредатор кој го напаѓа било кое животно. Младите крокодили се доста мали, па затоа на почетокот се хранат со мал плен како инсекти и мали без’рбетници, а потоа брзо напредуваат кон водоземци, рептили и птици. Иако се суперпредатори, дури и на возрасните крокодили главна храна им претставуваат рибите и други мали рбетници. Сепак возрасните индивидуи преферираат поголем плен со цел да заштедат енергија. Нилските крокодили не пребираат многу во однос на исхраната, па напаѓаат скоро било кое животно кое доаѓа да пие вода на работ од реката[7]. Најчест плен од цицачите се зебра, дива свиња, антилопа, коза, овца, гну и домашно говедо. Поголеми хербивори како жирафа или бафало се исто така плен повремено[1]. Предатори како хиените, леопардите и други крокодили, вклучувајќи и индивидуи од истиот вид, се исто така регистрирани пленови на нилскиот крокодил. За крај, постои најмалку еден запис за група крокодили кои убиваат женка од Црн носорог во реката Тана во Кенија [1].

Возрасните нилски крокодили ги употребуваат телото и опашката за да ги насочат јатата риби кон плитак и потоа ги јадат со нагло завртување на главата. Крокодилите знаат и да соработуваат, односно тие се групираат и формираат полукруг во реката со што ги блокираат рибите кои мигрираат. Доминантниот мажјак секогаш јаде прв.

Пловер ги чисти забите на Нислки крокодил

Способноста да лежат скриени во вода, комбинирано со големата брзина на кратки дистанци, ги прави овие животни ефикасни опортунистички ловци на голем плен. Тие го зграбуваат пленот со моќните вилици, го одвлекуваат во вода и го држат под вода сè додека не се удави. Групи на крокодили можат да патуваат стотици метри во должина на реката за да се хранат со мрша.

Кога пленот е мртов тие го јадат со откинување на парчиња месо. Кога група на крокодили го дели убиениот плен, ја користат силата на загриз и на другите крокодили за да откинуваат поголеми парчиња месо. Тие загризуваат и потоа го превртуваат целото тело. Ова движење се нарекува и „смртоносно превртување“. Доколку крокодилот е сам, како поддршка може да користи и гранки или камења на кои го прикачуваат пленот.

Нилските крокодили се познати и по симбиотската врска со некои птици, како пловерот. Според одредени записи, крокодилот широко ја отвора устата, птицата влегува и ги чисти забите од малите парченца месо кои се заглавени меѓи нив. Ова сѐ уште е тешко да се докаже, и најверојатно не претставува вистинска симбиотска врска.

Размножување[уреди]

Група на нилски крокодили

Мажјаците достигнуваат сексуална зрелост кога се долги околу 3 метри, додека женките кога се долги 2-2,5 метри. И на двата пола, за да ги достигнат овие должини им се потребни околу 10 години во нормални услови.

За време на сезоната за парење, мажјаците ги привлекуваат женките со рикање, плескање по водата со муцката, исфрлање вода низ носот како и испуштање на многу други звуци, кои сепак се многу помалку вокални од американсиот алигатор [1]. Според набљудувањата поголемите мажјаци се доста поуспешни во привлекување на женките. Женките ги несат јајцата околу 2 месеци после парењето.

Градењето гнездо се одвива во ноември или декември, односно за време на сувиот период во Северна Африка, и за време на дождовниот период во Јужна Африка. Најчесто гнездата ги градат на песочни брегови и пресушени речни текови. Женката копа дупка длабока 50тина сантиметри оддалечена неколку метри од брегот, во која положува од 25 до 80 јајца. Бројот на јајцата се разликува во различни популации, но во просек изнесува 50 јајца. Се случува повеќе женки да ги изградат гнездата многу блиску едни до други.

За разлика од останатите крокодили, кои гнездата ги прават од растенија, женката од нилски крокодил јајцата ги закопува во песок[1]. Откако ќе ги закопа, идната мајка го чува гнездото за време на целиот период на инкубација кој трае 3 месеци. Идниот татко исто така останува во близина на гнездото, и заедно со мајката постојано напаѓаат доколку некој се доближи до јајцата. И покрај постојаната грижа на двајцата родители, гнездата многу често се уништувани од луѓето, гуштерите или некои други животни, за време кога мајката е на кратко отсутна.

Пред да излезат од јајцата, младите крокодили испуштаат пискави звуци кои се сигнал за мајката да го откопа гнездото. И мајката и таткото ги земаат јајцата во устата и ги тркалаат помеѓу јазикот и горниот дел од устата со што помагаат во кршењето на лушпата и излегувањето на младите. Кога ќе излезат од јајцата, мајката ги носи младите до водата.

Јајца од нилски крокодил

Одредувањето на полот на младите крокодили е зависен од температурата, што значи дека полот не е одреден генетски, туку во зависност од просечната температура за време на втората третина од периодот на инкубација. Ако температурата во гнездото е пониска од 31,7 °C или повисока од 34.5 °C, младите ќе бидат женски. Ако температурата е во рамките на овие степени, младите крокодили ќе бидат машки.

Младите крокодили се долги околи 30 сантиметри, и одприлика ја растат истата должина секоја година. Мајката се грижи за младите во следните две години, а доколку има повеќе гнезда во околината мајките формираат колонија каде сите заедно се грижат за своите и за младенчињата на другите женки. За ова време, мајката ги заштитува младите носејќи ги во својата уста или на нејзиниот грб.Младите крокодили не можат сами да се исхрануваат,и затоа ги храни нивната мајка.Додека не направат 2 години тие се сеуште мали за да се бранат и затоа не се одделуваат од својата мајка.Ако некое од малите крокодили умре не мајката го јаде.Кон крајот на втората година, младите крокодили веќе достигнуваат должина од 1,2 метри и го напуштаат регионот, но истовремено и ги избегнуваат териториите на поголемите и поворасните крокодили.

Должината на животниот век на крокодилите не е доволно познат, но се смета дека поголемите крокодили како Нилскиот живеат доста долго. Се претпоставува дека просечниот животен век изнесува помеѓу 70 и 100 години.

Заштитен статус[уреди]

Photo 089.jpg

Од 1940тите до 1960тите, нилскиот крокодил е ловен најмногу поради неговата високо-квалитетна кожа, но исто така и поради неговото месо. Популацијата била драстично намалена, и видот се соочувал со изумирање. Националните закони и регулативите за тргување со крокодилска кожа, го спречиле ова изумирање и видот не е повеќе загрозен. Програмите за заштита на овие крокодили се всушност вештечки околини каде крокодилите живеат на сигурно и каде не се загрозени од ловци.

Се проценува дека има помеѓу 250 000 и 500 000 индивидуи во дивината. Нилскиот крокодил е доста распространет, со стабилни регистрирани популации во многу земји во источна Африка вклучувајќи ги Сомалија, Етиопија, Кенија и Замбија. Поради постојаната побарувачка на крокодилска кожа, постојат и фарми на крокодили. Во 1993 година, произведени се 80 000 крокодилски кожи, од кои повеќето се од крокодилските фарми во Зимбабве и Јужна Африка.

Ситуацијата е многу посериозна во централна и западна Африка, што сочинува околу две третини од живеалиштето на нилскиот крокодил. Крокодилските популации во овој регион се доста поретки и недоволно проучувани. Се смета дека природните популации се поретки поради лошите услови и компетицијата со африканскиот крокодил и џуџестиот крокодил. Дополнителни фактори се загубата на мочуриштата кои се природни живеалишта на овие животни како и ловењето во 1970тите години. Потребни се дополнителни програми за заштита за да се решат овие проблеми.

Нилскиот крокодил е суперпредатор во неговата околина, и е одговорен за регулирање на популациите на одредени видови на риби. Нилскиот крокодил се храни и со мртви животни кои доколку не се изедени можат да ја загадат водата. Најголемата опасност за нилскиот крокодил е човекот. Со заштитата ловокрадствотото веќе не претставува проблем, но затоа опасноста доаѓа од загадувањето на околината и сличајните заплеткувања во рибарските мрежи.

Како оправдување за ловот на овие крокодили се наведува опасноста за луѓето и е познат како голем човекојадец. За разлика од останатите човекојадни крокодили како морскиот крокодил, нилскиот живее во региони во близина на човечки популации, па затоа контактот со луѓе е многу почест. Иако нема сигурни бројки, се смета дека нилскиот крокодил убива неклоку стотици луѓе годишно, што е повеќе од сите други крокодили заедно[8]. Некои проценуваат дека бројката на годишни жртви надминува и илјада[9].

Заштитниот статус на Нилскиот крокодил од Црвената листа на IUCN од 1996 година спаѓа во видови со најмала загриженост од изумирање. Според листата на CITES овој крокодил спаѓа во Апендикс I (загрозен вид) во повеќето региони каде што е распространет, и во Апендикс II (незагрозен, но трговијата мора да биде контролирана).

Митови[уреди]

статуа на нилски крокодил од стар египет

Луѓето од Стар Египет го обожувале Собек, крокодил-бог кој бил повржуван со плодноста, заштитата и моќта на фараонот. Собек бил насликуван како крокодил, како мумуфициран крокодил или како човек со глава од крокодил. Центар на неговото обожување било Средното Кралство, градот Арсиное, кај грцитe познат како Крокодополис.

Според Херодот, во 5тиот век п.н.е., некои еѓипјани чувале крокодили како домашни миленичиња. Во храмот на Собек кој се наоѓал во Арсиное, еден крокодил бил чуван во безенот во храмот, каде бил хранет, прекриван со накит и обожуван. Кога крокодилот умирал тој бил балсамиран, мумифициран, ставан во саркофаг и потоа закопуван во света гробница. Многу мумифицирани крокодили па дури и крокодилски јајца се пронајдени во египетските гробници.

Во Стар Египет биле употребувани магии за да се смират крокодилите, па дури и во денешно време, нубијските рибари закачуваат крокодили над праговите за да ги заштитат од зло.

Етимологија[уреди]

Биномното име Crocodylus niloticus е добиено од грчкиот збор kroko („камен“), deilos („црв“ или „човек“), што се однесува на неговата специфична кожа, и niloticus, што значи „од реката Нил“.

Наводи[уреди]

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 1,5 1,6 Guggisberg, C.A.W. (1972). „Crocodiles: Their Natural History, Folklore, and Conservation“. стр. 195. ISBN 0715352725. 
  2. National Geographic documentary; "Bite Force", Brady Barr.
  3. Somma, Louis A. (19 јуни, 2002). Crocodylus niloticus Laurenti, 1768. USGS Nonindigenous Aquatic Species Database. Retrieved 14 јули,, 2006 from the USGS.
  4. Nile Crocodile. (n.d.). Retrieved 16 декември, 2004 from SeaWorld/Busch Gardens, Animal Bytes
  5. <http://www.reptileworldzoo.com/gators.htm>
  6. Wood, The Guinness Book of Animal Facts and Feats. Sterling Pub Co Inc (1983), ISBN 978-0-85112-235-9
  7. Nile Crocodile: Photos, Video, E-card, Map - National Geographic Kids
  8. Crocodile Attack in Australia: An Analysis of Its Incidence and Review of the Pathology and Management of Crocodilian Attacks in General
  9. Wood, The Guinness Book of Animal Facts and Feats. Sterling Pub Co Inc (1983), ISBN 978-0-85112-235-9

Надворешни врски[уреди]