Црква „Св. Атанасиј“ - Журче

Координати: 41°18′49″N 21°08′48″E / 41.31361° СГШ; 21.14667° ИГД / 41.31361; 21.14667
Од Википедија — слободната енциклопедија
Свети Атанасиј

Поглед кон манастирската црква

македонска православна црква
Епархија Крушевско-демирхисарска
Парохија Слепчанска
Местоположба

Карта

Координати 41°18′49″N 21°08′48″E / 41.31361° СГШ; 21.14667° ИГД / 41.31361; 21.14667
Место Журче
Општина Демир Хисар
Држава Македонија
Општи податоци
Покровител Свети Атанасиј Велики
Изградба 1617 (тремот во 1622)
Живопис мај-август 1617 (тремот во 1622)
Ктитор Петко Велов
Архитектонски опис

Свети Атанасиј (наречена и Свети Атанасиј Александриски) — главна и единствена манастирска црква во рамки на Журчевскиот манастир во близина на селото Журче. Изградена е и живописана во 1617 година во време на игуменот и јеромонах Јосиф, а во 1622 година кон западната страна бил дограден и живописан трем. Ктитор на црквата бил Петко Велков од Битола.

Освен по отворениот трем во нејзиниот преден дел, црквата е позната по богатиот фрескоживопис. Во неа се насликани Богородица со Исус Христос, бројни светци, празници, а во тремот се среќаваат и илустрации на месеците од календарот. Карактеристично за фрескоживописаните ликови е тоа што некои од нив се прикажани во медалјони. Во црквата се сочувани и позлатени царски двери, кои се изработени од плитка резба со стилизирани мотиви.

Историја[уреди | уреди извор]

Првата манастирска црква била подигната во 1122 година, што се споменува во генеалошкиот труд „Журче - деветстотони години словенска населба“ од Борис Дамевски, а било потврдено во 1935 година кога манастирскиот старешина во Белград вадел тапија за шумата што му припаѓала на манастирот.[1]

Основни податоци за историјата на манастирската црква се дознаваат и од двата сочувани натписа. Првиот е испишан над влезната врата и од него се дознава дека денешната црква била подигната во 1617 година во време на игуменот и јеромонах Јосиф, а како ктитор се споменува Петко Велов од Битола. Од натписот се дознава и дека зографисувањето на црквата започнало во мај и завршило во август 1617 година. Вториот натпис е мошне опширен и испишан во отворениот трем околу калотата. Од него се дознава дека тремот е обновен и зографисан во 1622 година, благодарение на залагањето на игуменот и јеромонах Венетик, како и на православните христијани.[2]

Архитектура[уреди | уреди извор]

Детаљ од покривот

Црквата претставува еднокорабна градба со правоаголна основа, со петоаголна апсида во нејзиниот заден дел свртен кон исток. Градбата е полуобличесто засводена и единствениот влез се наоѓа од предната страна свртена кон запад. Непосредно по нејзината изградба, на предната страна бил дограден трем со квадратна основа, засводен со слепа калота поставена на четири дрвени столбови. Дрвените столбови меѓусебно се поврзани со полукружни лакови, а преминот од квадратната во кружна основа на калотата е изведен со помош на пандантиви.[3] Вака доградениот трем е единствен во демирхисарскиот крај, а исто така го прави храмот реткост и пошироко.[4]

Градбата на црквата и тремот се градени од кршен камен и варов малтер, а фасадите се рамни и не се украсени. Храмот и припратата се покриени со кров на две нивоа покриен со ќерамиди. Подот во наосот е изработен од набиена глина, додека подот на тремот е поплочен со камени плочи. Околу тремот е изведен низок парапет на кој најверојатно стоела колонада од дрвени столбови што го држеле косиот покрив на тремот. Во југоисточниот агол на овој простор се издига камбанаријата.[3] Камбанаријата е со квадратна основа и се состои од четири дрвени столбови, меѓу кои се наоѓа ѕвоното и над кои има пирамидален кров со ќерамиди.

Внатрешниот простор е засводен со полуобличест свод, кој лежи на три пара лакови, придржувани од пиластри, кои просторот го делат на три дорати. Олтарскиот простор е тесен и од наосот е одделен со дрвен иконостас кој е од поново време. Главната апсида е нагласена, додека улогата на олтарски простор и ѓаконик ја вршат две плитки ниши кои се наоѓаат лево и десно од главната апсида, втопени во масивниот источен ѕид.[3]

Во црквата се наоѓа икона на Атанасиј Велики изработена во 1802 година. Познато е дека иконата трипати била враќана во црквата. Во минатото се вели дека во манастирот се наоѓала и раката на Атанасиј Велики.[5]

Во внатрешноста на црквата се сочувани и позлатени царски двери, кои се изработени од плитка резба со стилизирани мотиви.[2]

Фрескоживопис[уреди | уреди извор]

Сета внатрешност на црквата (наосот и олтарниот простор) првобитно била живописана, но денес може да се забележат големи оштетувања во некои делови. Освен тоа, живописан е и тремот којшто бил дограден кон црквата од западната страна.

Олтар[уреди | уреди извор]

Меѓу сочуваните фрески во олтарниот простор се онаа на Богородица насликана во конхата на апсидата, каде што е прикажана во цел раст заедно со Исус Христос претставен во медалјон пред неа. Лево и десно од фреската на Богородица се насликани архангелите Михаил и Гаврил прикажани во царска облека. Сочувана е и фреската во нишата на проскомодијата, на којашто е живописано Христовото тело во гроб. Останатите фрески и делови во олтарот се уништени. Во ниските делови од олтарниот простор исто така е живописана композицијата „Света Троица - три ангели седат на трпеза во домот на Аврам и Сара кои ги послужуваат“.[2]

Наос[уреди | уреди извор]

Фреска на Свети Ѓорѓи Кратовски

Во наосот на црквата се насликани фрески со различни содржини, коишто може да се поделат во прва (ниска) зона и втора (висока) зона.

Во првата зона од олтарната преграда на јужниот ѕид е насликан Свети Макариј Велики, а до него на југозападната страна од југоисточниот пиластер е прикажан Свети Никола. Светите воини Ѓорѓи и Димитриј се претставени во средишниот дел од наосот на јужниот ѕид, при што се облечени во велмошки одежди, украсени капи на главите и жезол во рацете. Вакви примери се среќаваат и во Трескавец, во Св. Димитриј во Жван, во Слимничкиот манастир, како и на други места. Во полукружниот простор над овие фрески е прикажан Исус Христос Емануил, а во медалјони на лакот се претставени народните лекари: Свети Пантелејмон, Свети Кузман и Свети Дамјан, на јужниот ѕид во продолжение се Свети Нестор со крст во десната рака, Свети Атанасиј со евангелие во левата рака, Свети Алексеј Човек Божји, Свети Теодор Тирон и Свети Теодор Стратилат облечен во болјарска облека како Свети Ѓорѓи и Свети Димитар. На лакот, пак, од западниот дорат се живописани маченичките Света Катерина и Света Анастасија. На западниот ѕид јужно од влезот е прикажан Свети Архангел Михаил како чувар на црковните врати. Тој е претставен со раширени крилја и меч во десната рака. Непосредно до него е прикажан воинот Свети Прокопиј со крст во левата рака. На истиот ѕид северно од влезот се насликани царот Константин и царицата Елена со голем крст меѓу нив. По нив, во овој дел е прикажан и Свети Илија. На северниот ѕид од оваа зона се претставени: Свети Агапиј, Свети Австатиј, Свети Теопист и евангелистот Лука насликан над северозападниот пиластер. Во медалјони се прикажани: Свети Профириј, Свети Диомит, Свети Никифор и Света Евкокија. Над североисточниот пиластер, пак, е прикажан евангелистот Матеј.[2]

Просторот на втората (висока) зона на црквата е исполнет со фрески кои ги отсликуваат големите празници. Така, во олтарот на источниот ѕид е претставено Благовештението и нешто погоре Вознесението Христово, а во овој дел е прикажано и Христовото рождество. На јужниот ѕид продолжуваат композициите посветени на празниците, и тоа: Сретение, Крштевањето на Исус Христос во реката Јордан (Богојавление), Лазарево воскресение и Влегување во Ерусалим (Цветници); на северниот ѕид се претставени празниците: Распетие Христово, Слегување во пеколот (Воскресение Христово) и Слегување на светиот дух над апостолите (Педесетница); додека на западниот ѕид е насликана композицијата посветена на Успение на Богородица, а над неа е прикажана композицијата Преображение Христово. Во делот над големите празници се живописани 36 допојасни фигури на светци-пророци и праведници прикажани во медалјони, по 18 на левата и десната страна. Темето од сводот во наосот на црквата содржи допојасна фигура на Искус Христос Пантократор, додека на краевите се претставени симболите на евангелистите, и тоа: ангел (Матеј), лав (Марко), бик (Лука) и орел (Јован).[2]

Трем[уреди | уреди извор]

Фрескоживописот во отворениот трем е добро сочуван. Во калотата на засводениот дел е насликана Богородица во став на Оранта, пред којашто е прикажан Исус Христос во медалјон како Христос Емануил кој со двете раце е со став на благослов. Околу фреската на Богородица се живописани ангели-херувими и по три ангела со копја во рацете. Во последниот круг се насликани хорови на светители поделени во две групи: апостоли, архијереи, ѓакони, маченици, пророци, маченички, монаси и праведници. Притоа, четирите евангелисти се насликани во пандантивите. На лакот меѓу југоисточниот и југозападниот столб во цел раст се прикажани Свети Сава и Свети Симеон, а во темето на сводот и допојасниот лик на Исус Христос се претставени пророците Езекил, Гедеон и Исаија. Важни место имаат заземаат и македонските пустиножители насликани во цел раст: Свети Јоаким Сарандополски, Свети Прохор Пчињски, Свети Гаврил Лесновски и Свети Јован Рилски. Во темето на лакот, во медалјони се претставени: Свети Рафаил, како и пророците Данил и Мојсеј.[2]

Во тремот исто така се насликани месеците од календарот, што претставува реткост во црквите и манастирите во Македонија. Така, под ликот на Свети Јован Рилски се илустрирани месеците јануари и декември; под ликот на Свети Гаврил Лесновски се месеците февруари и август; под ликот на евангелистот Матеј се илустрирани март и април; а под ликот на евангелистот Марко месец октомври. Илустрациите всушност ги прикажуваат дејностите коишто се карактеристични за овие месеци.[2]

Меѓу живописите во тремот може да се забележат и мечки, кои во минатото живееле во околината на манастирот.[5]

Галерија[уреди | уреди извор]

Фрескоживописот во тремот

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Манастир Св. Атанасиј Александриски кај Журче Архивирано на 11 август 2016 г., официјално мрежно место на Општина Демир Хисар.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 2,5 2,6 Ќорнаков, Димитар (2009). Македонски манастири. Скопје: Матица македонска. стр. 224–230. ISBN 9989-48-558-5.
  3. 3,0 3,1 3,2 Наве, Сашка (април 2013). Цркви со продолжни лакови од XV и XVIII век. Скопје: Архитектонски факултет - Скопје. стр. 9–10.
  4. Николиќ-Новаковиќ, Јасминка (2003). Живописот во црквата св. Атанасиј Александриски во Журче. Скопје. стр. 25.
  5. 5,0 5,1 Според кажување на моханика во манастирот. Забележале Марио Шаревски, Тони Ристовски, Кирил Симеоновски, Ѕвонко Петровски на 05.06.2016.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]