Сретение Господово

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Сретение Господово
Сретение Господово
Италијанска икона. На иконата се гледа старецот Симеон кој во рацете го зема малиот Исус, а се гледаат и Богородица, пророчицата Ана и свештеникот Захариј како и двата гулаба што Богородица ги принесла како жртва.
Го празнува(ат)Христијанските и нехристијански земји
Видхристијански
ЗначењеСредбата меѓу побожниот старец и Спасителот на светот
Датум2/15 февруари
Обичаилитургии, ритуали

Сретение Господово — еден од 12. големи црковни празници, кој е со постојан датум и се паѓа секогаш на 40. ден после Божиќ. Реалниот настан врз кој се темели овој празник е расказот за Симеон, кој по неговата средба со Бога бил наречен Богопримец. На овој старец преку ангел му било кажано дека нема да умре дури не го види ветениот Помазаник, Месијата. На неговото чекање доаѓа крај 40 дена по раѓањето на Исус Христос. Според Мојсеевиот закон, во тој ден секое првородено машко дете се носело во Ерусалимскиот храм. На тој ден, во храмот, се случила средбата на свети Симеон и Богочовекот Исус Христос, и тоа е првата средба лице в лице на човекот со Бога. Длабоката смисла на овој празник се состои токму во таа оттогаш отворена можност за општење со наднебесниот Бог лице в лице.

Историја[уреди | уреди извор]

Според еврејските закони жената што родила машко дете се сметала нечиста 40 дена по породувањето, а таа што родила женско 80 дена. Потоа морала да појде во храмот и да даде јагне за откуп на гревовите. Сиромасите наместо јагне давале две грлици или два гулаби. Според овие обичаи и Богородица на 40-тиот ден по раѓањето го однесла Исуса во црквата за да го посвети на Бога, а самата да се очисти. Во тоа време во црквата служел праведниот свештеник Захариј, таткото на св. Јован Крстител. Тој ја ставил Богородица на местото за девојките, а не за жените. Во тоа време таму затекнала еден побожен старец по име Симеон кому претходно светиот дух му беше претскажал дека нема да умре сè додека не го види Спасителот. Светото предание раскажува дека тој е еден од 70-те преведувачи на Стариот завет од Светото писмо и дека ја преведувал Книгата на Исаија. Кога стигнал до 14 стих од 7 глава на оваа книга прочитал: „Затоа самиот Господ ќе ви даде доказ: ете девица ќе зачне и ќе роди син и ќе му го дадат името Емануал...[1] Помислил дека се работи за грешка и се обидел да го исправи зборот Д е в и ц а но ангел Господов му ја фатил раката зборувајќи му: „Напишаното е точно, затоа ништо не поправај! Ти нема да умреш додека со свои очи не го видиш исполнувањето на тие зборови“.

Тој ден Светиот Дух посебно му соопштил на Симеон дека токму тогаш ќе го види Спасителот. Кога Богородица со Исуса пристигнала во храмот старецот Симеон возбуден го подигнал малиот Исус и му благодарил на Бога велејќи: „Сега го отпушташ својот слуга со мир, Владико, според зборовите Твои; зашто очите мои го видоа спасението Твое; што си го приготвил пред лицето на сите народи: светлина за просвета на незнабошците и слава на Твојот народ, Израилот“. Потоа Симеон ѝ ги претскажал на Богородица страдањата на нејзиниот син, што ќе бидат причина и за нејзините страдања. „А на тебе самата меч ќе ти ја прободе душата, за да се откријат мислите на многу срца“. [2] Во тоа време во храмот влегла и пророчицата Ана, побожна старица на осумдесет и четири години која знаела за раѓањето на Спасителот. „Во тој час пристапи и таа и почна да го слави Господа и им прикажуваше за него на сите што чекаа спасение на Ерусалим“. [3]

Фарисеите присутни во храмот се налутиле на Захариј што Дева Марија ја ставил на местото на девојките и за тоа го известиле царот Ирод кој се посомневал дека новороденото е Спасителот за кој му зборувале мудреците од Исток поради што веднаш испратил луѓе да го убијат. Но ангелот претходно му соопштил за опасноста на светото семејство и тоа веќе било на пат кон Мисир (Египет), подалеку од дофатот на злогласниот цар Ирод. Во спомен на оваа средба на Исус и Богородица со праведниот старец Симеон и пророчицата Ана во црквата, востановен е празникот Сретение Господово, што секоја година се празнува на 15 /2 февруари. Овој празник се празнувал од самиот почеток, но посвечено празнување е востановено особено од 544 година за време на царот Јустинијан.


Меѓу народот се вели дека Сретение е празник кога се сретнуваат зимата и пролетта и дека по овој празник не може да има такви студови како пред него.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. “ (Исаија 7/14)
  2. (Лука, 2/29-32)
  3. (Лука 2/38)

Надворешни врски[уреди | уреди извор]