Прејди на содржината

Урарту

Од Википедија — слободната енциклопедија
Урарту
860 г.п.н.е–590 г.п.н.е
Урарту за време на Сардури II, 743 г.п.н.е.
Урарту за време на Сардури II, 743 г.п.н.е.
Главен град
  • Сугунија
  • Арзашкун
  • Тушпа (по 832 година п.н.е.)
Говорени јазици
Вероисповед
Урартско многубоштво[3]
УредувањеМонархија
Историски периодЖелезно време
• Основана
860 г.п.н.е
• Медијско освојување (или ахамединско освојување во 547[4])
590 г.п.н.е

Урарту (асирски : māt Urarṭu,[5] вавилонски: Urashtu, хебрејски: אֲרָרָט (Арарат)) ― кралство од железното време со центар околу езерото Ван во Ерменските Висорамнини. Кралството се протегало од горниот дел на реката Еуфрат до западниот брег на езерото Урмија и од планините во северен Ирак до планината Мал Кавказ.[6] Кралството се појавило кон средината на 9 век п.н.е., а процут имало во 8 и 7 век п.н.е.[6] Урарту често војувал со Асирија и одредено време била најмоќната држава на Блискиот Исток.[6] Поради постојаните војни, државата ослабнала и на почетокот од 6 век п.н.е била освоена од иранските Мидијци.[7] Во археологијата кралството е познато по неговите големи тврдини и софистицираните изработки од метал.[6] Кралевите зад себе оставиле натписи со клинесто писмо на урартиски јазик, дел од семејството на хуро-урартиски јазици.[6] Откако бил откриен во 19 век, Урарту, во кој обично се смета дека барем делумно се говорел ерменски јазик,[2] [8] [9] [10] [11] одиграл значајна улога во ерменскиот национализам.[12]

Име и етимологија

[уреди | уреди извор]

За географскиот регион и за државата која постоела таму се користат различни имиња:

  • Урарту/Арарат: Името Урарту (ерменски: Ուրարտու; асирски: māt Urarṭu; вавилонски: Urashtu; хебрејски: אֲרָרָט Ararat) доаѓа од асирски извори. Асирскиот крал Шалмансар I (1263 – 1234 п.н.е.) ја опишува неговата кампања во која ја зазел целата територија на Уруатри. Во текстот на Шалманесер, името Урарту не се однесува на кралство, туку на географската област во која се опишани осум различни кралства (во времето на походот, Урарту сè уште не била обединета држава). Урарту е сроден со библискиот Арарат, акадскиот Урашту и ерменскиот Ајрарат. Покрај тоа што се однесува на познатите библиски висорамнини, Арарат во Еремија 51:27 се споменува и како име на кралство, наведено заедно со заедно со Манеја и Ашкеназ. Планината Арарат се наоѓа на приближно 120 километри северно од поранешниот главен град на кралството.[13]
  • Биаинили/Биаини : Урартските кралеви, почнувајќи од заедничкото владеење на Ишпиуни и неговиот син, Менуа, своето кралство го нарекувале Бјаинили , или „оние од земјата Биа“. Кој или што бил „Биа“ останува нејасно.
  • Кралство Ван (Վանի թագավորութիւն): Се верува дека урартскиот топоним Биаинели (or Biaineli), кој можно е да се изговарал како Ванеле (или Ванили), на староерменски станал Ван (Վան). Имињата „Кралство Ван“ и „Ванско Кралство“ според оваа теорија се однесувале на Урарту, а ова тврдење го поткрепува и фактот дека главниот град на Урарту, Тушпа, се наоѓал во близина на градот Ван и истоименото езеро.
  • Наири: Борис Пјотровски напишал дека Урартијците се појавуваат во историјата во 13 век п.н.е. како лига на племиња или земји кои сè уште не сочинуваат унитарна држава. Во асирските анали, името на овој племенски сојуз Уруатри (Урарту) во долг временски период бил заменет со терминот „земја на Наири.
  • Халдини: Карл Фердинанд Фридрих Леман-Хаупт (1910) верувал дека луѓето од Урарту себе си се нарекувале Халдини по богот Халди. Оваа теорија е отфрлена од денешните научници.
  • Шурили: Лингвистите Џон Грепин и Игор М. Диаконоф тврделе дека Урартијците себеси се викале Шуреле (понекогаш транслитерирани како Шурили или Шурили, веројатно изговорени како Сурили), а тоа име се споменува во кралските титули на кралевите од Урарту.[14]
  • Ерменија: Кон крајот на 6-ти и почетокот на 5-ти век п.н.е., со појавата на Ерменија во регионот, во тријазичниот Бехистунски натпис, Урарту се користел како синоним за Ерменија (староперсиски Armina).[15] Името Арарат е преведено како Ерменија во 1 век од нашата ера во историографските дела и многу раните латински преводи на Библијата,[16] како и во Книгите за кралевите[17] и Исаија во Септуагинта.

Историја

[уреди | уреди извор]
Урарту за време на владеењето на Арама, 860–840 п.н.е

Асирскиот крал Шалманесер I (околу 1274 г п.н.е.) во своите записи пишува за освојувањето на Уруатри која била лабава конфедерација на мали кралства и племенски држави на Ерменската Висорамнина. Уруартри се наоѓал во регионот околу езерото Ван. Наирските држави биле подложени на постојани напади од Средно и Нео-Асирското Царство.

Урарту повторно се појавил во натписи на асирски јазик во деветтиот век п.н.е. како моќен северен соперник на Новоасирското Царство. Кралот Арама (околу 860–843 г. п.н.е.) ги обединил наирските племенски сојузи и државички во едно обединето кралство. Престолнина на кралството, прво биле Сугунија, а потоа во Арзашкун.

Фрагмент од бронзен шлем од ерата на Аргишти I. Прикажано е „дрвото на животот“, популарно меѓу древните цивилизации. Шлемот е откриен за време на ископувањата на тврдината Тејшебаини на Кармир-Блур (Црвен рид).

Асирија во текот на првата половина на 9 век п.н.е. со децении била во период на привремена стагнација што му помогнало на Урарту да се издигне како моќна држава. За брзо време таа станала една од најголемите и најмоќните држави на Блискиот Исток.[18]

Сардури I (околу 832–820 г п.н.е.), син на Лутипри, основал нова династија и успешно се спротивставил на асирските напади од југ предводени од Шалманесер III. Тој ја консолидирал воената моќ на државата и престолнината ја преселил во Тушпа (денешен Ван, Турција, на брегот на Езерото Ван). Неговиот син Ишпуини (околу 820–800 г п.н.е.) ја анектирал соседната држава Мусасир, која станала важен религиозен центар на Урартското Кралство и го вовел култот кон Халди.[18]

Ишпуини бил прв урартски крал кој пишувал на урартски јазик (претходните кралеви оставиле записи напишани на акадски).[18] За поткрал го поставил својот син Сардури II. Откако го освоил Мусасир, Ишпуини бил нападнат од Шамши-Адад V. Неговиот наследник Менуа (околу 800–785 п.н.е.) исто така значително го проширил кралството и оставил пишани натписи. За време на заедничкото владеење на Ишпуини и Менуа, државата со која владееле од Наири почнале да ја нарекуваат Бјанили.[18]

Урарту врвот на својата воена моќ ја достигнал за време на владеењето на синот на Менуа, Аргишти I (околу 785–760 г. п.н.е.), и станало едно од најмоќните кралства на древниот Близок Исток. Аргишти I освоил територии покрај Аракс и Севан и ги одбил походите на Шалманесер IV против него. Аргишти исто така основал неколку нови градови, а најпознат меѓу нив е тврдината Еребуни во 782 година п.н.е. Во новиот град биле сместени 6600 Хетитски и Софенски воени заробеници.[19]

Ниша и основа на уништена урартска стела, цитадела Ван, 1973 година.

При својот врв, кралството Урарту на север се протегало до Арас и езерото Севан, и ја зафаќало тероторијата на денешна Ерменија и јужниот дел од денешна Грузија речиси до брегот на Црно Море; на запад до изворите на Еуфрат; на исток до денешен Табриз, езерото Урмија; а на југ до изворите на Тигар.

Асирскиот крал Тиглат-Пилесер III го поразил Сардури II од Урарту во првата година од неговото владеење (745 г. п.н.е.).

Слабеење и повторно јакнење

[уреди | уреди извор]

Во 714 г п.н.е., Урарту многу настрадал од кимериските напади и од походите на Саргон II. Бил ограбен главниот храм во Мусасир, а Саргон II кај езерото Урмија му нанесол тежок пораз на урартскиот крал Руса I. Потоа тој од срам се самоубил. [20]

Аргишти II (714–685 п.н.е.), син на Руса I, успеал да ги порази Кимерите, но неговата држава повеќе не била закана за Асирија. Во 705 г. п.н.е. со новиот крал на Асирија Сенахериб бил склучен мир. Склучениот мир придонел Урарту да започне еден долг период на развој и просперитет, кој продолжил и за време на владеењето на Руса II (685–645. п.н.е.).

Но, по Руса II, Урарту ослабнал поради постојаните напади на кимериските и скитските освојувачи. Како резултат на тоа, државата станала зависна од Асирија. За ова сведочи пишувањето на Сардури III (645–635 п.н.е.), син на Руса II, кој асирскиот крал Ашурбанипал го нарекува негов „татко“.[21] [22]

Урартски камен лак во близина на Ван, 1973 година.[се бара извор]</link>[ потребен е цитат ]

Според урартиската епиграфија, Сардури III го наследиле два крала - Руса III (исто така познат како Руса Ерименахи) (620–609. п.н.е.) и неговиот син Руса IV (609–590 или 585. п.н.е.). Има претпоставки дека Еримена, татко на Руса III, бил крал кој можеби владеел од 635 до 620 година. п.н.е., но малку се знае за него. Можно е Руса III да основал нова династија и неговиот татко Еримена да не бил крал.[23] [24]

Кон крајот на VII век п.н.е. (за време или по владеењето на Сардури III), Урарту бил нападнат од Скитите и нивните сојузници - Медијците. Во 612 година п.н.е., медискиот крал Кјаксар Велики заедно со Набополасар од Вавилон и Скитите ја освоиле Асирија. Медијците во 590 п.н.е. ја освоиле урартската престолнина Ван, со што практично Урарту престанал да постои како суверена држава. [25] [26] Сепак, некои историчари сметаат дека Урарту опстојал до средината на 6 век п.н.е. кога бил уништен од Кир Велики.[27]

Појавата на Ерменија

[уреди | уреди извор]
Урартски гробен комплекс, цитадела Ван, 1973 година.

Кралството Ван било уништено во 590 година п.н.е.[28] и на крајот од 6 век, на негово место бил основан сатрапот Ерменија.[29] За тоа што се случувало во регионот од падот на Кралството Ван и појавата на сатрапот Ерменија речиси не се знае ништо. Според историчарот Тураж Дарјаи, за време на ерменскиот бунт против персискиот крал Дариј I во 521 п.н.е., некои лични и топографски имиња кои се поврзуваат со Ерменија или Ерменците биле од урартиско потекло, од што може да се заклучи дека и по неговиот пад во Ерменија опстојувале урартски елементи.[30] Бехистунскиот натпис (околу 522 г. п.н.е.) Ерменија и Ерменците ги употребува како синоними на Урарту и Урартијци.[15] Топонимот Урарту не исчезнал, бидејќи се смета дека името на провинцијата Ајрарат во центарот на Кралството Ерменија е нејзин континуум.[31]

Урартска кралска гробница. Цитаделата Ван, 1973 година

Откритија

[уреди | уреди извор]
Урартски котел, во Музејот на анадолските цивилизации, Анкара
Глава на бик, Урарту, 8 век п.н.е. Оваа глава била прикачена на работ на огромен котел сличен на оној прикажан погоре. Од збирката на Музејот за уметност на Волтерс.
Сребрена кофа од Урарту во музејот во Шафхаузен Швајцарија, наводно од гробот на принцот Инуспуа, 810 п.н.е.

Инспириран од делата на средновековниот ерменски историчар Мовсес Хоренатси (кој ги опишал урартските ракотворби во Ван кои според него ги направиле легендарниот Ара Убавиот и кралицата Семирамида), францускиот научник Антоан-Жан Сен Мартен во 1827 година ѝ предложил на француската влада во име на Француското ориентално друштво во областа Ван да го испрати германскиот професор Фридрих Едуард Шулц.[32] Таму Шулц открил и препишал многу натписи со клинесто писмо, дел на асирски, а дел од нив на дотогаш непознат јазик. Шулц, исто така, ја открил стелата на Келишин, со асирско-урартски двојазичен натпис, сместена на преминот Келашин на денешна ирачко-иранска граница. Во 1828 година бил објавен збирен извештај за неговите првични откритија. Во 1829 година во близина на Башкале, Шулц и четворица негови слуги биле убиени од Курди. Во 1840 година биле пронајдени неговите белешки и биле објавени во Париз.

Во доцните 1840-ти, Сер Остин Хенри Лајард ги испитувал и опишал урартските гробници во тврдината Ван, меѓу кои и комората на Аргишти. Од 1870-тите, месното население почнало да ги ограбуваат руините на Топраккале, а пронајдените артефакти ги продавале на европски колекционери. Во 1880-тите наоѓалиштето кај Ван било подложено на лошо извршено ископување организирано од Хормузд Расам во име на Британскиот музеј. Речиси ништо не било соодветно документирано.

Првата систематска збирка на урартски натписи, а со тоа и почетокот на урартологијата како специјализирана област датира од 1870-тите, со кампањата на Сер Арчибалд Хенри Сејс. Германскиот инженер Карл Сестер, кој го открил наоѓалиштето на планината Немрут, собрал повеќе натписи во 1890/1. Валдемар Белк ја посетил областа во 1891 година, откривајќи ја стелата Руса. Понатамошната експедиција планирана за 1893 година била спречена од турско-ерменските непријателства.Откако Белк бил постојано напаѓан од Курди при ископувањата, Вилхелм II дипломатски интервенирал султанот Абдул Хамид II да му исплати на Белк сума од 80.000 златни марки како репарација. За време на Првата светска војна, регионот околу езерото Ван за кратко бил под руска контрола. Во 1916 година, руските научници Николај Јаковлевич Мар и Јосиф Абгарович Орбели, ископувајќи во тврдината Ван, откриле стела со четири лица. Во 1939 година Борис Пјотровски кој копал кај Кармир Блур, го открил Тејшебаи, градот на богот на војната, Тејшеба.

На 12 ноември 2017 година, било објавено дека археолозите за време на подводните ископувања околу езерото Ван во Турција откриле урнатини од урартски замок. Замокот датира од 8 или 7 век п.н.е. [33]

Економија и политика

[уреди | уреди извор]

Економската структура на Урарту била слична со другите држави од античкиот свет, особено со онаа Асирија. Државата била во голема мера зависна од земјоделство за кое била потребна централизирана иригација. Посебните територии во рамките на државата морало да плаќаат даноци на централната власт: жито, коњи, бикови итн. Во мирнодопски услови, Урарту веројатно активно тргувал со Асирија каде продавал говеда, коњи, железо и вино.

Религија

[уреди | уреди извор]
Модерен приказ на богот Халди врз основа на урартските оригинали

Урартскиот пантеон најверојатно бил мешавина од хуриски, акадски, ерменски и хетитски божества.[34]

Урартскиот пантеон го предводеле три божества: Халди (врховен бог), Теиспас (Тејшеба, бог на громот и бурите, и понекогаш на војната) и Шивини (бог на сонцето). Нивниот крал истовремено бил и врховен свештеник или пратеник од Халди. Некои храмови посветени на Халди биле дел од комплексот на кралската палата, а други биле независни структури.

Со проширувањето на територијата, многу богови обожувани од освоените народи биле инкорпорирани во урартскиот пантеон. Главни богови и божици од урартскиот пантеон биле: [35]

  • Халди
  • Теиспас
  • Шивини (сиуини)
  • Арубани (Багварти)
  • Хутуини
  • Себиту
  • Куера
  • Тушпуеа
  • Селарди или Меларди
  • Баба
  • Артуарасау

Халди не бил урартски бог, туку бил акадско божество (што ја објаснува местоположбата на главниот храм за обожавање на Халди во Мусасир, за кој се верува дека бил во близина на денешниот град Равандиз во Ирак ).[36] Култот кон Халди се чини дека бил воведен за време на владеењето на Ишпуини.[36]

Многу од боговите споменати на Портата кај Мер можеби имаат ерменско потекло,[34] како Ара (или Арваа), [37] и можеби божицата Селарди (иако постои забуна околу полот и името на ова божество, некои сметаат дека се вика Меларди). [37] [38] [39]

Се претпоставува дека урартскиот пантеон одговара на планинските врвови сместени во Ерменските Висорамнини.[40]

Поврзано

[уреди | уреди извор]
  1. Van de Mieroop, Marc (2007). A History of the Ancient Near East, ca. 3000-323 BC. Blackwell Publishing. стр. 215.
  2. 2,0 2,1 Diakonoff, Igor M (1992). „First Evidence of the Proto-Armenian Language in Eastern Anatolia“. Annual of Armenian Linguistics. 13: 51–54. ISSN 0271-9800. Грешка во наводот: Неважечка ознака <ref>; називот „Diakonoff 1992 51–54“ е зададен повеќепати со различна содржина.
  3. Takahito, Prince Mikasa; Avia Taffet; Jak Yakar (1998). „Politics and religion in Urartu“. Essays on Ancient Anatolia in the Second Millennium B.C. Bulletin of the Middle Eastern Culture Center in Japan. 10. Chūkintō-Bunka-Sentā Tōkyō: Harrassowitz Verlag. стр. 133–140. ISBN 9783447039673. ISSN 0177-1647.
  4. Грешка во Lua: bad argument #1 to 'match' (string expected, got nil)
  5. Eberhard Schrader, The Cuneiform inscriptions and the Old Testament (1885), p. 65.
  6. 6,0 6,1 6,2 6,3 6,4 Грешка во Lua: bad argument #1 to 'match' (string expected, got nil)
  7. Jacobson, Esther (1995). The Art of the Scythians: The Interpenetration of Cultures at the Edge of the Hellenic World (англиски). BRILL. стр. 33. ISBN 9789004098565.
  8. Encyclopedia of Indo-European culture. Mallory, J. P., Adams, Douglas Q. London: Fitzroy Dearborn. 1997. стр. 30. ISBN 978-1884964985. OCLC 37931209. Armenian presence in their historical seats should then be sought at some time before c 600 BC; ... Armenian phonology, for instance, appears to have been greatly affected by Urartian, which may suggest a long period of bilingualism.CS1-одржување: друго (link)
  9. Robert Drews.
  10. Hrach Martirosyan (2013).
  11. Petrosyan, Armen.
  12. Redgate, Anne Elizabeth (2000). The Armenians. Wiley. ISBN 978-0-631-22037-4.
  13. Freedman, David Noel; Myers, Allen C. (2000-12-31). Eerdmans Dictionary of the Bible. Amsterdam University Press. ISBN 978-90-5356-503-2.
  14. Грешка во Lua: bad argument #1 to 'match' (string expected, got nil)
  15. 15,0 15,1 Oriental Studies in the USSR. Indiana University: Nauka Publishers, Central Department of Oriental Literature. 1988. стр. 312. In his view, the first Armenian state was the kingdom of "The House of Togarmah" in the area of Melid (Melitene, modern Malatya) on ... Here, as we know from the abovementionaed inscriptions, “Armenia” and “Urartu” were synonyms ...
  16. „The Book of Genesis: Chapter 8“. LatinVulgate.com. Mental Systems. Посетено на 8 June 2018.
  17. kings%2019:37&verse=NRSV&src=! 2 kings 19:37 NRSV
  18. 18,0 18,1 18,2 18,3 Urartian Material Culture As State Assemblage: An Anomaly in the Archaeology of Empire, Paul Zimansky, Page 103 of 103-115
  19. Adam T. Smith.
  20. Roux, Georges (1966). - Ancient Iraq page 314. Penguin. стр. 314. ISBN 9780140208283.
  21. Journal of Ancient History 1951, No 3.
  22. Letter of Ashubanipal to Sarduri III.
  23. Michael Roaf.
  24. Michael Roaf.
  25. Chahin, M. (2001). The Kingdom of Armenia: A History (англиски). Psychology Press. стр. 107. ISBN 978-0-7007-1452-0.
  26. Kurdoghlian, Mihran (1994). Badmoutioun Hayots, Volume I (ерменски). Hradaragoutioun Azkayin Oussoumnagan Khorhourti. стр. 46–48.
  27. Грешка во Lua: bad argument #1 to 'match' (string expected, got nil)
  28. „Urartu – Lost Kingdom of Van“. Архивирано од изворникот на 2015-07-02. Посетено на 2015-06-18.
  29. Van de Mieroop, Marc.
  30. Daryaee, Touraj The Fall of Urartu and the Rise of Armenia, 2018, pp. 39.
  31. Празен навод (help)
  32. Lynch, H.F.B. Armenia, Travels and Studies, Volume 2.
  33. „Underwater ruins of 3,000-year-old castle discovered in Turkey“. Daily Sabah. Turkey. 12 November 2017. Посетено на 21 November 2017.
  34. 34,0 34,1 Yervand Grekyan.
  35. Piotrovsky, Boris B. (1969). The Ancient Civilization of Urartu: An Archaeological Adventure. Cowles Book Co. ISBN 978-0-214-66793-0.
  36. 36,0 36,1 Zimansky, Paul (2012). „Imagining Haldi“. Stories of Long Ago: Festschrift Fur Michael Roaf: 714.
  37. 37,0 37,1 The Cambridge Ancient History: III Part 1: The Prehistory of the Balkans, the Middle East and the Aegean World, Tenth to Eighth Centuries BC.
  38. Adontz, Nicholas.
  39. Yervand Grekyan.
  40. Mirjo Salvini (1994). Çilingiroğlu A., French D. H. (уред.). The historical background of the Urartian monument of Meher Kapisi. 16 (Anatolian Iron Ages 3; The proceedings of the Third Anatolian Iron Ages Colloquium held at Van, 6—12 1990. изд.). Ankara: British Institute of Archaeology in Ankara. стр. 205–210. ISBN 1-898249-05-9. JSTOR 10.18866/j.ctt1pc5gxc.31.

Литература

[уреди | уреди извор]
  • Ашхарбек Калантар, Материјали за ерменската и урартската историја (со придонес на Мирјо Салвини), Civilizations du Proche-Orient: Series 4 – Hors Série, Neuchâtel, Париз, 2004;ISBN 978-2-940032-14-3
  • Борис Б.
  • M. Salvini, Geschichte und Kultur der Urartäer, Дармштат 1995 година.
  • РБ Вартке, Урарту — Das Reich am Ararat In: Kulturgeschichte der Antiken Welt, Bd. 59, Мајнц 1993 година.
  • ПЕ Зимански, Екологија и Империја: Структурата на Урартската држава, [Студии во античката ориентална цивилизација], Чикаго: Ориентален институт, 1985 година.
  • ПЕ Зимански, Антички Арарат. Прирачник за урартски студии, Њујорк 1998 година.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]