Снег (роман)

Од Википедија — слободната енциклопедија

Снег (француски: Neige) - кус роман на францускиот писател Максанс Фермин од 1999 година.

Содржина[уреди | уреди извор]

Дејството на романот се одвива во Јапонија, кон крајот на 19. век. Јуко Акита е младо момче кое има две страсти: хаикуто и снегот. Тој живее на островот Хокаидо, а татко му е шинтоистички свештеник. Во април 1884 година, на неговиот 17. роденден, Јуко му соопштува на татко му сека сака да стане поет, наместо свештеник или воин како што се очекува од него. Во текот на летото тој пишува 77 хаику песни, а во декември татко му го испраќа во планината со налог да избере дали ќе биде воин или свештеник. Таму, Јуко се воодушевува од снегот и решава дека ќе пишува само на таа тема. Во меѓувреме, тој запознава една девојка со која повремено води љубов.
Во текот на зимата, Јуко создава 77 хаику песни во кои го воспева снегот. Пролетта, додека Јуко е отсутен, во неговиот дом пристигнува официјалниот кралски поет кој ги пофалува песните на Јуко и го кани да дојде во кралскиот дворец. Идната пролет, тој повторно го посетува Јуко, во придружба со една убава девојка. Дворскиот поет му забележува на Јуко дека песните му се безбојни и го осветува да оди кај стариот уметник Сосеки за да ги совлада тајните на аполутната уметност. Утредента, Јуко го напушта своето село. Во планината го зафаќа големо невреме и тој здогледува чудесна глетка: под мразот здогледува многу убава мртва девојка. Кога пристигнува кај големиот мајстор Сосеки со цел да ја совлада уметноста на боите, Јуко сфаќа дека тој е слеп.
Додека учи кај Сосеки, Јуко се запознава со минатото на големиот уметник: Сосеки бил еден од најголемите самураи, но по една битка во која бил ранет, тој решил да се откаже од војувањето и да стане уметник. На патот кон дома, Сосеки видел една девојка која одела по јаже од еден до друг планински врв и веднаш се вљубил во неа. Девојката се викала Неж (француски: снег), потекнувала од Париз и уште како дете му се придружила на еден циркус. Со текот на времето, таа станала голема меѓународна ѕвезда и така пристигнала во Јапонија. Кога Неж ја завршила својата точка, Сосеки ја побарал за жена и тие се венчале, а набргу добиле ќерка. По неколкугодишен среќен живот, Неж побарал дозвола од Сосеки да одржи една претстава на одење по јаже од еден до друг планински врв. Меѓутоа, јажето не било добро поставено и Неж паднала, а нејзиното тело останало да лежи во планината. По нејзината смрт, Сосеки бил скршен, но потоа се посветил на образованието на својата ќерка, а тој станал уметник, сликајќи само портрети на својата жена, сè додека еден ден не ослепел.
Слушајќи ја приказната за Сосеки, Јуко е потресен од откритието дека мртвата жена што лежи заробена во мразот во планината е жената на Сосеки. Утредента, тој му кажува на мајсторот Сосеки дека знае каде се наоѓа телото на неговата жена, а по еден месец Сосеки се согласува да појдат до местото каде што лежи таа. Кога стигнуваат до Неж, Сосеки ја оплакува и потоа умира веднаш до неа, а Јуко се враќа во своето село. Скршен од тагата за Сосеки и за Неж, Јуко се затвора во својата соба и пишува поезија при што постепено неговите песни добиваат разнобојност, во согласност со учењето на Сосеки. Една година подоцна него го посетува младата девојка од кралскиот дворец и Јуко дознава дека таа е ќерката на Сосеки и Неж, чие име е Снегулка на пролетта. Откако водат љубов, девојката отанува кај Јуко, а на почетокот на летото тие се венчаат.[1][2]

За романот[уреди | уреди извор]

„Снег“ претставува современа бајка за самопотрагата и тајните на уметничкото создавање. Романот се одликува со заводлива поетичност, раскошна сликовитост и промислена игривост. Доколку се чита во оригинал, романот вчудовидува со оригиналната музикалност, како и со своето доследно диригирано темпо на речениците, пасусите и наративните фрагменти. Основната порака на „Снег“ е дека книжевното дело треба да ги поседува квалитетите на сите уметности и во таа смисла ја отелотворува идејата за „апсолутно дело“. Во однос на стилот, романот е чист како снег, т.е. не може да се најде ниту еден непотребен збор. Некои реченици, со својата сликовитост, елиптичност и епифанична енергија, заличуваат на хаику во проза.[3]

Изданија на македонски јазик[уреди | уреди извор]

Издание од 2005 година[уреди | уреди извор]

Во 2005 година, романот „Снег“ бил објавен од издавачката куќа „Или-или“, во превод на Владимир Мартиновски.[4]

Издание од 2012 година[уреди | уреди извор]

Во 2012 година, романот бил објавен на македонски јазик, повторно во превод на Владимир Мартиновски, а како заедничко издание на Македонска филхармонија и Младински културен центар. Нејзиното објавување (во тираж од 20.000 примероци) било дел од мултимедијалниот спектакл „Види музика, слушни слика, добиј книга!“ при што книгата им се давала бесплатно на читателите. Издавањето на книгата било поддржано од Министерството за култура, градот Скопје, а Македонски Телеком биле спонзор. Книгата е со обем од 18 сантиметри и има 84 страници. Таа е каталогизирана во НУБ „Св. Климент Охридски“, Скопје и на носи меѓународната ознака ISBN 978-9989-644-78-8. Лектурата била дело на Дејан Василевски, а на корицата се наоѓа сликата „Охридски фрагменти“ од Васко Ташковски. На крајот се наоѓа поговор насловен како „Рапсодија во бело“, напишан од Владимир Мартиновски.[1]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 Максанс Фермин, Снег. Скопје: Младински културен центар, 2012.
  2. Максанс Фермин, Снег. Скопје: Или-или, 2005.
  3. Владимир Мартиновски, „Рапсодија во бело“, во: Максанс Фермин, Снег. Скопје: Младински културен центар, 2012.
  4. Максанс Фермин, Снег. Скопје: Или-Или, 2005.