Софокле

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Софокле
Биста на Софокле
Роден(а) 497/496 п.н.е.
Колон
Починал(а) 406/405 п.н.е.
Атина
Занимање Драмски автор

Софокле - (грчки: Σοφοκλής) (495 п.н.е., Колон, Атина - 406 п.н.е.) - старогрчки драмски писател, еден од основоположниците на трагедијата како драмски вид во европската литература.

Биографија[уреди | уреди извор]

Софокле е роден во местото Колон, близу до Атина, а потекнувал од „почитувано семејство“. Татко му бил угледен аристократ и сопственик на работилница за оружје. Детството го поминал во родното место. Во еден период од својот живот активно учествувал во политичкиот и општествениот живот на Атина, а извесно време бил стратег и учествувал во походот против Самосците. Според зборовите на царот Перикле, Софокле имал малку дарба за воен стратег, па затоа по Самоската војна (441-439 година п.н.е.) Перикле му доверил дипломатска служба. Во дипломатката мисија бил на островите Хиос и Лезбос. Извесен период бил свештеник на богот Амин (бог на лекарите). Освен што бил пријател на Перикле, одржувал пријателски врски со многу поети и уметници во тоа време. Животот го поминал, главно, во Колон и во Атина, и му бил исполнет со семејна среќа и незначителни успеси. Софокле умрел во 406 година п.н.е. и бил погребан во семејната гробница. Државникот Ликург се погрижил за неговата биста заедно со бистите на Есхил и Еврипид да биде ставена во Атинскиот театар, а драмите да му се препишат и да се чуваат во државниот архив.[1]

Творештво[уреди | уреди извор]

Софокле кариерата на драмски автор ја почнал кога имал околу 27 години. Во 468 година п.н.е. за првпат се пријавил на натпреварот за најдобро драмско дело (со својата драма „Триптолема“) и, според решението на публиката и на главниот командант на атинската флота, Кимон со десетте полководци, го освоил првото место, пред Есхил, кој тогаш бил познат и признат трагичар. Подоцна, во текот на својот живот, Софокле морал да води поетски натпревари и со својот син, Ијофон, кого го победил и поради тоа имал непријатности со него. Така, со својот син водел судски спорови, а на еден од нив, наместо својата одбрана ја прочитал новата трагедија „Едип во Колон“ и благодарение на неа успешно се одбранил од обвинувањата.[2] [3]
Книжевната работа на Софокле опфаќа период од шест децении, во кое време според сведоштвата на некои антички писатели, тој напишал 123 драми (според други, во библиотеката во Александрија се чувале 130 драми на Софокле), од кои на 114 им се познати само насловите, а зачувани се само седум: „Цар Едип“, „Едип во Колон“, „Антигона“, „Електра“, „Тројанки (Трахињанки)“, „Ајант“ и „Филоктет“. Исто така, сочувана е и делумно оштетената драма „Ловечки пци“, која била пронајдена во 1911 година на еден папирус во Египет.[4] [5]
Книжевната критика за Софокле забележала дека „донесува почита убавина во своите дела“ при што на преден план го става човековиот интерес и анализата на карактерот. Ослободена од трилогискиот спој, драмата на Софокле во една трагедија ја опфаќа сета драматско-трагична судбина на хероите. Во своето творештво, Софокле го зел Есхил како пример, а темите ги црпел од митовите и од Хомер. Сепак, за разлика од Есхил, кај Софокле боговите не се во прв план на дејството. Самиот Софокле кажал дека тој „ги прикажува луѓето такви какви што треба да бидат, а Еврипид, такви какви што се“. Јунаците во делата на Софокле се обликувани според идеалните норми, а силата на карактерот на главниот лик ја нагласувал преку воведување друг лик со спротивни карактеристики. Најпосле, на Софокле му се припишуваат одредени иновации во театарот: така, тој вовел на сцената трет артист, прв започнал да го користи декорот, го зголемил хорот од 12 на 15 члена и победил 24 пати на поетските натпревари. Неговите трагедии Аристотел најмногу ги користел во изградбата на својата теорија на драмата.[6]


Надворешни врски[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Георги Сталев, „Софоклева Антигона - Или приказна за поразените“, во: Софокле, Антигона. Скопје: Наша книга, 1976, стр. 71-75.
  2. Георги Сталев, „Софоклева Антигона - Или приказна за поразените“, во: Софокле, Антигона. Скопје: Наша книга, 1976, стр. 68-69.
  3. „Белешка за авторот“ во: Софокле, „Цар Едип“. Скопје: Детска радост, 2013, стр. 129-131.
  4. Георги Сталев, „Софоклева Антигона - Или приказна за поразените“, во: Софокле, Антигона. Скопје: Наша книга, 1976, стр. 68-69.
  5. „Белешка за авторот“ во: Софокле, „Цар Едип“. Скопје: Детска радост, 2013, стр. 129-131.
  6. „Белешка за авторот“ во: Софокле, „Цар Едип“. Скопје: Детска радост, 2013, стр. 129-131.