Цар Едип (драма од Софокле)
Кралот Едип - драма (трагедија) од старогрчкиот писател Софокле. Таа е една од трите драми на Софокле инспирирани од митот за Едип.
Ликови
[уреди | уреди извор]- Едип - крал на Теба.
- Свештеникот на Ѕевс - предводник на група граѓани на Теба.
- Креонт - брат на Јокаста.
- Полиб - татко на Едип
- Јокаста - мајка и сопруга на Едип.
- Хорот - составен од тебански старци.
- Тејресија - слеп пророк.
- Гласникот од Коринт - човекот кој го донел бебето Едип во Коринт.
- Овчарот - човекот кој го спасил бебето Едип во планината.
- Гласникот од дворот на Едип.
Содржина
[уреди | уреди извор]Драмата „Кралот Едип“ се состои од четири чина.
Група граѓани од Теба доаѓаат кај Едип, со молба да му помогне на градот што страда во невидени маки. Во тоа време, пристигнува Креонт кого Едип го испратил во храмот на Аполон во Делфи, со цел да побара совет од богот. Креонт им соопштува на луѓето дека единствениот спас за Теба е да го пронајдат и казнат убиецот на претходниот крал, Лај. Тогаш, Едип се заколнува дека ќе ја дознае вистината за убиството на кралот Лај и дека виновникот ќе биде убиен или прогонет од градот.
Во дворот на Едип пристигнува слепиот пророк Тејресија, кој најпрвин не сака да ја соопшти вистината, но кога Едип го обвинува за зли намери, пророкот во скриена форма му соопштува дека Едип е убиецот на кралот Лај. Едип, бесен од неговите зборови, го брка пророкот и неоправдано го обвинува Креонт дека сака да му го земе престолот. Расправијата меѓу Едип и Креонт ја прекинува Јоакста, која потоа му раскажува дел од историјата на кралот Лај - како му било проречено дека ќе биде убиен од неговиот син, начинот и местото каде што бил убиен итн. Од тие зборови, Едип се вознемирува, зашто почнува да го мачи сомнежот дека тој е злосторникот што го бара. Имено, тој се потсетува дека непосредно пред да дојде во Теба, на една раскрсница во планината, убил еден благородник со неговата придружба.
Во дворот на кралот Едип доаѓа гласник од Коринт, со веста дека умрел тамошниот крал Полиб и дека тамошните жители бараат Едип да им биде крал. Исто така, тој му кажува на Едип дека Полиб не е неговиот вистински татко, туку дека тој само го посвоил при што токму гласникот му го предал бебето Едип на Полиб, а нему му го дал овчарот на Лај. Тогаш, во дворот го повикуваат и овчарот, кој најпрвин не сака да ја каже вистината, но притиснат од заканата на Едип, најпосле кажува дека Јокаста му го дала бебето за да го однесе во планината, но тој се сожалил и му го дал бебето на овчарот од Коринт.
Така, страшната вистина излегува на виделина: јасно е дека Едип е син на кралот Лај, дека си го убил својот татко и дека се оженил со својата мајка. Потресена од страшната судбина, Јокаста се затвора во својата соба и извршува самоубиство, а Едип самиот се ослепува, не сакајќи да погледне во очите на луѓето поради срамот што го снашол. Креонт, како брат на Јокаста, станува нов крал на Теба, а Едип го замолува да го протера од градот и да се грижи за неговите деца.[1]
За драмата
[уреди | уреди извор]Во драмата на прв план е истакнато настојувањето на Едип да го пронајде виновникот за несреќата што го снашла градот. Тој е гонет од мислата да дојде до својата вистина, до вистината за себе и тоа е стожерот околу кој се врти целата драма.[2] Не постои драмско дело во историјата кое според својот универзален код може да се мери со „Кралот Едип“, а Едип е вечен татко на подоцнежните драмски дела и ликови. На пример, тој претставува далечен предок на ликот Глостер од драмата на Шекспир „Кралот Лир“. Блескавата драматуршка структура, водена според начелата на современиот трилер, ѝ обезбедува на оваа драма трајно присуство меѓу најголемите дела на светското театарско наследство.[3]
Според Гете, за да го засили дејствието, Софокле намерно го прикажал Едип како немоќен старец, иако според сите околности тој треба да биде човек во своите најубави години. Меѓутоа, ако бил прикажан во својата најголема сила, ликот на Едип нема да му користи на драмското дело, зашто не би предизвикал никаков впечаток, па затоа Софокле го претставил како слаб и беспомошен старец.[4]
Изданија на македонски јазик
[уреди | уреди извор]- Софокле, Ојдип тиранин; Ојдип на Колон, препев од старогрчки јазик Даница Чадиковска, Мисла: Скопје, 1991; ISBN 86-15-00219-3
- Софокле, Цар Едип, превод од српски јазик Билјана Илиева, Детска радост: Скопје, 2013; ISBN 978-608-228-171-1
- Софокле, Кралот Едип, препев од старогрчки јазик Валериј Софрониевски, ТРИ: Скопје, 2022; ISBN 978-608-230-842-5
Извадоци од драмата
[уреди | уреди извор]- Креонт: Сè што бараш, ќе пронајдеш, небараното само се оддалечува.[5]
- Едип: Зборовите не го плашат тој што не се плаши од злоделата.[6]
- Едип: Нема поблагородна должност за човекот од тоа да им помогне на другите.[7]
- Хорот: Само со својата мудрост човек го надминува човека.[8]
- Креонт: Добриот ум на подлегнува на злото. Не ме обвинувај без докази, само на основа на сомнеж. Неправедно е добрите да се прогласат за лоши и лошите за добри, без потврда. А, кој го отфрла добриот пријател, го отфрла животот свој драгоцен...[9]
- Хорот: Брзањето не е од помош на правичната одлука.[10]
- Хорот: Затоа, не нарекувајте го среќен ниту еден од смртниците пред неговиот суден ден, пред животот да му заврши, а никакво зло да не му се случи.[11]
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Софокле, Цар Едип. Скопје: Детска радост, 2013.
- ↑ Георги Сталев, „Софоклева Антигона - Или приказна за поразените“, во: Софокле, Антигона. Скопје: Наша книга, 1976, стр. 71.
- ↑ „Белешка за делото“ во: Софокле, „Цар Едип“. Скопје: Детска радост, 2013, стр. 133-134.
- ↑ J. P. Ekerman, Razgovori sa Geteom: Poslednjih godina njegova života. Beograd: Rad, 1960, стр. 76.
- ↑ Софокле, Цар Едип. Скопје: Детска радост, 2013, стр. 11.
- ↑ Софокле, Цар Едип. Скопје: Детска радост, 2013, стр. 23.
- ↑ Софокле, Цар Едип. Скопје: Детска радост, 2013, стр. 24.
- ↑ Софокле, Цар Едип. Скопје: Детска радост, 2013, стр. 39.
- ↑ Софокле, Цар Едип. Скопје: Детска радост, 2013, стр. 49.
- ↑ Софокле, Цар Едип. Скопје: Детска радост, 2013, стр. 50.
- ↑ Софокле, Цар Едип. Скопје: Детска радост, 2013, стр. 126.